петок, 9 октомври 2009

Дневник: Училници претесни за компјутери

Битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ добива високи оценки, а работи во зграда од турско време, во која нема услови да се градат инвентарот и 348-те компјутери што една година стојат нераспакувани

Една година 348 компјутери во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ стојат складирани во магацинот поради тоа што училниците се тесни и нема место за информатички помагала. Објектот во кој е сместена гимназијата е стар 120 години, најправо бил турска куќа, а кога го адаптирале за училиште никој не знаел за компјутери. За рационално да се искористи просторот учениците седат во четвороседни клупи. Во вакви услови скоро е невозможно да се спроведе проектот на Владата „Компјутер за секое дете“.

- Во цела Македонија, од сите основни и средни училишта, нема ниту едно во ваква зграда. Училниците се тесни и не ги собира ни тастатурите ни мониторите. Едноставно не може да се инсталираат компјутерите над клупите. Поради тоа ниту еден не е распакуван и ставен во функција - признава директорот Кирил Печалев.

Проблемот не го реши ни новиот инветар што пристигна пред учебната година зашто и тој е кроен според образовните стандарди. Станува збор за четвороседни клупи кои, ако се монтираат го зафаќаат целиот простор во училницата од ѕид до ѕид и не може да се стигне до таблата. Слично како компјутерите и клупите останаа неискористени. Два месеца прележаа во спортската сала за која вработените велат дека е поголема од училиштето.

За проблемот се известени министерствата за образование и за информатичко општество, но засега не е пронајдено решение.

- Можни се две варијанти. Нова зграда со кабинети, градена по стандарди, што е голема инвестиција или да се намали бројот на ученици. Наместо по 34 како што е според законот, да има 24 или 26 ученици. Нема можност да се формираат повеќе паралелки со помалку ученици. Има 12 училници и 24 паралелки, па затоа се работи во две смени со по 12 класа претпладне и попладне - вели директорот.

И покрај ваквите просторни услови, оваа гимназија се смета за едно од најпрестижните средни училишта во градот, па и во државата. Во текот на долгогодишното постоење како образовна институција стекнала големо реноме. Тоа го докажуваат и резултатите од државната матура, според кои, училиштето е меѓу најуспешните во државата со најмали отстапувања во оценувањето.

Историските податоци кажуваат дека 120 години се изведува настава во гимназијата. Била изградена во 1882 година како приватна куќа на Сали-паша, богат земјопоседник. Десет години подоцна била продадена за 600 златни турски лири и преадаптирана за училиште прво на турски, на српски, па на бугарски јазик. Гимназијата има посебно место во историјата на македонскиот народ зашто била првото средно училиште во кое во 1945 година почнала настава на македонски јазик.

Деновиве училиштето ќе го посетат техничари, кои ќе проценат дали со надградби на клупите ќе се обезбеди простор за компјутерската опрема. И во други училишта во државата, поради просторни и други инфраструктурни проблеми, набавените компјутери не може да се стават во функција на наставата.

Извор: Жанета Здравковска. (09.10.2009). Училници претесни за компјутери. Дневник.

понеделник, 28 септември 2009

Дневник: Компјутерите побрзи од струјата

Владата набавува нови 65 илјади компјутери за основните училишта во земјава, иако над 40 илјади од претходниот тендер се' уште не се инсталирани. Од Министерството за информатичко општество ни потврдија дека тендерот е во тек, како втора фаза од проектот на Владата „Компјутер за секое дете“. За нив не е спорно што над 40 проценти од претходно набавените 100 илјади компјутери, поради несоодветна инфраструктура, се' уште не се во функција, бидејќи, како што велат, тој проблем ќе го решеле најмногу за два месеца.

Во Министерството за информатичко општество не можеа да кажат колку државата ќе ја чини втората набавка на компјутерите, бидејќи прво мора да се видат понудите на заинтересираните фирми, кои треба да бидат доставени до 30 септември.

- Новите компјутери што ќе ги набавиме се наменети за основните училишта, со што целосно ќе биде заокружен проектот за компјутеризација на образованието. При првата набавка 55 илјади компјутери беа поставени во средните училишта, а другите 45 илјади требаше да бидат поставени во основното образование. Поради лошата електрична мрежа и недоразбирања со ЕВН тие компјутери уште не се инсталирани. Реализацијата е при крај и очекуваме тоа да се реши за најмногу два месеца - вели Антонио Атанасов од ресорното министерство.

Тој вели дека, иако компјутерите досега стоеле во магацин и е поминато повеќе од една година од нивната набавка, нивната вредност не е воопшто или многу малку е намалена, бидејќи тие многу лесно може да се надградат.

Неофицијалните процени се дека втората набавка ќе чини над 10 милиони евра, бидејќи при набавката на првите 100 илјади се потрошени 21 милион евра. Пратеничката група на ЛДП во петокот писмено побара од Владата да објасни зошто се прават вакви штети на државниот буџет и зошто „непромислено“ се трошат парите на граѓаните, кога изминатиов период се докажа дека овој проект на Владата доживеа целосно фијаско.

- Јавноста е добро запознаена со дебаклот што го доживеа проектот „Компјутер за секое дете“. За жал, голем дел од компјутерите фаќаат прашина и целосно се неупотребливи. Компјутери не само што не се користат, туку на децата им пречат бидејќи им зафаќаат голем дел од клупата. Зачудува што Владата продолжува со овој проект, иако самата признава дека голем дел од нив не се инсталирани. Исто така беше најавено дека учениците ќе користат електронски учебници, а од нив ништо нема. Колку и да не сакаме, останува сомнежот дека единствениот мотив е да се префрлаат државните пари во приватни џебови - вели Андреј Жерновски, потпретседател на ЛДП.

Од Министерството за информатичко општество велат дека со компјутеризацијата ќе бидат опфатени сите основни училишта во кои има настава од прво до осмо одделение. Без компјутери ќе останат училиштата во руралните средини, каде што се одржува настава само од прво до четврто одделение.

Проектот „Компјутер за секое дете“ од самиот почеток беше следен со проблеми и недоречености. Прво Владата ги набави компјутерите, па потоа увиде дека во училиштата нема ниту соодветна електрична инсталација, ниту просторни услови за нивно поставување. Потоа не се знаеше кој ќе биде одговорен за евентуалните штети, па имаше обид целата одговорност да падне врз децата и родителите.

Извор: (28.09.09). Компјутерите побрзи од струјата. Дневник.

сабота, 26 септември 2009

Дневник: Петрушевска ја користела Википедија за ОНА

Наводот во Македонската енциклопедија за обуката на членовите на ОНА од американски и од британски САС-офицери е буквален цитат преземен од Слободната енциклопедија, објаснува Татјана Петрушевска, универзитетска професорка

Слободната енциклопедија „Википедија“, која може да ја испишува секој, била главен извор за спорните наводи во Македонската енциклопедија дека американските и британските офицери обучувале припадници на ОНА. Татјана Петрушевска, професорка по меѓународно јавно право и право на ЕУ на скопскиот Правен факултет, за „Дневник“ истакнува дека целта и' била да се даде ново видување за улогата на западните сили во конфликтот во 2001 година.


ПОТЕШКИ КВАЛИФИКАЦИИ

- Наводот што предизвика најголеми бранувања е буквален цитат преземен од Википедија, кој на сајтот за ОНА стои со години и нема никакви интервенции во него. Дури ни во поглед на многу потешките квалификативи за ОНА како „терористичка, востаничка и герилска организација“. Намерата ми беше став, кој не е на линијата на западниот мејнстрим за улогата на западните сили во конфликтот од 2001, да биде внесен во изворно дело, кое понатаму во други, туѓи цитирања би било наведувано како извор. Зарем тоа не би требала, уште посилно, не би морала, да биде една од главните функции на првата Македонска енциклопедија - објаснува Петрушевска.

Таа истакнува дека сајтот не е цитиран во посочената литература од која е црпена содржината на спорната енциклопедиска одредница, но како извори се посочени текстови од дневниот печат. Тоа, истакнува, Петрушевска, не е недозволено во научни трудови, и се' зависи од фактот „која е посакуваната цел“. Освен неа, авторот на спорната одредница за ОНА е и нејзиниот колега, професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

Американската и британската амбасада реагираа против наводот дека „ОНА била обучувана од американски и од британски САС и падобрански полковски офицери“. Од МАНУ тие побараа јавно да ги повлече овие наводи бидејќи биле неосновани и лажни. Блаже Ристовски, главниот редактор на изданието против кое реагираа и етничките Албанци, завчера изјави дека може да се очекуваат само „допрецизирање на некои работи“.


ИЗЈАВА НА АМБАСАДОРОТ ЏЕЈМС БИСЕТ

Во Википедија на англиски јазик во одредницата за Ослободителна армија на Косово (КЛА), во делот „Странска поддршка“, е посочена изјава на Џејмс Бисет, поранешен канадски амбасадор во Југославија, Бугарија и Албанија во 1990 година. Тој изјавува дека „веќе од 1998 година ЦИА, потпомогната од британската САС ги вооружувале и ги обучувале членовите на ОВК во Албанија за да спроведат вооружен бунт на Косово“. Се истакнува и цитат од весникот „Сандеј тајмс“ дека „американските разузнавачки агенти признале оти помагале да се обучува косовската ОВК и пред НАТО-бомбардирањето на Југославија“.

На интернет-страниците на Википедија може да се најде укажување дека нејзините текстови ги пишуваат доброволци и ги уредува секој што има пристап до интернет. Освен ова, се истакнува дека мошне често во прашање се доведува веродостојноста на податоците објавени во оваа енциклопедија.

Петрушевска посочува дека има и други интересни сајтови што одат во прилог на нејзините тврдења. Таа ги посочува текстовите на Питер Филипс и Мајкл Чошудовски на сајтот http://books.google.com/books, а упатува и на линкот http://www.globalresearch.ca/index.pxp.

- Редакцијата инсистираше на скратување на одредницата за ОНА, односно на сраснување на трите првично предложени одредници во единствената посветена на ОНА - онаа што беше внесена во ова издание на Енциклопедијата. За таа цел била постигната согласност за ограничување на бројот на изворите и литературни единици што би биле подведени под секоја одредница како нејзина поткрепа - вели таа.

Под притисокот на ваквите објективни ограничувања, истакнува таа, секој автор правел компромис, во смисла на наведување на изворите што, според од него избрани критериуми, заслужуваат да бидат внесени во текстот. За неа било сосема во ред во Енциклопедијата да биде внесена литература напишана од лицата што се стручни и биле сведоци на настаните од 2001 година. Затоа го посочила и колективното дело на Митре Арсовски, Стојан Кузев и Ристо Дамјановски „Војната во Македонија во 2001“, издание на „Матица“ од 2006 година.

Извор: (26.09.09). Петрушевска ја користела Википедија за ОНА. Дневник.

четврток, 24 септември 2009

Дневник: Телефонските разговори прескапи

Дури 81 отсто од испитаниците одговориле дека евентуален нов мобилен оператор треба да понуди подобри цени за разговор за да станат негов корисник

Македонските граѓани сметаат дека прескапо плаќаат за разговорите по мобилен телефон. Ова го покажува испитувањето на пазарот што го спроведе Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), според кое дури 81 отсто од испитаниците одговориле дека евентуален нов мобилен оператор треба да понуди подобри цени за разговор за да станат негов корисник. За 7 отсто од испитаниците изборот на евентуалниот нов оператор би зависел од квалитетот на услугите, а само за три отсто од подобрите цени за СМС и ММС-пораките.

Според испитувањето, 80 отсто од анкетираните се служат со мобилен телефон, а фиксната телефонија е присутна во 69 отсто од домовите. Вкупно 49 отсто од македонските граѓани користат интернет, што е значително подобар процент споредено со 2008 година, кога интернет користеле 36 отсто или со 2007 година - 26 отсто.

Според портпаролот на АЕК, Марјан Пејовски, дали на македонскиот телекомуникациски пазар има потреба од четврти мобилен оператор ќе се знае по октомври, кога треба да заврши анализата на пазарот. АЕК досега не упатила препорака до Министерството за транспорт и врски за да се распише тендер за четврт мобилен оператор.

Потврден одговор на прашањето дали сакаат поголем избор на мобилни оператори дале 77 отсто од испитаниците, а 21 отсто се изјасниле негативно. Резултатите од испитувањето покажуваат дека „Т-Мобиле“ е главен мобилен оператор за 69 отсто, за 22 отсто тоа е „Космофон“, а за 9 отсто „Вип“. Од испитаниците кои се изјасниле дека го промениле операторот на мобилна телефонија, 73 отсто тоа го направиле поради подобри цени, а 27 за подобри услуги.

Фиксна телефонија користат 69 отсто од домаќинствата. Скапите сметки се причината што ја навеле 35 отсто од анкетираните за некористење на фиксна телефонија, а за 32 отсто тоа е употребата на мобилни телефони. Од квалитетот на услугите во фиксната телефонија се задоволни 85 отсто од анкетираните, а од цените 50 отсто. Петнаесет отсто го промениле операторот во фиксна телефонија, по што на 88 отсто од нив им се намалила сметката. Поплаки до операторот во фиксната телефонија имале 24 отсто од испитаниците, а 46 отсто одговориле дека не го оствариле своето право како корисници.

Според испитувањето, интернет најчесто се користи дома (81 отсто), во интернет-кафе - (8 отсто), на работа (7 отсто). Најчест пристап до интернет, испитаниците имаат преку АДСЛ - 58 отсто, по кој следи кабелскиот интернет со 25 отсто.

Со истражувањето се опфатени 1.100 испитаници над 16 години, врз основа на репрезентативен примерок, а го спроведе од 3 до 9 овој месец маркетинг-агенцијата „Стратеџик маркетинг енд медија рисрч“.

Извор: (24.09.09). Телефонските разговори прескапи. Дневник.

Вест: Македонскиот државен грб на Википедија без петокрака

Иако отстранувањето на петокраката од државниот грб сe уште е само вла дин предлог кој не е поминат во Собрание, на една од најпосетените Ин тер нет страници Википедија, македонскиот државен грб е без црвената пе ток ра ка ѕвезда.
Во делот каде што се поставени државните симболи на Македонија, пред 10 де на стоеше стариот хералдички симбол.
Спо ред датумот на ажурирање на Википедија, грбот без петокрака е пос та­вен на 19-ти месецов, кога и излезе веста за владиниот предлог за сим ну ва ње на петокраката.
Спо ред податоците на Википедија, изменетиот грб го поставил некој што при на до пол ну ва ње­то на страницата се потпишува со псевдоним Македонско мом че.
На Википедија може да поставува содржини секој регистриран корисник. Ре гис три ра ни македонски википедијци има околу 1.250, од кои нај ак тив ни се 20-ина што работат и како администратори на македонската верзија со право да интервенираат при евентуална злоупотреба.

вторник, 22 септември 2009

Вечер: Бесплатно мигрирањето во Вип

"Селењето" на телефонските броеви од еден оператор кај друг со задржување на префиксот, станува бесплатно. Третиот мобилен оператор, Вип оператор од минатата недела им овозможува на сите оние кои сакаат да ги пренесат своите мобилни телефонски броеви во неговата мрежа, да го сторат тоа, без таквата селидба" да ги чини пари. Имено, како што појаснуваат од компанијата, Вип ќе им ги врати парите што таквите корисници ќе му ги платат на операторот чии услуги досега ги користеле. За пребегнат пост-пејд корисник од друг оператор, Вип ќе му го намали износот на првата сметка за вредноста на надоместокот (200 денари плус ДДВ), а на при-пејд корисниците ќе им биде надополнет кредит во вредност на надоместокот, и тоа по првото надополнување, кое ќе го направат.

Со ова, мобилните оператори во земјава веќе почнуваат да ја прават бесплатна услугата преносливост на броеви", која овозможува корисниците да го променат операторот, но без притоа да го менуваат својот постоечки број. Услугата официјално стартуваше лани, на 1 септември чие воведување го бараа телекомуникациските тела и комисии на ЕУ. Во изминатата една година, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) направи низа прилагодувања и измени на Правилникот за преносливост на броеви. Најпрво ги намали временските рамки за пренос на бројот од 14 на само пет дена, а потоа го лимитираше еднократниот надомест на износ од 200 денари плус 36 денари ДДВ. Некои од операторите претходно го наплаќаа највисокиот износ од 800 денари во фиксната телефонија и 600 денари плус ДДВ во мобилната телефонија и тоа во услови кога за таа услуга во европските држави се наплатува 5,5 евра.

Според податоците од АЕК, дури 14 мобилни и фиксни оператори учествуваат во системот на услугата преносливост на броеви, и тоа: Аикол, Актон, Вип оператор, Вокс Телеком, Инфел-Нетплус, Кејблтел, Космофон, Македонски Телеком, Мател, Некском, Неотел, Он.нет, Т-Мобиле Македонија и Телесмарт. Заклучно со 14 овој месец, вкупно биле пренесени 17.025 телефонски броеви, од кои 12.949 во фиксната и 4.076 во мобилната телефонија. Од АЕК неодамна излегоа со информација дека кај фиксните практично сите се пребегани од Македонски телеком кај другите фиксни телефонски оператори. И "пребеганите" мобилни броеви во најголем дел се од доминантните оператори Т-Мобиле и Космофон. Од Вип оператор објавија дека се лидер во преносливоста на броеви, зашто од почетокот на воведувањето на оваа услуга до 15 овој месец, до нив се поднесени барања за "преселување" во неговата мрежа за 7.650 броеви, од кои 4.241 се веќе преселени. А, од мрежата на Вип во мрежите на другите мобилни оператори се пренесени само 74 броеви.

Селењето на броевите е бесплатно кај Он.нет од почетокот на воведувањето на оваа услуга, како и кај Космофон за бизнис корисниците, а оттаму најавуваат дека наскоро тоа ќе го овозможат и за обичните мобилни корисници.

Од АЕК наведуваат дека со тоа што за само една година е постигнат процентот од 2,75 отсто префрлени фиксни линии, се добиени позитивни оценки од Европскиот комесаријат за телекомуникации во врска со имплементацијата на услугата преносливост на броеви, бидејќи во Европа тоа е постигнато за четири години по нејзиното воведување.

Извор: (22.09.09). Бесплатно мигрирањето во Вип. Вечер.

петок, 18 септември 2009

Вечер: Независна компанија ќе оцени дали Телеком и Т-Мобиле ќе се спојат

Директорите на Македонски телеком и на Т-Мобиле Македонија нарачуваат странска независна компанија да спроведе анализа на сегашното работење на двете компании со цел да се утврди дали ќе продолжат да работат како засебни правни субјекти, или ќе се спојат. Одлуката за почеток на анализите ја донесе вчера Одборот на директори на двете компании, а ќе заврши на крајот на годината кога ќе биде познато како ќе продолжат да функционираат.
- Целта на анализата е да ги покаже можните решенија како да се подобри работењето и како да се одговори на барањата на пазарот - изјави по состанокот, претседателот на Одборот на директори на Македонски телеком, Жарко Луковски, кој наедно е и главен оперативен директор во Т-Мобиле Македонија.

Според него, искуствата од анализите кај други телекомуникациски компании во светот покажале оти подобро решение е спојување на операторот на фиксната со оној на мобилната телефонија. Луковски информира дека процесот е поддржан и од македонската Влада, како малцински акционер во компаниите.

Според Николај Бекерс, главен извршен директор на Македонски телеком, целиот процес не се однесува на намалување на вработените, туку на зацврстување на позициите на пазарот. Тој смета дека на пазарот на телекомуникации има промени бидејќи Македонски телеком не е повеќе монопол, туку дека има повеќе играчи на пазарот и оти целта е како да се обезбедат подобри услуги на корисниците.

-Целта на анализата не е да се намали бројот на вработени. Сакаме да се шириме со нови производи и сите вработени ќе ни бидат потребни и доколку се одлучи да се оди на спојување - појасни Бекерс.

Раководството на двете компании ги отфрли шпекулациите дека евентуалното спојување на двете фирми ќе повлече отпуштање на поголем број вработени. Конечната одлука за интегрирањето на Телеком и Т-Мобиле Македонија ќе се знае по одржувањето на наредниот состанок на Одборот на директори што ќе се одржи на крајот на годината.
Дојче телеком, компанијата мајка на Македонски телеком и на Т-Мобиле направија слични активности. И Маѓар Телеком кој е во сопственост на Дојче телеком направи спојување на мобилната и фиксната компанија. Францускиот телеком ова го направи уште во 2004 година.

Извор: (18.09.09). Независна компанија ќе оцени дали Телеком и Т-Мобиле ќе се спојат. Вечер.

Вест: Во Телеком не очекуваат самоубиства

Македонски телеком и "Т-Мобиле Македонија" ќе анализираат дали ќе отпуштаат вработени. Претседателот на Бордот на директори на Телеком Жарко Луковски вчера најави дека анализата треба да одговори дали двете компании ќе се спојуваат во една, или секое друштво посебно ќе се реорганизира, како и дека анализата ќе каже дали има потреба од промена на бројот на вработени - отпуштања или нови вработувања.
"Анализата треба да го подобри работењето на двете компании, а досегашните искуства на останатите пазари покажуваат дека спојувањето е подобар процес", дополнува Луковски.
На новинарската забелешка оти и во двете компании луѓето стравуваат дека ќе ги изгубат работните места, како што веќе се случи со 30 отсто од раководните лица во хрватскиот "Т-Хоме", Луковски одговори дека најавувањата за отпуштања во Македонија до крајот на анализата сe уште се само шпекулации.
Луковски, на шега, дополни:
"Не очекувам самоубиства во Македонија".
Главниот извршен директор Николај Бекерс вели дека целиот процес е за да се адаптираат Телеком и "Т-Мобиле" на веќе либерализираниот пазар.
"Процесот не е за намалување на бројот на вработени туку компаниите да се позиционираат на пазарот, на кој Телеком нема монопол. Овој процес е светски тренд, откако во 2004 година Франс телеком прва ги спои компаниите", дообјасни Бекерс.
Изминатава недела, францускиот гигант се соочува со скандали поради високиот број на самоубиства меѓу вработените, кои се кршат пред стравот оти ќе го изгубат работното место. На прашањето дали менаџментот смета дека Телеком треба да го зема Франс телеком како успешен пример за трансформација, Бекерс одговори дека процесот во Македонија нема сличности со она што во моментов се случува со Франција.
Пред неколку години и Телеком го стресе скандал, откако една вработена се самоуби во холот на управната зграда, неофицијално, поради страв од отказ.

четврток, 17 септември 2009

Вечер: Смрдеата на УСЈЕ достапна на интернет

Со павер поинт презентација и со коктел, скопската цементарница Усје, вчера, го промовираше проектот за јавно објавување на податоците од независните мерења на загадувањето и влијанието врз животната средина што еднаш месечно ќе го објавува на својата веб-страницаwww.usje.com.mk. Во извештаите има преглед на средно дневни концентрации споредени со законски дозволените вредности со цел, како што велат одговорните од компанијата, да бидат достапни за сите граѓани.

Според објавените податоци од нивните мерења прикажани на веб-страницата, концентрациите на сулфур и други честички во воздухот што ги испушта Усје се далеку под дозволениот минимум, и покрај тоа што скопската Цементарница со години е еден од најголемите загадувачи во Скопје. За тоа потврда се редовните поплаки на жителите на Кисела Вода, 11 Октомври и Лисиче, кои тврдат дека секојдневно се изложени на неподнослива миризба на изгорено и чад во ноќните и раните утрински часови, а особено за време на викендите.

Колку оваа новина ќе им помогне на жителите да го контролираат загадувањето на околината, се обиде да објасни градоначалникот Марјан Ѓорчев, кој вчера присуствуваше на промоцијата на проектот. Тој признава дека има поплаки од граѓаните, но вчера застана во одбрана на Усје.
- Мерењата се главен индикатор коишто можат да ме убедат дали има или нема загадување. Не е само Усје, во Општина Кисела Вода има 338 преработувачки капацитети кои се потенцијални извори на загадување - рече Ѓорчев. Тој најави дека наскоро ќе постави мониторинг станица со дисплеј којашто ќе биде инсталирана на покривот на Скопски пазар во Расадник, каде што ќе бидат презентирани постојани податоци за загаденоста на воздухот.

Дека Усје е еден од најголемите загадувачи во градов, не признава ниту министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи. Тој ја пофали скопската Цементарница како една од компаниите која вложила напори за целосно имплементирање на стандардите за заштита на животната средина иако се уште нема добиено интегрирана А дозвола, која е највисока потврда за почитување на еколошките стандарди согласно Директивите на ЕУ.
- Усје е во завршна фаза на имплементација на сите потребни услови за добивање на интегрирана А дозвола, рече Јакупи.

Главниот извршен директор на Усје, Антони Николопулос, пак убедува дека зголеменото загадување во Скопје се должи на зголемениот број на автомобили во последните години. Тој рече дека во изминатите 11 години компанијата вложила околу 50 милиони евра за прочистителни инструменти. Вети дека и понатаму ќе продолжат со проекти да ја продлабочуваат соработката со локалната заедница и со релевантните институции.

Минатата година Цементарницата доби кривична пријава за испуштање на четири пати поголема концентрација на сулфур во воздухот, но истата по нивната поднесена жалба судот ја повлече како неоснована.

Извор: (17.09.09). Смрдеата на УСЈЕ достапна на интернет. Вечер.

Утрински: Загадувањето од „Усје“ на Интернет

Цементарницата „Усје“ започна со секојдневно јавно објавување на вредноста на емисиите на три загадувачи, прашина, сулфур диоксид и азотни оксиди. На вчерашната прес-конференција во присуство на министерот за животна средина, Неџати Јакупи, и градоначалникот на Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, новината ја соопшти извршниот директор на „Усје“, Антони Николопулос.

На веб-страницата на компанијата њњњ.усје.цом.мк секојдневно ќе бидат достапни податоци за нивото на загадувањето од двата оџака за сите заинтересирани граѓани, жители на општината Кисела Вода, но и на Скопје. Досега, „Усје“ овие податоци го доставуваше само до Министерството за животна средина во форма на месечни извештаи. „На веб-страницата, покрај дневните вредности од загадувањето, граѓаните ќе имаат податоци и за видот на загадувачот, како и за максимално дозволените вредности пропишани со македонските закони“, информираа од „Усје“.

Податоците на веб-страницата ќе се добиваат од мониторингот што го има воведено самата компанија и за кој менаџерскиот тим тврди дека е независен и точен. Истовремено, емисиите од оџаците на „Усје“ ќе ги мери и Заводот за здравствена заштита со своја мониторинг-станица, а независни податоци најави и градоначалникот Ѓорчев. Тој соопшти дека моментно во тек е јавна набавка за мониторинг-станица, од која измерените вредности ќе бидат јавно презентирани 24 часа на дисплеј што ќе се постави на објектот на „Скопски пазар“ во Кисела Вода.

Соработката на „Усје“ и Општината, покрај транспарентноста на нивото на загадувањето, ќе се прошири и на чистење на Усјанскиот канал, како и озеленување дворови во основните училишта, инвестиции на компанијата во нови паркови и детски игралишта. За децата кои живеат во близина на Цементарницата се подготвува и посебна програма за заштита на нивното здравје.

Извор: (17.09.2009). Загадувањето од „Усје“ на Интернет. Утрински весник

среда, 16 септември 2009

Утрински: ВИП - две години на македонскиот пазар

ВИП-операторот вчера одбележа две години од стартот со комерцијално работење на македонскиот пазар и ги најави идните активности за продолжување на инвестициите во мрежата и за нови услуги за корисниците. Според главниот извршен директор, Никола Љушев, компанијата ги исполнила обврските од лиценцата, реализирала повеќе од ветеното, со што придонела за намалување на цените во мобилната телефонија за 50 проценти.

„Според финансиските резултати за второто тримесечје, за една година ВИП двојно ги зголемил своите приходи, а постојано бележи и пораст на корисничката база, која се приближи до четвртина милион корисници“, рече Љушев на прес-конференцијата. Тој информира дека за две години компанијата остварила пазарен удел од десет проценти, отворила повеќе од 200 работни места и индиректно над 500 вработувања кај локалните партнери и дистрибутери. Изградени се 300 базни станици, со што со сигнал се покриени над 95 проценти од населението. Компанијата имала неколку ситуации со тендери за големи деловни корисници каде што конкурентите настапиле со дампинг цени.

Извор: (16.9.09). ВИП - две години на македонскиот пазар. Утрински весник.

четврток, 10 септември 2009

Вест: Конфигурирај ми метод за автентикација да не добивам шут-пошта

Поимник на македонски зборови од областа на информатичката технологија беше промовиран вчера во Министерството за информатичка технологија. Целта на Поимникот е да се избегне сè почестата употреба англиските зборови од оваа област во секојдневниот македонски јазик.
Според Поимникот, кој ќе биде официјален во македонскиот јазик, соодветен збор за file е датотека, за attachment - прилог или препратка, за web browser веб пребарувач, за edit - уреди, за printer - печатач, за download - преземи, за e-mail- е-пошта, за online - вклучен или на линија, за driver - двигател....
Поимникот содржи 1.321 збор и кратенки од областа на информатичката и комуникациската технологија, преведени со соодветни зборови од македонскиот јазик.
Но во Поимникот наидовме и на некои нејаснотии: на пример, што значи "метод на автентикација" што во оригинал се вика authentacion method? Зошто configuration е преведен како конфигурација? Но има и луцидни решенија како што е шут-пошта за spam mail, или џиџе за gadget.
Поимникот е подготвен од работна група од претставници од Советот за македонски јазик, Институтот за македонски јазик, МАНУ, Министерството за култура, стопанските комори, Агенцијата за електронски комуникации, од Факултетот за електротехника и информациски технологии и од Европскиот универзитет.
Поимникот е во фаза на печатење, по што ќе им биде поделен на сите институции. На веб-локацијата на Министерството за информатички технологии е поставена електронската верзија на поимникот, од каде што заинтересираните можат да ја преземат бесплатно.
Поимникот и понатаму ќе се надополнува, а во иднина тој проект го презема Министерството за култура, најави министерот за информатички технологии Иво Ивановски.

среда, 9 септември 2009

Време: „Космофон“ ќе остане без телевизија?

Агенцијата за електронски комуникации следната недела ќе ршава дали да му ја одземе лиценцата на „Космофон“, откако компанијата ги проби роковите и не задоволи со комерцијалниот почеток на проектот дигитална телевизија. Перо Ивановски, директор на агенцијата за електронски комуникации, вели дека деновиве ќе се испитуваат причините за доцнењето. - Следната недела ќе се знае крајниот ефект. Агенцијата ќе ги разгледа сите доставени мислења од нивна страна во врска со причините за ненавремено почнување на услугата за дигитална телевизија, и потоа ќе изградиме став дали би се одзела дозволата или не - вели Ивановски. „Телеком Словенија“ преку „Космофон“ во петокот требаше да почне да емитува дигитална ТВ-програма, но место тоа раководството објави само дека ќе пушти тест-сигнал за 500 домаќинства. „Телеком Словенија“ во одобрението на агенцијата за електронски комуникации се обврзал дека ќе почне да емитува дигитална телевизија во рок од 90 дена од добивањето на лиценцата и дека ќе покрие 428 илјади домаќинства. Место тоа, компанијата ги проби роковите најавувајќи дека влегува во тест-период, а за доцнењето се правдаше со кризата. Дека од почеток целата процедура е водена погрешно покажува и иницијативата што пред Уставен суд ја води Центарот за развој на медиуми повикувајќи се на не надлежност на Агенцијата за електронски комуникации.

среда, 2 септември 2009

Вест: СМС пораките во Македонија се прескапи

"Вип" оператор предлага СМС пораките меѓу мобилните оператори да не се наплаќаат, со што ќе се создадат услови за намалување на цената на СМС и за корисниците. Глав ни от извршен директор на "Вип" Никола Љушев вели дека за идејата ја ин фор ми ра ле Агенцијата за електронски комуникации, а до "Т-Мобиле" и до "Космофон" доставиле пред лог-измена на интерконекцискиот договор, во кој големопродажната цена за СМС е 0 денари. Цената на СМС меѓу операторите во моментов е 2 денара, а за гра ѓа ни те се движат и до 5 денари.
"Цел та е да се стимулира користењето на СМС услугата, бидејќи во Македонија ко­рис те ње то на оваа услуга е на многу ниско ниво, во споредба со земјите од регионот", из ја ви вчера Љушев и дополни дека "Вип" воведе нов пакет во кој СМС порака чини 2 де на ра, што значи дека нема да наплаќаат маржа.
Ди рек то рот за односи со јавност Виктор Доневски вели дека "Космофон" го поддржува пред ло гот да се укине интерконекциската цена за СМС.
"Оче ку ва ме и другите оператори да се вклучат, зашто Македонија е една од само не кол ку земји во Европа кои наплаќаат интерконекција за СМС, а најголем бенефит од пред ло гот ќе имаат корисниците", вели Доневски.
"Т-Мобиле" ќе го соопшти ставот откако ќе го разгледа предлогот.
Пор тпа ро лот на Агенцијата за електронски комуникации Марјан Пејоски објасни дека СМС пораката не е дел од релевантен пазар кој Агенцијата го регулира, но ако се уви ди дека има потреба, ќе ја разгледаат и таа можност.
Спо ред Пејоски, за цената на СМС станало збор и на состанокот во Агенцијата на по че то кот на август. Според првиот квартален извештај за 2009 година од Агенцијата, нај мно гу СМС се испраќаат од мрежата на "Т-Мобиле", и тоа над 82 отсто. Според ре гу ла то рот, ова е причина да се разгледа доминантна позиција на "Т-Мобиле" и на пазарот со пораки и да се утврдат причините за таквата состојба.
Од "Т-Мобиле" се бранеле дека високиот процент на СМС се должи на добрите реклами, но "Вип" се изјаснил дека цената од 2 денара која меѓусебно си ја наплаќаат опе ра то ри те е главна пречка да им понудат подобра услуга на корисниците.

Вечер: Вип бара од конкурентите да не наплатуваат СМС

Вип оператор побара намалување на интерконекциските цени за давање на услугата за СМС пораки. Според главниот извршен директор на Вип оператор, Никола Љушев, предлогот за намалување на раздолжувањето меѓу операторите за оваа услуга, која изнесува 2 денари по испратена порака, е доставена минатата недела до Т-Мобиле и Космофон, како и до Агенцијата за електронски комуникации, а со која се бара таа воопштво да не се наплатува.
- Вип направи храбар исчекор со тоа што во новите две при-пејд тарифи Вип2 и Вип старт ги наплатува испратените СМС пораки кон нашата и другите мобилни мрежи за само 2 денари, колку што впрочем чини нашето раздолжување кон другите оператори. Од тоа Вип нема никаков ќар освен што сакаме на тој начин оваа услуга, која порано многу се користеше, повторно да ја стимулираме кај корисниците. Во Србија не плаќаат операторите за терминирање на СМС и затоа кај нив користењето на оваа услуга е за 8-10 пати поголема отколку кај нас - нагласува Љушев.
Тој е задоволен од остварените финансиски резултати во вториот квартал од годинава, кога е постигнат над 100 отстотен пораст на приходите, односно остварени биле 5,2 милиони евра, наспроти 2,5 милиони во истиот период лани.
- Тое е резултат на зголемувањето на пазарниот удел, на бројот на корисници, односно на претплатничката база - рече Љушев.
Тој искажа задоволство и од прифаќањето на упатството на АЕК од страна на другите оператори, со тоа што и Космофон, односно неговиот нов сопственик - Групацијата на Телеком Словенија, ја прикажа бројката на своите активни корисници од последните 90 дена. Според Љушев, Космофон има 438.000 активни корисници, додека кај ВИП таа бројка е 224.400,
- Со давањето на реалните бројки и од водечкиот оператор Т-Мобиле, кој сега оди со 1,4 милиони корисници, вкупната пенетрација на пазарот на мобилната телефонија ќе изнесува 100 отсто. Тоа не значи дека таа не паднала, зашто никогаш и не била 116 отсто, колку што се прикажуваше официјално, туку со давањето на бројките на активни корисници на Т-Мобиле ќе дојде и до 80 отсто, колку што неодамна рековме дека изнесува, а што само покажува дека се уште има простор за развој на пазарот на мобилна телефонија во Македонија - рече Љушев.

недела, 30 август 2009

Нова Македонија: Киро Глигоров според Гугл е Бил Клинтон...

Кога некој странец што не знае македонски, а би сакал да го чуе мислењето, на пример, на македонските колумнисти, и притоа би го користел електронскиот преведувач на „Гугл“ од македонски на англиски, промовиран пред два дена, би можел да помисли дека претседател на Македонија е Бил Клинтон или дека македонските стоматолози и наплаќаат казни на државата.

Решивме малку да се забавуваме со долгоочекуваниот македонски превод на алатката на „Гугл“, но слабиот квалитет на овој електронски преведувач може да предизвика конфузија кај странците, иако од компанијата велат дека преведениот текст ќе биде разбирлив.

Том Стоки, директор на одделението за менаџирање на производи на „Гугл“ за ирскиот весник „Ајриш тајмс“, изјавил дека преводот „не е совршен, но му дава јасен преглед на корисникот“.

Не е познато како стојат работите со ирскиот јазик, кој исто така од пред два дена е ставен на преведувачот, заедно со македонскиот, но директорот Стоки можеби би требало да ги разгледа следниве примери.

Преведувачот „Гугл транслејт“ добро ги преведува обичните вести, на пример од тикерот на МИА, но кога ќе се стави текст на некој македонски колумнист чиј начин на изразување е покреативен, се добиваат вакви преводи. На „Гугл транслејт“ ставивме пасус од колумна што се однесува на атентатот на Глигоров.

„Така, една недела пред 10 октомври, за кога беше закажана седницата за ратификација, но и големите демонстрации во организација на вонпарламентарната опозиција (ДП и ВМРО-ДПМНЕ), на 3 октомври „случајно“ се случи атентатот врз Киро Глигоров.“

Иако името на поранешниот македонски претседател „Гугл“ најчесто точно го преведува, Глигоров стана Вилијам Џеферсон Клинтон (полното име на поранешниот претседател на САД Бил Клинтон).

„Со, а њеек бефоре Оцтобер 10, њхен хе њас сцхедулед меетинг фор ратифицатион, бут тхе ларге демонстратионс организед бѕ оппоситион вонпарламентарната (ДП анд ВМРО-ДПМНЕ), он Оцтобер 3 „ацциденталлѕ“ цаме тхе ассассинатион оф Њиллиам Јефферсон Цлинтон“.

Како вештачкиот мозок на „Гугл“ го превел Глигоров како Клинтон, па уште и дека бил вршен атентат врз него (врз Клинтон немаше атентат) - е непознато.

Навредливите зборови Гугл“ не ги преведува, но го задржува сочниот оригинал. Но, англицизмите го „побудалуваат“.

„Директивата е 10 до 15 проценти од буџетот да се дополни од казни и лавина репресија се прошири (270 приватни дентисти се драконски казнети, за тетратка за потписи се сечат 15.000 евра казна, таксисти, сообраќајни прекршоци, инспекции, инспекции...)

Во превод на англиски, стоматолозите ја казнуваат државата.

Дирецтиве ис 10 то 15 перцент оф будгет то супплемент тхе аваланцхе оф пеналтиес анд репрессион спреад (270 привате дентисти драконски бе пунисхед фор нотебоок фор сигнатурес цут 15,000 еурос фине, таџи дриверс, траффиц виолатионс, инспецтионс, инспецтионс...

Извор: (30.08.09). Киро Глигоров според Гугл е Бил Клинтон... . Нова Македонија.

вторник, 25 август 2009

Утрински: „Т-хоум“ го доби државното фиксно ало, „Космофон“ ќе се жали

Откако Владата ја избра понудата на „Т-хоум“ како најповолна на тендерот за фиксна телефонија за државната администрација, „Космофон“ излезе со став дека ќе ја обжали одлуката на Службата за општи и заеднички работи.

Компанијата „Космофон“, воедно, ќе поднесе и пријава против „Т-хоум“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата за загрозување на конкурентноста со предаторските цени што се дадени на тендерот, а кои се под нивото на утврдените интерконекциски цени.

„Космофон“ ќе поднесе и пријава до Агенцијата за електронски комуникации. „Очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки против ваквото монополско однесување на ’Т-хоум‘“, се вели во соопштението од компанијата.

Реакциите на „Космофон“ вчера веднаш ги отфрлија од избраната компанија „Т-хоум“ на тендерот за фиксна телефонија во државната администрација. „’Македонски телеком‘ ги отфрла реакциите наведени во соопштението на ’Космофон‘ дека цените се под нивото на утврдените интерконекциски цени. ’Македонски телеком‘ смета дека поднесената понуда на тендерот не е предаторска и со неа воопшто не се истиснуваат алтернативните оператори од пазарот на фиксни говорни телефонски услуги“, се вели во соопштението на „Македонски телеком“.

Во него се наведува дека понудената цена била во согласност со бараните критериуми во тендерот што го распиша Владата и се во согласност со обврските кои „Македонски телеком“ ги има како оператор со значителна моќ на пазарот за фиксни говорни телефонски услуги, а кои произлегуваат од одредбите од Законот за електронски комуникации и одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Дневник: Државата ќе врти преку „Т-хоум“

Владата и државната администрација во следната година ќе зборуваат преку фиксната телефонска мрежа на „Македонски телеком“. Понудата на „Т-хоум“ беше оцената како најповолна во трката за избор на фиксен оператор за административците. На тендерот вреден неколку милиони евра, кој го распиша Службата за општи и заеднички работи на Владата, учествуваа со посебни понуди и „Космофон“ и „Он.нет“, иако двете фирми најавија дека наскоро ќе се спојат.

Операторот „Космофон“ вчера најави дека ќе ја обжали одлуката на Службата за општи и заеднички работи со која ја избра понудата на „Т-хоум“ како најповолна на тендерот за фиксна телефонија за државната администрација.

- Ќе поднесеме и пријава против „Т-хоум“ до Комисијата за заштита на конкуренцијата за загрозување на конкурентноста со предаторските цени дадени на тендерот, а кои се под нивото на утврдените интерконекциски цени. За ваквото однесување на операторот со значителна пазарна моќ во фиксната телефонија, ќе поднесеме и пријава до Агенцијата за електронски комуникации. Очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки против ваквото монополско однесување на „Т-хоум“ - соопштија од „Космофон“.

Според неофицијалните информации, „Т-хоум“ на тендерот понудил 3.800 денари претплата и цена кон фиксен телефон за минута 0,49 денари, а 2,9 денари кон мобилен. Понудата на Космофон е: 3.000 денари месечна претплата, 0,99 денари за минута кон фиксен телефон и 5,99 денари минута за мобилен. „Он-нет“ бара 2.400 денари претплата, 0,89 за фиксен и 5,99 денари за минута кон мобилен.

Во одговорот од „Македонски телеком“ велат дека понудената цена е во согласност со бараните критериуми во тендерот и е во согласност со законските обврски кои ги имаат како оператор со значителна моќ на пазарот за фиксни говорни телефонски услуги.

- Ги отфрламе реакциите на „Космофон“ дека цените се под нивото на утврдените интерконекциски цени. Сметаме дека поднесената понуда не е предаторска и со неа воопшто не се истиснуваат алтернативните оператори од пазарот - велат во телеком.

Ова е втор обид за избор на фиксен оператор. Првиот, кога најниска цена понуди „Космофон“, беше поништен во април, поради, како што изјавија од Службата за општи и заеднички работи, низа пропусти во подзаконските акти. „Космофон“ пред неколку месеци го доби тендерот за владините и државни мобилни телефони. Мобилниот оператор „Вип“ тогаш се жалеше дека „Космофон“ ја урива конкуренцијата со предаторски цени.

Извор: (25.08.09). Државата ќе врти преку „Т-хоум“. Дневник.

среда, 19 август 2009

Вечер: Бесплатен интернет има, сурфери ни за лек!

Скопјани не ги користат поволностите од бесплатни интернет - зони што пред триесетина дена им ги овозможија градските власти. Ниту во паркот Жена - борец, ниту во Градскиот парк спроти бараките на администрацијата на Град Скопје не можат да се видат граѓани со лаптопи в раце кои сурфаат по веб страниците. Безжичната конекција иако е достапна во текот на 24 часа, ретко се користи и преку мобилни телефони.
На бројните посетители на паркот, ништо не им значат ни информативните табли на кои пишува дека се наоѓаат во слободна интернет зона.
- Гледате и сами, во парков доаѓаат повозрасни луѓе, пензионери или родители кои ги шетаат своите деца. Ние доаѓаме за муабет, за дружење, за партија шах со другариве, за малку одмор во зеленилово. Не знам да работам со компјутер, а да ти кажам право и да знам тоа не би го правел овде во парк, туку дома. Можеби тоа е модерно, ама не сум видел никој овде да седи со компјутер - ни рече чичко Стојан кој е еден од најредовните посетители во Жена Парк. Младите пак, кои без исклучок се зависници од интернет комуникацијата и редовно се приклучени на популарните скајп, месинџер, на блогови, ги поддржуваат ваквите проекти, но велат дека треба да помине време да се створи навика кај населението.


- Во светот лаптопите се многу поевтини од кај нас, така што таму може да си дозволи да си купи секој. Кај нас најчесто ги користат деловните луѓе, а за нив е можеби малку социјално да седнат на клупа за да завршат некоја работа на интернет. Препоставувам дека попрво би седнале во кафуле. Сепак добро е што вакви проекти почнаа да се реализираат и кај нас, што ми дава надеж дека и ние ќе го стигнеме светот - вели студентката Мирјана Анчева.
Од Градот Скопје велат дека се уште е рано за конкретни заклучоци околу позитивните или негативните резултати на проектот бидејќи во моментов течел тест периодот во рок од месец. Сепак, задоволни се од досегашното функционирање и најавуваат дека догодина слободните интернет зони ќе ги прошират уште на неколку локации.
Безжичниот интернет-пристап е слободен, без лозинка и може да го користи секој што има пренослив компјутер или пак, мобилен телефон што има можности за безжична конекција. Минималната брзина на преземање на податоци од Интернет е четири мегабита во секунда, а минималната брзина за испраќање на податоци е биде 512 килобита во секунда. Вкупните трошоци на проектот за двете локации изнесуваат 24.800 денари месечно или 298.000 денари на годишно ниво. Овој проект е предвидено да заврши во 2010 година.

Извор: (19.08.09). Бесплатен интернет има, сурфери ни за лек!. Вечер.

вторник, 18 август 2009

Вечер: ТВ програми во живо преку мобилен

Гледање на телевизиски програми во живо преку мобилен телефон е најновата услуга која мобилниот оператор Космофон ја воведе на македонскиот телекомуникациски пазар. Сашко Србаков, менаџер за продукти и решенија во Космофон појаснува дека во почеток корисниците на Ливе ТВ услугата ќе можат во реално време на дисплејот на својот мобилен телефон кој ја поддржува 3-Г технологијата да ги следат програмите на телевизиите Сител, А1, Канал 5 и ЕРА, а листата ќе се проширува во наредниот период.
-За да ја користат оваа услуга, корисниците треба да го посетат нашиот новоотворен мобилен портал њап.планет.цом.мк и да ја изберат опцијата Ливе ТВ и телевизискиот канал кој сакаат да го гледаат - вели Србаков.
Преку порталот, корисниците можат да пристапат со други корисни линкови: Гоогле пребарувач, Гмаил, Фацебоок, Ѕахоо маил и Ливе сцорес.
-Со 3-Г сигнал се покриени речиси сите градови во земјава или околу 90 проценти од населението. И на останатите места каде е покриеноста е со сигнал на ЕДГЕ и ГПРС корисниците можат да ги гледаат ТВ каналите - истанува Србаков.
Од Космофон велат дека оваа услуга е достапна за тарифни модели Го нет со месечна претплата од 342,2 денари со вклучен 1 гигабајт бесплатен интернет и 0,71 денар за секој искористен мегабајт. За месечна претплата од 578,2 денари може бесплатно да се користат 4 гигабајти и 0,47 денари за секој мегабајт, додека за претплата од 1.050,2 денари се добиваат бесплатни 8 гигабајти интернет и 0,24 денари за секој искористен мегабајт.

Вечер: Пазете може да ви го украдат идентитетот

На вашата е-маил адреса стигнала порака дека сте среќен добитник на некоја лотарија од странство? Пријатно сте изненадени, но сепак, се сомневате. Тоа е добро затоа што станува збор за измама. Како луѓето во ваквите случаи се измамуваат.
Личноста добива е-маил дека е добитник на нешто а со тоа добива и молба односно упатство на оснивачот на наградната игра кој најчесто е од Велика Британија или Шпанија, да му ги прати своите лични податоци, односно копија од пасошот или возачката дозвола, адреса, број на телефон, и сметката на која би можела да се уплати наградата.
Доколку "среќниот добитник" ги прати податоците, повторно добива порака, но овој пат му се сугерира да му се јави на некој од европската комисија за добивки од игри на среќа, врзано се разбира за одобрување на исплатата на добивката. "Среќниот добитник" и овој пат е замолен да ги прати своите лични податоци, кои се разбира се исти со оние кои претходно ги пратил на лотаријата.
Откако добитникот уште еднаш ќе ги прати бараните податоци, исчекувајќи ја својата награда, таканаречената комисија ќе му побара плаќање на надокнада, по што ќе му се исплати добиената сума.
Ако се случи "добитникот" да ја плати бараната сума, измамниците се "на коњ", затоа што ја постигнале целта. Во истиот момент кога "добитникот" ќе ја исплати браната сума секој контакт со другата страна престанува, затоа што измамниците успеале во својата намера, односно успеале некој наивен "добитник" да го убедат да поверува и да им даде пари.
Знаејќи дека бројката на ваквите пораки кои дневно поминуваат низ нашите е-маилови е голема а во светот таа се мери со милиони тогаш и може да се претпостави колкава е добивката на измамниците.
Најтешко е да им се влезе во трага затоа што располагаат со голем број лажни лични податоци, а имињата на лицата кои организираат лотарија брзо се менуваат. Најдобра заштита е да не наседнувате на такви ласкави пораки, а ако сепак се случи да пратите свои податоци застанете тука затоа што е најважно да пратите пари за таканаречениот надомест.

КРАЖБА НА ИДЕНТИТЕТОТ


Во случаите кога една особа ќе ги прати своите лични податоци, најчесто се случува по некое време почнува да ја мачи совеста дали сето тоа е легално, можно ли е некој да и ја злоупотреби сметката или пак да и ги фалсификува податоците.
Опасност од таков вид постои, но реално, шансите се многу мали, затоа што е многу полесно да го навлечеш "добитникот" да уплати надокнада отколку да му ги фалсификуваш податоците и тоа врз основа на фотокопирани документи. Иако понекогаш и малата шанса може да стане преголема. Имено, врз основа на податоците кои "добитникот" ќе ги достави како што се личните податоци, адресата на живеење и работното место, информации за поблиската фамилија и слично можат да се искористат за правење на фалсификат документи и на тој начин може да се "украде идентитетот" на дотогашниот среќен добитник. Полицијата советува уште од самиот старт да се бришат таквите податоци и на тој начин да се спречат ваквите измами. Вашите лични податоци се само ваши па немојте да ги давате на непознати лица особено преку интернет.

НИГЕРИСКИ ПИСМА


Уште еден пример на имама на кој можете да наседнете и тоа на едноставен начин, и тоа отварајќи пристигната пошта од таканаречените нигериски писма. Во првиот момент ќе помислите дека станува збор за "бизнис понуда" кои ги праќаат различни сегашни и поранешни државници од африканските земји кои бараат помош при трансфер на пари, обавезно станува збор за значаен износ кој останал на нивната сметка кога ги исфрлиле од владата или од земјата, се разбира со примамлива надокнада од 20 до 35 проценти од целокупниот износ од нивната сметка во моментот кога парите ќе легнат на вашата сметка. Таканаречените африкански моќници до имињата на потенцијалните жртви доаѓаат преку различни извори, односно медиуми, бизнис списанија, интернет страници и слично. Се концентрираат на поединци а не на фирми, затоа што на тој начин ги избегнуваат сложените процедури при договарањето на работата. Кога пристигуваат таквите писма во првото се бара помош и лични податоци, па податоци од банката и сметката во неа а во останатите се договараат и деталите од самиот трансфер. Така што кога жртвата ќе наседне и се нуди одреден процент како и надокнада за услугите направени за трансферот. Но трансфер всушност нема, а жртвата се навлекува на име на такси и слични давачки да плати поголеми износи како би се наводно олеснило исплаќањето на парите. На пример, измамникот предложува да допатува во земјата на жртвата како би се договориле околу деталите, но поради тоа што му е блокирана сметката жртвата треба да му плати авионска карта и додатни трошоци. Кога жртвата ќе ги прати парите таканаречениот африкански државник никогаш повеќе нема да се јави затоа што го добил тоа што на почетокот го барал а тоа се пари.
Неодговарање и бришење на ваквите пораки е најдобра заштита од ваквите видови измами.

Извор: (18.08.09). Пазете може да ви го украдат идентитетот. Вечер.

понеделник, 17 август 2009

Вест: Ако не платиш за оштетен компјутер нема упис на факултет

Матурантите денес нема да можат да се запишат на факултет ако не ја платат оштетата на компјутерите во училиштата каде што го завршиле средното образование. Родителите од повеќе средни училишта во државата беа уценувани и мораа да платат од 400 до 900 денари за да ги земат свидетелствата на нивните деца.
Парите ги собираат класните раководители во кеш, без уплатница. На родителите кои се бунеле им било кажано дека забраната за плаќање ќе важи од наредната година.
Директорот на Државниот просветен инспекторат Џорџе Арсов вели дека ќе испрати инспектори на терен само ако добие писмена пријава.
"Ако добијам официјална пријава, тогаш инспекторите ќе одат. Не можеме да ги малтеретираме инспекторите сега со тоа, тие имаат друга работа", изјави директорот Арсов.
Министерот Никола Тодоров тврди дека никој родител не смее да се условува со плаќање, а доколку постои објективна штета, тогаш треба да се посочат поединци и постапката да се води преку суд.
"Доколку некој директор условува тогаш инспекторите ќе констатираат прекршок, а градоначалникот на општината мора да постапи, зашто тие ги именуваат директорите на школите", изјави вчера министерот Тодоров.
Ниту еден инспектор од Државниот просветен инспеторат не направил контрола во средните училишта, за да провери дали и покрај забраната, родителите плаќаат за оштетените компјутери од владиниот проект "комјутер за секое дете".
Наставничките совети на средните училишта уште пред почетокот на учебната година ќе носат одлука што ќе прават со комјутерите што ги добија од Владата со проектот "компјутер за секое дете".

сабота, 15 август 2009

Дневник: Битката во ДУТ и преку интернет

Официјалната интернет-страница на Универзитетот во Тетово се злоупотребува за политички цели, обвини новото раководство на ДУТ. Со ова продолжуваат караниците меѓусебните обвинувања меѓу старото и новото раководство на Универзитетот.

В.д. ректорот, Агрон Река, вели дека е запознаен со случајот.

- Имаме показатели дека се прави фалсификат на нашата интернет-страница и на податоците објавени на неа - рече Река. На интернет-страницата на Универзитетот, www.unite.edu.mk, има соопштение со кое се информира јавноста дека разрешеното раководство на ДУТ покрај, како што пишува во соопштението, многуте злоупотреби за време на раководењето со ова институција, продолжува со уцени и фалсификувања.

„Врвот е достигнат со фалсификувањето на службената интернет-страница на Државниот универзитет во Тетово. Најлошото во сево ова е во тоа што тие што се навикнале на постојани финансиски злоупотреби и службената страница на Државниот универзитет во Тетово ја фалсификувале и ја регистрирале со комерцијален домен“, пишува во соопштението. Разрешениот ректор Агим Вела ги отфрла обвинувањата.

- Некој регистрирал слична интернет-страница како официјалната на Универзитетот. Тоа би можел да биде кој било, студент, на пример. Нека го пронајдат кој е и нека го казнат во согласност со законите. Ние немаме ништо со тоа. Мене ме загрижува фактот што истата страница се злоупотребува за политички маркетинг, што не прилега на една академска институција. Апелираме да прекинат со тоа - рече Вела. Тој го повтори ставот дека не го признаваат актуелното раководство и оти тие се единственото легитимно тело на Универзитетот. Најави дека преку институциите на системот ќе ја продолжат борбата за докажување на нивните тврдења.

- Поднесовме претставки и ги користиме сите правни лекови до сите можни судови и надлежни тела во државава за преиспитување на целата постапка. Го известивме и министерот за образование Никола Тодоров да ја разгледа целата постапка и одлуката на неговиот претходник, кој за политичката одлука доби награда амбасадорско место. Исто така, стапивме во контакт и со претставниците на „Магна карта“ како тело во кое се обединуваат сите универзитети во Европа и побаравме да го разгледаат целиот процес. Околу 20 ректори од универзитети од Европа ќе го разгледаат нашето барање и ќе одговорат дали постапката е законска - рече разрешениот ректор, Агим Вела. Од Државниот просветен инспекторат велат дека контрола на работењето на Универзитетот ќе се изврши за десет дена и откако ќе се направи увид, инспекторатот ќе реагира.

Извор: (15.08.1990). Битката во ДУТ и преку интернет. Дневник.

среда, 12 август 2009

Утрински: Уште 15 нови бесплатни Интернет-клубови

Охрид - Нови 15 бесплатни Интернет-клубови ќе се отворат во повеќе градови низ Македонија - Струга, Велес, Дебар, Делчево, Македонски Брод, Демир Хисар, Валандово, Струмица, Крушево, Штип, Пробиштип... Ова вчера го најави заменик-министерот за информатичко општество, Мирјана Секуловска.

„Досега отворените 15 клуба го постигнаа саканиот ефект. Се покажа дека веќе две години успешно ја исполнуваат предвидената намена, посебно за граѓаните кои не можат да си дозволат Интернет-конекција“, рече Секуловска по посетата на владиниот бесплатен Интернет-клуб во Охрид.

Според неа, најчести посетители на Интернет-клубовите се деца на возраст од 6 до 18 години, но не е мал бројот и на возрасни лица. „Досега имаше ограничување во однос на старосната група, но сега тоа не е случај. Секој може да го посети клубот, од 6 до 78-годишна возраст“, истакна Секуловска.

Малолетните најголем интерес покажуваат за игрите, а возрасните го користат пристапот до Интернет најмногу за барање стипендии, кредити, информации околу сместувањето во студентските домови, за онлајн-аплицирање, за контактирање со роднини во странство, пријатели или колеги. Воедно, имаат можност да користат и стручна литература.

Извор: (12.08.2009). Уште 15 нови бесплатни Интернет-клубови. Утрински весник.

вторник, 11 август 2009

Утрински: Во МРТ се крстат во заживување на претплатата

Наскоро граѓаните на домашните адреси ќе почнат да добиваат сметки за плаќање на радиодифузната такса, најавуваат првите луѓе на Македонската радио-телевизија. Подготовките се при крај, па се очекува веќе од септември до околу 480 илјади домаќинства, колку што ги имаат во евиденција во МРТ, да се дистрибуираат решенија за плаќање на радиодифузната такса, и тоа за 12 месеци наназад.

Тоа веќе беше направено и со околу 70 илјади правни лица, со тоа што таму на МРТ и' се поткрадна грешка во жиро-сметката, при што има една нула повеќе, па сега апелира до фирмите сами да ги исправат сметките. Без оглед на овој пропуст, многумина, и во фирмите и обичните граѓани, реагираат на потегот таксата да се плаќа ретроактивно за измината година. Од МРТ тоа го образложуваат со нивната законска обврска, но и со потребата јавниот сервис, конечно, да застане на здрави нозе, барем кога е финансирањето во прашање.

„Основен услов да се направи што било се финансиите. Сите сме свесни дека без соодветни финансии многу е тешко да се реализира нешто“, вели извршниот директор Петар Каранаков. Тој додава дека согласно со Законот за радиодифузија, кој ја регулира оваа област, Македонската радио-телевизија има големи ограничувања во поглед на можноста за емитување реклами, а претплатата со години наназад е на многу ниско ниво, речиси незначително. Згора на се', досега, поради законските ограничувања, немале можност принудно да ја наплатат, но во иднина е отворена и таквата можност.

„Она што сега претстои е ажурирање на списоците на претплатниците, за што веќе се преземени активности“, вели Каранаков, имајќи предвид дека во меѓувреме се изградени многу нови станови кои практично не се опфатени во евиденцијата на МРТ.

Сметките за мај, јуни и јули минатата година се по 390 денари, а потоа по 130 денари, што се должи на законските измени. Токму поради новата драстично пониска цена на претплатата, во МРТ очекуваат процентот на наплата значајно да се зголеми. Доколку заживее плаќањето на радиодифузната такса, во МРТ се убедени дека приходите од претплатата ќе бидат доволни оваа куќа конечно да застане на здрави нозе и да ги реализира програмските содржини на квалитативно повисоко ниво со кое ќе им конкурира на другите телевизии.

„Факт е дека наплатата на радиодифузната такса изминатите години била на незадоволително ниско ниво. Има повеќе причини и не ги наоѓаме само кај плаќачите, туку во неажурирањето, во ненавременото информирање на граѓаните итн.“, вели Каранаков. „Од септември минатата година таксата е само 130 денари. Се надеваме дека барем овие 130 денари ќе бидат платени“, вели Каранаков.

Што се однесува до намалувањето на бројот на вработените, првите луѓе на МРТ велат дека моментно ги има околу 800, а според новата систематизација, се предвидени да бидат 748, што е незначителна разлика.

„Сметаме дека дури и со 130 денари, односно со три пати пониска цена на радиодифузната такса, доколку се плаќа, МРТ може да функционира апсолутно само од тие приходи, иако дел од радиодифузната такса е наменет и за Македонската радиодифузија, која е посебно претпријатие, и за Советот за радиодифузија. Од вкупната цена на таксата, за МРТ се предвидени 72 отсто.

„Мора да ги запознаеме граѓаните што плаќаат со овие 130 денари, но и да обезбедиме подобра програма и подобра продукција“, вели Каранаков. Во таа насока, Управниот одбор веќе донел одлука за заживување неколку продукциски делови, како што се оркестарот на МРТ и музичката продукција. Дополнително, се прават подготовки да започне и филмската продукција, а внимание се посветува на чувањето на архивите, кои се непроценливо богатсво, како и нивна дигитализација.

Извор: (11.08.2009). Во МРТ се крстат во заживување на претплатата. Утрински Весник.

сабота, 8 август 2009

Дневник: М Р Т испрати погрешни сметки

Македонската радио-телевизија испечати погрешна жиро-сметка во решенијата за наплата на радиодифузната такса, кои се веќе доста вени до 70.000 фирми во земјава. Поради тоа, компаниите не може да го платат долгот за радиодифузна такса за целата измината година. Од МРТВ признаваат дека на сметките е наведена погрешна жиро-сметка. Тие апелираат до фирмите да избришат една нула, која е вишок во жиро-сметката, и да ја платат сметката. МРТВ нема да достави нови решенија до фирмите, а решенијата за 480.000 домаќинства, на кои жиро-сметката не им е згрешена, планираат да ги дистрибуираат од 1 септември.Компаниите реагираат бидејќи ако не ги платат веќе стасаните решенија ќе им симнуваат пари од банкарска сметка, што може да ги блокира. Граѓаните се револтирани дека радиодифузната такса треба да ја плаќаат ретроактивно за цела измината година.

Ние добивме такво решение и сакавме уредно да го платиме. Но, во решенијата има напишано погрешна жиро-сметка со што наплатата е невозможна. Бројот на сметката има една цифра повеќе така што не знам како јавниот сервис ќе биде во состојба да си ја наплати таксата - велат од компаниите што реагираа до нашата редакција.Оттаму потенцираат дека кога се обиделе телефонски да ја контактираат МРТВ за да прашаат каде е грешката и како да уплатат пари, од Службата за информации на Телекомот -188 ги известиле дека МРТВ нема пријавено телефонски број кај нив.

- Многу сме револтирани од несериозниот однос на јавниот сервис и не знаеме што да правиме. Ако не платиме, не по наша вина, ќе почнат да ни симнуваат пари од сметки што може да го блокира нашето работење - тврдат во компаниите.Во МРТВ вината ја префрлаат на фирмата која ги печатела решенијата за наплата на радиодифузна такса како и на претходното раководство, кое не ја согледало грешката навреме.

- Не можам да коментирам што се случило бидејќи тоа било направено пред јас да ја преземам функцијата. Но постои грешка, односно една нула е вишок во објавената жиро-сметка. Веќе пристигнуваат наплати од некои фирми и затоа апелирам до компаниите да ја подмират законската обврска за наплата на радиодифузна такса и да уплаќаат на жиро-сметка на која ќе ја нема последната нула - вели извршниот директор, Петар Каранаков.

Тој вели дека иако радиодифузната такса е јавна давачка и побарувањата не застаруваат, тие можат на суд да наплатат само за изминатите 12 месеци. Затоа апелира до фирмите ако може да го подмират и целосниот долг, бидејќи од 2007 до 2008 година МРТВ не достави фактури и се финансираше од буџетот.

- Очекуваме, ако граѓаните редовно ја намируваат обврската, да собираме околу 15 милиони евра годишно, од кои 12 милиони евра би останувале за МРТ. Сметаме дека на овој начин ќе може редовно да им исплаќаме плати на вработените и да ја исполниме нашата должност како јавен сервис и да го вратиме стариот лик на МРТВ - вели Каранаков.Од Советот за радиодифузија сметаат дека ретроактивното плаќање ќе предизвика само револт кај граѓаните и фирмите и може да има контрарезултати.

- Сакам да се плаќа таксата, но сметам дека ова ретроактивно побарување ќе предизвика револт кај граѓаните. Факт е дека мора да го имаме јавниот сервис, но требало навреме да се почне со постапката, бидејќи граѓаните не се виновни што тоа доцнело. Според најавите, мислам дека ќе има проблем во наплатата - вели Зоран Стефаноски, претседател на Совет за радиодифузија.

Обврска да плаќаат радиодифузна такса имаат сите домаќинства кои имаат ТВ- приемник и сите правни лица и сопственици на деловен простор и тоа на секои 20 вработени по една радиодифузна такса. Хотелите и мотелите плаќаат по една радиодифузна такса за секои пет соби, а сопствениците на угостителски и други јавни објекти за секој приемник по една такса.

Околу 480.000 домаќинства од 1 септември ќе ги добијат сметките за цела измината година. За периодот од јуни лани до јуни годинава, граѓаните ќе добиваат по две решенија, од кои едното за месеците јуни, јули и август лани, а таксата е пресметана по стариот закон и изнесува околу 390 денари, а второто за периодот од септември лани до јуни годинава, каде што месечната такса изнесува по 130 денари.

Извор: (08.08.2009). М Р Т испрати погрешни сметки. Дневник.

петок, 7 август 2009

Нова Македонија: Интернет-измамници ги злоупотребуваат имињата на загинатите од „кингерот“

И Македонија се најде на мапата на белосветските измамници. Ако досега на електронските пошти низ светот вообичено стигнуваа писма од „богат нигериски вдовец, на кого му треба помош да го подигне наследството од почината жена“, сега измамниците безобѕирно го користат името на загинатиот македонски дипломат Миле Крстевски, но и на Борис Трајковски и на Бранко Црвенковски.

Измамничките писма биле откриени од интернет-страницата „Фрод уач“, која се занимава токму со вакви работи. Електронските писма стигнале на многу адреси во САД, но „Фрод уач“ не известува дека некој наседнал. За разлика од овие писма, пред две години светските агенции известија дека повеќе Австралијци загубиле милиони долари наседнувајќи на „нигериската измама“.

Извесен Марк Андерсон, наводно службеник во Бангкок банката во Сингапур, тврди дека дипломатот Миле Крстевски имал депозит од 9.600.000 американски долари, но парите морало набргу да се подигнат, бидејќи ако стоеле подолго од три години на сметката, сингапурската влада, според тамошните закони, ќе ги запленела.

Како „доказ“, измамникот поставил линк до страницата „Антивар“, каде што е поставен текст од Кристофер Делисо за загинувањето на Трајковски, датиран од 26 февруари 2004 година. Електронското писмо масовно било испраќано на електронски адреси низ САД, во март 2007 година. Андерсон драматично ги повикува своите жртви да реагираат брзо, за „Сингапурците да не ги земат парите“. Тој бара од жртвата да му даде домашна адреса, име и презиме и број на банковното конто. Потоа, адвокат што тој го најмил ќе направел документи со кои жртвата ќе се претставува пред сингапурските власти како роднина на Миле Крстевски и на тој начин да ги подигнат парите. Андерсон ветува 25 отсто од парите на жртвата, 5 отсто ќе оделе за трошоци, а 70 отсто од деветте милиони долари ќе биле за него.

Јасно е дека измамникот Андерсон, или тој што се крие зад ова име, игра на картата што накратко се резимира во позната изрека „секоја минута во светот се раѓа по еден наивец“.

Во МВР велат дека досега ниеден македонски граѓанин не се пожалил дека е жртва на ваква измама.

- Мора прво да имаме пријава, а потоа, доколку има потреба, да се ангажира одделение за борба со компјутерски криминал - вели Иво Котевски, портпарол на МВР.

Сепак има одредени сознанија за македонски граѓани што наседнале, не на оваа туку на позната „нигерска измама“. Израелскиот аналитичар Сем Вакнин во своите колумни во „Нова Македонија“ тврдеше дека повеќе македонски граѓани му се обратиле за помош, токму како жртви на ваква измама. Тој пишуваше дека компјутерските системи во државава се очајно слабо заштитени од хакерски упади и непожелна пошта и пораки.

Покрај писмото на Андерсон, низ Интернет циркулира уште едно, во кое се бара роднина на „новоизбраниот претседател на Федерална Република Македонија, Бранко Црвенковски“. Тој роднина преку Комерцијална и Инвестициона банка од Куманово (сегашна Статер банка) требало да добие 650.000 американски долари. Како потписник се јавува некојси Џон Бут, шеф на одделот за кредитни картички на кумановската банка. На оваа измама со сигурност никој не наседнал, бидејќи во банката велат дека досега никој не се појавил да бара пари со такво писмо. Сепак, некои банкари со кои разговаравме велат дека пред десетина дена се појавувале граѓани со вакви писма и барале пари.

Вечер: Телеком и Т-Мобиле заработиле 146 милиони евра

Операторите Македонски телеком и Т-Мобиле во првите шест месеци од годинава оствариле вкупно 146 милиони евра профит, стои во финансискиот извештај на Маѓар телеком, кој се однесува на работењето на двете свои подружници во Македонија. Македонски телеком регистрирал приходи од 66,9 милиона евра, што е пораст за 4,4 проценти во однос на истиот период минатата година. За разлика од претходните години, кога беа објавувани податоците за добивката пред оданочување поединечно за двете компании, во овој извештај е дадена само збирната сума според која, Македонски Телеком и Т-Мобиле заедно ќариле 82,25 милиони евра, што е за 18,6 проценти повеќе во однос на ланското прво полугодие.

Извештајот покажува продолжување на трендот на намалување на бројот на претплатниците на фиксна телефонска линија. Така, годинава фиксниот оператор до 30 јуни имал 391.821 корисник на фиксна линија, што за една година е намалување од 14 проценти или дури 63.120 помалку телефонски линии што се должи на работењето на двата други фиксни оператори Онтел и Ало на Космофон. Паралелно со тоа, за 23,6 проценти опаднал вкупниот телефонски сообраќај на корисниците на фиксната телефонија. Наспроти тоа, Македонски телеком покажал одлични резултати во привлекувањето на нови АДСЛ интернет корисници. Заклучно со 30 јуни вкупниот број на АДСЛ претплатници изнесувал 113.374, што е за цели 47 проценти повеќе од истиот период 2008 година. Компанијата имала и 5.449 ИПТВ корисници.

Наспроти фиксниот, мобилниот оператор Т-Мобиле бележи раст на приходите за 20,6 проценти и тие изнесувале 79 милиони евра до крајот на јуни. Во извештајот Маѓар телеком објавува дека Т-Мобиле годинава има 136.165 нови претплатници или заклучно со 30 јуни 2009 на мрежата на Т-Мобиле се регистрирани 1.387.183 корисници. Незначително опаднал пазарниот удел на Т-Мобиле, кој сега изнесува 58,7 проценти (лани беше 59,5 отсто), што е последица на работењето на ВИП Оператор и Космофон.

Унгарските менаџери информираат дека се уште го очекуваат финализирањето на истрагата, што во Македонски телеком ја спроведуваат независни ревизори. Американската адвокатска куќа Вајт енд Кејс веќе констатираше финансиски малверзации тешки 6,7 милиони евра направени во Телеком во периодот од 2004 до 2006 година. За окончување на истрагата од Маѓар Телеком информираат дека во вториот квартал од годинава потрошиле 6,55 милиони евра.

Извор: (07.08.09). Телеком и Т-Мобиле заработиле 146 милиони евра. Вечер.

четврток, 6 август 2009

Нова Македонија: Телеком-компаниите ќе го штитат македонскиот јазик

Советот за радиодифузија (СРД) им наложи на кабелските оператори да ги исклучат телевизиските сервиси ТВ Нова и ОБН од нивните мрежи, најдоцна до 9 август. Доколку не се направи тоа, ќе следи инспекциски надзор од Државниот пазарен инспекторат, при што ќе бидат изречени законски санкции. Оваа одлука СРД ја презема поради тоа што од ниту еден оператор на јавната комуникациска мрежа не добил докази за уредни авторски и сродни права за реемитување на програмите на ТВ Нова и ОБН.

- Постоеше толеранција за овие два канали за да им овозможиме да направат договор за регулирани авторски права. ТВ Нова има авторски права за Хрватска, а ОБН за Босна и Херцеговина. Тие немаат платено ниту обезбедено авторски права за Македонија. До први август ниту еден оператор не достави валиден договор за регулирани авторски права. Поради тоа СРД донесе одлука да не се реемитуваат тие два канала - вели претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Стефановски.

Тој вели дека продолжуваат да ги испитуваат и другите телевизии каде што има сомнежи во веродостојноста на авторските права. Стефановски посочува дека СРД ќе оди до крај, сé додека не добијат пакети со регулирани авторски права. За таа цел во Советот е формирано одделението за борба против пиратеријата. Според Стефановски, авторските права се голем предуслов за членство во Европската Унија.

Советот за радиодифузија пред неколку месеци им наложи на кабелските оператори да ги исклучат ТВ-сервисите чија програма е преведена (титлувана) на странски јазик, бугарски и српски. Но, оваа мерка беше половично реализирана, од програмата беа исклучени само програмите со бугарски превод, а не и оние на српски, иако законот налага преводот да се прави на македонски јазик или, пак, програмата да се емитува на изворниот јазик на кој се произведени (англиски, француски итн.). Стефановски истакнува дека законот е јасен и дека тие мора да бидат преведени на македонски јазик или да се емитуваат на изворниот јазик.

- За жал, оваа работа почна, но не резултираше со оние резултати што ние ги очекувавме. Борбата што ја почнуваме со авторските права ќе продолжи и со почитување на тој дел од законот каде што се бара титлување. Во моментот влегуваат големи оператори на јавни комуникациски мрежи, како „Т-Хоме“ и операторот на дигитални мултиплекси „Телеком Словенија“. Тие ќе ја наметнат потребата за еднакви услови при настап на пазар. Тоа би значело, ако тие почнат да ги титлуваат преземените програми, тоа ќе го следат и другите. Инаку, кој нема да го направи тоа нема и да опстане на пазарот - тврди Стефановски.

Тој констатира неправилност и кај националните телевизии, односно дека не се употребува македонскиот литературен јазик и дека некои од нив користат сленгови и туѓи зборови во преводите. Според него, многу е тешко да се борат против оваа појава затоа што има многу медиуми, преку кои се емитуваат голем број содржини.

- Законот не предвидува казнени одредби во тој дел, а како СРД имаме укажувано во информативната и говорните емисии да се употребува литературниот јазик - нагласува Стефановски.

среда, 29 јули 2009

Утрински: Мобилките и Интернетот растат, паѓа фиксната телефонија

Приходите на пазарот за електронски комуникации од година в година бележат значителен раст во сите сегменти, освен во фиксната телефонија. Најголем дел од вкупните приходи и' припаѓаат на мобилната телефонија и тоа 58 проценти, фиксната телефонија учествува со 32 отсто, Интернет-услугите со осум проценти, а најмал дел од два отсто има преносот на радио-телевизиска програма до крајните корисници. На пазарот за фиксна телефонија во Македонија во првото тримесечје од годинава активни биле шест оператори, на пазарот за мобилна телефонија три, како и 70 кабелски оператори, 52 Интернет провајдери и 42 даватели на јавно достапни телефонски услуги на фиксна локација. Овие податоци се наведени во Извештајот за развојот на пазарот за електронски комуникации за првиот квартал од годинава, што вчера го објави Агенцијата за електронски комуникации.

Раководителот на Секторот за анализа на пазар при АЕК, Васка Петровиќ, истакна дека кај фиксната телефонија е утврден значителен процент на опаѓање на фиксните линии во однос на првиот квартал од 2008 година, од 399.975 линии, на 375.461. Тоа не се однесува на деловните линии во фиксната телефонија, кои од квартал во квартал одат во нагорна линија, од 37.057 крајни корисници на 41.535.

Според уделот на пазарот на фиксна телефонија, „Македонски телеком“ бележи пад - од 95,49 отсто во првиот квартал од 2008 година на 88,81 отсто во првиот квартал оваа година, на сметка на учеството на алтернативните оператори чиј удел се зголемува и во овој квартал изнесува 11,19 проценти. „Учеството на ’Македонски телеком‘ постојано се намалува, меѓутоа, тоа се' уште е значително големо и е доволна причина моментно да ја правиме анализата во согласност со препораките од ЕК, со цел да се констатира дали на пазарот има ефикасна конкуренција или има оператор кој може да дејствува независно од останатите во однос на понудата и цените“, истакна Петровиќ.

Во однос на пристапот до Интернет, бројот на резиденцијални претплатници што користат теснопојасен пристап на Интернет континуирано се намалува, од 9.412 на 4.483 за анализираниот период. Тој тренд е присутен и кај деловните претплатници. Наспроти ова, континуирано се зголемува бројката на корисници на широкопојасен пристап на Интернет и кај резиденцијалните и кај деловните претплатници.

Во константен пораст е пазарот на мобилна телефонија каде што постојано се зголемува бројот на претплатници. Моментно во Македонија има 2.299.068 активни претплатници на мобилна телефонија.

Забележана е тенденција на намалување на припејт корисниците, за сметка на зголемувањето на постпејт претплатниците.

Од трите оператори во мобилната телефонија „Т-мобиле“ бележи незначително опаѓање во вкупниот удел на пазарот - од 61,03 проценти во првиот квартал 2008 година на 58,83 проценти од првиот квартал оваа година. „Космофон“ има пораст на уделот од еден процентуален поен и изнесува 31,91 процент, а учеството на ВИП од 8,15 проценти во првиот квартал лани, во првите три месеци од годинава бил 9,26 отсто.

Според АЕК, сите мобилни оператори ја почитуваат одлуката на АЕК донесена пред една година за асиметрична интерконекција во мобилната телефонија.