четврток, 3 јануари 2008

Дневник: Испратени 4,4 милиони СМС-пораки за Нова година

Околу 4,4 милиони СМС-пораки со желби за здравје, среќа и љубов испратиле граѓаните на преминот од старата во новата година. По слободна пресметка, тие потрошиле околу 360.000 евра. Во мобилниот оператор „Т-мобиле“ велат дека околу еден милион нивни корисници испратиле 3,6 милион СМС-пораки на 1 јануари. Тоа е зголемување за 50 отсто во однос на телефонскиот сообраќај во другите денови. Претплатниците на „Космофон“ испратиле 580.000 пораки до 15 часот на првиот ден од новата година. Од „Вип“ информираат дека во нивната мрежа се испратени над 250.000 СМС-честитки. Операторите во новогодишниот шпиц не регистрирале поголеми проблеми во мобилниот телефонски сообраќај иако мрежите работеле со полн капацитет. Некои од нив ги намалија можностите за дополнителни услуги за да ја ослободат мрежата за поголем и побрз проток.

Покрај мобилните оператори, дочекот на Новата година им ја наполни касата и на трговците, кафеанџиите, но и на туристичките агенции. Во деновите од викендот и на 31 декември прометот во трговските центри, маркетите, кафулињата и во рестораните бил зголемен два-три пати.

- Раздвижувањето годинава пред Нова година беше навистина големо. Прославата на 31 почна уште во текот на денот, па имавме проблеми со некои од гостите кога ќе им кажевме дека мора да го напуштат кафулето зашто требаше да се подготвиме за вечерната прослава - велат во едно од познатите скопски кафулиња.

Мал број скопски ресторани работеа во текот на денот на 31 декември. Тие беа главно сконцентрирани на вечерната прослава, за која цените се движеа од 1.800 до 7.000 денари во рестораните специјализирани за мексиканска, кубанска, јапонска и за кинеска храна.

Во големите маркети велат дека имале многу муштерии, но прометот не сакаа да го кажат. Според нивните пресметки, граѓаните трошеле три пати повеќе отколку во другите денови. Но, трговците посочуваат дека не може да го споредат прометот со ланските новогодишни празници бидејќи цените на основните животни продукти годинава се зголемени за 20-30 отсто.

Проблеми со шопинг, подготовка на новогодишната трпеза и со дотерување за новогодишната ноќ немаат граѓаните што ја дочекаа 2008 во странство. Според податоците од Граничната полиција, кон соседните земји заминале околу 15.000 патници.

- Кон Грција заминаа околу 9.000 патници, главно со крајна дестинација Солун или Халкидики. Македонско-српската граница ја поминаа околу 7.000 лица, а поголем дел од нив отидоа на планински места, со намера да ги спојат Нова година и Божик - изјавија во Граничната полиција.

Интересот за дочек на Нова година во Бугарија бил помал тколку лани, веројатно, поради визниот режим. Во оваа соседна земја заминале само 2.000 граѓани, колку што отпатувале и во Албанија. Преку скопскиот аеродром „Александар Велики“ земјава на 30 и на 31 декември ја напуштиле околу 2.000 граѓани, колку што е и капацитетот на воздушното пристаниште.

Извор: Валентина Ангеловска, Марјан Блажевски. (3.1.08). Испратени 4,4 милиони СМС-пораки за Нова година. Дневник.

Нема коментари: