петок, 11 април 2008

Вест: Т-Мобиле: Собранието го добива попустот од 10 отсто

"Т-Мобиле" вчера реагираше дека во сметките на Собранието се пресметува попустот од 10 отсто, согласно договорот за големи корисници, потпишан по минатогодишната тендерска постапка. Реакцијата на "Т-Мобиле" уследи откако пратеникот Јани Макрадули се пожали дека операторот им наплаќа на пратениците повисоки цени од оние што ги понудил на тендерот.
"Со сите сметки 'Т-Мобиле' на втората страница се наведува спецификација за реализираниот сообраќај, и тоа одделно за национален или интернационален сообраќај. На дното на страницата има посебна ставка 'попусти'. Понудениот попуст од 10 отсто е наведен на секоја месечна сметка испратена на Собранието. Попустот се пресметува врз целокупниот остварен национален сообраќај на ниво на сите броеви на Собранието", се вели во реакцијата на "Т-Мобиле Македонија".
Од Собрание објаснуваат дека во деталниот месечен преглед поединечно за секој број е наведена цена за повици кон "Т-Мобиле" и кон "Македонски телекомуникации" од 5,40 денари за минута и за повици кон други национални мобилни мрежи од 8,10 денари за минута. "'Т-Мобиле' попустот го одобрува на претплатникот Собрание во секоја фактура поединечно и по претплатнички броеви. На СМС пораките не се пресметува попуст", велат од Собранието.

Извор: (11.4.08).Собранието го добива попустот од 10 отсто. Вест.

Нема коментари: