понеделник, 21 јануари 2008

Вечер: Македонското АЛО меѓу најевтините во регионот

Македонија се приближи до земјите од регионот со најевтини телефонски разговори преку мобилна мрежа. По влегувањето на македонскиот пазар на третиот мобилен оператор - ВИП, не само што се зголеми конкуренцијата и се подигна квалитетот, туку дојде до значително намалување на цените на телефонските разговори. Новите тарифи што сега ги нудат трите македонски оператори се значително пониски од некои земји во регионот. Операторите велат дека при формирањето на цените се водат од условите на пазарот и навиките на корисниците, но и за стандардот на граѓаните.

Анализата што ја направивме на мобилните пазари на сите поранешни југословенски републики (без Словенија), како и Грција, Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија, впрочем во сите овие земји каде се присутни сопствениците на трите мобилни оператори во Македонија, покажа дека мобилната телефонија е еден од најдобрите примери како конкуренцијата може да влијае на цените на услугите. Според анализата, во Србија, Хрватска и Австрија имаат најниски при-пејд тарифи, додека Бугарите и Романците зборуваат најскапо во при-пејд. Македонија се наоѓа во средина со просечни телефонски разговори во при-пејд од 0,12 евра (7,3 денари) во својата мрежа и 0,15 евра (9,2 денари) кон другите оператори и кон фискната телефонија.

Во пост-пејд, Македонците разговараат уште поевтино. Најниската месечна претплата изнесува 250 денари, а една минута разговор во сопствената мрежа е околу 0,11 евра (6,75 денари/дење) и 0,05 евра (3 денари/ноќе). Најевтини пост-пејд разговори имаат Грците и Хрватите, а иста цена со нас имаат корисниците во Србија, БиХ и Црна Гора. Сепак, ние имаме предност бидејќи користиме и евтина ноќна тарифа, а имаме и иста цена на разговорите и кон другите мрежи во мобилната телефонија.

Иако цените на телефонските услуги на овие пазари секојдневно се намалуваат, експертите велат дека мобилната телефонија може да биде уште поевтина бидејќи има простор за давање на услуги по поволни цени. Ова поради фактот што мобилните оператори под притисок на конкуренцијата се присилени да ги намалат сопствените трошоци и на корисниците да им понудат нови содржини како Интернет, аудиовизуелни содржини и разни пакети на услуги по пониски цени. Оттука и фактот што цените во рамките на сопствената мрежа на мобилните оператори, како и на националните разговори забележуваат значително намалување.

Меѓународната компанија ИДЦ пред две години прогнозираше дека до 2010 година во Македонија ќе има најголем пораст на бројот на корисници на мобилна телефонија. Според податоците на мобилните оператори, во Македонија во моментов има околу 1,9 милиони претплатници и нешто над два милиони жители. За споредба, во соседна Србија која има 9 милиони жители, регистрирани се околу 8 милиони претплатници. Според студијата на ИДЦ, на крајот на 2008 година во регионот ќе има 14 милиони корисници, пенетрацијата ќе се зголеми на 69 проценти, а вкупната вредност на услугите во мобилната телефонија ќе надмине две милијарди долари.

Извор: (21.1.08). Македонското АЛО меѓу најевтините во регионот. Вечер.

Нема коментари: