петок, 18 јануари 2008

Вечер: Од април поевтина фиксна телефонија и интернет

Компанијата Некском, која ја доби националната WiMAX лиценца, ќе понуди многу пониски цени во фиксната телефонија и во интернетот од оние на Македонски телекомуникации, откако од април годинава компанијата ќе почне со комерцијална работа во земјава. До тогаш Некском, ќе го тестира функционирањето на првите базни станици што ги поставува во скопската населба Аеродром. Генералниот директор на Некском Македонија, Тодор Цветковски вели дека ќе биде запазен рокот зададен од Агенцијата за електронски комуникации за почеток на работа во рок од шест месеци.

- По овој тест период, ќе продолжиме со поставување на базни станици на територијата на Скопје, а паралелно ќе ја градиме и мрежата во другите градови, пред се во Битола, Штип, Струмица и Тетово, а до крајот на јуни планираме целосна покриеност на Македонија. Бројот на базни станици до крајот на годинава очекуваме да достигне 100, а овој број планираме двојно да го зголемиме во текот на идната година - истакна Цветковски.

Оваа технологија, бидејќи се базира на базни станици, овозможува достапност и на места каде што не можат да се постават кабли. Сигналот на базната станица покрива радиус од 15 километри, што дава голема предност во споредба со постоечкиот ADSL на Телеком, бидејќи не е врзан со фиксна телефонска линија. Од друга страна, преносот на податоци со оваа технологија е до 30 пати поголем од GPRS технологијата на мобилната телефонија и до 10 пати побрза од 3G технологијата што наскоро треба да се појави на пазарот.

Директорката за маркетинг, Билјана Трајковска, вели дека корисникот ќе може да избере дали да ги има двете услуги или поединечно - само фиксна телефонија или само интернет. Освен што во сопствената мрежа ќе нудат фиксна телефонија за своите корисници, кои ќе имаат нумерички број на Некском, претплатниците ќе можат да се јавуваат и на броеви на Македонски телекомуникации, кон трите мобилни мрежи и за меѓународни разговори. Од Некском велат дека преговараат со мобилните оператори за склучување на интерконекциски договор, а таков веќе имаат од минатата година потпишано и со Телеком. Од оваа компанија се надеваат дека досегашните високопрофесионални односи што ги имаат со сите интерконекциски партнери ќе продолжат и откако ќе почнат со воведување на WiMAX услугите. Досега оваа компанија беше позната со нудење на услугата 1001 која на граѓаните им овозможува избор на оператор за меѓународни разговори.

Извор: (18.1.08). Од април поевтина фиксна телефонија и интернет. Вечер.

Нема коментари: