петок, 25 јануари 2008

Дневник: Владата ќе отвори универзитет за информатика

Според најавите, универзитетот ќе проработи во 2009 или во 2010 година. Половина од наставниот кадар на новата, петта државна високообразовна институција, ќе го сочинуваат професори од реномираните универзитети во Европа и во САД. Другите ќе бидат домашни експерти од информатичките области. На факултетите во состав на универзитетот ќе се изучуваат области од информатичката техника и технологија, како и од менаџментот.

На владината иницијатива за отворање на универзитетот веќе работи иницијативен одбор составен од стручни лица од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Природно-математичкиот факултет, како и претставници на Владата. Стручниот тим треба да ги прецизира деталите и финансиската конструкција.

- Идејата е да создадеме универзитет што ќе дава врвни кадри од областа на информатичката технологија. Се работи за инвестиција од неколку милиони евра, чии резултати ќе бидат видливи за петнаесетина години. Со наставата на англиски јазик сакаме на студентите да им овозможиме веднаш да бидат конкурентни на пазарот на трудот, а на странските компании да им дадеме сигнал дека имаме подготвен кадар - изјави Боцевски.

Тој истакна дека постојните државни факултети на кои се изучува оваа проблематика нема да бидат загрозени од новиот универзитет.

- Напротив, ќе се вложува и во нивниот понатамошен развој. Мотивот за основање на универзитетот е да се зголеми конкуренцијата меѓу постојните. На пазарот има недостиг од информатичари, што значи дека имаме широко поле за развој, кое мора да го искористиме. Универзитетот ќе се гради во партнерство со врвни странски институции од оваа сфера, поради што дипломите во другите земји ќе се нострифицираат многу лесно - рече Боцевски.

Извор: Д.Т. (25.1.08). Владата ќе отвори универзитет за информатика. Дневник

Нема коментари: