недела, 27 април 2008

Шпиц: Театрите годинава конечно на интернет

Театарските куќи низ земјава, конечно, годинава ќе добијат интернет- страници. Во годишната програма на Министерството за култура се одобрени пари за веб-страници на театрите од Велес и од Битола, а директорите на Драмски и на МНТ најавија дека наскоро и нивните куќи ќе бидат на интернет. Драмски чека да се заврши правниот проблем што се појавил со минатите раководства кога СОРОС доделил пари за интернет-страница.
-Имаме понуда за нова, но тоа беше стопирано поради претходниот проблем. Очекуваме во текот на овој месец тоа да биде решено и да ја имаме веб-страницата - рече директорот на Драмски театар, Бранко Ѓорчев.
Македонскиот народен театар добил пари минатата година за веб-страница. Директорот Сашо Миленковски рече дека страницата на МНТ целосно е подготвена, но од австриската фирма „Тикетлајн“, која ќе ја прави онлајн-продажбата на карти, чекаат да ги постави системите за да можат да ја пуштат веб-страницата да функционира.
- Ќе има трејлери од претставите, историјат на театарот, податоци за актерите. Нас ни е најважно да профункционира и онлајн-продажбата и затоа чекаме тоа да се заврши, рече Миленковски.
Додека театрите во соседството имаат интернет-страници што редовно се ажурираат и ги имаат сите податоци за тековниот и минатиот репертоар, како и многу други податоци и фотографии, кај нас само Театарот за деца и младинци и Македонската опера и балет имаат функционални веб-страници.

Извор: М. Н. Театрите годинава конечно на интернет. Шпиц.

сабота, 26 април 2008

Утрински: За новите корисници на „МаксАДСЛ“ еден месец бесплатен Интернет

Новите корисници на пакетите за супербрз Интернет "МаксАДСЛ" ќе добијат еден месец бесплатен Интернет. Ова е новата понуда на "Македонски телекомуникации", која важи за пакетите "МаксАДСЛ 10", "МаксАДСЛ 10 + компјутер", "МаксАДСЛ ПРО 10" и "МаксАДСЛ ПРО 40" со договор склучен на една година. Понудата трае до 31 јули 2008 година. Покрај оваа поволност, "Македонски телекомуникации" им излегува во пресрет на граѓаните со уште една новина. Станува збор за понуда и продажба на преносни компјутери (лаптопи) од светски реномираниот производител "Тошиба" по цена од 750 денари месечно, на 48 рати во салоните на оваа компанија. Исклучително ниската цена важи за корисници кои ќе склучат едногодишен договор за некој од пакетите "МаксАДСЛ" за супербрз Интернет. Плаќањето на ратите се одвива преку телефонската сметка, за што не се потребни жиранти или меници, а количините се ограничени. Со најавеното ребрендирање на "Македонски телекомуникации" за наредниот месец и воведувањето на светски познатиот бренд "Т-хоум", предвидено е воведување нови производи, како и подобрување на постојните. Подобрувањата на постојните производи ќе важат и за сегашните и за новите корисници, без оглед на тоа дали ќе се претплатат пред или по ребрендирањето.
Извор: А.С. (26.4.2008). За новите корисници на „МаксАДСЛ“ еден месец бесплатен Интернет. Утрински Весник.

среда, 23 април 2008

Вечер: Speak up weekend - 3,9 денари за минута

Космофон воведе нова при пејд понуда за млади во рамките на брендот Speak up. Станува збор за нов тарифен модел Speak up weekend, кој освен за младата популација е наменет и за сите оние кои сакаат да ги искористат предностите што ги нуди, а тие овозможуваат разговори за само 3,9 денари за минута и СМС-пораки за 1,9 денари кон сите броеви од мрежата на Космофон за време на викендите. Кон другите мрежи, вечерната тарифа е 5,9 денари за минута и СМС пораки за 2,9 денари. ММС пораките се само 9 денари.

Извор: (23.4.08). Speak up weekend - 3,9 денари за минута. Вечер.

Вечер: Разговори за еден денар минута

Новите припејд корисници на Вип, нови постпејд претплатници на Вип постпејд флат пакетите, како и постојните припејд корисници кои ќе ја надополнат својата сметка за 300 или повеќе денари, ќе можат до крајот на јули годинава да зборуваат за само 1 денар минута (1,18 денари со ДДВ) во Вип мрежата.
Истото важи и за сите корисници кои до крајот на јуни ќе склучат нов постпејд договор од тарифните модели Флат 200, 400, 800 или 1500. Тие ќе можат да разговараат со сите корисници во Вип мрежата за еден денар за минута, со 0 денари за воспоставување на повик до крајот на август оваа година. Постојните постпејд корисници од Флат тарифните модели ќе треба да испратат СМС порака со текст "Промо" на специјалниот број 144 350, за месечна претплата од само 50 денари.
- Продолжуваме да ги наградуваме сите наши корисници со уште поповолни разговори со цел да им овозможиме повеќе можности за комуникација - - изјави Никола Љушев, извршен директор на Вип.

Извор: (23.4.08). Разговори за еден денар минута. Вечер.

вторник, 22 април 2008

Нова Македонија: Speak up weekend со намалена тарифа

Космофон го збогатува при пејд брендот Speak up weekend со нов тарифен модел, што може да се користи преку викендот. Оваа понуда е најприфатлива за младите. Предностите на Speak up weekend е намалената цена на импулсот, што значи минута разговор во саботите и неделите чини 3,9 денари и СМС пораки за 1.9 денари кон сите броеви на мрежата на Космофон. Вечерната тарифа од 5,9 денари за минута разговор и СМС пораки за 2,9 денари кон сите национални мрежи. ММС пораките чинат 9 денари.
Извор: (22.4.08). Speak up weekend со намалена тарифа. Нова Македонија.

Вечер: ВИП и Телесмарт закупија дел од оптичкиот кабел

Вип оператор и компанијата Телесмарт добија на повеќегодишно користење по две оптички влакна од фибероптичкиот кабел на Македонски железници - Инфраструктура. Тие на железничката компанија месечно ќе и плаќаат по 3.000 денари за секој километар од изнајмениот кабел по должината на пругата од Табановце до Велес, вклучително и до Скопје, опфаќајќи го и скопскиот ринг. Според директорот на Македонски железници - Инфраструктура, Никола Димитровски, двете компании автоматски ќе можат да ги изнајмат влакната и од продолжението на кабелот кој почна да се поставува по должината на пругата од Велес кон Гевгелија. Изнајмените влакна ќе се користат за период од две до 10 години.
Од Вип велат дека влакната што ги добија на користење од МЖ ќе ги користат за подобрување на сопствената инфраструктура.- Со нив, крајните корисници на Вип ќе добијат уште поквалитетни услуги, а истовремено се намалуваат трошоците за оперативно работење - истакнуваат од Вип.
На тендерот за изнајмување на оптичките влакна понуда доставила и скопската фирма Неотел, но била дисквалификувана поради некомплетна документација. Неотел е фирма - ќерка на Неоком која пред три години склучи договор со ЈП Македонски железници за 15-годишно изнајмување на кабелот, но поради нетранспарентната постапка, Владата еднострано го раскина.
Со оглед дека засега се издадени само 120 километри од кабелот, Железницата очекува месечно да инкасира по околу 12.000 евра. Во фибероптичкиот кабел има 15 пара влакна, од нив десет ќе бидат издадени, а пет Железницата ќе ги задржи за сопствени потреби и за поврзување на државни институции и установи.
МЖ-Инфраструктура се јавува и како еден од учесниците, покрај Македонска радиодифузија и МЕПСО за создавање на интегрирана оптичка мрежа во земјава. Од Железница засега ја исклучуваат можноста покрај со сегашната дејност да се занимаваат и со нудење на телекомуникациски услуги.
- Пред една година размислувавме да аутсорсираме наша фирма-ќерка која ќе нуди такви услуги, а во игра беше и варијантата за јавно-приватно партнерство или некоја комбинација со заинтересирани странски компании. Поради тоа што од другата страна не најдовме сериозни партнери, се одлучивме сепак кабелот да го изнајмуваме - појасни Димитровски.
Тој најави дека во следна фаза, фибероптички кабел ќе биде поставен по должината на пругата од Коридорот 8, со што ќе се поврземе со Албанија и Бугарија и евентуално со Косово.

Извор: (22.4.08). ВИП и Телесмарт закупија дел од оптичкиот кабел. Вечер.

петок, 18 април 2008

Утрински: „Мајкрософт“ донираше 400.000 долари за штипскиот универзитет

Штип - „Мајкрософт - Македонија“ ја обезбеди целосната инфраструктура за работа на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип преку донација на софтвер и услуги во вкупна вредност од 150.000 долари, чија комерцијална вредност изнесува 400.000 долари. Договорот за соработка за период од три години вчера во Штип го потпишаа ректорот д-р Саша Митрев и генералниот менаџер на „Мајкрософт“ Илијанчо Гаговски.

На Универзитетот се поставени или се во фаза на инсталација 20 најсовремени софтверски машини и 700 компјутери со целосно легализиран софтвер, системи за чување и заштита на податоци, Интернет-телефонија, воведување електронски индекс и слично. Универзитетот и „Мајкрософт - Македонија“ се договорија и за отварање на две академии на „Мајкрософт“ во рамките на овој универзитет, каде што студентите ќе имаат можност да се здобијат со практични знаења за најсовремените технологија на „Мајкрософт“ и тоа по повластени цени.

Извор: И.Б. (18.4.08). „Мајкрософт“ донираше 400.000 долари за штипскиот универзитет. Утрински Весник.

четврток, 17 април 2008

Вест: "Космофон" поправи 10 апарати за новороденчиња

Десет респиратори за недоносени и болни новороденчиња на Клиниката за гинекологија, кои веќе подолго време се расипани, од денес ќе почнат да работат. Одделението за новороденчиња од "Космофон" доби аспиратори, амбу балони со маски, црева и сонди за респиратори, електроди за пулксиметар и носни продолжетоци, со кои ќе се овозможи квалитетно лекување на новороденчињата. Докторите од Гинекологија велат дека оваа донации вреди многу бидејќи со неа повторно се ставени во употреба многу скапи апарати.

Извор: А.А. (17.04.2008). "Космофон" поправи 10 апарати за новороденчиња. Вест.

Вест: Безжичен Интернет во Стара чаршијада казнува за искршени хидранти

Современа Интернет мрежа за користење бесплатен безжичен Интернет ќе биде поставена во Старата скопска чаршија. Овој новитет во Чаршијата го најави градоначалникот на Општина Чаир.
Безжичниот Интернет треба да ги покрие главните улици во Чаршијата, а на него ќе бидат поврзани сите кафулиња и ресторани. Преку лаптоп-компјутери, Интернетот ќе можат да го користат и дуќанџиите и посетителите на Старата чаршија додека седат на кафе и чај во некое од чаршиските кафулиња или, пак, додека јадат во некое од локалните ресторанчиња.
"Проектот се прави за да се модернизира Старата скопска чаршија и да се привлечат што повеќе туристи и млади луѓе. Тие ќе можат, преку своите персонални компјутери, да се вклучат на Интернет во кое било време", велат од Општината.
Поставувањето на безжичен Интернет во Старата чаршија е донација од мобилниот оператор "Космофон".
Како што најавуваат од Чаир, Интернетот ќе им биде достапен на посетителите на Чаршијата за околу еден месец, рок во кој треба да пристигне и да се инсталира опремата.

Извор: Б.Б.(17.04.2008). Безжичен Интернет во Стара чаршијада казнува за искршени хидранти. Вест.

недела, 13 април 2008

Нова Македонија: Отпремнина по 900 евра за секоја година стаж

Телеком бара околу 500 вработени доброволно да ја напуштат компанијата. Бордот на директори треба да ја усвои програмата за намалување на бројот на вработени договорена со синдикатот.
раководителот на секторот за надоместоци и извршување на работата во “Македонски телекомуникации“ , Тони Лукановски изјави дека критериумите веќе се утврдени, но за да се официјализира, новата стратегија за кратење работни места треба да ја одобри базата на „Маѓар телеком“ во Будимпешта.
Се предвидува, секој вработен што доброволно ќе се пријави да замине од „Мактел“, доколку има над 10 години работен стаж, фирмата ќе му исплати итпремнина по 900 евра за секоја година стаж компанијата, без разлика на која позиција работел. Оние што имаат под 10 години работен стаж ќе добијат по 600 евра за секоја година која ја работеле.
Максимумот што ќе го добијат вработените е 22.500 евра, но само ако се со стаж од 25 години. Истата сума им следува и на вработените со поголем работен стаж. Лукановски вели дека компанијата очекува дека најмногу ќе се пријават вработените со најдолг стаж, затоа што на нив и најмногу ќе им се исплати, со тоа што ќе добијат најмногу пари, од сите други работници кои ќе си заминат. На прашањето што ќе се случи доколку вработените не се согласат доброволно да си заминат од работа, Лукановски одговори дека рокот од спроведување на стратегијата за преструктуирање на работните профили почнува од денеска и ќе заврши кон средината на јуни. Ќе се чека еден месец, а потоа ако работниците доброволно не се пријават дека заминуваат од работа, тогаш компанијата ќе избира кого ќе отпушти, но тогаш отпремнината ќе биде многу пониска, во оној износ колку што следува по закон, плус 2.000 евра, а тоа е далеку пониска сума од онаа која се добива при доброволно заминување од работа.
Лукановски ни откри дека од 1.700 луѓе треба да останат на работа 1.300, што значи ако се отпуштат 500 лица, тогаш дополнително треба да се вработат уште 100. Потребни се нови кадри за работа и одржување на ИТ и ИП мрежата. Отпуштени ќе бидат лица од обезбедувањето услуги и од техничкиот дел - монтери, техничари. Според Лукановски, тие нема да останат без работа, туку ќе имаат предност при конкурирање во други фирми кои ќе се занимаваат со овие оут соурцинг дејности за Телеком.
Во „Телеком“ денес работат околу 1.700 вработени. Пред приватизацијата во 2000-та компанијата имаше 2.000 вработени повеќе.

Извор: С.Јовановска. (13.4.08). Отпремнина по 900 евра за секоја година стаж. Нова Македонија.

сабота, 12 април 2008

Утрински: „Мактел“ нуди испратнини за збогум за 500 вработени

До крајот на годинава 500 вработени од „Македонски телекомуникации“ треба доброволно да ја напуштат работата, а да се вработат сто нови лица, во согласност со плановите за реструктурирање на компанијата. Ова е одлука на Бордот директори, кој завчера ја усвои програмата за намалување на бројот на вработени договорена со Синдикатот. Процесот на внатрешните промени во „Македонски телекомуникации“, преку намалување на бројот на вработени со исплата на испратнини, ќе ја чини компанијата 11 милиони евра.

„Во случајот со барањето за доброволно напуштање на работните места не се работи да се постигне некаква заштеда во компанијата, туку да се смени профилот на вработените, согласно со промените кои од нас ги бара осовременувањето на технологијата“, велат од „Мактел“.

Сумата на испратнината ќе зависи од годините на стаж. Така, оние со стаж од пет до девет години ќе добијат по 600 евра за една година стаж, оние со стаж над 10 години ќе добијат по 900 евра за една година стаж, така што оние со 25-годишен стаж ќе добијат максимум до 22.500 евра.

„Станува збор за заминување од работа на доброволна основа и се надеваме дека оваа одлука ќе наиде на голем одѕив, со оглед на тоа дека до крајот на годината 500 вработени мора да си заминат од компанијата“, велат од „Мактел“. Според нив, од оваа акција најмногу ќе се офајдат оние со поголем стаж.

„Македонски телекомуникации“ најавуваат дека ќе се обидат да ги задржат луѓето кои се важни за нормалното функционирање на компанијата. „Луѓето кои ќе останат ќе добијат гаранција за работа, од деловни причини, за наредените две години“, велат од „Мактел“. Сепак, оттаму не сакаат да прецизираат дали по тие две години, ако луѓето бидат принудени да заминат од компанијата, ќе добијат испратнини.

„Оваа програма што е донесена сега се однесува на оваа година и на 500 вработени. Наредната година ќе има мали корекции на бројот на вработени, но не знаеме каква ќе биде ситуацијата во компанијата по две години за да знаеме дали тогаш повторно ќе има испратнини“, објаснуваат во „Мактел“.

Во „Мактел“ денес работат околу 1.700 вработени. Пред приватизацијата во 2000 година, компанијата имаше 2.000 вработени повеќе.

Како што информираат од компанијата, Синдикатот на „Телеком“ активно учествувал во изготвувањето на програмата и целосно ја поддржува.

„Програмата е во целосна согласност со македонските закони и им нуди исклучително поволни услови на вработените. ’Македонски телекомуникации‘ се стреми кон подобрување на ефикасноста, со цел да одговори на предизвиците со кои се соочува на либерализираниот телекомуникациски пазар и технолошките промени“, велат од компанијата.

Одборот на директори го усвоил и Колективниот договор што се темели врз позитивните законски прописи и е резултат на успешните разговори со Синдикатот на „Македонски телекомуникации“. Според информациите, критериумите за нови отпуштања веќе се утврдени, но за да се официјализира, новата стратегија за кратење работни места треба да ја одобри базата на „Маѓар телеком“ во Будимпешта.

Извор: (12.4.08). „Мактел“ нуди испратнини за збогум за 500 вработени. Утрински Весник.

Вест: Телеком нуди 500 доброволни откази

"Македонски телекомуникации" до крајот на годинава треба да отпушти 500 вработени, и тоа бројката од 1.700 по секоја цена да се намали на 1.300 лица. Менаџментот вели дека на на нивно место ќе вработи 100-тина лица, но и оти процесот на отпуштања ќе продолжи и во 2009 година. Според менаџментот, Телеком се уште се подготвува за либерализацијата на македонскиот пазар, па и отпуштањата се за да се внесат нови едуцирани работници, а не за да се намалат трошоците на компанијата.
Бранот отпуштања стартува со понуда за доброволен отказ и се однесува за оние со над 5 години работен стаж.
"За оние од 5 до 9 години стаж, за секоја година ќе им се исплатат по 600 евра, за оние над 10 години по 900 евра за година, а за оние што се со над 25 години стаж максималниот износ на испратнина може да изнесува 22.500 евра. За реализација на програмата обезбедени се 11 милиони евра", информираше вчера Тони Лукановски од "Македонски телекомуникации".
Синдикатот соопшти дека ја поддржува акцијат.

Извор: Т.Ј. (12.4.08). Телеком нуди 500 доброволни откази. Вест.

петок, 11 април 2008

Нова Македонија: Купувањето преку интернет е малку застапено

Остварена е средбата помеѓу стопанствениците на ИКТ комората при сојузот на Стопански комори и министерот за информатичко општество Иво Ивановски. Основна цел е да се согледаат потребите кои членките на комората ги имаат во реализирањето на владините проекти во делот на информатичко-комуникациската технологија. Проблем со кој се соочуваат членките на ИКТ комората е недоволната соработка на банките во поглед на електронската трговија.
- Сега е во развој електронската трговија, имаме добар закон кој е донесен. Проблемот не е дирекно со Владата, туку повеќе со банкарската индустрија каде што немаме добри понуди за соработка, разговаравме со министерот и другите институции да влијаеме врз банките - вели Ванчо Орданоски претседател на ИКТ комората Тој додаде дека банките сакаат преголем дел од заработката, бидејќи провизиите кои ги земаат се големи. Министерот Ивановски исто така смета дека купувањето преку интернет е малку застапено во Македонија. - Освен една банка, ниту една друга банка нема можност за електронска трансакција за купување преку интернет. Банките не можат да се усогласат со кој процент ќе работат. Зошто тоа го прават е нејасно. За првпат се случува еден закон да е донесен, а банките да не ги спроведуваат сите потребни реформи за законот да се спроведува - вели Ивановски Според него насекаде во светот банките се двигатели на економијата, а во Македонија тоа не е така.

Извор: (
11.04.2008). Купувањето преку интернет е малку застапено. Нова Македонија.

Вест: Т-Мобиле: Собранието го добива попустот од 10 отсто

"Т-Мобиле" вчера реагираше дека во сметките на Собранието се пресметува попустот од 10 отсто, согласно договорот за големи корисници, потпишан по минатогодишната тендерска постапка. Реакцијата на "Т-Мобиле" уследи откако пратеникот Јани Макрадули се пожали дека операторот им наплаќа на пратениците повисоки цени од оние што ги понудил на тендерот.
"Со сите сметки 'Т-Мобиле' на втората страница се наведува спецификација за реализираниот сообраќај, и тоа одделно за национален или интернационален сообраќај. На дното на страницата има посебна ставка 'попусти'. Понудениот попуст од 10 отсто е наведен на секоја месечна сметка испратена на Собранието. Попустот се пресметува врз целокупниот остварен национален сообраќај на ниво на сите броеви на Собранието", се вели во реакцијата на "Т-Мобиле Македонија".
Од Собрание објаснуваат дека во деталниот месечен преглед поединечно за секој број е наведена цена за повици кон "Т-Мобиле" и кон "Македонски телекомуникации" од 5,40 денари за минута и за повици кон други национални мобилни мрежи од 8,10 денари за минута. "'Т-Мобиле' попустот го одобрува на претплатникот Собрание во секоја фактура поединечно и по претплатнички броеви. На СМС пораките не се пресметува попуст", велат од Собранието.

Извор: (11.4.08).Собранието го добива попустот од 10 отсто. Вест.

Вест: Кумановец со и-мејл и се заканувал на американската амбасадорка

Р.Д. (33) од Куманово завчера бил уапсен бидејќи неколкупати по електронска пошта упатувал заканувачки пораки кон дипломат на едно дипломатско претставништво во земјава. Истражен судија, за загрозување на сигурноста, му одредил 30 дневен притвор.
Од досегашниот тек на истрагата, која ја спровел Одделот за организиран криминал при МВР, утврдено е дека Р.Д. на 19 март од компјутер со број 4 во Интернет кафулето "Интиме" во Куманово, околу 22 часот, од и-мејл адреса која ја креирал пред да ја пушти пораката, испратил текст во кој имало заканувачка содржина дека набрзо ќе го убие дипломатскиот претставник, а заканата била со потпис "Православни браќа".
На 24 март, околу 19,00 часот тој повторно пуштил заканувачка порака со иста содржина. Двата случаи дипломатот ги пријавил во полиција, по што во вторникот, со наредба истражен судија од Основниот суд Скопје, бил извршен претрес во Интернет кафулето "Интиме". Од увидот во компјутерскиот систем, извршен врз основа на наредба за примена на посебна истражна мерка за увид и пребарување, во компјутерски систем биле откриени компјутерите од кои се испраќани и-мејл пораките. Сопственикот на интернет кафето вели дека тој не знае кој упатувал закани кон дипломатскиот претставник бидејќи не го интересирало кој и што пишува и какви пораки испраќа.

Извор: П.А.Л. (11.4.08). Кумановец со и-мејл и се заканувал на американската амбасадорка. Вест.

вторник, 8 април 2008

Вечер: АСУЦ - прво целосно компјутеризирано училиште

Училници со нови клупи и компјутери. Ова е сликата во првото целосно компјутеризирано средно училиште во Македонија АСУЦ "Боро Петрушевски" во Скопје. До крајот на август годинава, според најавите од Владата, која го реализира проектот "Компјутер за секое дете" се очекува сите 93 средни училишта да бидат комплетно опремени со компјутери и мрежа. До овој период и 365-те основни училишта ќе добијат од пет до десет кабинети, во зависност од големината на училиштето и од бројот на учениците.

Ова вчера го најави министерот за информатичко општество Иво Ивановски кој беше во посета на АСУЦ. Тој рече дека следува обука на наставниот кадар, а биле изработени и голем број програми кои ќе се користат по одделни предмети. Веќе се обучени околу двесте професори по информатика во сите средни училишта и најдобрите од нив ќе ги обучуваат своите колеги во училиштата. Според Ивановски, целта е сите предмети да добијат електронска содржина, која ќе биде поинтерактивна и повозбудлива за учениците, со тоа што ќе се модернизира наставата, ќе се воведе аудио, видео и мотористика со што компјутерот ќе стане алатка меѓу ученикот и професорот. Ова му нуди можност на професорот на многу подобар и посоодветен начин да ја претстави материјата од учебникот.

Поддршка на проектот дадоа и ЕВН-Македонија кои обезбедија надворешно напојување со електрична енергија и Македонски телекомуникации, кои донираа опрема за секоја училница во сите средни училишта.
- Задоволни сме што поддржуваме проект со кој на секој ученик ќе му се овозможи пристап до интернет и поврзаност со светот, изјави вчера Николај Бекерс, генерален директор на Македонски телекомуникации. Според него, владата е на добар пат и Македонски телекомуникации се посветени да дадат голема поддршка за да може до почетокот на 1 септември сите училишта да бидат поврзани.

Извор: (8.4.08). AСУЦ - прво целосно компјутеризирано училиште. Вечер.

Нова Македонија: Интернет страницата на општина Аеродром на шест јазици

Интернет страницата на општина Аеродром њњњ.аеродром.гов.мк секојдневно се ажурира со нови информации, кои паралелно се преведуваат и на англиски јазик, велат од општина Аеродром. На овој портал, покрај македонското и британското знаменце, се внесени уште и француското, германското, италијанското и шпанското, како опција за содржината, односно сите податоци од македонската и од англиската верзија, да можат да се прочитаат и на уште овие четири јазици со цел да им се доближи на што повеќе граѓани, не само во Македонија, туку и во странство.
Идејата на општината е покрај базата на општи и генерални податоци за општина Аеродром, кои главно се веќе објавени на шесте јазици, редовно и паралелно да се преведуваат и информациите за секојдневните активности на општинската администрација.
За таа цел на интернет страницата и во априлското издание на општинскиот весник (број 23) е објавен оглас, преку кој се бараат преведувачи на француски, германски, италијански и шпански јазик како надворешни соработници.
Во огласот се бара кандидатите да имаат одлично познавање на барем еден од овие јазици, а нивното пријавување се врши со испраќање биографија на адресата мери.ајдаровскаЖаеродром.гов.мк.

Извор: (8.4.08). Интернет страницата на општина Аеродром на шест јазици. Нова Македонија.

Утрински: Од септември нови пакети од „Македонски телекомуникации“

До септември „Македонски телекомуникации“ ќе го заврши процесот на преименување, а потоа на корисниците ќе им бидат понудени и нови пакети на услуги, за кои засега не се открива дали ќе бидат на исто ниво или поскапи. Според изјавата на генералниот директор на „Македонски телекомуникации“, Николај Бекерс, цените на телефонските услуги во Македонија веќе се на многу ниско ниво, не само според меѓународните стандарди и не само во споредба со Западна Европа туку и во однос на регионот.

Извор: А.С. (8.4.08). Од септември нови пакети од „Македонски телекомуникации“. Утрински Весник.