петок, 9 октомври 2009

Дневник: Училници претесни за компјутери

Битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ добива високи оценки, а работи во зграда од турско време, во која нема услови да се градат инвентарот и 348-те компјутери што една година стојат нераспакувани

Една година 348 компјутери во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ стојат складирани во магацинот поради тоа што училниците се тесни и нема место за информатички помагала. Објектот во кој е сместена гимназијата е стар 120 години, најправо бил турска куќа, а кога го адаптирале за училиште никој не знаел за компјутери. За рационално да се искористи просторот учениците седат во четвороседни клупи. Во вакви услови скоро е невозможно да се спроведе проектот на Владата „Компјутер за секое дете“.

- Во цела Македонија, од сите основни и средни училишта, нема ниту едно во ваква зграда. Училниците се тесни и не ги собира ни тастатурите ни мониторите. Едноставно не може да се инсталираат компјутерите над клупите. Поради тоа ниту еден не е распакуван и ставен во функција - признава директорот Кирил Печалев.

Проблемот не го реши ни новиот инветар што пристигна пред учебната година зашто и тој е кроен според образовните стандарди. Станува збор за четвороседни клупи кои, ако се монтираат го зафаќаат целиот простор во училницата од ѕид до ѕид и не може да се стигне до таблата. Слично како компјутерите и клупите останаа неискористени. Два месеца прележаа во спортската сала за која вработените велат дека е поголема од училиштето.

За проблемот се известени министерствата за образование и за информатичко општество, но засега не е пронајдено решение.

- Можни се две варијанти. Нова зграда со кабинети, градена по стандарди, што е голема инвестиција или да се намали бројот на ученици. Наместо по 34 како што е според законот, да има 24 или 26 ученици. Нема можност да се формираат повеќе паралелки со помалку ученици. Има 12 училници и 24 паралелки, па затоа се работи во две смени со по 12 класа претпладне и попладне - вели директорот.

И покрај ваквите просторни услови, оваа гимназија се смета за едно од најпрестижните средни училишта во градот, па и во државата. Во текот на долгогодишното постоење како образовна институција стекнала големо реноме. Тоа го докажуваат и резултатите од државната матура, според кои, училиштето е меѓу најуспешните во државата со најмали отстапувања во оценувањето.

Историските податоци кажуваат дека 120 години се изведува настава во гимназијата. Била изградена во 1882 година како приватна куќа на Сали-паша, богат земјопоседник. Десет години подоцна била продадена за 600 златни турски лири и преадаптирана за училиште прво на турски, на српски, па на бугарски јазик. Гимназијата има посебно место во историјата на македонскиот народ зашто била првото средно училиште во кое во 1945 година почнала настава на македонски јазик.

Деновиве училиштето ќе го посетат техничари, кои ќе проценат дали со надградби на клупите ќе се обезбеди простор за компјутерската опрема. И во други училишта во државата, поради просторни и други инфраструктурни проблеми, набавените компјутери не може да се стават во функција на наставата.

Извор: Жанета Здравковска. (09.10.2009). Училници претесни за компјутери. Дневник.