вторник, 5 август 2008

Вест: Колку пари толку коментатори во Пекинг

Директорот на МРТ Јанез Сајовиц најавува дека во Пекинг ќе испрати деветчлена новинарска екипа, но вработените велат дека преносот ќе зависи од тоа колку пари ќе се обезбедат.
Македонската радио - телевизија (МРТ) се подготвува за пренос на Летните олимписките игри 2008, кои од петок, 8 август, до 24 август ќе се одржат во Пекинг, Кина. Главниот извршен директор Јанез Сајовиц вели дека МРТ до крајот на неделава на најголемиот светски спектакл во Пекинг ќе испрати деветчлена новинарска екипа, од кои еден спортски новинар минатата недела веќе заминал за Кина и за кој е сигурно дека ќе известува од отворањето на Игрите.
"Денеска за Пекинг треба да заминат уште двајца новинари од екипата, а најдоцна во петок или сабота да им се придружат и останатите. Пренос од Олимпијадата ќе има, а во Пекинг треба да известува екипа од вкупно девет репортери", вели Сајовиц.
Но, неофицијално од МРТ коментираат дека може да се случи за Пекинг да не замине целата екипа зашто јавниот сервис нема пари.
"Ние зборуваме за стечај на МРТ, вие прашувате за Олимпијада", коментираа вчера новинари од јавниот сервис.
Од тоа колку репортери и сниматели на МТВ ќе бидат во Пекинг, ќе зависи и бројот на натпревари што јавниот сервис ќе ги пренесува на своите канали и од каде што ќе се коментираат.
Целата екипа се планира да обезбеди двојазичен пренос на натпреварите, кои ќе почнуваат секој ден во 3 часот изутрина. Околу пладне се најавува получасовна пауза, во која ќе се емитува емисија од скопското студио, а потоа повторно ќе следува директен пренос од Пекинг до 18.30 часот.
Според најлошата варијанта, ако новинарите останат дома, Игрите би се коментирале од скопските студија на МТВ.
Уредникот на Спортската редакција Горан Милковски вели дека и покрај финансиските потешкотии во кои се наоѓа МТВ, Спортската редакција се подготвува за Олимпијадата, како и дека вработените се ентузијасти дека ќе направат пренос на Игрите каков што се правел во времето кога јавниот сервис немал финансиски проблеми.
Директорот на МРТ Јанез Сајовиц вчера не беше конкретен околу прашањето колку пари обезбедила МРТ за преносот на Олимпијадата од Пекинг, но потврди дека МРТ на Европската унија за радиодифузија (ЕБУ) се уште и нема платено 200.000 американски долари за телевизиските права за преносот на Олимпијадата во Атина од 2004 година, додека директорка беше Гордана Стошиќ. За Игрите во Пекинг, пак, МРТ на ЕБУ ќе треба да и плати уште 210 илјади швајцарски франци.

Извор: Т.Ј. (05.08.2008). Колку пари толку коментатори во Пекинг. Вест.

Нема коментари: