недела, 13 април 2008

Нова Македонија: Отпремнина по 900 евра за секоја година стаж

Телеком бара околу 500 вработени доброволно да ја напуштат компанијата. Бордот на директори треба да ја усвои програмата за намалување на бројот на вработени договорена со синдикатот.
раководителот на секторот за надоместоци и извршување на работата во “Македонски телекомуникации“ , Тони Лукановски изјави дека критериумите веќе се утврдени, но за да се официјализира, новата стратегија за кратење работни места треба да ја одобри базата на „Маѓар телеком“ во Будимпешта.
Се предвидува, секој вработен што доброволно ќе се пријави да замине од „Мактел“, доколку има над 10 години работен стаж, фирмата ќе му исплати итпремнина по 900 евра за секоја година стаж компанијата, без разлика на која позиција работел. Оние што имаат под 10 години работен стаж ќе добијат по 600 евра за секоја година која ја работеле.
Максимумот што ќе го добијат вработените е 22.500 евра, но само ако се со стаж од 25 години. Истата сума им следува и на вработените со поголем работен стаж. Лукановски вели дека компанијата очекува дека најмногу ќе се пријават вработените со најдолг стаж, затоа што на нив и најмногу ќе им се исплати, со тоа што ќе добијат најмногу пари, од сите други работници кои ќе си заминат. На прашањето што ќе се случи доколку вработените не се согласат доброволно да си заминат од работа, Лукановски одговори дека рокот од спроведување на стратегијата за преструктуирање на работните профили почнува од денеска и ќе заврши кон средината на јуни. Ќе се чека еден месец, а потоа ако работниците доброволно не се пријават дека заминуваат од работа, тогаш компанијата ќе избира кого ќе отпушти, но тогаш отпремнината ќе биде многу пониска, во оној износ колку што следува по закон, плус 2.000 евра, а тоа е далеку пониска сума од онаа која се добива при доброволно заминување од работа.
Лукановски ни откри дека од 1.700 луѓе треба да останат на работа 1.300, што значи ако се отпуштат 500 лица, тогаш дополнително треба да се вработат уште 100. Потребни се нови кадри за работа и одржување на ИТ и ИП мрежата. Отпуштени ќе бидат лица од обезбедувањето услуги и од техничкиот дел - монтери, техничари. Според Лукановски, тие нема да останат без работа, туку ќе имаат предност при конкурирање во други фирми кои ќе се занимаваат со овие оут соурцинг дејности за Телеком.
Во „Телеком“ денес работат околу 1.700 вработени. Пред приватизацијата во 2000-та компанијата имаше 2.000 вработени повеќе.

Извор: С.Јовановска. (13.4.08). Отпремнина по 900 евра за секоја година стаж. Нова Македонија.

Нема коментари: