понеделник, 28 јануари 2008

Дневник: Граѓаните не знаат да си ја заштитат приватноста

Кој располага со личните податоци на граѓаните и дали некој ги злоупотребува, секој ќе може да дознае откако ќе профункционира Централниот регистар при Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Таа денеска ќе биде отворена за сите што сакаат да се информираат за своите права. Повод е Европскиот ден на заштитата на личните податоци, Дирекцијата ги повика сите фирми, органи и институции од приватниот и од јавниот сектор своите лични податоци да ги пријават во Регистарот.

- На тој начин граѓанинот ќе може да провери кој и какви податоци има за него и ако смета дека му е повредено правото на заштита, ќе може да реагира - рече директорката на Дирекцијата, Маријана Марушиќ.

Иако Конвенцијата за заштита на личните податоци е отворена за потпис, 70 отсто од граѓаните на земјите од ЕУ не ги знаат своите права на приватност. Кај нас овој Закон е во сила околу една година.

- Годинава ќе се фокусираме на младите бидејќи се' почесто имаме пријави од граѓаните за повреди на правото на заштита на личните податоци преку интернет. Младите најчесто го користат, но не внимаваат какви податоци даваат за себе, за семејството и за пријателите - рече Марушиќ.

Таа информира дека во собраниска процедура се и измените на законот, кои ќе ја зголемат независноста на Дирекцијата и се воведуваат инспекциски служби, кои ќе вршат контроли кај сите што имаат податоци на граѓаните. Во Дирекцијата ќе се формира прекршочна комисија, која ќе утврдува дали некој неовластено открил нечии лични податоци и ќе може да изрекува казни од 40.000 до 500.000 денари.

Во Законот има посебна одредба за видеонадзорот. Секаде каде што има камери ќе мора да има и известување за нив и за тоа кој ги поставил, а ќе се знае и колку долго ќе се чуваат снимките.

Марушиќ вели дека досега не биле откриени злоупотреби на податоците, туку непознавање на Законот и на принципите за нивна заштита. Пример за тоа е објавувањето на податоците и на сметките на земјоделците што добиле државни субвенции на веб-страницата на Министерството за земјоделство. Тие биле тргнати веднаш по известувањето од Дирекцијата. Биле откриени и неколку случаи на користени податоци на граѓани што ги загубиле или на кои им биле украдени личните карти. Со тие податоци некои склучиле претплатнички договор со мобилни оператори, а телефонските броеви ги користеле за криминални активности.

Извор: Натали Н. Сотировска. (28.1.08). Граѓаните не знаат да си ја заштитат приватноста. Дневник.

Нема коментари: