вторник, 31 јули 2007

Утрински: Неизвесна иднината на МРТ

Измените во Законот за радиодифузна дејност со кои се создава можност за ставање под стечај и ликвидирање на Македонската радио-телевизија предизвика паника и конфузија меѓу вработените. Засега останува неизвесно дали јавното претпријатие, по измените во Законот, ќе оди во стечај и дали ќе биде ликвидирано. Од Владата одбиваат да коментираат што ќе се случува со МРТ. Неофицијално, од извори во Собранието, по измените во Законот се планира ликвидирање на јавниот радиодифузен сервис и негово повторно отворање, но овој пат под името Радио-телевизија на Македонија. На работа ќе се примаат оние лица што ќе бидат најнеопходни за работа, а вишокот вработени ќе останат без работно место. Овој т.н. француски модел предизвика реакции меѓу вработените во МТВ. Според дел од вработените кои веќе подолго време се занимаваат со проблемите на јавниот сервис, одлуката е нелогична.

„Одлуката е несоодветна и се коси со Законот за јавни претпријатија. Во тој закон се наведува дека јавно претпријатие не може да стапи во стечај ниту, пак, да биде ликвидирано. Со оглед на тоа, новите измени во Законот за радиодифузија не се основани“, објаснува вработен во МРТВ кој побара да остане анонимен.

Од менаџментот на јавниот сервис не се достапни за коментар. Атмосферата во МРТВ е хаотична. Секој од вработените има своја теорија за тоа што ќе се случува со јавниот сервис во иднина. Едни сметаат дека, иако постои можност, нема да се случи ликвидација. Други, пак, го очекуваат најлошото. Речиси сите од вработените кои не се на годишен одмор одбиваат да даваат официјални изјави. Повеќето од вработените кои заминале на одмор се враќаат за подетални информации околу последните случувања.

Од Советот за радиодифузија изразуваат надеж дека со измените во Законот ќе се овозможи подобра наплата на радиодифузната такса и ќе се стабилизира јавниот сервис.

„Советот за радиодифузија смета дека намалувањето на радиодифузната такса ќе ги стимулира граѓаните да ја извршат обврската, бидејќи сумата го овозможува тоа“, вели претседателот на Советот, Зоран Стефаноски. Во име на Советот, тој изрази надеж дека со новите законски мерки МРТВ, конечно, ќе се стабилизира.

„Се надеваме дека со последните измени на Законот за радиодифузија, Владата со својот план ќе придонесе кон конечно стабилизирање на Македонската радио-телевизија“, додава Стефаноски.

Инаку, пред измените во Законот за радиодифузија, кои по итна постапка беа изгласани во Собранието пред пет дена, во МРТВ во тек беше систематизација. Досега повеќе од 300 вработени беа прогласени за технолошки вишок. Ним им беше обезбеден паричен надомест до пензионирање. Дел од вработените тврдеа дека целокупната систематизација е некоректна, бидејќи менаџментот се ослободувал од вработени кои му се потребни на претпријатието. Последната група што беше прогласена за технолошки вишок броеше 123 вработени кои тврдат дека не биле информирани за одлуката на менаџментот. Во оваа група беа вклучени дописници, новинари и техничари.

Извор:
Александар Пешев. (31.07.2007). Неизвесна иднината на МРТ. Утрински.

Утрински: Пратениците се изборија за надградба на собраниската компјутерска мрежа

Во Собранието ќе се модернизира и надградува компјутерската мрежа за да може без никакви проблеми да се приклучи постојната, но и новата ИТ-опрема во парламентарниот дом. Пратениците од сите парламентарни групи, вчера се обединија и покрај отпорот од Владата изгласаа амандман со кој се бара со ребалансот на Буџетот да се обезбедат 15 милиони денари за надградба на компјутерската мрежа во Собранието, која не може да одговори на сегашните, но и идните потреби на парламентарците. Амандманот, кој беше поднесен од 35 пратеници, првично беше одбиен од Владата, а министерот Трајко Славески тоа го образложи со објаснувањето дека не се потребни пари за надградба на системот, туку тоа може да се стори со користење на отворен систем и ги замоли парламентарците да ја намалат сумата што ја побаруваат од 15 на 5 милиони денари, за да може евентуално да биде прифатен предлогот. Но, откако речиси сите пратеници едногласно истапија дека не е потребно само надградба на зградата на Собранието или изградба на куполи, туку неопходно е и инсталирање и надградба на ИТ-мрежата, министерот Славески се согласи да се прекине расправата и народните избраници го изгласаа амандманот.

Осовременувањето на компјутерскиот систем, според пратениците, е идеална шанса Владата да докаже дека работи на идејата на е-парламент. Надградбата на системот ќе им овозможи на парламентарците поефикасно да работат, затоа што со тек на време ќе може да поддржи инсталирање нови современи компјутери, па и лаптопи. Наместо пратениците да се задушуваат со купишта хартија, ќе можат сите материјали да ги проследуваат на компјутер во своите кабинети.

„Премиерот може да има 45 советници, а ние не можеме да имаме осовременување на компјутерската мрежа“, рече Агрон Буџаку од ДУИ, кој изјави дека пратениците немаат соодветни услови за работа, а постојните компјутери во Собранието ги спореди со „компјутери од времето на султан Ахмед“.

Роза Топузовска од ЛДП истакна дека несфатливо е како може лаптопите да бидат предност за владините министри, правејќи од тоа своевидно шоу пред народот колку тие работат за доброто на граѓаните, а лаптопиите, од друга страна, да бидат хендикеп за пратениците.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ рече дека веќе пет години во Собранието се соочува со неможноста од нормално работење и кога била во опозиција и сега кога припаѓа на парламентарното мнозинство да се најдат закони на Интернет од европските земји и да се споредуваат со нашето законодавство. Токму затоа, таа е прва потпишана на амандманот.

Владата не го прифати вчера амандманот на Весна Јаневска за финансиска поддршка на МИА во висина од 5 милиони денари, но го прифати предлогот за одобрување на 3 милиони денари за изработка на монографија преку која Собранието ќе се претстави на Собранието на парламентите на франкофонијата во септември годинава.

Расправата за ребаланс на Буџетот продолжува. Со предложениот ребаланс, вкупните расходи во Буџетот изнесуваат 117 милијарди и 713 милиони денари, вкупните приходи 114 милијарди и 217 милиони денари, а разликата е три милијарди и 496 милиони денари.

Во централниот Буџет вкупните приходи се проектирани во износ од 79 милијарди и 913 милиони денари со зголемување од пет милијарди и 390 милиони денари, а вкупните расходи 82 милијарди и 404 милиони денари или зголемување за нешто повеќе од пет милијарди денари за 2007 година.

Извор: Верче Георгиевска. (31.7.07). Пратениците се изборија за надградба на собраниската компјутерска мрежа. Утрински Весник.

четврток, 19 јули 2007

Дневник: Две општини со заедничка веб-страница

Заедничка веб-страница ќе изработуваат две општини од Македонија и од Бугарија во рамките на проектот „Културна размена и промоција на културното наследство“. Пограничните општини Пробиштип и Хаџидимово неодамна ги договорија заедничките активности на проектот во кој ќе се вклучи и туристичката агенција „Пирин“ од Бугарија.

- На средбата во Хаџидиомово се договоривме да почнеме со подготовка на податоците, кои ќе бидат внесени на заедничката веб-страница. На неа ќе се најдат сите поважни културни знаменитости што се на подрачјето на двете општини. На 13 и 14 октомври годинава ќе организираме меѓународен етнофестивал - вели Роца Николовска, директорка на Домот на културата од Пробиштип.

Активностите што ќе се реализираат ќе бидат објавени во посебна публикација во која на англиски, македонски и на бугарски јазик ќе биде претставено зачуваното културно наследство.

Проектот, кој ќе се спроведува една година, е вреден 34 илјади евра и ќе се финансира со пари од ФАРЕ-програмата.

Извор: Т.С. (19.7.2007). Две општини со заедничка веб-страница. Дневник.

среда, 4 јули 2007

Дневник: Нема отчет за медиумските попусти за партиите

Антикорупциската комисија не може да донесе конечен став дали и која партија и за колку го пречекорила законскиот лимит за финансирање на изборните кампањи бидејќи медиумите не и' одговориле колкави попусти им дале на партиите за платено политичко рекламирање.Мора да знаеме кој медиум на која партија колку простор, односно време и' дал за платена политичка програма и колкав попуст одобрил. Проблемот е што приватните медиуми немаат законска обврска да ни поднесуваат такви извештаи. Комерцијалните медиуми имаат свој деловен интерес при давањето на бонусите, но државата мора да има контрола врз изборниот процес - изјави Мирјана Димовска, претседателка на антикорупциската комисија.

Таа најави дека Комисијата води постапки против 25 институции, кои не и' одговориле на укажувањата да престанат со изборните вработувања. И покрај писмените ургенции, одговор дали ги запреле вработувањата по објавените огласи не дале Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, охридската болница, Аеродромите во Скопје и во Охрид, Министерството за земјоделство, општините Сопиште и Свети Николе, како и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој вработил 90 луѓе. Владата на 19 јуни и' одговорила на комисијата оти не почнала се' уште со најавените вработувања на 3.000 припадници на заедниците во органите на државната управа, како дел од Акцискиот план за еднаква и правична застапеност на заедниците. Владата се' уште не одговорила дали кампањата „Во каква Македонија сакаш да живееш? - Од тебе зависи“, која почна во времето на изборниот процес, била однапред планирана токму за тој период и дали биле претходно обезбедени пари од буџетот. Владата не одговорила ни дали по укажувањето на Комисијата биле сопрени дејствата по огласот за стипендирање млади асистенти и по огласот на Агенцијата за вработување за доделување државни кредити за самовработување со отворање сопствен бизнис.

Извор: Н.Н.С. (04.07.2007.). Нема отчет за медиумските попусти за партиите. Дневник.