среда, 27 август 2008

Вечер: Т-Мобиле или Космофон на продажба?

Продажба на еден од мобилните оператори во Македонија или некое друго решение ќе и предложи Дојче Телеком на Комисијата за заштита на конкуренцијата откако германската компанија која е сопственик на Т-Мобиле Македонија купи акции во грчки ОТЕ, газдата на Космофон. Ова вчера го најавија правници од Брисел, како и од Дојче Телеком и од ОТЕ кои беа на разговор во Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК). Чедомир Краљевски, претседател на КЗК, по средбата го пренесе заедничкиот став дека известувањето за трансакцијата требаше да биде доставено во текот на вчерашниот ден, по што почнува да тече законскиот рок од 90 дена за изјаснување на Комисијата дали ќе ја одобри концентрацијата или не. - Можеме да се изјасниме и за пократок рок, но и да побараме дополнително време ако за тоа ни се потребни уште анализи. Но сметам дека нашата одлука се насетува, а тоа е дека не треба да дозволиме создавање на нов монопол на пазарот на мобилна телефонија. Очигледно е дека без интервенција ќе се создаде монопол на пазарот на мобилна телефонија - рече Краљевски, кој истакна дека при одлучувањето ќе го имаат предвид и фактот што Космофон освен 2-Г, има лиценца и за 3-Г, за вајмакс, како и за фиксна телефонија. Т-Мобиле Македонија и Космофон држат 90 проценти од пазарот во земјава, па оттука и размислувањата дека Дојче Телеком ќе мора да продаде еден од двете компании. - Не може да се измисли нешто што досега не постоело и не се применувало. Тоа е среднорочна или долгорочна продажба на еден од субјектите на трансакцијата и тоа во рок кој ќе зависи во колкава мера е концентрацијата на пазарот. Најпрво сакаме да ги видиме нивните предлози што не се обврзувачки за нас, но ние ќе постапиме според Законот за заштита на конкуренцијата - потенцира Краљевски.Запрашан дали додека се реализираат одлуките на КЗК, на пазарот ќе има право Агенцијата за електронски комуникации да врши регулација на малопродажните цени, Краљевски не гледа причина зошто да е нешто спротивно и рече дека не сака да се меша во надлежностите на АЕК.

Извор: (27.8.08). Т-Мобиле или Космофон на продажба?. Вечер.

сабота, 23 август 2008

Дневник: Регионална ИКТ-конференција во Охрид

Во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), во Охрид ќе се одржи една од најголемите ИТ-конференции во регионов, 6. СЕЕИТА и 5. МАСИТ Отворени денови. МАСИТ, во соработка со УСАИД - Македонија, на едно место ќе ги собере најмоќните и најпочитуваните информатичко-комуникациски компании и асоцијации од Југоисточна Европа.Над 150 учесници и презентери на овој дводневен настан ќе дискутираат на теми за развој на ИКТ-секторот и за либерализација на пазарот на електронски комуникации.

Извор: (23.8.2008). Регионална ИКТ-конференција во Охрид. Дневник.

вторник, 19 август 2008

Вест: Со тужби ќе ги наплатат парите од МРТ

Поранешни вработени во МРТ кои спогодбено ја напуштија телевизијата, најавуваат тужби за наплата на задоцнетите испратнини, ако до утре не ги добијат парите
Поранешни вработени во МРТ, кои во април спогодбено ја напуштија телевизијата, најавуваат тужби за наплата на испратнините ако до утре не ги добијат парите. Велат дека МРТ откако им исплатила три од вкупно договорените 12 рати ја запрела исплатата на отпремнините за спогодбено раскинување на договорот за вработување.
МРТ доброволно со ветена финансиска компензација од околу 21 плата ја напуштија околу 300 работници, од кои дел се технолошки вишок, а дел се со пет години до пензионирање.
"Последната исплата беше на 15 јуни и еве веќе сме август, а нема најава кога ќе биде исплатата на ратата за јули. Кога си заминувавме ни ветија и од МРТ и од Министерството за транспорт дека пари за нашите испратнини има. Сега доаѓам во ситуација да не можам да ги платам сметките за струја. Немаме намера да протестираме за парите. Не ме интересира ако оди во стечај. Ние ја напуштивме МРТ, и ќе тужиме за да ни ги исплатат парите", вели поранешна вработена во МРТ, која инсистираше на анонимност.
Од МРТ вчера не добивме одговор кога ќе продолжи исплатата на испратнините. Но, според вработените, раководството им најавило дека денеска ќе има плата, па се очекува да има пари и за испратнините.
Премиерот Никола Груевски минатата недела изјави: "Владата во континуитет работи на тоа да се реши проблемот ", без да прецизира конкретни активности.
По стапувањето во сила на последните измени на Законот за радиодифузна дејност, МРТ, иако е јавно претпријатие, може да оди под стечај согласно процедурата дефинирана во Законот за стечај, доколку не ги исплаќа навреме долговите.

Извор: Т. Ј. (11.08.2008). Со тужби ќе ги наплатат парите од МРТ . Вест.

Дневник: Стечајот е неприфатливо сценарио за МРТ

РЕАКЦИИ ПО НАЈАВЕНИТЕ МЕРКИ ОД ВЛАДАТА

Ние очекувавме решение со кое ќе ни се помогне, а не да се закопаат сите наши надежи велат во Синдикатот на МРТ

Вработените во Македонската радио-телевизија се во шок по најавата дека јавниот сервис ќе оди во стечај откако Собранието изгласа да се воведе таква законска можност.

Синдикатот на МРТ вчера попладне заседаваше за да изгради став за намерата на Владата преку стечајна постапка да се отпуштат сите вработени, а потоа да се изврши вработувања за нова државна радио-телевизија.Стечајот или ликвидација е тоа што најмалку го очекувавме дека ќе ни се случи. Ние очекувавме решение со кое ќе ни се помогне, а не да се закопаат сите наши надежи. Отпуштањето на сите вработени е најлошото нешто што можеше да ни се случи. Нашето основно барање беше да се обезбеди наплата на радиодифузната такса и вработените да се прераспределат според нова систематизација.

Кога ќе се реши тоа, ќе се види дека МРТ може да опстане како систем - изјавија вчера во Синдикатот на МРТ.Тие велат дека не се точни тврдењата на Владата оти постои превработеност во информативната куќа.

- Сега има 842 постојано вработени и околу 100 хонорарни соработници,кои произведуваат програма на девет јазици. Тоа е за половина помалку отколку што некогаш имало вработени. Кога ќе се направи реална систематизација, ќе се види дека, всушност, тука има помалку вработени отколку што е реално потребно. На една просечно голема телевизија за нормално работење и' се потребни околу 400 вработени, а ние сме државен јавен сервис. Стравуваме дека новите вработувања ќе се вршат по партиски линии - објаснуваат вработените.Владиниот портпарол Ивица Боцевски вчера немаше информации за тоа што во иднина ќе се случува со МРТ, чии загуби изнесуваат од 10 до 15 милиони евра. Во најголема мерка тие се однесуваат на долговите кон комуналните претпријатија. Со законската промена во иднина ќе може да се одвојуваат и буџетските пари за нејзиното финансирање, а месечната претплата ќе изнесува 130 денари. Последниве години износот на претплатата што ја плаќаа граѓаните постојано се намалуваше така што сега речиси никој не ја плаќа обврската. Недостапен за коментар беше и Тренчо Миленковски, новоизбраниот претседател на Управниот одбор на МРТ.

Извор: Б.Ѓ. (26.07.2008). Стечајот е неприфатливо сценарио за МРТ. Дневник.

Утрински: Владата „победи“, ќе ќари 61 милион евра од „Телеком“

Дивидендата беше причина за прекин на седницата на две акционерски собранија

Владата ќе добие околу 61 милион евра од дивидендата на „Македонски телекомуникации“ за 2006 и 2007 година, одлучи Бордот на директори на компанијата. Дивидендата беше причина за прекин на седницата на две акционерски собранија, бидејќи Владата првично, како втор најголем акционер во „Телеком“, бараше 61 милион евра, со образложение дека компанијата го нема реализирано инвестицискиот план, а „Телеком“ нудеше исплата на половина дивиденда.

Во меѓувреме, Владата веќе ја испланира исплатата на целиот износ на дивидендата, за што сведочи и ребалансот на Буџетот, во чија ставка за прилив на средства за реализација на планираните расходи беше и дивидендата од „Телеком“. Бордот на директори, конечно, попушти под владините притисоци и завчеравечер даде зелено светло за целосна исплата на дивидендата за изминатите две години. Се очекува парите да „легнат“ на државна сметка на крајот на септември.

Главниот извршен директор на „Македонски телеком“, Николај Бејкерс, потенцира дека имало интензивна дискусија меѓу акционерите и оти првичното разбирање, односно желба на акционерите на „Телеком“ била да биде финансиски оправдана дивидендата, односно да се остават средства и за вложување, бидејќи компанијата планира да има големи инвестиции во иднина.

„По преговори со Владата, „Маѓар телеком“ изрази целосно разбирање за намерите на Владата да инвестира и во идни проекти и затоа дојдовме до ова решение. Моменталната финансиска состојба на компанијата покажува дека може да ја исплатиме целосната дивиденда и истовремено да инвестираме“, посочи Бејкерс.

Оваа констатација ја потврди и владиниот претставник во Бордот на директори. „Компанијата мора да ја поддржи Владата во развојот. Ги прифатија ставовите дека Владата сака да направи реформи во многу сегменти и во развојот на општеството и по мало убедување и разговори прифатија сите располжливи средства што се за дивиденда да и' бидат исплатени на Владата“, изјави претседателот на Одборот на директори на „Македонски телеком“, Жарко Луковски.

„Македонски телеком“ соопшти дека Одборот на директори донел нов предлог кој ќе се адресира до Собранието на акционери за исплата на дивидендата за 2007 година во вкупен бруто-износ од 9.783.071.539 денари или 113,42 денари за акција. Согласно со предлогот на Одборот на директори, сите акционери кои ќе бидат евидентирани во Книгата на акционери на „Македонски телеком“ до 12 септември годинава, имаат право на дивиденда за 2007 година. Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2007 година е 9 септември, а прв ден на тргување без право на дивиденда за 2007 година е 10 септември. „Исплатата на дивидендата ќе се изврши на 30 септември, по усвојувањето на одлуката за исплата на дивидендата од страна на Собранието на „Македонски телеком“, кое е закажано за 3 септември“, информираат од компанијата.

Оваа информација вчера веднаш ја зголеми цената на акциите на „Македонски телеком“ на Берзата. Вчера вредноста на акциите порасна за 9,97 проценти.

Одборот на директори донесе одлука да се зголемат капиталните инвестиции на „Македонски телеком“ годинава на 28 милиони евра.

Извор: Александрија Стевковска. (17.07.2008).Владата „победи“, ќе ќари 61 милион евра од „Телеком“. Утрински.

Вест: Најважните текстови за македонскиот јазик во електронска верзија

ВЧЕРА ВО МАНУ ПРОМОВИРАН ДИГИТАЛНИОТ АРХИВ

Текстовите на Ѓорѓи Пулевски, Крсте Петков Мисирков, "Абецедарот" издаден 1925 во Атина, првата македонска граматика од Кепески, првиот македонски правопис од Блаже Конески и Крум Тошев и други текстови од наши и странски научници се наоѓаат на вебс

Првите десет книги кои се од големо значење за постоењето и самобитноста на македонскиот јазик, беа промовирани вчера во Македонската академија на науките и уметностите, како дел од првиот Дигитален архив на македонскиот јазик.

Координаторот на проектот, професорот Марјан Марковиќ, на вчерашната промоција на Дигиталниот архив, рече дека се работи за 10-тина книги, кои досега беа достапни само во пишана везрија, и тоа во еден или два примерока , не само во Македонија, туку и во регионот.

"Ова се најголемите аргументи не само за постоењето и самобитноста на македонскиот јазик, туку и за историјата на македонскиот јазик бидејќи се работи за странски научници кои пред 70,80 години имале неверојатно голем интерес за македонските говори од јужните делови во Егејска Македонија, конкретно за Солунскиот регион и за регионот околу Корча во Албанија" изјави професорот Марковиќ.

Покрај говорите и текстовите на полските и фарнцуските научници како Малецки, Мазон и Масинг ,Облак, на интернет страницата: хттп:// дамј.ману.еду.мк м, може да се најдат и текстовите на : Ѓорѓи Пулевски, "Речник за три јазика" од 1875 година, "За македонците работи" од Крсте Петков Мисирков од 1903 година,"Абецедарот" издаден 1925 во Атина, "Првата македонска граматика" од Круме Кепески од 1946 година, "Првиот македонски правопис" од Блаже Конески и Крум Тошев од 1950 година и "Првата македонска граматика на англиски јазик "од 1952 година.

Претседателката на Програмско- организациониот одбор на манифестацијата "2008-Година на македонскиот јазик ", кој е организатор на овој проект, Лилјана Поповска, рече дека секој ќе може да види, да пребарува, да дознае, да цитира делови од македонскиот јазик, од македонските текстови. " Подобра аргументација за длабочината на македонските корени, за автентичноста на македонскиот идентитет мислам дека не можеме да пронајдеме"додаде Поповска.


Извор: (Б.Н.). Фото: О.Теофиловск. (10.07.2008). Најважните текстови за македонскиот јазик во електронска верзија. Вест.

недела, 17 август 2008

Вечер: Космофон ќе се продаде до крајот на годинава?

Мобилниот оператор Космофон до крајот на годинава ќе има нови сопственици, објави вчера грчкиот весник Кердос, пренесе македонската агенција Нетпрес. Грчката телекомуникациска компанија ОТЕ ги одбрала Ротшилд & Санс и ЕФГ Телесис Финанс за консултанти за продажбата на мобилниот оператор во Македонија.

Весникот објавува дека Космоте, фирма - ќерка на ОТЕ, која поседува мобилни оператори во Македонија, Албанија, Бугарија и во Романија, наскоро јавно ќе ја објави продажбата. Според објавеното, судбината на Космофон е едно од "трнливите" прашања за ОТЕ, бидејќи мобилниот оператор заедно со Т-Мобиле-Македонија, која е фирма-ќерка на Дојче Телеком, контролираат дури 92 отсто од пазарот на мобилна телефонија во Македонија.

Дирекцијата за односи со јавноста на "Космофон", потврди дека се избрани консултанти за продажба на мобилниот оператор, но не можеа да потврдат дали операторот ќе се продаде до крајот на годината, како што се тврди во грчкиот весник.

Извор: (17.8.08). Космофон ќе се продаде до крајот на годинава?. Вечер.

петок, 15 август 2008

Вечер: Електронски систем за следење на документи

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски вчера соопшти дека со воведувањето на електронски систем за следење на документи во сите владини институции, ќе се овозможи институциите да бидат поефикасни. Исто така со системот услугите кон граѓаните ќе бидат многу побрзи и ќе се заштитат голем број на финансиски средства. Според Ивановски, првичните проценки говорат дека проектот ќе чини околу 2 милиони евра."Одлуката која ја донесе Владата во врска со воведувањето на електронски систем за следење на документи во сите владини институции ќе се имплементира во сите министерства, секретаријати како и во дел во органите коишто спаѓаат во делот од министерствата. Со овој систем исто така важно е тоа дека раководните лица ќе ги прецизираат оние тесни грла, да видат каде се заглавени документите, кои се за услуги на граѓаните, изјави Ивановски.Овој владин проект се очекува да биде имплементиран во сите институции, министерства до крајот на 2009 година. Запрашан дали ќе има кастрење на вработените во јавната администрација, министерот со одговор дека тоа нема да се случи.
Извор: (15.8.08). Електронски систем за следење на документи. Вечер.

Нова Македонија: Никој ништо не знае за судбината на МРТ

Македонската радио-телевизија (МРТ) подолго време е во агонија. Програмската понуда е бездушна, вработените не знаат што да работат поради тоа што не можат да врзат крај со крај, други се под стрес очекувајќи дали ќе се најдат на листата за принудно заминување од фирмата. Оние, пак, што доброволно заминаа, околу 300 работници, не ги добиваат ветените рати за отштета, а похрабрите, всушност и најпотребните во МРТ, заминуваат во другите телевизиски куќи.

Деновиве беше разрешен извршниот директор Јанез Сајовиц, кој беше најавуван како џокер за излегување од тешката ситуација. Тој, пак, сите свои неуспеси ги префрли на управниот одбор и на вториот, разрешен, извршен директор Маја Мишковска.

Вработените слушаат разни гласини за судбината на националната телевизиска куќа, но најточно е тоа дека никој не знае што точно ќе се случи со МРТ. Оние што останаа на работа се иритирани од барањата за отштета на лицата што доброволно си заминале, затоа што и тие чекале да земат плата. Тие слушнале верзија дека раководството планирало да им ги исплати сите заостанати плати до крајот на август, а потоа да се пристапи кон суштинско решавање на статусот на куќата.

Во јавноста најчесто спомнувана опција е МРТ да оди во стечај, иако некои сметаат дека таа треба да се ликвидира. Премиерот Никола Груевски неодамна изјави дека во моментот нема решение за МРТ и дека тоа прашање е во надлежност на Министерството за транспорт и врски.

- Со Законот за радиодифузна дејност е овозможено, ако бидат исполнети условите за тоа, МРТ да биде опфатена со Законот за трговски друштва, односно да оди во стечај. Тоа не значи дека за националната куќа е планиран стечај - велат во Министерството.

Како една од причините за застој во трансформацијата на МРТ се посочува лошата комуникација меѓу извршните директори и управниот одбор од една страна, и меѓу Сајовиц и заменик-извршниот директор Назиф Буши, кој сега е в.д. извршен директор.

Првобитниот договор меѓу ОБСЕ и УО на МРТ предвидувал на националниот сервис да му се обезбедат консултанти, кои требало да престојуваат шест месеци во куќата. За почеток, од ОБСЕ имале пари за консултант за организациска поставеност, а УО го избрал Јанез Сајовиц од Словенија, кој до крајот на 2007 година требало да понуди програма. Тоа не се случи.

Некои од поранешните членови на УО велат дека треба да се пристапи кон реализација на првобитно поставениот план - да се реши финансирањето, за да се направи нешто, и да се направи програмски план, за да се знае што ќе се работи.

Ликвидацијата се препорачува како единствен лек во сегашната ситуација, со која ќе отпаднат сите сомнителни договори што ? нанеле финансиска штета на МРТ. Бидејќи долгот на куќата бил околу 16 милиони евра, од кои осум отпаѓале на плати и придонеси, преостанатите осум милиони ќе се репрограмирале со државни гаранции. На овој начин, со исчистени сметки, ќе може да се регулира бројот на вработените во куќата, зашто тоа би се направило со повик.

Извор: (15.8.08). Никој ништо не знае за судбината на МРТ. Нова Македонија.

вторник, 12 август 2008

Утрински: Електронска поделба на барањата за меѓународен превоз на стоки

Поднесувањето барања за сите видови дозволи за меѓународен превоз на стоки и нивната распределба од 15 август задолжително ќе се врши по електронски пат. Тоа е предвидено со финализирањето на електронскиот систем за управување со дозволи за меѓународен превоз на стоки што го воспостави Министерството за транспорт и врски во соработка со проектот е-Влада на УСАИД. Системот ќе се применува во управувањето со годишните и месечните ЦЕМТ-дозволи, како и со поединечните дозволи за меѓународен превоз на стоки. Според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, системот значително ќе го намали административниот товар за транспортните компании и ќе ја зголеми ефикасноста. „Преку овој систем на компаниите ќе им се овозможи достапност на услугата 24 часа, заштеда на време и трошоци, зголемена ефикасност на процесот за одобрување и издавање на дозволите и целосно елиминирање на неправилностите“, рече Јанакиески. Новиот начин на поднесување барања ќе го користат сите подносители, за сите видови дозволи за меѓународен превоз на стоки.

Извор: (12.8.08). Електронска поделба на барањата за меѓународен превоз на стоки. Утрински Весник.

Вест: Само по Интернет ќе се конкурира за транспортни дозволи

НЕМА ВЕЌЕ НОСЕЊЕ ДОКУМЕНТИ НА РАКА

Преку овој систем на компаниите ќе им се овозможи достапност на услугата 24 часа, заштеда на време и на трошоци, зголемена ефикасност на процесот за одобрување и издавање на дозволите

Транспортерите за добивање дозволи за меѓународен превоз на стоки од 15 август задолжително ќе мора да се пријавуваат по електронски пат. Носењето документи на рака во Министерството за транспорт и врски повеќе не важи. Дури и тие што ќе се обидат лично да ги однесат документите во Министерството, службениците ќе ги натераат на самото место барањето да го испратат по електронски пат.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека новиот начин на пријавување и на распределба на дозволите е регулиран со електронскиот систем за управување со дозволи кој се реализира во соработка со проектот е-Влада на УСАИД.

"Преку овој систем на компаниите ќе им се овозможи достапност на услугата 24 часа, заштеда на време и на трошоци, зголемена ефикасност на процесот за одобрување и издавање на дозволите, целосно елиминирање на неправилностите и можноста за грешки, како и транспарентна распределба и увид во неа", рече вчера на прес - конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Според него, исто така, Министерството ќе има целосен увид во искористеноста на меѓународните дозволи, и ако некаде не е како што треба тие ќе им бидат одземени на транспортерите и прераспределени на други.
Министерот Јанакиески најави дека наскоро, по примерот на електронското аплицирање и распределба на дозволите за транспорт, Министерството на ист начин ќе почне да ги распределува и дозволите за автобуските линии.

Извор: И. С. (12.08.2008). Само по Интернет ќе се конкурира за транспортни дозволи. Вест.

петок, 8 август 2008

Нова Македонија: Телекомот најтргувана акција на плиткиот пазар

МБИ-10 продолжи да расте, втор ден по ред во промет помал од 10 милиони денари. На официјалниот пазар вчера прометот со акции во класично тргување изнесува 6,8 милиони денари. Промети поголеми од еден милион денари остварија акциите на Комерцијална банка со 1,7 милион денари и на „Топлификација“ со 1,3 милион денари. Тргувани беа 15 акции на официјалниот пазар, а од чинителите на МБИ-10 се тргуваа уште и „Бетон“, „Гранит“, „Алкалоид“, „Макпетрол“, Охридска банка, Стопанска банка Битола и „Макстил“.
Од случувањата на пазарот речиси не може да се издвои ништо. Стагнација со меланхолија, без активност, без тенденција. Најтешко им е сега на брокерите, кои речиси немаат работа. Целиот промет на берзата вчера изнесуваше 13,1 милиони денари. За една брокерска куќа да работи рентабилно или барем да биде на позитивна нула е потребен промет од 45.000 евра или 2,7 милиони денари дневно. На нашиот пазар има 26 брокерски куќи. Реално, на пазар со длабочина како нашиот, нема место за 26 брокераи. Очигледно дека во сезоната на големи ќарови до октомври лани, тие се намножија како печурки по дожд.
На редовниот пазар прометот вчера изнесуваше 4,3 милиони денари. На овој сегмент на пазарот доминираше акцијата на телекомот, која оствари промет од 2,9 милиони денари. Воедно тоа беше најтргуваната акција. Се тргуваше по две цени. Првата беше 670 денари за акција, а втората беше 653 денари, што воедно и беше цена на затворање на пазарот. Таа акција вчера постигна просечна дневна цена од 656 денари и забележа пораст од 6 денари. Радува тоа што прометот со таа акција беше значително поголем од претходните денови, кој потврди дека база за краткорочно идно тргување ќе биде цената од 650 денари. Логично е кај таа акција да има пораст на цената, зашто се намалуваат деновите до исплата на дивиденда, која за секоја акција изнесува повеќе од 100 денари нето.
Позначајна активност на тој пазарен сегмент вчера имаше и со акцијата на Тутунска банка (обична), која оствари промет од еден милион денари во маргина од 8.800 до 8.830 денари за акција.

Извор: (08.08.2008). Телекомот најтргувана акција на плиткиот пазар. Нова Македонија.

Дневник: Сајбер-криминалците со празни раце

Сајбер-криминалците со празни раце

Хакерите испуштија шанса да го освојат интернетот

Случајно откриена грешка на интернет можела да им даде непречен влез на хакерите да завладеат со глобалната мрежа на податоци.По шест месеци работа во најголема тајност, експертите од големите компании за производство на компјутерска опрема и софтвер направиле апликација што ја отстранила опасноста. Грешката случајно ја забележал експертот за мрежна безбедност Ден Кармински од компанијата „Иоктив“. Наместо него, ако дупката во системот ја пронашле хакери, тие би добиле пристап до електронската пошта на корисниците и доверливите податоци. Кармински стапил во контакт со софтверските гиганти „Мајкрософт“ и „Сан“ и најголемиот производител на мрежи и мрежни системи „Циско“. Сфаќајќи ја сериозноста на проблемот, во најголема тајност бил составен тим од 16 научници од целиот свет. Апликацијата е инсталирана во минатиот вторник, а корисниците не би требало да забележат измени во работата на своите персонални компјутери. Таа автоматски се инсталира како апдејт на постојните антивирусни програми - истакна Камински.

Грешката што ја откри Кармински беше во Домејн нејм системот (DNS) кој видливите домејни, као на пример адресата www.google.com ја поврзува со електронските страници што се кријат зад неа. Односно, на домејните им доделува бројчана шифра (IP adresa). Истото се случува и при испраќањето на електронската пошта. DNS претставува еден вид телефонски именик за интернет, ако хакерите знаеја за ова ќе се уфрлеа во овој софтвер, ќе ги изменеа шифрите за домејните и така ќе ја презедоа контролата врз интернетот. Ако ова сценарио се случеше, сите корисници што своите сметки ги плаќаат онлајн или пак, купуваат производи преку електронски пат, парите би им ги испраќале на сметки на хакерите без воопшто да знаат дека се ограбени - објаснуваат компјутерските експерти.На истиот начин сајбер-криминалците би добиле пристап и до електронската пошта, податоци за банкарските сметки и шифрите за паричните трансакции што се вршат преку интернет.Иако ваквите упади и сега се случуваат, експертите велат дека дупката во глобалната мрежа многу би им ја олеснила кражбата и додаваат оти прва цел на нападите би биле големите банки, корпорациите, државните структури и безбедносните служби.

Извор: Владимир Лочев. (16.7.2008). Сајбер-криминалците со празни раце. Дневник.

Вечер: Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп

Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп

Во единаесетте прилепски основни и во дел од средните училишта во пресрет на новата учебна година летово ќе се решаваат проблемите со санитарните јазли, огревот и компјутеризацијата, за што од Министерството за образование се одвоени над 9 милиони денари, јави МИА.

Најмногу, два милиона денари се за реновирање на санитарните јазли во Основното училиште „Круме Волнароски“ во Тополчани. Над еден и пол милион денари се за зафатите во градските основни училишта „Добре Јованоски“ и „Климент Охридски“.

По еден милион денари се вложуваат во средното хемиско и во економското училиште. Во другите училишта финансиските вложувања се помали, но и со нив целосно се решаваат проблемите - изјавил Марјан Матракоски, советник за образование во локалната самоуправа.До крајот на летото тој најавува и други интервенции во училишните згради. Матракоски информира дека уште пролетта се распишани тендерите и се набавени потребните количества јаглен, дрва и нафта.

Паралелно со ова, завршува компјутеризацијата во петте средни училишта, во кои се инсталирани околу две и пол илјади компјутери со владината програма „Компјутер за секое дете“. Летово се работи на електричната инсталација во 11 основни училишта, во кои ќе се вмрежат повеќе од 3.000 компјутери.

Извор: (14.7.2008). Се реновираат и компјутеризираат училиштата во Прилеп. Вечер.

четврток, 7 август 2008

Дневник: „Сивус“ ќе отвори технолошки центар-парк во Скопје

Компанијата за информатичка технологија „Сивус“ ќе отвори нов технолошки центар-парк во општина Кисела Вода, објавија вчера од фирмата.Во центарот ќе има простор и за други компании, а не само за „Сивус“. Планираме тоа да биде центар - лидер во регионов, каде што ќе ја развиваме информатичка технологија во Македонија - изјави вчера извршниот директор Игор Лештар. Центарот ќе се простира на 20 илјади квадратни метри, а се очекува бројот на вработените во наредните години да се зголеми на 1.500. Просторот кај Тутунскиот комбинат, каде што ќе биде центарот, во наредните 12 месеци ќе се реновира. Предвидено е во првите три години во употреба да се пушти половина од центарот, а остатокот да биде завршен во наредните две години.- Македонија има потенцијал и можност во иднина да стане една од водечките центри за оваа област во регионот. Владата ќе продолжи да инвестира, пред се', во образованието, но и за тренинг и развој на кадри кои потоа ќе бидат магнет за инвеститорите и за отворање нови работни места. Тоа ќе ги поттикне извоз и девизниот прилив - изјави премиерот Груевски, кој присуствуваше на промоцијата на инвестицијата на „Сивус“.

Извор: Дневник. (07.08.2008). „Сивус“ ќе отвори технолошки центар-парк во Скопје.

среда, 6 август 2008

Дневник: Отпуштените од МТВ без испратнини

Запрена е исплатата на испратнините за околу 300 работници на МРТ кои во април договорно биле отпуштени. Тие досега добиле само надоместоци за април, мај и јуни, а нема најава кога ќе ја добијат испратнината за јули. Со спогодбеното раскинување на работниот однос овие вработени требаше да добијат 21 плата во 12 еднакви месечни рати почнувајќи од 15 април. Не знаеме зошто ни е прекината исплатата на надоместоците. Дојдовме во ситуација да не можеме да ги платиме месечните сметки. Таа испратнина ми е единствен извор за егзистенција, бидејќи мажот ми е стечаец - вели поранешна вработена во МРТ. Во МРТ вчера не можеше да се добие одговор за тоа кога ќе бидат исплатени испратнините. Собранието неодамна донесе промени во Законот за радиодифузијата со кои се овозможува стечај и ликвидација на овој јавен сервис чии загуби се движат од 10 до 15 милиони евра. Но, се' уште не е соопштено дали наскоро ќе се покрене стечајна постапка.

Извор: Б.Ѓ. (06.08.2008). Отпуштените од МТВ без испратнини. Дневник.

Утрински: Компјутерџиите се жалат дека „Телеком“ нефер им зема од пазарот

Поплаките на Комората за информатичко-комуникациски технологии при Сојузот на стопански комори дека „Македонски телеком“ на нефер начин им одзема педесет отсто од пазарот на компјутерските компании во Македонија, се' уште се разгледуваат во Комисијата за заштита на конкуренцијата. Оттаму велат дека својот став околу поплаките на Комората за ИКТ ќе го изложат наскоро. „Побаравме да ни се достават дополнителни информации од ’Македонски телеком‘. Можно е за една недела да се произнесеме по повод барањето на Комората за ИКТ“, вели првиот човек на Комисијата Чедо Кралевски.

Во барањето за заштита на конкуренцијата, поднесено во јуни, претставниците од Комората за ИКТ наведуваат дека со промоцијата на Интернет-пакетите со вклучени компјутерски системи, „Македонски телеком“ им го отежнува настапот на останатите компјутерски компании во земјава и ги крши законските регулативи.

Телекомуникацискиот провајдер, сега познат на домашниот пазар како „Т-хоум“, на своите корисници на Интернет-услуги им ја нуди можноста да користат и евентуално да откупат персонален компјутер доколку се претплатат за некои од пакетите „макс АДСЛ“ за широкопојасен Интернет.

„Македонски телеком“, според Комората за ИКТ, на потенцијалните потрошувачи им нуди многу поволен модел за купување персонални и преносни компјутери, понуди кои другите ИТ-компании во земјава не можат да ги состават.

„Во овој случај, ’Македонски телеком‘ воспоставува квазисистем на лизинг, бидејќи тој е истовремено и продавач и понудувач на лизинг во однос на корисниците на услугите, со што грубо ги прекршува одредбите на Законот за лизинг“, се наведува во барањето на Комората.

Од Комората за ИКТ додаваат дека со увид во кварталните планови за продажба на „Македонски телеком“ се доаѓа од 25 до 30 илјади продадени персонални компјутери годишно, што според Комората за ИКТ претставува над 50 отсто од вкупниот годишен промет на ИТ-индустријата во Македонија.

Доколку се продолжи со оваа практика, може да се случи да се затворат голем број на ИТ-компании во Македонија и оваа индустрија да се доведе во криза, се наведува во барањето на Комората.

Според претседателот на Сојузот на стопански комори Венко Глигоров, Комората за ИКТ самостојно настапила кон поднесување на барањето до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Комората за ИКТ настапува самостојно, бидејќи нејзините активности се во врска со една одредена индустриска гранка. Сојузот на стопанските комори се занимава со општи проблематики кои се однесуваат на бизнис-климата во земјава и досега нема расправано за постапките на Комората за ИКТ“, објаснува претседателот на ССК Венко Глигоров.

Извор: А.П. (06.08.2008). Компјутерџиите се жалат дека „Телеком“ нефер им зема од пазарот. Утрински.

вторник, 5 август 2008

Вест: Колку пари толку коментатори во Пекинг

Директорот на МРТ Јанез Сајовиц најавува дека во Пекинг ќе испрати деветчлена новинарска екипа, но вработените велат дека преносот ќе зависи од тоа колку пари ќе се обезбедат.
Македонската радио - телевизија (МРТ) се подготвува за пренос на Летните олимписките игри 2008, кои од петок, 8 август, до 24 август ќе се одржат во Пекинг, Кина. Главниот извршен директор Јанез Сајовиц вели дека МРТ до крајот на неделава на најголемиот светски спектакл во Пекинг ќе испрати деветчлена новинарска екипа, од кои еден спортски новинар минатата недела веќе заминал за Кина и за кој е сигурно дека ќе известува од отворањето на Игрите.
"Денеска за Пекинг треба да заминат уште двајца новинари од екипата, а најдоцна во петок или сабота да им се придружат и останатите. Пренос од Олимпијадата ќе има, а во Пекинг треба да известува екипа од вкупно девет репортери", вели Сајовиц.
Но, неофицијално од МРТ коментираат дека може да се случи за Пекинг да не замине целата екипа зашто јавниот сервис нема пари.
"Ние зборуваме за стечај на МРТ, вие прашувате за Олимпијада", коментираа вчера новинари од јавниот сервис.
Од тоа колку репортери и сниматели на МТВ ќе бидат во Пекинг, ќе зависи и бројот на натпревари што јавниот сервис ќе ги пренесува на своите канали и од каде што ќе се коментираат.
Целата екипа се планира да обезбеди двојазичен пренос на натпреварите, кои ќе почнуваат секој ден во 3 часот изутрина. Околу пладне се најавува получасовна пауза, во која ќе се емитува емисија од скопското студио, а потоа повторно ќе следува директен пренос од Пекинг до 18.30 часот.
Според најлошата варијанта, ако новинарите останат дома, Игрите би се коментирале од скопските студија на МТВ.
Уредникот на Спортската редакција Горан Милковски вели дека и покрај финансиските потешкотии во кои се наоѓа МТВ, Спортската редакција се подготвува за Олимпијадата, како и дека вработените се ентузијасти дека ќе направат пренос на Игрите каков што се правел во времето кога јавниот сервис немал финансиски проблеми.
Директорот на МРТ Јанез Сајовиц вчера не беше конкретен околу прашањето колку пари обезбедила МРТ за преносот на Олимпијадата од Пекинг, но потврди дека МРТ на Европската унија за радиодифузија (ЕБУ) се уште и нема платено 200.000 американски долари за телевизиските права за преносот на Олимпијадата во Атина од 2004 година, додека директорка беше Гордана Стошиќ. За Игрите во Пекинг, пак, МРТ на ЕБУ ќе треба да и плати уште 210 илјади швајцарски франци.

Извор: Т.Ј. (05.08.2008). Колку пари толку коментатори во Пекинг. Вест.

понеделник, 4 август 2008

Шпиц: Текстови за македонија во „Њујорк Тајмс“ на цеде

НАСЛОВИ на 2.285 текстови за Македонија во „Њујорк Тајмс“ , објавени меѓу 1851 и 1922 година, се најдоа на цеде-ром продуциран од Милчо Манчевски, Марина Костова и компанијата „Еин Соф“. Подготвувачите на Илинден им го подарија цеде-ромот на сите државни институции „Беља во Македонија“, „Масовни погобувања во Македонија“, „Херојската борба на Македонија за слобода“, „Мис Стон најпосле слободна“, „Смрт на македонскиот поглавица“, „Анархија во Македонија“, „Грците ги предадоа Македонците“, се само дел од насловите на 2.285 новински текстови објавени во „Њујорк Тајмс“. Речиси сите текстови се појавуваат за прв пат во нашата јавност. Иницијатива за собирање на овој материјал потекнува од времето кога Манчевски го подготвувал филмот „Прашина“, кој го опфаќа периодот околу Илинденското востание. Тогаш тој во архивите на „Њујорк Тајмс“ пронашол новинарски текстови кои многу го изненадиле.

Извор: (04.08.2008). Текстови за македонија во „Њујорк Тајмс“ на цеде. Шпиц.

Вест: Електронски овчар Ќе ги чува македонските овци

Електронскиот овчар овците ќе го чувствуваат сензорски преку електронските вибрации и не ќе можат да се приближуваат до оградата која, пак, ќе ги штити стадата и од волците кои постојано ги напаѓаат.

Ирската компанија "Сибрич- агро" во соработка со македонската Влада, воведува посебен систем на евиденција на податоците за секоја овца во трлото кое ќе биде електронски оградено. Мрежата ќе може да се дислоцира доколку се сели стадото овци на друго пасиште. Електронскиот овчар овците ќе го чувствуваат сензорски преку електронските вибрации и не ќе можат да се приближуваат до оградата која, пак од друга страна, без никакви трошоци ќе ги штити стадата и од волците кои постојано ги напаѓаат овците и јагнињата. Изготвената програма е по ирски терк која нуди заштеда на трошоците од 15 до 25 евра од грло не само од електронската замена на овчарот туку и од намалувањето на трошоците за кабеста храна.

"Ако се сака намалување на трошоците и подобар квалитет, сточарите ќе мора да си подигнат свои посебни пасишта со квалитетна трева исто како што се обработува една територија на пример со пченка или сончоглед. Ареалот Ќе биде уште побогат ако се изградат и бунари за наводнување на пасиштата затоа што сега македонските пасишта се суви и неквалитетни", вели д-р Мулен ирски експерт по овчарство и додава: "Македонскиот фармер се радува само до Велигден кога Ќе ги продаде овците, односно јагнињата, а потоа продолжува да плаче. Затоа треба во текот на целата година да има квалитетна производствена програма која ќе биде во функција за намалување на трошоците.

Ирците кои веќе посетиле голем број стада низ Македонија и ја знаат состојбата за симболичен износ од 3 до 5 евра нудат услуга за анализа на почвата, анализа на водата и пасиштата кои многу често знаат да бидат отровни и заразени. Ќе се вршат и ветеринарни услуги за што веќе се обезбедени четворица ветеринарни стручњаци кои бесплатно ќе одат на фармите и ќе бидат во контакт со фармерите за сите проблеми што ќе ги имаат, од здраствен, финаниски или менаџерски аспект

Извор: Т.Јовановски.(04.08.2008). Електронски овчар Ќе ги чува македонските овци. Вест.