четврток, 31 јануари 2008

Дневник: Социјален пакет за вработените во МРТВ

Месечно по 220 евра до пензија за вработените што имаат најмалку пет години до пензионирање, а тие со најмалку пет години работен стаж за доброволен отказ ќе добијат 12 плати еднократно плус по една плата за секоја година од работниот стаж над пет години. Тоа е содржината на социјалниот пакет што го усвои Управниот одбор на Македонската радио-телевизија за вработените што доброволно ќе заминат од работното место.Во Одборот велат дека ова е прва понуда за синдикатот за што побезболно да се спроведе програмата за санација на јавниот сервис. Таа предвидува бројот на вработени од 1.200 да се намали на 900.- Им нудиме социјална сигурност на вработените. Намалувањето на работните места нема да биде со прогласување технолошки вишок, туку на доброволна основа. Ова е некој вид вреднување на нивниот придонес и компензација за нивниот труд во создавањето на МРТВ - велат во Управниот одбор.Во МРТВ има 128 вработени, од кои 93 мажи што имаат уште пет години до пензионирање. Дел од парите за исплата на платата до заминување во пензија ќе се обезбедат од Агенцијата за вработување, а дел од МРТВ. По таа основа ќе се исплатат 2.466 плати, за кои се потребни вкупно 542.520 евра.На вработените со најмалку пет години стаж им е оставена можноста доброволно да се пријават за да го прекинат работниот однос. Во тој случај, вработен со 20 години стаж ќе добие 12 плати како еднократен надоместок и уште 15 плати. Бидејќи отказот ќе биде во согласност со работникот, тој ше нема право на паричен надоместок од Агенцијата за вработување.

Извор: (М.Б.). (31.1.08). Социјален пакет за вработените во МРТВ. Дневник.

Дневник: Бесплатна најава за говорна пошта

Најавната порака на говорната пошта (мејли) на „Т-мобиле“ отсега ќе биде бесплатна, а на повикувачот ќе му се наплаќа само ако остави порака. Со ова операторот ја исполни одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата да воведе тарифирање за услугата „говорна пошта“, со што на граѓаните ќе им се даде можност да изберат дали сакаат да остават порака.- Кога повикот се пренасочува кон мејли, корисникот што бара добива најавна порака, која трае четири секунди. Отсега слушањето на најавната порака е бесплатно. Тарифирањето почнува по звучниот сигнал за оставање порака - велат во „Т-мобиле“.Во Комисијата изјавија дека имало многу поплаки од граѓаните. Тие особено се жалеле кога добивале говорно сандаче додека се во странство поради скапите цени во роаминг.

Извор: (31.1.08). Бесплатна најава за говорна пошта. Дневник.

Утрински: МРТ нуди и до 7.000 евра за оние што ќе си заминат

Вработените во Македонската радио-телевизија кои имаат уште пет години до пензионирање, доколку доброволно заминат од куќата, ќе добијат социјален пакет во висина од 27 плати. Ова е последниот предлог за испратнини за оние луѓе што треба да ја напуштат МРТ, кој Управниот одбор го достави до Синдикатот. Понудата важи за сите лица кои по правило треба да се пензионираат до првата половина на 2012 година, односно имаат уште пет години од работниот век. Според предлогот, секој од оние што треба да се пензионираат до 2012 ќе добие испратнина која ќе се пресмета од 6 негови плати, а остатокот од 21 плата ќе биде во висина од просечна плата во Македонската радио-телевизија, која е идентична на просекот на личниот доход во државава што во ноември лани изнесува околу 15.600 денари. Тоа значи дека, според грубите пресметки, вработените во МРТ што ги исполнуваат условите и имаат уште пет години до пензионирање би требало да земат по околу 7.000 евра. Покрај овие пари, додека не се пензионираат, од Агенцијата за вработување вработените од МРТ во првата година ќе добиваат месечно пари во висина од 60 отсто од нивната последна плата, а другите четири години по 40 отсто.Управниот одбор подготви и предложи социјални пакети и за другите кои сакаат доброволно да го напуштат своето работно место од Македонската радио-телевизија. Услов за доброволно заминување е да имаат работен стаж во куќата од минимум пет години, но не повеќе од 24 години работно искуство во МРТ. За доброволците се предвидени 12 плати, плус за секоја година работен стаж по уште една плата. Овие предлози за социјални пакети, во основа според Синдикатот, досега се најкоректни и добри. Но, тоа не значи дека се веднаш прифатливи. Оливер Симоновски од Синдикатот вели дека понудените социјални пакети се добра основа за евентуални разговори. Синдикатот има рок до 15 февруари да ги разгледа пакетите и да се договори со Управниот одбор за можни корекции, односно за подобрување на социјалните услови за лицата што ќе бидат прогласени за технолошки вишок. Според планот за систематизација и организација, од Македонската радио-телевизија треба да бидат прогласени за технолошки вишок околу 330 луѓе. Моментално во куќата има вработено 1.090 лица. Оливер Симоновски појаснува дека согласно со евиденцијата со која располагаат, 130 луѓе имаат уште пет години до пензионирање, така што доколку ги прифатат условите и заминат, вкупниот број вработени ќе биде 960, што не е многу за еден јавен сервис. Тогаш, според Симоновски, ќе биде многу полесно да се преговара со надлежните во МРТ дали е неопходно да се отпуштат уште 200 луѓе од предвидените 330. Тој појаснува дека направената систематизација и организација на работни места е полна со дупки. Со систематизацијата има многу раководители, а малку извршители, што значи дека е потребен дополнителен кадар во одделни сектори каде што е направен превид и без соодветна анализа е намален бројот на вработените.

Извор: Верче Георгиевска. (31.1.08). МРТ нуди и до 7.000 евра за оние што ќе си заминат. Утрински.

Утрински: „Космофон“ тврди дека нејзината понуда за 3Г е најдобра

„Космофон“ ги отфрла тврдењата на „Т-мобиле“ дека нејзината понуда за 3Г-технологија е нетранспарентна и со скриени трошоци, како и дека е трипати поскапа. Надлежните од „Космофон“ велат дека ваквите констатации од нивниот конкурент кој не ја доби лиценцата за 3Г се невистинити и не се базирале на факти, со што јавноста се доведувала до заблуда. „Ги исполнивме сите услови пропишани со тендерот за 3Г-технологија, ја дадовме најдобрата понуда експлицитно и транспарентно и притоа не ја условивме со ограничувања и дополнителни надоместоци што не беа дозволени во тендерот“, велат од „Космофон“.

Извор: В.Г. (31.1.08). „Космофон“ тврди дека нејзината понуда за 3Г е најдобра. Утрински Весник.

среда, 30 јануари 2008

Вест: И Т-Мобиле бара лиценца за видеотелефонија

Во Европа нема да најдете ниту една држава во која само една компанија има лиценца за 3Г. Пологично е и двајцата оператори кои учествувале на тендерот да добијат лиценца за третата мобилна генерација која нуди и видеотелефонија. Вака размислува менаџментот на "Т-Мобиле Македонија", чија понуда на тендерот за 3Г лиценцата Агенцијата за електронски комуникации ја дисквалификуваше. Главниот извршен директор Мајкл Лоренс изјави дека доделување на само една лиценца ги оштетува потрошувачите.Менаџментот на "Т-Мобиле" побара од Агенцијата за електронски комуникации да ја преиспита одлуката за доделување на лиценцата. Директорот за маркетинг и регулатива Бранко Станчев објасни дека дополнителните забелешки во нивната понуда, поради кои ги дисквалификуваа, се со цел да бидат транспарентни и подоцна да нема изненадувања со цените."Во условот на тендерот стоеше дека големопродажните цени на услуги треба да бидат над трошоците, а тоа не е можно доколку не се направи појаснување", вели Станчев.

Извор: Т.Ј. (30.1.08). И Т-Мобиле бара лиценца за видеотелефонија. Вести.

Дневник: „Т-мобиле“ ја условил ниската цена со скапа претплата

Понудената цена од 0,9 денари за минута видео или говорен повик „Т-мобиле“ ја условил со 800 денари месечна претплата за граѓаните без разлика дали зборувале или не, велат во Агенцијата за електронски комуникации. Оттаму тврдат дека тоа било една од причините зошто ја отфрлиле понудата на „Т-мобиле“ на јавниот оглас за трета генерација мобилна телефонија. Друга причина била што „Т-мобиле“ барал другите оператори да му плаќаат по пет денари за воспоставување повик, како и три милиони евра (по еден милион за мобилни, фиксни-мобилни и за интернет услуги) годишно, без разлика дали нивните корисници ќе потрошат толку за разговори. Раководството на „Т-мобиле“ вчера побара Агенцијата да ја преиспита одлуката за прогласување на „Космофон“ за победник на огласот со понудата од 4,5 денари за минута видеоповик.- Иритирани сме од одлуката на Агенцијата и би биле задоволни кога би ја преиспитале - рече Мајкл Лоренс, главен извршен директор на „Т-мобиле“.Тој смета дека најдобро би било дозвола за 3Г да добијат двата мобилни оператора.

Извор: М.Б. (30.1.08). „Т-мобиле“ ја условил ниската цена со скапа претплата. Дневник.

вторник, 29 јануари 2008

Вечер: Внимавајте и банкарите злоупотребуваат

Кога Владимир Л. од Скопје зел кредит од една реномирана банка за реновирање на станот, не бил свесен на каков срам и тортура ќе биде изложен. Секој месец неколку дена пред крајниот рок за уплата му се јавувала вработена во банката за да го потсети дека доколку задоцни ќе му биде пресметана камата. Кулминацијата се случила минатиот месец кога Владимир отпатувал на службено патување, па бидејќи го исклучил мобилниот телефон, чиновничката не се двоумела да се јави во фирмата и да го потсети преку неговите колеги. Свртиле и на неговиот домашен телефон, па за рокот и ратата ја известиле неговата мајка.

Овој случај е само еден од илјадниците повреди на правото на лични податоци кои според Дирекцијата за заштита на личните податоци се случуваат секојдневно и во сите сфери на работењето а остануваат неказнети.

- Не би имало никаков проблем доколку му се јавуваат лично на лицето кое е должник и тоа само на телефонот којшто е оставен за контакт во апликацијата за кредит и во договорот. Но, честопати се злоупотребува делот од апликацијата каде се доставува потврда од работодавачот и работното место. Тоа според Законот за лични податоци се казнува со парична казна до 50.000 денари за физички и над 200.000 денари за правни субјекти-информира директорката на Дирекцијата Маријана Марушиќ. Вчера беше организиран Отворен ден за граѓаните кои сакаат непосредно да се запознаат со нејзината работа и со принципите во остварувањето на контролата на приватноста. Идејата е да се поттикне свеста на граѓаните за да знаат кои се нивните права во оваа сфера и да реагираат ако тие се прекршени.

Извор: Елизабета Арсоска. (29.1.2008). Внимавајте и банкарите злоупотребуваат. Вечер.

Дневник: Рекламирањето на врата е злоупотреба на приватноста

Како граѓаните да се заштитат од трговски куќи што праќаат рекламни материјали на домашни адреси, дали така се крши законот и дали фирмите и институциите смеат да ги задржуваат личните документи повеќе отколку што е потребно. Ова се некои од прашањата на кои граѓаните вчера побарале одговор од Дирекцијата за заштита на личните податоци. Дирекцијата на вчерашниот Европски ден за заштита на личните податоци неколку часа беше отворена за граѓаните за сите прашања во врска со заштитата на податоците.

Вработените во Дирекцијата одржале повеќе средби со средношколци. Годинава фокусот на Дирекцијата ќе биде врз децата и младите бидејќи расте бројот на пријавите за повреди на правото на заштита на личните податоци преку интернет. Младите, кои се најчести корисници на интернет, даваат податоци за себе, семејството и за пријателите.

- Имаше граѓани што ни бараа брошури и летоци, но најчесто се јавуваа по телефон. Тие најмногу се интересираа дали трговските куќи што им праќаат рекламни материјали и писма на домашни адреси им ги кршат правата на приватност на личните податоци. Тие сметаат дека со овој вид рекламирање им ги кршат правата и дека ако еднаш, на пример, купиле од некаде книга, не значи дека трговецот има право постојано да им додева. Граѓаните прашуваа и дали фирмите и институциите кај кои поднесле документи имаат право да не им ги враќаат. На пример, ако некој конкурирал за работа и не бил примен, дали докуемтите што ги приложил треба да му ги вратат. Граѓанин телефонски пријави дека еден нотар му дал податоци за свој клиент на друго лице. Им рековме на граѓаните да поднесат барања за испитување на случаите и дека ќе ги испитаме - вели директорката на Дирекцијата, Маријана Марушиќ.

Извор: Н.Н.С. (29.1.08). Рекламирањето на врата е злоупотреба на приватноста. Дневник.

Вест: Не давајте фотокопија од лична карта

Фотокопија од лична карта мора да се остави ако сакате да раскинете или да склучите некој договор со "Македонски телекомуникации". За да го откажете телефонот или интернетот, освен личните податоци за името, презимето, адресата и матичниот број, Телеком ја скенира и личната карта, каде што е и фотографијата на претплатникот. На тој начин операторот го добива целиот идентитет.
"Кога отидов да го раскинам договорот за АДСЛ во 'Македонски телекомуникации', ми ја побараа личната карта и, без да ме прашаат, направија фотокопија и ја задржаа копијата кај себе. Што ќе им е мојата слика и кој ми гарантира дека нема да бидам злоупотребен", вели еден граѓанин.
Во Дирекцијата за заштита на личните податоци објаснуваат дека не постои законска основа Телеком да прави фотокопија од лична карта.
"Се земаат повеќе податоци од она што е потребно. Спорно е, всушност, што се скенира фотографијата на личната карта", вели Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци.
"Во државата имаме честа појава на фотокопирање на лична карта. Дирекцијата ќе спроведе акција за проверка на законитоста во работењето во сите институции каде што се прави тоа. Банките имаат основа да земаат фотокопија согласно со Законот за спречување на перење пари", кажува Марушиќ.
Во Телеком објаснуваат дека работат според правилник кој е одобрен од нивното регулаторно тело - Агенцијата за електронски комуникации.
"Во општите услови за склучување договори, кои се одобрени од Агенцијата за електронски комуникации, стои дека се зема фотокопија од лична карта. Но доколку се донесе поинаква одлука, ќе ја почитуваме", велат во Телеком.
Мобилните оператори и телекомуникациите можат да ги запишат сите податоци од личната карта. Што значи име, презиме, адреса и матичен број. Тоа е потребно зашто тие имаа големи збирки на податоци и може да дојде до повторување на исти имиња и презимиња. Личната карта служи само за идентификација и мора да се даде на увид за да не се случи некој друг да раскине договор или, пак, некоја опција што сте ја барале.

Извор: Р.Ф. (29.1.08). Не давајте фотокопија од лична карта. Вест.

понеделник, 28 јануари 2008

Вест: Најизложени на злоупотреби тинејџерите што сурфаат на Интернет

Дирекцијата за заштита на личните податоци денеска, по повод Европскиот ден на заштита на личните податоци, организира отворен ден за граѓаните да се запознаат со нејзината работа и со нивните права за заштита на приватноста. Во периодот од 10 до 14 часот Дирекцијата ќе ја посетат и средношколци, кои според директорката Маријана Марушиќ, најчесто се изложени на злоупотреба на личните податоци преку користењето на Интернет. За нив Дирекцијата ќе ја промовира и брошурата "Ти одлучуваш".
"Целта е да се развие свеста и граѓаните да знаат кои се нивните права во оваа сфера и да реагираат ако тие се прекршени", вели Марушиќ.
Лани до Дирекцијата биле доставени над 40 претставки од граѓани, но казни не се изречени бидејќи траел периодот на приспособување кон законките обврски. Искуства покажале дека прекршувањата се прават ненамерно, најчесто поради непознавање на законот.
Според Марушиќ со воведувањето на Измените на Законот за заштита на личните податоци, кои се во собраниска процедура, ќе се зголемат и надлежностите на Дирекцијата.
"Со законските измени се воведува инспекциски надзор и прекршочна комисија. Наместо судовите, комисијата ќе добие статус на прекршочен орган, и наместо судовите ќе одлучува дали за неовластено откривање на лични податоци треба да се изрече казна". потенцира Марушиќ

Извор: Т.Ј. (28.1.08). Најизложени на злоупотреби тинејџерите што сурфаат на Интернет. Вест.

Дневник: Граѓаните не знаат да си ја заштитат приватноста

Кој располага со личните податоци на граѓаните и дали некој ги злоупотребува, секој ќе може да дознае откако ќе профункционира Централниот регистар при Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Таа денеска ќе биде отворена за сите што сакаат да се информираат за своите права. Повод е Европскиот ден на заштитата на личните податоци, Дирекцијата ги повика сите фирми, органи и институции од приватниот и од јавниот сектор своите лични податоци да ги пријават во Регистарот.

- На тој начин граѓанинот ќе може да провери кој и какви податоци има за него и ако смета дека му е повредено правото на заштита, ќе може да реагира - рече директорката на Дирекцијата, Маријана Марушиќ.

Иако Конвенцијата за заштита на личните податоци е отворена за потпис, 70 отсто од граѓаните на земјите од ЕУ не ги знаат своите права на приватност. Кај нас овој Закон е во сила околу една година.

- Годинава ќе се фокусираме на младите бидејќи се' почесто имаме пријави од граѓаните за повреди на правото на заштита на личните податоци преку интернет. Младите најчесто го користат, но не внимаваат какви податоци даваат за себе, за семејството и за пријателите - рече Марушиќ.

Таа информира дека во собраниска процедура се и измените на законот, кои ќе ја зголемат независноста на Дирекцијата и се воведуваат инспекциски служби, кои ќе вршат контроли кај сите што имаат податоци на граѓаните. Во Дирекцијата ќе се формира прекршочна комисија, која ќе утврдува дали некој неовластено открил нечии лични податоци и ќе може да изрекува казни од 40.000 до 500.000 денари.

Во Законот има посебна одредба за видеонадзорот. Секаде каде што има камери ќе мора да има и известување за нив и за тоа кој ги поставил, а ќе се знае и колку долго ќе се чуваат снимките.

Марушиќ вели дека досега не биле откриени злоупотреби на податоците, туку непознавање на Законот и на принципите за нивна заштита. Пример за тоа е објавувањето на податоците и на сметките на земјоделците што добиле државни субвенции на веб-страницата на Министерството за земјоделство. Тие биле тргнати веднаш по известувањето од Дирекцијата. Биле откриени и неколку случаи на користени податоци на граѓани што ги загубиле или на кои им биле украдени личните карти. Со тие податоци некои склучиле претплатнички договор со мобилни оператори, а телефонските броеви ги користеле за криминални активности.

Извор: Натали Н. Сотировска. (28.1.08). Граѓаните не знаат да си ја заштитат приватноста. Дневник.

петок, 25 јануари 2008

Вест: Владата ќе прави нов универзитет за информатика

Владата ќе прави нов државен универзитет за информатички технологии. Новата институција се очекува да проработи најрано во 2009 или во 2010 година. Не се знае каде ќе биде лоциран новиот универзитет. Наставата ќе биде на англиски јазик, а половина од кадарот ќе биде од најреномираните универзитети од Европа и од САД. Останатите предавачи ќе бидат домашни експерти од оваа област.
"Формиран е иницијативен одбор со професори од Природно-математичкиот и од Електротехничкиот факултет, кој работи на елаборат за функционирањето на универзитетот. На неговите факултети и институти ќе бидат опфатени сите области на информатиката - од аспект на техниката и технологијата и на менаџментот", рече на вчерашната прес-конференција владиниот портпаролот Ивица Боцевски. Тој не кажа колку пари точно ќе бидат вложени, но "се работи за неколку милиони евра, обезбедени од Буџетот".
Боцевски рече дека отворањето на Универзитет нема да го загрози функционирањето на постојните факултети за информатика и оти Владата и натаму ќе инвестира во нив.
Извор: Р.Ф.(25.1.2008). Владата ќе прави нов универзитет за информатика. Вест

Дневник: Владата ќе отвори универзитет за информатика

Според најавите, универзитетот ќе проработи во 2009 или во 2010 година. Половина од наставниот кадар на новата, петта државна високообразовна институција, ќе го сочинуваат професори од реномираните универзитети во Европа и во САД. Другите ќе бидат домашни експерти од информатичките области. На факултетите во состав на универзитетот ќе се изучуваат области од информатичката техника и технологија, како и од менаџментот.

На владината иницијатива за отворање на универзитетот веќе работи иницијативен одбор составен од стручни лица од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Природно-математичкиот факултет, како и претставници на Владата. Стручниот тим треба да ги прецизира деталите и финансиската конструкција.

- Идејата е да создадеме универзитет што ќе дава врвни кадри од областа на информатичката технологија. Се работи за инвестиција од неколку милиони евра, чии резултати ќе бидат видливи за петнаесетина години. Со наставата на англиски јазик сакаме на студентите да им овозможиме веднаш да бидат конкурентни на пазарот на трудот, а на странските компании да им дадеме сигнал дека имаме подготвен кадар - изјави Боцевски.

Тој истакна дека постојните државни факултети на кои се изучува оваа проблематика нема да бидат загрозени од новиот универзитет.

- Напротив, ќе се вложува и во нивниот понатамошен развој. Мотивот за основање на универзитетот е да се зголеми конкуренцијата меѓу постојните. На пазарот има недостиг од информатичари, што значи дека имаме широко поле за развој, кое мора да го искористиме. Универзитетот ќе се гради во партнерство со врвни странски институции од оваа сфера, поради што дипломите во другите земји ќе се нострифицираат многу лесно - рече Боцевски.

Извор: Д.Т. (25.1.08). Владата ќе отвори универзитет за информатика. Дневник

среда, 23 јануари 2008

Утрински: Бура на македонскиот медиумски пазар

Настаните во македонскиот медиумски простор, во последните неколку недели, донесоа динамика која ја немало со години. Медиумскиот пазар се разбранува и, според случувањата, наредниот период ќе биде исклучително интересен за новинарската фела.

Се подготвуваат неколку проекти во печатените и во електронските медиуми. Според состојбите на пазарот, над 150 новинари во следниот период имаат можност прв пат да се вработат, што претставува импозантна бројка ако се има предвид големината на државата и бројот на медиумите.

Весникот „Нова Македонија“ изминатиот период иако излегуваше во печат, немаше големо влијание во јавноста. Но, по преземањето на овој медиум од страна на бизнисменот Минчо Јорданов, весникот најавува преродба и реафирмација. Затоа се формира еден цел тим луѓе кои ќе го водат и ќе го прават весникот. Станува збор за луѓе кои веќе се афирмирани и имаат искуство. Како што веќе и' е познато на јавноста, најголем дел од тимот на „Нова Македонија“ ќе го сочинуваат поранешните вработени во „Време“, кои кренаа бунт против сопственикот Велија Рамковски затоа што не им исплаќал плати и придонеси. По трансферот на новинарите од „Време“ во „Нова Македонија“, весникот на Рамковски останува без кадар.

Не само весниците, туку и телевизиите ќе бидат подложни на промени. Телевизијата Алфа од средината на март најавува големо активирање. Се формира поголема новинарска екипа, затоа што амбициите на Алфа, иако има регионална дозвола за работа, се да стане сериозен конкурент на сите национални телевизии. Главниот програмски директор Љубомир Николовски вели дека тимот на Алфа ќе го сочинуваат околу 95 луѓе, а според дозволата која ја имаат, телевизијата ќе има општ забавен формат. Според Николовски, веќе е пристигната опремата. Станува збор за најмодерна опрема од „Сони“ и ќе се работи со т.н. систем „дигитал серијал“, на XD CAM- формат, што подразбира дека се' ќе биде достапно, снимано и пренесувано преку еден сервер. Во тек е опремувањето на две студија според евровизиски концепт од 220 и од 80 квадратни метри.

„Телевизијата ќе понуди стандарди во работењето. Наш примат ќе биде квалитетот во подготвувањето на содржините. Планираме да понудиме различен тип вести од оние што досега гледачите се навикнале да ги гледаат“, вели Николовски и истакнува дека Алфа веќе потпишала договор за играна програма со „Ворнер Брадерс“, „Парамаунт“, „Фокс“, Ен- Би-Си, „Дискавери“. Телевизијата има договорено соработка со хрватската Нова и со РТЛ, наскоро се планира соработка со медиуми од Белград.

Иако Алфа има регионална дозвола за работа и засега е достапна за жителите на Скопје, според програмскиот директор Љубомир Николовски се очекува ТВ-сигналот да се крене преку сателит, по што ќе можат да го преземат кабелските оператори и да ја реемитуваат програмата. На тој начин програмата ќе биде достапна и за другите граѓани во државава.

Што се однесува до кадарот што ќе го сочинува тимот на Алфа, Николовски вели дека на клучните позиции - уредничките ќе бидат луѓе со искуство, а на останатите ќе им се даде можност младите и талентирани лица да се докажат во телевизиското новинарство. Тоа значи дека Алфа е најмногу отворена за познатите ТВ-лица од националните телевизии.

Комуникологот Весна Шопар појаснува дека големата побарувачка на новинарската фела не е ништо чудно и ново. Флуктуирање на новинарите, како што вели таа,

е разбирливо затоа што медиумскиот пазар е пазар како и секој друг, каде што функционира принципот понуда и побарувачка.

„Во јавноста се води полемика дали во државава имаме голем број медиуми. Едни ќе кажат да, други не. Но, во основа, пазарот е тој што одредува колку медиуми се потребни, а со тоа и колку вработени. Бројката на медиуми и новинарите не треба да се поставува како прашање, затоа што пазарот диктира дали ќе биде читан некој весник или гледана некоја телевизија. Тоа значи да се изнесат различни ставови, што е добро за развојот на демократијата, воопшто“, појаснува комуникологот Весна Шопар.

Стратегијата за развој на радиодифузната дејност, што ја изработи Советот за радиодифузија како регулаторно тело, предвидува дека од минатата година, па се' до 2012 година конкуренцијата меѓу радио и ТВ-станиците драматично ќе се зголемува. „За да се постигне квалитет во обезбедувањето на пријавениот програмски сервис, треба да се обезбеди и кадровски развој, вработување на сите планирани кадри и нивна едукација. Но, исто така, и нивно соодветно наградување, бидејќи платите во новинарската дејност, со исклучок на одделни категории, во моментот се мошне ниски, што се одразува на квалитетот на работењето, особено на новинарите во дневноинформативните редакции“, се препорачува во Стратегијата за радиодифузна дејност.

Извор: Верче Георгиевска. (23.1.2008). Бура на македонскиот медиумски пазар. Утрински Весник.

Дневник: Фирмите прават профити со нелегален софтвер

Македонските фирми користат нелегален софтвер за изработка на графичкиот дизајн на своите производи, тврдат во „ХСМ инфоратика“, која е официјален застапник за софтверските производи на „Адобе“, „Корел“ и на „Кварк“. За овој проблем сопствениците на „ХСМ информатика“ ги известиле надлежните државни органи, а дури и обучиле инспектори за да може да откриваат нелегален софтвер.

- Дури 90 отсто од производите на чија амбалажа има сложена апликација во боја, како и билбордите по улиците, се изработени со нелегален софтвер. ИТ-компаниите и другите фирми што прават графички и видеодизајн треба да ги легализираат програмите што ги користат - вели Никола Николов од „ХСМ информатика“.

Од почетокот на годинава тие продале лиценци за овој вид софтвер за 30 компјутери во неколку компании и едукативни институции. Во „ХСМ информатика“ сметаат дека состојбата кај нас е многу полоша отколку во Србија, а дека со Хрватска не можеме ниту да се споредуваме.

- Во Владата постои интерес посериозно да се пристапи кон проблемот и тој да се решава дел по дел. Работите се менуваат кон подобро. Бидејќи сме земја-кандидатка за во ЕУ, неизбежно е да размислиме сериозно за легализација на софтверот - изјави Николов.

Од претставништвото на „Адобе“ истакнуваат дека први што треба да го легализираат својот софтвер се големите корпорации и компании во Македонија, кои секојдневно прават големи профит.

- Станува збор за фирми што имаат голем профит и може да си дозволат да одвојат дел од тие пари за да работат според законите за авторско право и за заштита на интелектуална сопственост, како што налагаат директивите на ЕУ - посочува Николов.

Според податоците на Бизнис сфтвер алијансата, која се бори против пиратеријата на глобално ниво, 71 отсто од комерцијалниот софтвер што се користи во Македонија се нелегални.

- Во бизнисот има општоприфатена девиза дека секој што заработува со помош на софтвер, мора да плати за него. Кај нас се користи пиратски софтвер во производството на продукти, кој во земјава се продава по цена иста како во земјите од Источна Европа, каде што голем дел од софтверот е легализиран. Тоа е нелојална конкуренција и кршење на законот - вели Валентин Пепељуговски, правен застапник на Бизнис сфтвер алијансата во Македонија.

Според него, откако големите светски софтверски компании отворија свои официјални претставништва, почна посериозно да се работи на легализација на софтверот на македонскиот пазар.

- Токму поради тоа организиравме семинар за обука на инспекторите од пазарниот инспекторат на тема „Заштита на софтверот како авторско дело“. Претставници на „Адобе“, „Мајкрософт“ и на „Аутодеск“ обучија 25 инспектори да го откриваат користењето пиратски софтвер во фирмите. Целта е стапката да биде на нивото на ЕУ - изјави Пепељуговски.

Извор: Горан Ризаов. (23.1.2008). Фирмите прават профити со нелегален софтвер. Дневник.

понеделник, 21 јануари 2008

Вечер: Македонското АЛО меѓу најевтините во регионот

Македонија се приближи до земјите од регионот со најевтини телефонски разговори преку мобилна мрежа. По влегувањето на македонскиот пазар на третиот мобилен оператор - ВИП, не само што се зголеми конкуренцијата и се подигна квалитетот, туку дојде до значително намалување на цените на телефонските разговори. Новите тарифи што сега ги нудат трите македонски оператори се значително пониски од некои земји во регионот. Операторите велат дека при формирањето на цените се водат од условите на пазарот и навиките на корисниците, но и за стандардот на граѓаните.

Анализата што ја направивме на мобилните пазари на сите поранешни југословенски републики (без Словенија), како и Грција, Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија, впрочем во сите овие земји каде се присутни сопствениците на трите мобилни оператори во Македонија, покажа дека мобилната телефонија е еден од најдобрите примери како конкуренцијата може да влијае на цените на услугите. Според анализата, во Србија, Хрватска и Австрија имаат најниски при-пејд тарифи, додека Бугарите и Романците зборуваат најскапо во при-пејд. Македонија се наоѓа во средина со просечни телефонски разговори во при-пејд од 0,12 евра (7,3 денари) во својата мрежа и 0,15 евра (9,2 денари) кон другите оператори и кон фискната телефонија.

Во пост-пејд, Македонците разговараат уште поевтино. Најниската месечна претплата изнесува 250 денари, а една минута разговор во сопствената мрежа е околу 0,11 евра (6,75 денари/дење) и 0,05 евра (3 денари/ноќе). Најевтини пост-пејд разговори имаат Грците и Хрватите, а иста цена со нас имаат корисниците во Србија, БиХ и Црна Гора. Сепак, ние имаме предност бидејќи користиме и евтина ноќна тарифа, а имаме и иста цена на разговорите и кон другите мрежи во мобилната телефонија.

Иако цените на телефонските услуги на овие пазари секојдневно се намалуваат, експертите велат дека мобилната телефонија може да биде уште поевтина бидејќи има простор за давање на услуги по поволни цени. Ова поради фактот што мобилните оператори под притисок на конкуренцијата се присилени да ги намалат сопствените трошоци и на корисниците да им понудат нови содржини како Интернет, аудиовизуелни содржини и разни пакети на услуги по пониски цени. Оттука и фактот што цените во рамките на сопствената мрежа на мобилните оператори, како и на националните разговори забележуваат значително намалување.

Меѓународната компанија ИДЦ пред две години прогнозираше дека до 2010 година во Македонија ќе има најголем пораст на бројот на корисници на мобилна телефонија. Според податоците на мобилните оператори, во Македонија во моментов има околу 1,9 милиони претплатници и нешто над два милиони жители. За споредба, во соседна Србија која има 9 милиони жители, регистрирани се околу 8 милиони претплатници. Според студијата на ИДЦ, на крајот на 2008 година во регионот ќе има 14 милиони корисници, пенетрацијата ќе се зголеми на 69 проценти, а вкупната вредност на услугите во мобилната телефонија ќе надмине две милијарди долари.

Извор: (21.1.08). Македонското АЛО меѓу најевтините во регионот. Вечер.

сабота, 19 јануари 2008

Дневник: Сите банки компјутеризирани

Сите фирми од финансискиот сектор во минатата година користеле компјутер, а 97,8 отсто од нив имаат пристап на интернет, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.

Своја веб-страница имаат 81,8 отсто од претпријатијата во овој сектор, а на неа 87,9 проценти ги рекламираат своите услуги. Овие фирми најчесто имаат десет или повеќе вработени. Внатрешна компјутерска инфраструктура (интранет) имаат 60 отсто од финансиските фирми. Дозволен надворешен пристап до својата компјутерска мрежа (екстранет) имаат 37,8 отсто од нив.

Информатичко-технолошки систем за управување со пласманот или приемот на нарачки имаат само 31,1 отсто од финансиските деловни субјекти.

Извор: (19.1.2008). Сите банки компјутеризирани. Дневник.

петок, 18 јануари 2008

Вечер: Од април поевтина фиксна телефонија и интернет

Компанијата Некском, која ја доби националната WiMAX лиценца, ќе понуди многу пониски цени во фиксната телефонија и во интернетот од оние на Македонски телекомуникации, откако од април годинава компанијата ќе почне со комерцијална работа во земјава. До тогаш Некском, ќе го тестира функционирањето на првите базни станици што ги поставува во скопската населба Аеродром. Генералниот директор на Некском Македонија, Тодор Цветковски вели дека ќе биде запазен рокот зададен од Агенцијата за електронски комуникации за почеток на работа во рок од шест месеци.

- По овој тест период, ќе продолжиме со поставување на базни станици на територијата на Скопје, а паралелно ќе ја градиме и мрежата во другите градови, пред се во Битола, Штип, Струмица и Тетово, а до крајот на јуни планираме целосна покриеност на Македонија. Бројот на базни станици до крајот на годинава очекуваме да достигне 100, а овој број планираме двојно да го зголемиме во текот на идната година - истакна Цветковски.

Оваа технологија, бидејќи се базира на базни станици, овозможува достапност и на места каде што не можат да се постават кабли. Сигналот на базната станица покрива радиус од 15 километри, што дава голема предност во споредба со постоечкиот ADSL на Телеком, бидејќи не е врзан со фиксна телефонска линија. Од друга страна, преносот на податоци со оваа технологија е до 30 пати поголем од GPRS технологијата на мобилната телефонија и до 10 пати побрза од 3G технологијата што наскоро треба да се појави на пазарот.

Директорката за маркетинг, Билјана Трајковска, вели дека корисникот ќе може да избере дали да ги има двете услуги или поединечно - само фиксна телефонија или само интернет. Освен што во сопствената мрежа ќе нудат фиксна телефонија за своите корисници, кои ќе имаат нумерички број на Некском, претплатниците ќе можат да се јавуваат и на броеви на Македонски телекомуникации, кон трите мобилни мрежи и за меѓународни разговори. Од Некском велат дека преговараат со мобилните оператори за склучување на интерконекциски договор, а таков веќе имаат од минатата година потпишано и со Телеком. Од оваа компанија се надеваат дека досегашните високопрофесионални односи што ги имаат со сите интерконекциски партнери ќе продолжат и откако ќе почнат со воведување на WiMAX услугите. Досега оваа компанија беше позната со нудење на услугата 1001 која на граѓаните им овозможува избор на оператор за меѓународни разговори.

Извор: (18.1.08). Од април поевтина фиксна телефонија и интернет. Вечер.

Дневник: „Некском“ во април ќе понуди безжичен интернет и телефон

Вајмакс-операторот „Некском“ во април ќе почне да им нуди на граѓаните безжичен интернет и фиксна телефонија по цени пониски од сегашните, изјави Тодор Цветковски, генерален менаџер на фирмата. Фирмата наскоро ќе почне со пробна работа, а нејзините услуги ќе ги користат неколку фирми во скопската населба Аеродром.

Во тест-периодот ќе се поставуваат базни станици во другите делови на Скопје и во Битола, Штип, Струмица и во Тетово. Се планира до крајот на јуни земјава да биде целосно покриена. Оваа година треба да се постават 100 базни станици, а во наредната бројот ќе се удвои. Со ова „Некском“ ја исполнува обврската да почне да работа шест месеци откако ја доби лиценцата за работа од Агенцијата за електронски комуникации.

- Ќе понудиме фиксен телефон и интернет без кабли. Ако корисникот има лаптоп, ќе може да се приклучи на интернет или да зборува ако е на плажа, на планина или во автомобил. Во домовите и во фирмите ќе биде потребен мал модем, кој прима безжичен сигнал, на кој ќе се приклучуваат телефонот и компјутерот. Се користи телефонски апарат каков што секој има во својот дом. Ќе може да се избираат броеви во нашата мрежа, кон фиксната на „Македонски телекомуникации“ и кон мобилни и фиксни броеви во странство. Во завршна фаза се преговорите за договори за интерконекција со мобилните оператори - вели Билјана Трајковска, маркетинг-менаџер.

„Некском“ ќе им понуди неколку пакети со услуги на корисниците, кои ќе може да избираат дали ќе ги користат двете услуги или поединечно само телефонија или само интернет.

- Домашните корисници ќе добијат брзина на пренос на податоци до четири мегабити во секунда, а за деловните корисници до 150 мегабити во секунда - вели Борче Илиоски, проект-менаџер.

„Некском“ е сопственост на американскиот телекомуникациски оператор „Некском телекомуникејшн“. Фирмата е присутна на македонскиот пазар од октомври 2005 година, кога почна да нуди услуги за поевтини меѓународни разговори врз база на ВоИП. „Некском“ има интерконекциски договор со „Македонски телекомуникации“ и нуди меѓуградски и меѓународни разговори по пониски цени со користење на кодот за предизбор на оператор 1001.

Извор: М.Б. (18.1.08). „Некском“ во април ќе понуди безжичен интернет и телефон. Дневник.

среда, 16 јануари 2008

Нова Македонија: Петрос Лефковиц нов главен извршен директор на “Космофон“

Петрос Лефковиц е новиот Главен извршен директор на мобилниот оператор “Космофон“, соопштија од компанијта. Стефанос Октаподас, кој досега ја изршуваше оваа функција во “Космофон“ и во мобилниот оператор АМЦ - член на ЦОСМОТЕ во Албанија, продолжува со своите работни обврски во АМЦ, а и понатаму ќе биде член на Бордот на директори на ЦОСМОФОН. Како што информираат од “Космофон“, Петрос Лефковиц ја започнал својата кариера во Цоца Цола Гроуп 3Е УК. Подоцна, ја вршел функцијата Менаџер на Групацијата за производи во Рецкитт &“38; Цолман, а бил и Директор на Одделот за мобилно работење во Групацијата “Германос“. Во август 2002 бил назначен за Главен извршен директор на Самсунг Елецтроницс во Грција. Лефковиц дипломирал Деловна администрација и маркетинг на Универзитетот во Ланкашир, Велика Британија, а магистрирал Деловна администрација на универзитетот во Брадфорд. Има 48 години, оженет, со 3 деца.

Извор: Нетпрес. (
16.01.2008). Петрос Лефковиц нов главен извршен директор на “Космофон“. Нова Македонија.

недела, 13 јануари 2008

Нова Македонија: Само Т-мобиле и Космофон со понуди за 3Г-технологија

Мобилните оператори “Т-мобиле“ и “Космофон“ се единствените компании кои се јавија на тендерот за добивање фрекфенција за користење на јавни комуникациски мрежи и услуги од третата генерација -3Г технологија. На вчерашното отворање на нивните понуди, Комисијата за спроведување на тендерот, предводена од Миле Велјанов, утврди дека и двете компании ја имаат доставено целата потребна документација.
Комисијата по разгледување на понудите, најдоцна до 17 јануари треба да достави предлог за најповолен понудувач до комисијата при Агенцијата за електронски комуникации, а таа пак до 25 јануари официјално треба да излезе со одлука за победникот на тендерот.
АЕК доделува една фрекфенција за 3Г технологијата за користење во рок од 10 години. Првичниот надоместок за давање одобрение за фрекфенцијата е 10 милиони евра.
Брзиот интернет, трансферот на податоци со поголема брзина, пристап до мултимедијални содржини, видеотелефонијата и телевизијата се дел од услугите што ги нуди оваа технологија.
Експертите велат дека 3Г технологијата не е услуга за пошироката популација, поради скапите телефони и скапите цени што ги нуди.

Извор: (13.1.2008). Само Т-мобиле и Космофон со понуди за 3Г-технологија. Нова Македонија.

сабота, 12 јануари 2008

Вечер: Т-Мобиле и Космофон се тркаат за 3-Г

Само Т-Мобиле или Космофон доставија понуди на тендерот за 3Г технологија. Кој ќе ја нуди оваа услуга, Агенцијата за електронски комуникации ќе соопшти за две недели. Во присуство на претставници од два мобилни оператори, претседателот на комисијата, Миле Вељанов констатираше дека понудите на компаниите се комплетни без да бидат обелодените детали. Тендерската комисија треба да ги разгледа понудите и најдоцна до 17 јануари да направи ранг листа. Потоа, Комисијата на АЕК до 25 јануари ќе одлучи на кого ќе му ја даде радиофреквенцијата за 3-Г.

Клучен услов кој од двете компании ќе биде избран е да понуди пониски цени за граѓаните, а истовремено и прифатливи големопродажни цени за други оператори што ќе сакаат да нудат 3-Г. Тоа беше и намерата на Владата кога се одлучи да биде доделена само една фреквенција, односно избраниот оператор за 3-Г да даде понуда што ќе овозможи конкуренција и развој на пазарот.
Вториот клучен услов е цената што ќе ја понудат операторите за десетгодишно користење на радиофреквенцијата. Минималниот еднократен надоместок што го утврдија Владата и АЕК изнесува 10 милиони евра.

Од Т-Мобиле и од Космофон велат дека се подготвени за исполнување на тендерските рокови за да ја воведат 3-Г технологијата. Од избраниот оператор се бара во рок од шест месеци од добивањето на одобрението за работа да почне со нудење на услугата и во првата година да покрие 50 проценти од територијата на РМ, а целосно за две години.

Мобилните системи од третата генерација обезбедуваат бежичен пристап до глобалната телекомуникациска инфраструктура, односно широк спектар на интегрирани услуги како што се говор, податоци, слики и видео. За да може да комуницираат меѓу себе преку видео повик, лицата треба да имаат телефонски апарати што се опремени со две камери, чија цена во моментов е од 100 до 1.000 евра.

Извор: С.Бл. (12.1.2008). Т-Мобиле и Космофон се тркаат за 3-Г. Вечер.

„Т-мобиле“ и „Космофон“ конкурираат за видеотелефонија

Мобилните оператори „Т-мобиле“ и „Космофон“ доставија понуди на огласот за една дозвола за користење радиофреквенција за 3Г-технологија, која овозможува многу брз пренос на слика, говор, интернет и видеоматеријали преку мобилни телефони. Комисијата за спроведување на огласот вчера ги отвори понудите, а во рок од седум дена треба да достави извештај и предлог до Агенцијата за електронски комуникации за најповолен понудувач. До 25 јануари ќе се знае кој од двата оператора ќе добие одобрение за користење на радиофреквенцијата.

Третата генерација мобилна телефонија ќе стане достапна годинава. Идниот оператор треба да почне да работи во рок од шест месеци отако ќе ја добие дозволата, а во следните шест услугата треба да ја донесе до 50 отсто од населението. Тој има обврска за три години да покрие со мрежа 80 отсто од населението.

Според условите на огласот, при бодувањето на понудите најважна ќе биде цената по која ќе им се нуди услугата на други оператори, а потоа цената за корисниците. Најнискиот почетен износ на еднократниот надомест е 10 милиони евра. Одобрението за користење на радиофреквенцијата се издава за 10 години со право важноста да му се продолжи.

За да може граѓаните да ги користат благодатите на третата генерација мобилна телефонија, односно да остваруваат видеоповик, мора да имаат телефони што се опремени со две камери. И, секако, да бидат подготвени да ја платат цената за оваа услуга, која е повеќе од десетпати поскапа од обичен повик преку мобилен телефон.

Одлуката на Владата да додели само една радиофреквенција предизвика спротиставени мислења во стручната јавност. Според едни, за мал пазар како нашиот е доволна една дозвола, а според други, на овој начин се внесува монопол во овој сегмент од мобилната телефонија.

- Анализите покажуваат дека ако се доделат повеќе радиофреквенции, подолго ќе се градат 3Г-мрежите, а со тоа ќе се забави комерцијалниот почеток на услугата. За да не се случи операторот што ќе ја добие дозволата за 3Г да биде монопол на пазарот, компанијата што ќе победи на огласот има обврска во рок од шест месеци откако ќе почне да работи да им ја понуди оваа услуга и на другите мобилни оператори на пазарот - вели Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Извор: Марјан Блажевски. (12.1.08). „Т-мобиле“ и „Космофон“ конкурираат за видеотелефонија. Дневник

среда, 9 јануари 2008

Утрински: Одбележан Европскиот ден за заштита на личните податоци

Дирекцијата за заштита на личните податоци вчера организираше отворен ден за сите граѓани кои сакаат непосредно да се запознаат со нејзината работа и со принципите во остварувањето на контролата на приватноста. Со тоа, Дирекцијата ќе се вклучи во одбележувањето на Европскиот ден на заштита на личните податоци - 28 Јануари и ќе ја презентира брошурата „Ти одлучуваш!“.

Во 2007 година биле поднесени над 40 претставки од граѓани, а Дирекцијата реагирала и на анонимни пријави. Во процедура се и измени на Законот за заштита на личните податоци, а меѓу нив клучни се воведувањето инспекциски надзор. Казните за прекршување на личните податоци се меѓу 40.000 и 50.000 денари за физички субјекти и над 200.000 денари за правни субјекти.

Извор: МИА. (9.1.08). Одбележан Европскиот ден за заштита на личните податоци . Утрински Весник.

вторник, 8 јануари 2008

Дневник: Интернетот и фиксната телефонија ќе поевтинат

Цените на интернетот и на фиксната телефонија ќе се преполоват кога од идниот месец ќе проработат вајмакс-операторите за безжични електронски комуникации, посочуваат експертите. Преку оваа услуга се овозможува користење интернет со голем капацитет и брзина, како и пренос на податоци, говор, звук и слика без да се користат мрежата и ресурсите на „Македонски телекомуникации“.- Со оглед дека вајмакс услугата е независна од телекомот, односно од цените што тој ги диктира со интерконекциските договори, реално е да се очекува дека новите оператори ќе понудат пониски цени. Особено за разговори од еден на друг телефонски број во рамките на мрежата. Со тоа ќе се добие и вистинска конкуренција за Македонски телекомуникации - велат во Министерството за транспорт и врски.

До крајот на месецов истекува рокот во кој двата идни национални вајмакс-оператори, грчки „Космотелко“ и американската „Некском“ треба да почнат со работа. Во спротивно, како што најавуваат од Агенцијата за електронски комуникации, концесиите ќе им бидат одземени. Двете компании при потпишувањето на договорот за добивање радиофреквенција најавија дека ќе ги запазат роковите дадени со јавниот повик да почнат со работа за шест месеци. Тие најавија и значителни инвестиции - „Некском“ од 10 милиони евра, а „Космотелко“ 500 милиони.

„Вајмакс“ или безжичен фиксен пристап е технологија која е широко распространета не само во европските земји туку и во регионов. Се очекува оваа технологија првпат вистински да ја разниша доминантната позиција на Македонски телекомуникации бидејќи независно од нивната мрежа ќе овозможува брз интернет и фиксна телефонија.

Вајмакс-радиофреквенциите се пренесуваат преку базни станици како кај мобилната телефонија. Но тие имаат многу поголем проток на сообраќај. Со оваа технологија веќе нема потреба од поставување кабли, како кај класичната фиксна телефонија, па во светот таа се користи за поврзување на тешкопристапни терени.

Затоа се очекува дека вајмакс-операторите ќе бидат главните конкуренти на Македонски телекомуникации. Другите фирми што во моментот нудат услуги во фиксната телефонија не можат да му конкурираат на телекомот бидејќи му плаќаат висока цена за интерконекција. Тие нудат главно меѓународни разговори. „Актон комуникации“ користи интернет-телефонија за меѓународни разговори, но услугата ја нуди само на фирми. Поевтини меѓународни разговори нудат и „Он нет“ со услугата „1010“ и „Некском“ со користење на кодот за избор на оператор 1001.

Извор: Марјан Блажевски. (8.1.08). Интернетот и фиксната телефонија ќе поевтинат. Дневник.

петок, 4 јануари 2008

Вест: Бесплатен софтвер за докторите во примарна здравствена заштита

Лекарската комора на Македонија обезбеди бесплатен софтвер за сите доктори во примарната здравствена заштита.
Програмата ќе овозможи унифицирање на работењето на приватните здравствени организации во примарната здравствена заштита. Со договорот ќе се обезбеди и бесплатно сервисирање и оддржување на софтверот за тековната 2008 година.
Претседателот на Лекарската комора Алексеј Дума најави дека можна е финансиска поддршка за софтверот и во следната година, бидејќи Комората ги откупила авторските права за оваа апликација, а неговото одржување се очекува да биде поекономично.

Извор: (04.01.2008). Бесплатен софтвер за докторите во примарната здравствена заштита. Вест.

Вест: Половина Македонија не гледа А1

Од Телекабел велат дека иако А1 е комерцијална телевизија, која емитува и наплаќа реклами, бара од кабелските оператори да и плаќаат надомест за да ја реемитуваат со што гледачите што ја следат програмата преку кабелските мрежи ќе бидат обесправени.
Жителите во Битола, Штип, Свети Николе, како и во скопските населби Аеродром, Ченто, Сингелиќ, Нерези, Карпош, Лисиче, Центар, Капиштец, Тафталиџе и Водно веќе втора недела не гледаат А1 преку мрежите на кабелските оператори Телекабел, Теленет, Имиџ, Моби, Сити и Роби. Шесте сестрински фирми прекинаа да ја реемитуваат програмата на националната телевизија зашто со телевизијата не можат да постигнат договор за условите за реемитување. Според кабелските оператори, А1 телевизија бара од нив да плаќаат надомест за реемитувањето на нивната програма, со што гледачите што ја следат националната телевизија преку кабелските мрежи ќе бидат обесправени наспроти оние што А1 ја гледаат преку антена.
Од Телекабел објаснуваат дека А1 е комерцијална телевизија, која емитува и наплаќа реклами, а бара и од кабелските оператори да и плаќаат надоместок за да ја реемитуваат. И во соопштението на Интернет страниците на кабелските оператори се вели дека седумгодишните проблеми со А1 почнале кога телевизијата пројавила апетит за собирање претплата за нивната програма преку кабелските телевизии.
Според Зоран Илиев од Телекабел, шесте сестрински оператори со останатите национални телевизии имаат потпишано договор за реемитување, а сите преговори за А1 наместо со телевизијата се прават со Виктор Грозданов од АПЕММ. "Непосредно пред Нова година беше кажано дека е постигнат договор, но тоа не се случи. Преку Советот за радиодифузија извршија притисок врз помалите оператори да го пуштат А1 без да биде склучен договор со ветување дека после празниците ќе ги кажат нивните услови и ќе се преговара за склучување договор за реемитување. Ние не можевме да прифатиме таков услов затоа што тоа е одложување на проблемот, а не решавање. Постојано вршат притисок во надлежните институции да ни праќаат инспекции кои ни бараат договор за реемитување со А1 телевизија", вели Илиев.
Според Дарко Перушевски од А1, барањето за наплата на надомест е само дел од проблемите кои се отвориле во преговорите со кабелските оператори. Копјата се кршеле и околу почитувањето на законската регулатива, како што е почитувањето на законското ограничување да се реемитуваат странски канали со српски, хрватски и бугарски превод.
"Изминативе десетина дена се јавуваат револтирани гледачи на А1 на кои им објаснуваме дека постојат алтернативни начини да ја следат нашата програма. Во Скопје, Штип, Свети Николе и Битола имаме добро покривање со сигналот и гледачите во некои делови можат да користат и собни антени, не мора да ги монтираат на покривите. Исто така, можат да се префрлат на друг кабелски оператор, кој ја реемитува програмата на А1", објаснува Дарко Перушески. Нема најави ниту од А1 ниту од кабелските оператори кога може да се очекува разрешување на проблемот.

Извор: Т. Јовановска (04.01.2008). Половина Македонија не гледа А1.Вест.

четврток, 3 јануари 2008

Вечер: Испратени три милиони СМС-пораки

Македонските граѓани за испраќање новогодишни честитки по мобилен телефон, само во првите часови по стапувањето на Новата година потрошиле околу 230.000 евра. Оваа сума сигурно е двојно поголема, со оглед дека со ист интензитет СМС-пораки биле испраќани во текот на целиот ден.

Корисниците на трите мобилни мрежи испратиле над 2,8 милиони СМС-пораки со честитики, како и во првите часови од 2008 година. Од операторот Т-Мобиле Македонија од полноќ до 24 часот на 1 јануари евидентирале околу 3,6 милиони испратени СМС-пораки.
Од Т-Мобиле велат дека пред и по полноќ на Нова година, телефонскиот сообраќај бил зголемен за 50 проценти од вообичаено. Блокирање на мрежата, кога не можело да се воспостави врска имало до 1 часот по полноќ.

- Од почеток на нашето работење, за прв пат мрежата на Т-Мобиле опслужи најмногу корисници без да се почувствува големо оптоварување - велат од Т-Мобиле.

Според податоците од Космофон, корисниците од полноќ до 15 часот на првиот ден годинава испратиле околу 580.000 СМС-пораки. Од овој оператор велат дека немало прекини во телефонскиот сообраќај, ниту поплаки од корисниците.

- Сите пораки што беа испратени од нашите корисници пристигнаа таму каде беа наменети - истакнуваат од Космофон.
Од мрежата на ВИП оператор, кој почна со работа пред три и пол месеци, биле пратени над 250.000 СМС пораки.

Извор: С.Бл. (3.1.08). Испратени три милиони СМС-пораки. Вечер.

Дневник: Испратени 4,4 милиони СМС-пораки за Нова година

Околу 4,4 милиони СМС-пораки со желби за здравје, среќа и љубов испратиле граѓаните на преминот од старата во новата година. По слободна пресметка, тие потрошиле околу 360.000 евра. Во мобилниот оператор „Т-мобиле“ велат дека околу еден милион нивни корисници испратиле 3,6 милион СМС-пораки на 1 јануари. Тоа е зголемување за 50 отсто во однос на телефонскиот сообраќај во другите денови. Претплатниците на „Космофон“ испратиле 580.000 пораки до 15 часот на првиот ден од новата година. Од „Вип“ информираат дека во нивната мрежа се испратени над 250.000 СМС-честитки. Операторите во новогодишниот шпиц не регистрирале поголеми проблеми во мобилниот телефонски сообраќај иако мрежите работеле со полн капацитет. Некои од нив ги намалија можностите за дополнителни услуги за да ја ослободат мрежата за поголем и побрз проток.

Покрај мобилните оператори, дочекот на Новата година им ја наполни касата и на трговците, кафеанџиите, но и на туристичките агенции. Во деновите од викендот и на 31 декември прометот во трговските центри, маркетите, кафулињата и во рестораните бил зголемен два-три пати.

- Раздвижувањето годинава пред Нова година беше навистина големо. Прославата на 31 почна уште во текот на денот, па имавме проблеми со некои од гостите кога ќе им кажевме дека мора да го напуштат кафулето зашто требаше да се подготвиме за вечерната прослава - велат во едно од познатите скопски кафулиња.

Мал број скопски ресторани работеа во текот на денот на 31 декември. Тие беа главно сконцентрирани на вечерната прослава, за која цените се движеа од 1.800 до 7.000 денари во рестораните специјализирани за мексиканска, кубанска, јапонска и за кинеска храна.

Во големите маркети велат дека имале многу муштерии, но прометот не сакаа да го кажат. Според нивните пресметки, граѓаните трошеле три пати повеќе отколку во другите денови. Но, трговците посочуваат дека не може да го споредат прометот со ланските новогодишни празници бидејќи цените на основните животни продукти годинава се зголемени за 20-30 отсто.

Проблеми со шопинг, подготовка на новогодишната трпеза и со дотерување за новогодишната ноќ немаат граѓаните што ја дочекаа 2008 во странство. Според податоците од Граничната полиција, кон соседните земји заминале околу 15.000 патници.

- Кон Грција заминаа околу 9.000 патници, главно со крајна дестинација Солун или Халкидики. Македонско-српската граница ја поминаа околу 7.000 лица, а поголем дел од нив отидоа на планински места, со намера да ги спојат Нова година и Божик - изјавија во Граничната полиција.

Интересот за дочек на Нова година во Бугарија бил помал тколку лани, веројатно, поради визниот режим. Во оваа соседна земја заминале само 2.000 граѓани, колку што отпатувале и во Албанија. Преку скопскиот аеродром „Александар Велики“ земјава на 30 и на 31 декември ја напуштиле околу 2.000 граѓани, колку што е и капацитетот на воздушното пристаниште.

Извор: Валентина Ангеловска, Марјан Блажевски. (3.1.08). Испратени 4,4 милиони СМС-пораки за Нова година. Дневник.