среда, 4 јули 2007

Дневник: Нема отчет за медиумските попусти за партиите

Антикорупциската комисија не може да донесе конечен став дали и која партија и за колку го пречекорила законскиот лимит за финансирање на изборните кампањи бидејќи медиумите не и' одговориле колкави попусти им дале на партиите за платено политичко рекламирање.Мора да знаеме кој медиум на која партија колку простор, односно време и' дал за платена политичка програма и колкав попуст одобрил. Проблемот е што приватните медиуми немаат законска обврска да ни поднесуваат такви извештаи. Комерцијалните медиуми имаат свој деловен интерес при давањето на бонусите, но државата мора да има контрола врз изборниот процес - изјави Мирјана Димовска, претседателка на антикорупциската комисија.

Таа најави дека Комисијата води постапки против 25 институции, кои не и' одговориле на укажувањата да престанат со изборните вработувања. И покрај писмените ургенции, одговор дали ги запреле вработувањата по објавените огласи не дале Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, охридската болница, Аеродромите во Скопје и во Охрид, Министерството за земјоделство, општините Сопиште и Свети Николе, како и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој вработил 90 луѓе. Владата на 19 јуни и' одговорила на комисијата оти не почнала се' уште со најавените вработувања на 3.000 припадници на заедниците во органите на државната управа, како дел од Акцискиот план за еднаква и правична застапеност на заедниците. Владата се' уште не одговорила дали кампањата „Во каква Македонија сакаш да живееш? - Од тебе зависи“, која почна во времето на изборниот процес, била однапред планирана токму за тој период и дали биле претходно обезбедени пари од буџетот. Владата не одговорила ни дали по укажувањето на Комисијата биле сопрени дејствата по огласот за стипендирање млади асистенти и по огласот на Агенцијата за вработување за доделување државни кредити за самовработување со отворање сопствен бизнис.

Извор: Н.Н.С. (04.07.2007.). Нема отчет за медиумските попусти за партиите. Дневник.

Нема коментари: