среда, 27 август 2008

Вечер: Т-Мобиле или Космофон на продажба?

Продажба на еден од мобилните оператори во Македонија или некое друго решение ќе и предложи Дојче Телеком на Комисијата за заштита на конкуренцијата откако германската компанија која е сопственик на Т-Мобиле Македонија купи акции во грчки ОТЕ, газдата на Космофон. Ова вчера го најавија правници од Брисел, како и од Дојче Телеком и од ОТЕ кои беа на разговор во Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК). Чедомир Краљевски, претседател на КЗК, по средбата го пренесе заедничкиот став дека известувањето за трансакцијата требаше да биде доставено во текот на вчерашниот ден, по што почнува да тече законскиот рок од 90 дена за изјаснување на Комисијата дали ќе ја одобри концентрацијата или не. - Можеме да се изјасниме и за пократок рок, но и да побараме дополнително време ако за тоа ни се потребни уште анализи. Но сметам дека нашата одлука се насетува, а тоа е дека не треба да дозволиме создавање на нов монопол на пазарот на мобилна телефонија. Очигледно е дека без интервенција ќе се создаде монопол на пазарот на мобилна телефонија - рече Краљевски, кој истакна дека при одлучувањето ќе го имаат предвид и фактот што Космофон освен 2-Г, има лиценца и за 3-Г, за вајмакс, како и за фиксна телефонија. Т-Мобиле Македонија и Космофон држат 90 проценти од пазарот во земјава, па оттука и размислувањата дека Дојче Телеком ќе мора да продаде еден од двете компании. - Не може да се измисли нешто што досега не постоело и не се применувало. Тоа е среднорочна или долгорочна продажба на еден од субјектите на трансакцијата и тоа во рок кој ќе зависи во колкава мера е концентрацијата на пазарот. Најпрво сакаме да ги видиме нивните предлози што не се обврзувачки за нас, но ние ќе постапиме според Законот за заштита на конкуренцијата - потенцира Краљевски.Запрашан дали додека се реализираат одлуките на КЗК, на пазарот ќе има право Агенцијата за електронски комуникации да врши регулација на малопродажните цени, Краљевски не гледа причина зошто да е нешто спротивно и рече дека не сака да се меша во надлежностите на АЕК.

Извор: (27.8.08). Т-Мобиле или Космофон на продажба?. Вечер.

Нема коментари: