вторник, 8 април 2008

Вечер: АСУЦ - прво целосно компјутеризирано училиште

Училници со нови клупи и компјутери. Ова е сликата во првото целосно компјутеризирано средно училиште во Македонија АСУЦ "Боро Петрушевски" во Скопје. До крајот на август годинава, според најавите од Владата, која го реализира проектот "Компјутер за секое дете" се очекува сите 93 средни училишта да бидат комплетно опремени со компјутери и мрежа. До овој период и 365-те основни училишта ќе добијат од пет до десет кабинети, во зависност од големината на училиштето и од бројот на учениците.

Ова вчера го најави министерот за информатичко општество Иво Ивановски кој беше во посета на АСУЦ. Тој рече дека следува обука на наставниот кадар, а биле изработени и голем број програми кои ќе се користат по одделни предмети. Веќе се обучени околу двесте професори по информатика во сите средни училишта и најдобрите од нив ќе ги обучуваат своите колеги во училиштата. Според Ивановски, целта е сите предмети да добијат електронска содржина, која ќе биде поинтерактивна и повозбудлива за учениците, со тоа што ќе се модернизира наставата, ќе се воведе аудио, видео и мотористика со што компјутерот ќе стане алатка меѓу ученикот и професорот. Ова му нуди можност на професорот на многу подобар и посоодветен начин да ја претстави материјата од учебникот.

Поддршка на проектот дадоа и ЕВН-Македонија кои обезбедија надворешно напојување со електрична енергија и Македонски телекомуникации, кои донираа опрема за секоја училница во сите средни училишта.
- Задоволни сме што поддржуваме проект со кој на секој ученик ќе му се овозможи пристап до интернет и поврзаност со светот, изјави вчера Николај Бекерс, генерален директор на Македонски телекомуникации. Според него, владата е на добар пат и Македонски телекомуникации се посветени да дадат голема поддршка за да може до почетокот на 1 септември сите училишта да бидат поврзани.

Извор: (8.4.08). AСУЦ - прво целосно компјутеризирано училиште. Вечер.

Нема коментари: