вторник, 29 јануари 2008

Вечер: Внимавајте и банкарите злоупотребуваат

Кога Владимир Л. од Скопје зел кредит од една реномирана банка за реновирање на станот, не бил свесен на каков срам и тортура ќе биде изложен. Секој месец неколку дена пред крајниот рок за уплата му се јавувала вработена во банката за да го потсети дека доколку задоцни ќе му биде пресметана камата. Кулминацијата се случила минатиот месец кога Владимир отпатувал на службено патување, па бидејќи го исклучил мобилниот телефон, чиновничката не се двоумела да се јави во фирмата и да го потсети преку неговите колеги. Свртиле и на неговиот домашен телефон, па за рокот и ратата ја известиле неговата мајка.

Овој случај е само еден од илјадниците повреди на правото на лични податоци кои според Дирекцијата за заштита на личните податоци се случуваат секојдневно и во сите сфери на работењето а остануваат неказнети.

- Не би имало никаков проблем доколку му се јавуваат лично на лицето кое е должник и тоа само на телефонот којшто е оставен за контакт во апликацијата за кредит и во договорот. Но, честопати се злоупотребува делот од апликацијата каде се доставува потврда од работодавачот и работното место. Тоа според Законот за лични податоци се казнува со парична казна до 50.000 денари за физички и над 200.000 денари за правни субјекти-информира директорката на Дирекцијата Маријана Марушиќ. Вчера беше организиран Отворен ден за граѓаните кои сакаат непосредно да се запознаат со нејзината работа и со принципите во остварувањето на контролата на приватноста. Идејата е да се поттикне свеста на граѓаните за да знаат кои се нивните права во оваа сфера и да реагираат ако тие се прекршени.

Извор: Елизабета Арсоска. (29.1.2008). Внимавајте и банкарите злоупотребуваат. Вечер.

Нема коментари: