понеделник, 31 декември 2007

Вест: Космофон ги победи Т-мобиле и ВИП

Космофон победи на првиот јавен повик за избор на мобилни услуги за Владата и државната администрација во текот на 2008 година. Владиниот портпарол Ивица Боцевски вели оти изборот значи дека премиерот, министрите, како и сите владини служби ќе добијат нови службени броеви од Космофон. Боцевски не знае како ќе следува префрлањето на мрежата на Космофон, ниту пак, има коментар на фактот што постапката ќе беше олеснета ако Агенцијата за електронски комуникации ја воведеше услугата преносливост на броеви, која овозможува корисникот со бројот да го задржи и повикувачкиот префикс од старата мрежа, а сметките да ги добива од Космофон. Боцевски објасни дека Космофон ќе опслужува од 900 до 1.200 вработени во државната администрација, кои користат службен мобилен телефон.
Понудената месечна претплата изнесува: ВИП- 4.484 денари, Космофон - нула денари, а Т-Мобиле - 1.769 денари, воспоставување повик: ВИП - нула денари, Космофон - 3,54 денари и Т-Мобиле - 4,72 денари, а една секунда разговор: ВИП - 0,051 денар, Т - Мобиле - 0,059 денари и Космофон - 0,039 денари.

Извор: Т.Ј. (31.12.2007). Космофон ги победи Т-Мобиле и ВИП.
Вест.

недела, 30 декември 2007

Утрински: Администрацијата ќе зборува од мрежата на „Космофон“!?

Владата ќе ги користи услугите на вториот мобилен оператор „Космофон“ во наредната година. Ова го изјавија вчера од „Космофон“ откако тендерската комисија при владината Служба за општи и заеднички работи ги отвори понудите пристигнати на тендерот со кој се бира мобилен оператор за јавната администрација во 2008 година. Комисијата не соопшти официјално кој е победникот. Името на компанијата чии услуги ќе ги користат административците Владата најави дека ќе го соопшти денеска, иако од „Космофон“ веќе се пофалија дека нивната понуда е најдобра.

„Нашата понуда е 2 денара за минута разговор и 0,9 денари за СМС, без месечна претплата, што не е случај кај другите оператори. Според критериумите што ги видовме, веруваме дека ќе бидеме избрани и ќе имаме дел од колачот на Владата“, изјави вчера Емилија Трајковиќ- Христова, директор на одделот за односи со јавност.

Од „Т-мобиле“ вчера не сакаа да коментираат ништо, додека од ВИП кои почнаа со работа пред неколку месеци, ја поздравија иницијативата на Владата прв пат да ја набави услугата за мобилни јавни комуникациски услуги по пат на распишување тендер.

Според критериумите во владиниот тендер, најповолната понуда ќе биде избрана врз основа на три критериуми - цената на секунда појдовен национален сообраќај, цената на роамингот и на СМС и ММС-пораките. Цената на разговорите ќе биде бодирана со 55 поени, 30 поени ќе добие цената на роамингот и 10СМС или ММС-пораките.

Извор: В.Г. (30.12.2007). Администрацијата ќе зборува од мрежата на „Космофон“!?. Утрински.

Вест: Телевизиите се смирија со кабелците

Советот за радиодифузија вчера од Агенцијата за електронски комуникации воопшто не побара запечатување на кабелските оператори кои немаат регистрирано дозволи за пренос на програмите на домашните телевизии. Напротив, Советот вчера ги покани двете асоцијации АПЕММ и СИЗ МК НЕТ кај него за да се смират, иако завчера домашните ТВ куќи и кабелските оператори отворија јавна војна.
" АПЕММ и СИЗ МК НЕТ постигнаа согласност воследните 60 дена кабелските оператори да продолжат со реемитување на програмите на членките на АПЕММ, односно телевизиите кои емитуваат програма на национално ниво - А1, Телма, Канал 5, Сител и Алсат М и скопските телевизии ЕРА, Скајнет и АЛФА. Паралелно ќе течат преговорите", информираа вчера од Советот за радиодифузија.
Претседателот на Советот Мирче Адамчевски објасни и дека на кабелските оператори им најавил дека по празниците ќе направат мониторинг на програмите што ги реемитуваат и доколку се утврдат прекршоци ќе ги казнат. Советот го поддржува барањето на АПЕММ кабелските оператори да прекинат да реемитуваат странски програми со хрватски, српски или бугарски превод бидејќи тоа е во спротивност со Законот за радиодифузија.

Извор:Т.Ј. (30.12.2007). Телевизиите се смирија со кабелците. Вест.

сабота, 29 декември 2007

Дневник: Жестока битка за владините мобилни телефони

По вчерашното отворање на понудите на трите мобилни оператори, претставници на „Космофон“ изјавија дека нивната понуда е најдобра

Космофон очекува да победи на јавниот оглас за избор на мобилен оператор чии услуги ќе ги користат Владата и вработените во органите на државната управа. По вчерашното отворање на понудите на трите мобилни оператори, претставниците на „Космофон“ изјавија дека нивната понуда од два денара за минута разговор и 0,9 денари за СМС-порака и без месечна претплата е за 30 отсто подобра од едниот оператор, а за 50 отсто од другиот конкурент.Дознаваме дека „Т-мобиле“ понудил три денари за минута разговор со 1.500 денари месечна претплата, а понудата на „Вип“ била 2,6 денари за минута со 3.800 денари за месечна претплата. Според критериумите од јавниот повик, цената за секунда разговор учествува со 55 отсто во вкупната оценка на понудата, цената на СМС со 10 отсто, а цените за роаминг со пет отсто. Името на победникот на јавниот повик официјално ќе биде познато денеска.

- Веруваме дека од 1 јануари дел од државните службеници ќе станат наши претплатници. Иако рокот беше краток, мило ни е што Владата го распиша повикот со што ни овозможи да потврдиме дека сме оператор што секогаш доаѓа со најдобри, најконкурентни и најекономични понуди на пазарот. Според критериумите, веруваме дека ќе бидеме избрани и ќе имаме дел од колачот на Владата - изјави Емилија Трајковиќ-Христова, директорка за односи со јавноста во „Космофон“.

Во „Т-мобиле“ вчера немаа коментар за јавниот повик. Претставниците на „Вип“ ја поздравија иницијативата на Владата првпат да распише ваков јавен оглас, но истакнаа дека во иднина очекуваат постапката да биде потранспарентна и според Законот за јавните набавки.

Владата ќе потпише едногодишен договор за користење услуги за мобилна телефонија со избраниот оператор. Станува збор за договор со кој државата се обврзува да земе најмалку 1.200 броеви за мобилен телефон. Според податоците од Службата за општи и заеднички работи на Владата, оваа година на околу 4.000 државни службеници од буџетот им биле плаќани разговорите на мобилен телефон. Најмногу службени мобилни телефони има во Министерството за внатрешни работи - 1.750. Во Министерството за одбрана се користат 624 службени мобилки. Собранието плаќа за 201 службен мобилен телефон, кои ги користат пратениците и службите. Владината Служба за општи и заеднички работи на 220 вработени им дала мобилен телефон. Во Царинската управа службен телефон користат 145 лица, а во Управата за јавни приходи на 90 вработени им се плаќаат мобилните. Во Министерството за надворешни работи има 66 корисници на службен телефон, а во финансии 59. Кај Народниот правобранител 14 луѓе имаат право да разговараат на државна сметка.

Секоја институција определува лимит за телефонската сметка на корисниците на службен мобилен. Во просек таа се движи од 50 до 100 евра, а за раководителите, пратениците и министрите тој е многу поголем. Грубите процени покажуваат дека годишно од буџетот се трошат околу 50 милиони евра за мобилна и за фиксна телефонија.

Досега 99 отсто од државните органи користеа службени телефони од „Т-мобиле“, но договорот со Владата им истекува на 31 декември. Владата планира в година да распише јавен оглас и за фиксната телефонија или да ги поврзе државните броеви преку сопствена телефонска централа.

Извор: Марјан Блажевски. (29.12.2007). Жестока битка за владините мобилни телефони. Дневник.

Нова Македонија: Најбрз раст на интернет комуникациите

Две-третини од македонската популација поседува фиксна телефонска линија, повеќе од 70% има мобилен телефон, а секој петти Македонец користи интернет.
Според податоците на Државниот завод за статистика, годинава зголемен е бројот на корисници на мобилен телефон, како и употребата на компјутер и интернет во споредба со 2006 година.
Најбројни корисници на мобилен телефон и на интернет се младите на возраст од 15 до 24 години.
Најголем дел од популацијата никогаш не користи јавни телефони, а помал дел користат само неколкупати годишно, месечно или седмично.
Во поглед на користењето на интернет Македонија е меѓу земјите со најбрз раст на бројот на корисници, но и натаму заостанува зад европските стандарди и повеќето свои соседи.
Бројот на интернет корисници во Македонија во изминатите седум години е зголемен за 1.210%, односно од 30.000 во 2000-та на околу 400.000 во 2007 година.
Од земјите во регионот Македонија е пред Албанија и Србија, а зад Хрватска, Грција, Бугарија и Босна и Херцеговина.
Во светот денес има вкупно околу четири милијарди претплатници на фиксна и мобилна телефонија од кои 2,68 милијарди користат мобилен телефон.
Интернет во светот користат околу 1,25 милијарди, најмногу во САД - 211 милиони, Кина - 162, Јапонија - 86 и во Германија - 50 милиони.

Извор: (29.12.2007). Најбрз раст на интернет комуникациите. Нова Македонија.

петок, 28 декември 2007

Вечер: Четврти мобилен, сепак, ќе има

Владата останува на намерата во земјава да донесе четврти мобилен оператор. Според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески тоа ќе се случи во текот на идната година, бидејќи за четврти оператор во мобилната телефонија интерес покажале повеќе правни лица. Тој не прецизираше кога и под кои услови ќе биде распишан тендерот. Јанакиески најави дека во јануари, Агенцијата за електронски комуникации ќе распише јавен повик за прибирање понуди за заинтересирани компании кои сакаат да добијат мултиплекс за нудење услуги на дигитална телевизија. Тој најави дека Министерството е подготвено од 1 јануари да ги прими сите домашни или странски оператори, што ќе покажат интерес да вршат транспорт во патниот и железничкиот сообраќај.

- Нема да се распишува тендер, туку заинтересираните оператори ќе треба да исполнат точно утврдени критериуми и законски услови за да можат да работат на македонскиот пазар - истакна Јанакиески на вчерашната средба на која ги презентираше резултатите од работењето на Министерството во годинава што изминува.

Според него, почнати се клучните реформи во воздухопловството и до крајот на март идната година мора да заврши трансформацијата на Агенцијата за цивилно воздухопловство. Јанакиески вели дека законската рамка за спроведување на овој процес е направена и е избрана компанија која врши проценка на имотот.

- Токму доцнењето со трансформацијата на Агенцијата беше една од забелешките од Европската комисија. Во изминатиов период направивме вработување на лицата што работеа по договор на дело, а направивме и некои подобрувања во делот на безбедносните мерки на двата аеродроми - потенцираше Јанакиески.

Тој го повтори ставот дека многу внимателно ќе пристапат кон препораките на Европската комисија во делот на укинувањето на концесиските договори со телекомуникациските оператори. Јанакиески рече дека за еден таков смел чекор веќе се прават анализи, со цел Македонија да не плаќа пенали ако направи еднострано раскинување на договорите.

Во буџетот на Министерството во 2008 година се предвидени 2 милиони евра, што ќе бидат дадени на општините, како помош да направат урбанизација на нивната територија, со цел да се подготва..т услови за привлекување на инвеститори.

Извор: С. Бл. (28.12.2007). Четврти мобилен, сепак, ќе има. Вечер

Време: Корисниците на „Телекабел“ останаа без програмата на А1

Корисниците на услугите на кабелскиот оператор „Телекабел“ и на уште неколку оператори во земјава вчера не можеа да ја следат програма на националната телевизија А1. Главна причина за симнувањето е во тоа што операторите не сакаат да ги прифатат условите за реемитување на програмата на оваа национална ТВ-куќа. Во Асоцијацијата на приватни електронски медиуми на Македонија (АПЕММ) најавуваат дека овие оператори немаат право да ги реемитуваат програмите на ниту една од петте национални телевизии во земјава и дека поради тоа е извесно дека ќе мораат да престанат да ја реемитуваат програмата и на останатите четири национални телевизии, како и на уште три локални ТВ-куќи од Скопје. - АПЕММ ги застапува петте национални телевизии и уште три скопски телевизии во преговорите за реемитување со кабелските оператори во земјава. „Телекабел“ и уште неколку оператори вчера престанаа да ја реемитуваат програмата на А1. Меѓутоа операторот „Кејблтел“ и повеќе останати оператори со кои имаме постигнато привремени договори за реемитување продолжија да ја емитуваат програмата на оваа телевизија. Писмено го известивме Советот за радиодифузија дека „Телекабел“ и другите оператори немаат право и согласност да ја реемитуваат програмата на овие телевизии - вели Виктор Грозданов, прв човек на АПЕММ.
Неофицијално дознаваме дека Советот за радиодифузија ќе и наложи на Агенцијата за електронски комуникации да им забрани на овие оператори да ја реемитуваат програмата на приватните националните телевизии. Грозданов информира дека овие оператори не сакаат да ги прифатат условите за реемитување.
- Не станува збор за висината на надоместокот за реемитување. Постојат повеќе услови, а еден од главните е операторите да престанат да реемитуваат странски канали со преводи - вели Грозданов. Дарко Перушевски, директор на А1, вели дека пред еден месец петте приватни национални телевизии го овластиле АПЕММ во нивно име да преговара со операторите околу постигнување договори за реемитување на програмата.
- Со некои беа веднаш постигнати привремени договори за реемитување, меѓутоа одредени оператори не сакаат да ги прифатат условите и сакаат да се служат со закани и уцени. Програмата на А1 и пред се информативните емисии беа симнувани од операторите и порано, како за време на изборите во 2002 година и во неколку други прилики. Ние нема да се согласиме некој да не уценува околу начинот на кој би требало да се реемитува програмата на А1 - вели Перушевски.

Извор: В.Н. (28.12.2007). Корисниците на „Телекабел“ останаа без програмата на А1. Време

среда, 26 декември 2007

Дневник: Владини компјутери за бизнис-центар во Куманово

Министерството за економија вчера донира 15 компјутери на бизнис-центарот во Куманово, јави МИА.

- Новите компјутери ќе овозможат мрежно поврзување на кумановскиот со другите бизнис-центри во Македонија. Компјутерите може да ги користат и граѓаните што се заинтересирани за отворање сопствен бизнис - изјави министерката за економија Вера Рафајловска.

Таа најави отворање на бизнис-центри и во други градови во земјава.

Компјутерите се наменети за бизнисмените да се информираат за новите можности за кредитирање на деловните активности и за поволностите што ги нуди Владата.

Новата програма на Владата нуди финансиска помош при отворање нови бизниси. Владината поддршка се движи од 3.000 до 15.000 евра.

Министерката Рафајловска посочи дека македонските фирми преку информативните програми може да аплицираат за европски проекти и да се поврзат со компании од земјите-членки на Европската Унија.

Средствата за оваа програма не се ограничени, а се наменети за проекти во енергетиката и во информатичкото општество. Во наредниот период Министерството за економија ќе подготви проект со кој ќе се едуцираат бизнисмените за да можат да ги користат парите.

Ивор: (26.12.2007). Владини компјутери за бизнис-центар во Куманово. Дневник.

Дневник: Со размена на информации против корупцијата

Размена на информации, координирани активности, помош при откривање случаи на корупција и на судир на интереси, стручна соработка и заеднички тимови за поефикасна борба против корупцијата, предвидува Протоколот за соработка што вчера го потпишаа антикорупциската комисија и уште десет државни институции. Потписници на Протоколот се УЈП, Јавното обвинителство, Државното правобранителство, Судскиот совет, МВР, Државниот завод за ревизија, Царинската управа, Финансиската полиција, Дирекцијата за спречување на перење пари и Државниот завод за геодетски работи, но тој е отворен и за други институции.

- Иницијатор за потпишувањето на Протоколот е антикорупциската комисија, а целта е да се регулира начинот на соработка водејќи сметка за специфичностите на сите институции и за неговата спроведливост во праксата. Целта е со размената на информациите и можноста за брз и целосен увид во нив да се засили борбата против корупцијата - изјави претседателката на антикорупциската комисија, Мирјана Димовска.

Според Протоколот, потписничките ќе ги разменуваат информациите по писмено барање, освен во итни случаи, кога барањето може да биде и усно. Во итни случаи бараните информации треба да се достават во рок од 15 дена, а институцијата што ги добива податоците е должна да извести за исходот на случајот. Институциите може и да одбијат да дадат информации, но мора да образложат зошто.

- Со ова ќе се надминат ситуациите кога со месеци се чекаат информации од институција - вели Димовска.

Директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, рече дека очекува уште поефикасна соработка иако и досега Управата соработувала со антикорупциската комисија во случаи на недоставување анкетни листови од вработени во Царината, со УЈП за испитување на имотот, со Финансиската полиција за откривање незаконитости во Царината и кај трговските друштва и со други институции.

Извор: ННС. (26.12.2007). Со размена на информации против корупцијата. Дневник.

вторник, 25 декември 2007

Нова Македонија: ФЗОМ воведе интегриран информатички систем

Осигурениците ќе добијат побрза и поквалитена услуга, пократко време за исплата на боледувањето, два пати месечно, и рефундирање на нивните средства, со интегрираниот информатички систем кој го воспостави Фондот за здравствено осигурување.
Како што најави директорот на ФЗОМ, Ѓорѓи Тренковски, овој систем ќе овозможел целосна контрола на работењето на сите подрачни служби и намалување на можностите за корупција.
„Со ова ќе и се нанесе удар на корупцијата и не ќе може да се прават различни исплати за иста работа “, рече Тренковски.
Системот овозможува и брз и сигурен пристап до податоците како и квалитетна и посебна грижа за заштита на доверливоста на личните податоцина осигурениците. 27 од 31 локација на ФЗОМ биле информатички поврзани со централата.Оваа година биле купени 430 нови компјутери , пет нови сервери и инфраструктурна опрема.
Проектот бил реализиран од кредитот земен од Светска Банка, во износ од 2 милиони долари, од кои 500.000 биле искористени за купување на комплетна опрема.
НЕОКОМ е фирмата која ќе го спроведува проектот, а била избрана на тендер распишан од Светска банка во 2001 година.
До 2010 година се очекува целосна имплементација на проектот, а крајната цел е воведување на електронска здравствена картичка и систем на плаќање по ДРГ нормите.

Извор: (25.12.2007). ФЗОМ воведе интегриран информатички систем. Нова Македонија.

недела, 23 декември 2007

Време: Година на борба против пиратеријата

Советот за радиодифузија ја прогласи 2008 година за година на борба против пиратеријата и заштитата на авторските права.
Советот оцени дека практиката на долгогодишно непочитување на законите со кои се регулираат авторските права во целина, и посебно авторските права во сферата на радиодифузијата влегува во драматична фаза и дека тоа сериозно може да го загрози процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија.
Советот укажа на постојното и исклучително ниско ниво на заштитата на авторските права во радиодифузната дејност и предупреди дека оцената за нашата држава што ќе ја формираат европските институции нема да биде позитивна без видлив напредок во сегментот на авторските права во целина.

Извор: (23.12.2007). Година на борба против пиратеријата. Време.

четврток, 20 декември 2007

Дневник: Компјутерски зрак светлина за слепите лица

Ова е значаен ден за сите слепи лица. Добивме компјутерски програми што ќе ни ја олеснат комуникација и со нив првпат ќе можеме да читаме на македонски јазик, да пишуваме, да праќаме мејлови, се' што досега ни беше речиси непремостлив проблем.Вака претседателот на Сојузот на слепите лица, Жарко Селковски, вчера го оцени значењето на заедничкиот проект на „Семос и на „Дневник“, кој беше презентиран пред членови на сојузот, невладини организации и фондации...
- Странските програми досега чинеа и до 2.000 евра. Тие беа недостапни за нас. Им благодарам на „Семос“ и на „Дневник“, што ни овозможија бесплатно да ги користиме овие програми - рече Селковски. Присутните првпат официјално слушнаа како компјутерските програми текстот го претвораат во звук и читаат скенирани или текстови од интернет. Тоа се само дел од можностите што во иднина ќе можат да ги применуваат слепите лица благодарение на програмите изработени од фирмата „Семос“. Компјутерските програми се составени од два дела: електронски читач на екранот НВДА и гласовен синтетизатор „и-спик“. Тие целосно ќе може да ги заменат скапите програми, кои досега се набавуваа од другите земји. Гласовниот синтетизатор „и-спик“ е приспособен да ги изговара македонските кирилични букви, броевите и правилно да ги акцентира зборовите. Втората програма, читач на екранот, НВДА, ги пренесува соодветните текстуални информации од екранот до корисникот.

Главната и одговорна уредничка на весникот „Дневник“ Катерина Блажевска рече дека „кога постои благородна идеја, не е тешко да се најдат партнери за да се оствари“.

- Идејата потекна од нашиот колега Марјан Јанев, новинар во Македонско радио и член на Сојузот на слепи, а „Семос“ го прифати предизвикот да ја изработи ова програма. Ова е проект која ќе внесе светлина во животот на слепите и во нивната комуникација. Не радува што и министерот за информатичка технологија Иво Ивановски најави дека Владата ќе го поддржи овој проект - истакна таа.

Проектот предвидува и обука за десетина члена на Сојузот на слепи, кои потоа ќе можат своите знаења да им ги пренесуваат на други лица. Од фирмата „Семос“ најавуваат дека програмите постојано ќе се надградуваат за да бидат што подобри.

- Ги повикувам сите што се подготвени да ги подобрат програмите да ни се придружат. Предизвикот е сега да се направи говорен синтетизатор, кој ќе може да препознава и емоции во текстовите, но и да го ублажи „металниот“ звук што сега го има програмата - рече Герасим Ванчев, директор на „Семос“.

Сојузот на слепи на Македонија обединува околу 2.500 члена, од кои најголемиот дел се пензионери и невработени лица. Од нив, само триесетина имаат сопствени компјутери.

Промовираните програми ќе бидат достапни на веб-страниците на Сојузот на слепи и на „Семос“ и ќе бидат бесплатни за користење.

Извор: (20.12.2007). Компјутерски зрак светлина за слепите лица. Дневник.

Вест: Нов софтвер за читање на македонски текстови

Четириесет и тригодишниот Коце Димов е со оштетен вид, член на Сојузот за слепи лица во Македонија. Коце вчера беше среќен оти за првпат читаше компјутерски текстови напишани на македонски јазик и отвори своја имеил адреса. Со проектот на дневниот весник "Дневник" и "Семос" кој вчера официјално беше промовиран, се обезбедени компјутерски програми за слепите лица со кои тие ќе можат од компјутер да читаат македонски текстови, да испраќаат мејлови, да пребаруваат по интернет. Компјутерските програми се составени од електронски читач на екранот НВДА и гласовен синтетизатор "и- спик". Гласовниот синтетизатор "и- спикот" е прилагоден да ги изговара македонските кирилични букви, броевите и правилно да ги акцентира зборовите. Втората програма, пак, читачот на екранот НВДА ќе ги пренесува соодветните текстуални информации од екранот до корисникот.
Двата програми за читање бесплатно ќе им бидат достапни на слепите лица, а поставени се на веб страниците на Сојузот на слепи лица и "Семос". Проектот предвидува и обука за членовите на Сојузот на слепи.
Слепите лица досега користеа читачи на екран набавувани од странство со гласови од други земји, кои не може да ги читат македонските букви. Една програма купена оттаму чинела до две илјади евра. Од вкупно 2.500 членови на Сојузот на слепи лица, само триесетина имаат комјутер.

Извор: (20.12.2007). Нов софтвер за читање на македонски текстови. Вест.

Утрински: Привремено откажа АДСЛ-от на „Телеком“

АДСЛ-от на „Македонски телекомуникации“ привремено откажа. Повеќе од 12 часа корисниците на АДСЛ од завчеравечер до вчера попладне не беа во можност да се конектираат на широкопојасниот брз Интернет. Дајал-ап Интернетот беше во функција, но со намалена брзина. Пречките при конектирањето на АДСЛ предизвика големи нервози кај корисниците кои останаа без можност да сурфаат на Интернет. Дополнително претплатниците ги изреволтира тоа што бесплатниот број за услуги 080012345 бил постојано зафатен, или во крајна линија кога линијата била слободна се чекало и од половина час да се одговори на повикот.

Пречките при конектирањето на АДСЛ беа отстранети во текот на вчерашниот ден. Од „Македонски телекомуникации“ потврдија дека проблемот со АДСЛ-от настанал завчеравечер околу 22 часот. Според надлежните, блокадата до пристапот на АДСЛ се случила поради технички проблеми на уредите за автентикација на корисниците. Како што појаснуваат од „Телеком“, претплатници кои се најавиле пред 22 часот немале никаков проблем со користењето на АДСЛ-от, но оние кои сакале да сурфаат по 22 часот воопшто немале никаков пристап до широкопојасниот Интернет.

„Јас сум зависен од АДСЛ. Работам до доцна во ноќта и неможноста да се приклучам на Интернет ме спречи навреме да ги извршам, пред се', своите работни обврски. Колку повеќе се шири Интернетот, толку е поголема одговорноста на провајдерот кој треба да се грижи за квалитетна и достапна услуга во секое време“, се пожали вчера Ристо Томов.

Извор: В.Г. (20.12.07). Привремено откажа АДСЛ-от на „Телеком“ . Утрински.

Утрински: Промовиран софтвер за слепи лица

Слепите лица ќе бидат во можност да користат компјутер со помош на две бесплатни компјутерски програми кои го интерпретираат прикажаниот текст на мониторот на македонски јазик. Програмите, кои вчера беа промовирани во Сојузот на слепите на Македонија, се дел од проектот на „Семос“ и весникот „Дневник“. Станува збор за две софтверски апликации, читач на екранот НВДА и гласовен синтезатор т.н. „и-спик“. Откако графичките содржини на екранот ќе поминат низ читачот, компјутерски глас ги изговара буквите, бројките и интерпункциските знаци.

„За секој почеток најважен е првиот чекор. Ова е првиот чекор што ги создава можностите за понатамошно усовршување“, рече главниот и одговорен уредник на весникот „Дневник“, Катерина Блажевска.

Досега ваквата можност беше обезбедена од една програма која е составен дел на оперативниот систем „Виндоус ХП“ наречен „Раскажувач“. Раскажувачот, кој е составен дел од оперативниот систем на „Мајкрософт“, ги интерпретира знаците на англиски јазик. „На лицата со попречен вид ќе им биде потребна покомплексна алатка од оваа за дневна употреба“, напомнува „Мајкрософт“ при стартувањето на оваа програма. Од Сојузот на слепите информираат дека покомплексните и подобрите програми се многу скапи и токму поради ова, досега многумина слепи лица не биле во можност да користат компјутер.

„Мора да имате предвид дека овие лица треба да ги научат основните компоненти на компјутерот и како се користат тие“, појасни директорот на „Семос“, Герасим Ванчев.

Извор: А.П. (20.12.2007). Промовиран софтвер за слепи лица. Утрински Весник.

среда, 19 декември 2007

Време: Блокиран бесплатниот интернет

Граѓаните се жалат дека бесплатниот Интернет кој го нуди и рекламира Владата не е функционален зашто со денови не можеле да се приклучат во мрежата. Тие велат дека дури и кога успевале да се приклучат, Интернет имале само половина час, а потоа автоматски биле исклучувани. Иво Ивановски, министерот за информатичко општество вчера објасни дека проблемот настанал поради преголемата заинтересираност за владиниот Интернет.
- Има одреден број порти, кои кога ќе се преполнат со корисници, се блокираат. Потоа мора да се чека некој од корисниците да се исклучи за да може на негово место да се приклучи друг корисник. И минатата година имаше ваков проблем, затоа годинава ги зголемивме портите за три пати, но, заинтересираноста е многу голема - изјави Ивановски.

Извор: А. П. (19.12.07). Блокиран бесплатниот интернет. Време.

Утрински: Откривањето на матичниот број ќе се казнува со 5.000 евра

Откривањето на матичниот број ќе се казнува и со 5.000 евра. Тоа е максималната парична санкција за злоупотреба на личните податоци што ја предвидел законодавецот, а која ќе може да се изрекува по 19 декември. Дирекцијата за заштита на личните податоци досега не иницираше прекршочни постапки поради транзицискиот грејс-период за приспособување на јавниот и приватниот сектор.

Постапките ќе ги водат основните судови кои немаат никакво искуство за проблематиката. Дали предметите брзо ќе се процесуираат или ќе се чуваат во фиока, па ќе застаруваат - зависи од судиите.

„Од денеска предмет на надзор ќе бидат поголемите институции. Ќе ги евидентираме неправилностите на терен, а паралелно ќе имаме слух и за секоја претставка од граѓани. Очекуваме медиумите да ни бидат партнери. Свесни сме дека честопати ќе се конфронтираме со институциите, но тоа е природата на нашата работа. Ефективноста на повредите во сферата на заштитата на личните податоци ќе може да се почувствува дури по изрекувањето казни. Тогаш никому нема да му биде сеедно. За правни лица контролори се предвидени од 200.000 до 300.000 денари, а за физички лица од 40.000 до 50.000 денари“, вели директорката на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Маријана Марушиќ.

Посебен предмет на опсервација во измените на Законот за заштита на личните податоци е видеонадзорот. Институциите што сакаат да постават камери ќе мора да истакнат известување за тоа. Притоа, точно ќе биде регулирано под кој агол можат да се стават камерите, што точно може да се надгледува, колку време најдолго може да се чува снимката. Просторот ќе мора да биде видно обележен за граѓаните да знаат дека нивното движење се следи. Исто така, ќе се знае која фирма снима за граѓанинот да може да се информира каде се чува снимката на која е регистрирано неговото присуство. Камерите над становите и куќите мора да бидат поставени така за да го следат само директниот влез во куќата или станот, а не и пошироката околина, тротоар, крстосница. Ако камерата се става во колективна станбена зграда, согласност за тоа мора да дадат сите станари. Без согласност само на еден станар, видеонадзор над зградата е невозможен.

Со најголеми бази на лични податоци на граѓаните располагаат министерствата за внатрешни работи и за правда (преку избирачките списоци), Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување. Овие институции мора да ги имаат нашите лични податоци, но мора да бидат строго заштитени и недостапни за неовластени лица. Но, со банки на податоци располагаат и други, на пример, политички партии. Потврда за тоа се пропагандните материјали во затворени коверти на име и презиме и лична адреса, а без никаква порачка. Тоа не значи ништо друго, туку пробивање на базите со податоци.

Кога станува збор за злоупотреба на личните податоци, во Дирекцијата посочуваат на многу, но велат дека една од најголемите се прави при склучување договор со мобилен оператор. И покрај тоа што никаде во договорот не стои клаузула дека телефонскиот број, адресата, брачниот статус ќе се користат во анкети, наградни игри, маркетиншки истражувања, компаниите ги бомбардираат корисниците со разновидни прашалници. Тоа е можност за злоупотреба на идентитетот и се третира како прекршок.

Граѓаните, исто така, се жалат дека со само еднаш земен кредит од некоја банка, кога оставиле лични податоци, биле доведени во ситуација банкарски службеници да ги известуваат телефонски за некои нови поволности, а тоа не е в ред. Од Дирекцијата им советуваат на граѓаните веднаш да се обратат до нив и за најмало сомневање дека некој неовластено побарал матичен или телефонски број, копија од лична карта или пасош.

Извор: (19.12.07). Откривањето на матичниот број ќе се казнува со 5.000 евра. Утрински Весник.

Дневник: Над 12.000 студенти купиле компјутер

Точно 12.099 студенти купиле компјутер со владините ваучери од 200 евра, а само 129 останале неискористени, информираа вчера од Владата.

Министерот за развој на информатичкото општество, Иво Ивановски, ја оцени акцијата како многу успешна, но Владата не планира да ја продолжи и в година.

Продажбата на компјутерите преку ваучери се вршеше во 218 фирми, за што беа издвоени околу 2,5 милиона евра од државниот буџет.

Извор: Д.Т. (19.12.2007). Над 12.000 студенти купиле компјутер. Дневник.

Утрински: Владата задоволна од искористеноста на ваучерите за студентите

Министерот без ресор задолжен за развој на информатичкото општество, Иво Ивановски, задоволен е од спроведената кампања „Ваучери за студентите“.

Презентирајќи ги резултатите од овој проект на Владата, Ивановски вчера на прес-конференција рече дека од вкупно 13.464 ваучери, издадени се 12.228. Тоа претставува искористеност од 98,9 отсто на вредносните бонови наменети за студентите кои првпат запишале последна студиска година на регистрираните државни и приватни универзитети.

„Процентот од 98,9 отсто е добра бројка, што значи дека Македонија е успешна во полето на ИТ-технологијата“, рече Ивановски. Тој очекува да се зголеми и бројот на Интернет-корисниците. За издадените ваучери од Буџетот се издвоени 2,42 милиона евра, а неискористените ваучери ќе се бидат комисиски поништени.

Извор: Ек.Р. (19.12.07). Владата задоволна од искористеноста на ваучерите за студентите. Утрински Весник.

вторник, 18 декември 2007

Дневник: Промовирани три центри против корупцијата

Давање совети за заштита од корупција на локално ниво, информирање и едукација на граѓаните и локалните субјекти се целта на новоформираните општински центри за борба против корупцијата што беа промовирани вчера во Тетово.

Проектот „Општински антикорупциски центри“ се спроведува од неколку невладини организации, а покрај Тетово, канцеларии ќе има и во Куманово и во Кавадарци.

Целни групи за давање совети ќе бидат граѓани и локални субјекти што немаат можност да добијат такви совети на друг начин и немаат доволно информации за корупцијата.

Центрите ќе бидат отворени до крајот на годинава, а ќе функционираат десет месеци.

Проектот го спроведува Младинска алијанса од Тетово во соработка со Граѓанската организација ОХО - Скопје, а парично е поддржан од германскиот Маршал-фонд.

Извор: И.Ц. (18.12.1007). Промовирани три центри против корупцијата. Дневник.


Дневник: Читачот за слепи ќе отвора нови страници

Сега е приоритет да се поработи на квалитетот на изговор во „и-спикот“ во однос на специфични зборови од македонскиот јазик, вели Петар Ацоски, еден од авторите на програмите

Програмите преку кои слепите лица ќе може да читаат текстови на компјутер, постојано ќе се унапредуваат за да се постигне поголем квалитет. Проектот заеднички го подготвија „Семос“ и на „Дневник“. Системските инженери Петар Ацоски и Дејан Митев, автори на техничкото решение, најавуваат дека во развојот на проектот ќе бидат вклучени стручњаци од различни профили. Програмите ќе бидат промовирани утре во Сојузот на слепите на Македонија. Електронскиот читач на екранот НВДА и гласовниот синтетизатор „и-спик“ треба да им помогнат многу на слепите лица што користат компјутери. Со нив тие првпат бесплатно ќе добијат програми преку кои ќе може да читаат текстови на македонски јазик, да пребаруваат на интернет, да праќаат и да примаат мејлови.

- Сега е приоритет да се поработи на квалитетот на изговорот во „и-спикот“, каде што треба да се додадат зборовите од македонскиот јазик што не подлежат на правилото за третосложно акцентирање. Во проектот може да се вклучат стручњаци од областа на македонскиот јазик - фонетиката, лингвистиката - од информатичката технологија и од други области - вели Ацоски.

Тој и Митев го приспособија гласовниот синтетизатор да ги изговара македонските букви, броевите и правилно да ги акцентира зборовите. Втората програма, читач на екранот НВДА, ги пренесува соодветните текстуални информации од екранот до корисникот. Членови на Сојузот на слепите на Македонија што веќе ги тестирале програмите велат дека ќе можат без проблем да ги користат, но сугерираат дека е потребно да се подобри изговорот.

- Програмите ќе бидат поставени на веб-страниците на Сојузот на слепи лица и на „Семос“. Од таму ќе бидат достапни бесплатно за сите заинтересирани за користење и за рие што би сакале активно да се вклучат во неговото усовршување - објаснува Дејан Митев.

Сојузот на слепите и „Семос“ изработија и посебно упатство за користење на програмите на Брајов јазик, со кое слепите лица ќе можат да научат да ги користат програмите. Овој проект истовремено предвидува и обука за десетина члена на Сојузот на слепи, кои потоа своите знаења ќе им ги пренесат и на другите лица. „Семос“ ќе продолжи да го поддржува информатичкото дообразување на лицата со оштетен вид преку овој така и други проекти, обуки за дактилографија, користење персонални компјутери и друго. Во проектот може да се вклучат и други заинтересирани фирми, невладини организации, институции и ентузијасти, со донирање персонални компјутери и други средства потребни за подобрување на компјутерското образование на слепи и слабовидни лица.


Извор: Бранко Горгевски. (18.12.2007). Читачот за слепи ќе отвора нови страници. Дневник.


сабота, 15 декември 2007

Време: Компјутерскиот пазар пораснал 40 отсто

Жешка бизнис-година имале македонските ИТ-компании, покажува студијата на ИДЦ, меѓународна организација за анализа на пазари според која на крајот на 2007 година се очекува растот на вредноста на македонскиот информатички пазар да достигне околу 40 отсто и сума од 121 милион американски долари. Според аналитичарите, растот се должи на големите инвестиции на Владата во образовниот сектор. “Рапидниот раст на македонскиот ИТ пазар се очекува да продолжи и следните години, поддржан од експанзијата на економијата во државата, Владините иницијативи за развој на информатичко општество, странските директни инвестиции, подготовките за членство во НАТО и ЕУ, реформата на јавната администрација и реструктуирањето на компаниите“, пишува во анализата.
Оттаму објаснуваат дека бранот во ИТ потрошувачката во земјава доаѓа по здравиот пораст од околу 13 отсто во 2006, кога вкупниот приход во оваа индустрија бил околу 83 милиони американски долари. “За разлика од 2007, побарувачката во 2006 беше предоминантна во секторите на големи претпријатија и домашни корисници, а набавките од државните институции и јавните претпријатија беа одложени заради парламентарните избори“, пишува во анализата.
Борис Житник, директор на ИДЦ Адриатикс вели дека после изгубената декада, појавата на пораст на македонскиот ИТ пазар не е само случајно отскокнување туку покажува уникатна виталност во споредба со другите држави од регионот. - Поради растечката економија, активностите за поттикнување на странски директни инвестиции, подготовките за членство во НАТО и ЕУ, потрошувачката на ИТ во земјата ќе има висок пораст во следниот среднорочен период - вели Житник. Според анализата, хардверот и понатаму е доминантен на ИТ-пазарот во Македонија. ИДЦ проценува дека инвестициите во хардверот ќе пораснат за 69 отсто во 2007, достигнувајќи околу 80 милиони американски долари, што е речиси две третини од вкупната потрошувачка. ИТ услугите се вториот по големина сегмент, со предвидување за пораст од 16 отсто во однос на 2006 и приход од околу 25 милиони долари приход. Пакуваниот софтвер е третопласиран со 16,5 милиони американски долари во 2007 (13.6% од пазарот) во споредба со 14,3 милиони американски долари во 2006 година.
- Иако структурата на ИТ потрошувачката ја рефлектира незрелоста на Македонскиот ИТ пазар, евидентен е сериозен исчекор кон ИТ услугите - вели Житник. Тој додава дека Македонија е лидер во Адриатик регионот во растот на популарноста како оф-шор провајдер на ИТ услуги. Според него Минатата година, локалните провајдери извезле третина од своите услуги во странство. ИДЦ е водечки глобален провајдер на истражување на пазарот, советодавни услуги и настани за: информатички технологии, телекомуникации и потрошувачка електроника. Повеќе од 900 аналитичари на ИДЦ подготвуваат глобална, регионална и локална експертиза за технологиите и индустриските можности и трендови во 90 држави. Повеќе од 43 години, ИДЦ испорачува стратегиски увиди со цел да им помогне на своите клиенти да ги постигнат сопствените клучни бизнис цели.

Извор: В.Н. (25.12.2007). Компјутерскиот пазар пораснал 40 отсто. Време.

петок, 14 декември 2007

Вечер: Истекува рокот за вредносните ваучери

Рокот за искористување на вредносните ваучери истекува в сабота 15 декември 2007 година, кој е последен ден за нивно искористување, соопштуваат од Владата. Како што е познато ваучерите можат да се искористат за купување на лаптоп или декстоп компјутер или за купување на куќиштето од десктоп компјутерот. До крајниот датум треба да биде извршена трансакцијата, односно да биде купен компјутерот од фирмите кои продаваат компјутери и издаваат фискална сметка за тоа, а испораката на компјутерот може да се случи подоцна. Според податоците со кои располага Владата на Република Македонија, до завчера искористени се точно 9298 ваучери, а Универзитетите и факултетите досега подигнаа вкупно 11.200 ваучери.

Извор: (14.12.2007). Истекува рокот за вредносните ваучери. Вечер.

четврток, 13 декември 2007

Време: Компјутери се продаваат како алва

Скопските софтверски фирми деновиве се преполни со студенти кои купуваат компјутери со ваучери, зашто утре истекува крајниот рок во кој тие треба да ги искористат вредносните бонови, подарок од Владата. Сопствениците на фирмите се задоволни од продажбата и од огромниот интерес за нивните понуди, но сепак, некои од нив стравуваат дека нема да успеат да ги реализираат сите ваучери во предвидениот рок.
- Продавницата ни е секој ден преплавена од муштерии. Најмногу се продаваат персоналните компјутери, за лаптопите интересот е помал. Навалица очекуваме и утре - велат „Нико компјутери“.
И во останатите компјутерски фирми сопствениците тријат раце од големата продажба.
- Еднакво продаваме и лаптопи и класични компјутери. Реализирани се онолку ваучери колку што и планиравме да примиме - велат во „АМЦ“.
Во „Риверсофт“ велат дека досега реализирале само 450 ваучери. Оттаму стравуваат дека нема да стигнат во овој кус период да продадат неколку стотици компјутери.
Од Владата, ниту од Министерството за информатичко општество вчера не беа достапни да кажат колку вкупно ваучери се реализирани досега. Како што велат сопственици на компјутерски фирми, нивната бројка засега изнесува над 8.000.

Извор: А. П. (13.12.2007). Компјутери се продаваат како алва. Време.

Нова Македонија: Реализирани 7,547 ваучери за компјутери

Владата информира дека досега се реализирани 7.547 ваучери за компјутери. Владиниот портпарол, Ивица Боцевски, напомена дека рокот за реализирање на ваучерите истекува и апелираше до студентите што поскоро да ги искористат ваучерите.
Ваучерите ги доделува Владата на сите студенти кои за прв пат запишале апсолвентска година и се во вредност од 200 евра.

Извор: (13.12.2007). Реализирани 7,547 ваучери за компјутери. Нова Македонија.

среда, 12 декември 2007

Утрински: Државата пак ги даде „Телеком“ и „Т-мобиле“ на суд

„Македонски телекомуникации“ и „Т-мобиле“ повторно се на суд. Централниот регистар поднесе прекршочна пријава, бидејќи двете компании не ги доставија во законскиот рок финансиските резултати од работењето во 2006 година. Првото рочиште, како што дознаваме неофицијално, е закажано за денеска во Основниот суд Скопје 1, Одделение за прекршоци. Ќе се водат две независни судски постапки затоа што „Телеком и „Т-мобиле“ се независни правни субјекти. Надлежните од компаниите засега не сакаат да коментираат ништо околу судскиот процес.

„Телеком“ и „Т-мобиле“ не ги испочитуваа роковите за доставување на финансиските резултати за 2006 затоа што во компаниите траеше финансиската истрага по наводите за проневера на пари, што претставува клучна пречка за усвојување и доставување на ревидираните резултати до финансиските институции во државава. Со оглед на тоа дека роковите не беа запазени, надлежните го информираа Централниот регистар за причините. Но, тоа за Централниот регистер воопшто не е оправдување, така што сите фирми во држава кои доцнеа со финансиските резултати, меѓу нив и „Телеком“ и „Т-мобиле“, заработија прекршочни пријави.

Законот за трговски друштва предвидува компаниите што доцнат со поднесување на финансиските извештаи да се казнат парично со сума од 50 до 150.000 денари или пак да се донесе одлука за забрана за вршење на дејност на фирмите во траење од три месеци до една година. Има и казни за раководството на фирмите. Така, првите луѓе на „Телеком“ и на „Т-мобиле“ се соочуваат со парична казна од 10.000 до 50.000 денари или пак ќе добијат забрана да бидат директори за период од три месеци до една година.

„Телеком“ и „Т-мобиле“ доцнеа и со поднесување на финансиските извештаи за 2005 година и затоа, исто така, се водеше судски процес. Според нашите информации, „Телеком“ како компанија мораше да плати парична казна од околу 2.500 евра, бидејќи не ги испочитува законските рокови за доставување на резултатите од работењето во 2005 година.

Независно од тоа што Централниот регистар не ги доби навреме резултатите за 2006 година, тие веќе и' се познати на јавноста. Двете компании, кои се во доминантна сопственост на унгарски „Маѓар телеком“, во изминатата година оствариле профит пред оданочување од 162,3 милиони евра. Тоа е за 22 милиона евра повеќе споредено со 2005 година, кога имале ќар во висина 140 милиони евра.

Извор: Верче Георгиевска. (12.12.2007). Државата пак ги даде „Телеком“ и „Т-мобиле“ на суд. Утрински Весник.

Вечер: ВИП нема да зрачи од болници и градинки

ВИП оператор ќе избегнува своите базни станици, преку кои го пренесува сигналот до корисниците, да ги поставува врз или во близина на болници, училишта или детски градинки. Првите луѓе на оваа компанија велат дека ќе го слушаат гласот на јавноста и ако тие се осетливи по тоа прашање, ВИП нема да направи ништо со што ќе ги иритира. Оваа изјава доаѓа откако во јавноста се крена прав по информацијата дека ВИП поставил базна станица над зградата на Гинекологија на скопскиот Клинички центар и дека електро-магнетното зрачење ќе влијае врз здравјето на новороденчињата.

- Таа базна станица не работи, но кога би ни се овозможило да направиме мерење на зрачењето најмалку за три часа, верувам дека вредноста ќе биде 10 илјади пати помала од онаа што е дозволена во земјите од ЕУ, впрочем чии стандарди и ние ги користиме. Мерењето ќе го направиме заедно со Министерството за здравство бидејќи нас, како оператор, не ни веруваат - вели досегашниот главен извршен директор на ВИП оператор, Младен Пејковиќ.

Тој вели дека во Хрватска, мобилниот оператор Випнет кој е компанија сестра на ВИП Оператор имаат ставено базни станици врз детски градинки и дека таму нема реакции. Сепак, Пејковиќ вели дека се подготвени да ја тргнат базната станица над зградата на Гинекологија ако тоа од нив го побара Министерството за транспорт и врски.
Досега овој оператор во државата има поставено околу 100 сопствени базни станици (не се сите во функција) и дека процедурите за добивање на градежни дозволи се во тек. Одговорните од компанијата уверуваат дека приоритет во 2008 година ќе им биде изградбата на сопствена мрежа. ВИП во моментов користи национален роаминг преку мрежата на Т-Мобиле Македонија.

- Со сигнал на ВИП оператор досега се покриени 30 проценти од населението на земјава со што го исполнивме првиот услов од добивањето на лиценцата за работа, а тоа овој процент да го постигнеме во првата година од работењето. Очекувам во првиот квартал од идната година да имаме покриеност до 50 проценти на населението со сигнал, а брзо потоа и до 80 проценти и тоа првенствено во градовите и главните патни правци во државата - истакна Пејковиќ.

Од оваа компанија сметаат дека трите мобилни оператори ќе учествуваат на тендерот за добивање лиценца за третата генерација на мобилна телефонија - 3Г, бидејќи моделот што го избра Агенцијата за електронски комуникации им овозможува на сите да користат единствена инфраструктура.

- Победникот на тендерот ќе треба да понуди малопродажни цени за граѓаните и големопродажни цени за другите заинтересирани за услугата - 3Г. За ова да функционира е потребен јак регулатор кој ќе ги контролира цените - смета Пејковиќ.

Од компанијата не прецизираат колку претплатници имаат во моментот, но шансата ја гледаат во пораст на пенетрацијата на мобилната телефонија во земјава. Место сегашните осум, од ВИП очекуваат дека за неколку месеци ќе имаат триесетина роаминг партнери.

Извор: Светлана Блажевска. (12.12.2007). ВИП нема да зрачи од болници и градинки. Вечер.

вторник, 11 декември 2007

Вест: 5.000 евра за откривање матичен број

Дирекцијата за заштита на личните податоци од 19 декември ќе може да покренува прекршочни постапки и да казнува за неовластено откривање на лични податоци. Наредната недела изминува законски утврдениот транзициски период во кој сите институции и сите физички и правни лица имаа обврска да го усогласат своето работење со одредбите од Законот за заштита на личните податоци.
"Изминативе две години сите требаше да научат дека личните податоци можат да се собираат за конкретни, јасни и со закон утврдени цели", вели Маријана Марушиќ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. "На пример, нема потреба да се зема матичен број кога се зачленувате во видеотека и кога земате филм. Исто така, нема потреба да ви ја скенираат личната карта. Кога аплицирате за вработување нема потреба да ве прашуваат за вашиот брачен статус. Тоа се преобемни информации, односно се собираат повеќе информации отколку што се потребни за да се оствари конкретната цел", објаснува директорката.
Како прекршување на заштитата на лични податоци Марушиќ ги наведува и институциите кои речиси никогаш не ги бришат еднаш собраните лични податоци. "Ако си аплицирал за вработување и не те примат податоците може да останат само ако ти се согласиш. Кога во телекомуникациите ќе откажеш некој мобилен или фиксен број, твоите податоци и понатаму остануваат во базата на податоци. Тоа го прават речиси сите, а тоа не смее да се случува", кажува Марушиќ.
Од наредната недела инспектори на Дирекцијата за заштита на личните податоци ќе може да вршат контрола, а прекршочната комисија во Дирекцијата да изрекува казни. Согласно Законот, прекршочните санкции за правните лица се движат од 200.000-300.000 денари, а за физичките лица од 20.000-30.000 денари. Во собраниска процедура се измени на Законот за заштита на личните податоци каде се предлага зголемување на висината на казните.
Дирекцијата ќе казнува и во делот на видеонадозорот и нарушување на приватноста на лицата. Секој објект каде што има поставено камери, мора да биде обележан и на видно место да стои известување дека објектот се снима.
Сите институции и правни и физички лица имаат обврска да предвидат технички и организациони мерки за заштита на личните податоци. Контролите на Дирекцијата ќе се реализираат согласно со годишната програма за работа. Но истовремено инспекторите ќе вршат проверка и по барање на граѓани.
"Граѓаните чии лични податоци се на каков било начин неовластено откриени или злоупотребени од страна на контролорите можат да и се обратат на Дирекцијата заради утврдување на повредата", вели Марушиќ.

Извор: Р.Ф. (11.12.2007). 5.000 евра за откривање матичен број . Вест.

понеделник, 10 декември 2007

Дневник: Донирана компјутерска опрема за лица со хендикеп

Специјална компјутерска опрема за лица со хендикеп, факс-машини, безжични телефони и плејстејшн се дел од донацијата на компанијата „Германос телеком“, наменета за Центарот на граѓанското здружение „Отворете ги прозорците“.
Центарот, приспособен за потребите на лицата со физички хендикеп и интелектуална попреченост, моментно го посетуваат 24 лица. - Бизнис-секторот во Македонија станува се' посвесен за потребата од пристап до компјутерската технологија за лицата со хендикеп, а со тоа и активен поддржувач на оваа идеја. Со пристапот до информации и знаење, го помагаме образованието на овие лица. Целта ни е да станат активни учесници во општеството - рече Лидија Крстевска од здружението „Отворете ги прозорците“.

Техничката опрема им ја предаде претставничката на „Германос“, Артемис Христодолу, која на децата им подели и новогодишни пакетчиња. Таа нагласи дека ова е само прв чекор во соработката на компанијата со граѓанското здружение.

Извор: Д.Т. (10.12.2007). Донирана компјутерска опрема за лица со хендикеп. Дневник.

Вест: Студентските домови не може да се приклучат на Интернет


Не можеме да приклучиме цели студентски домови на Интернет, зашто во ниту еден од нив нема соодветна внатрешна инсталација, односно технички услови за тоа да се направи, велат од „Македонски телекомуникации“, по најавите на Сојузот на студенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (ССУКМ) дека владин тим подготвува проект за спроведување бесплатен Интернет за студентите. Од Министерството за информатичко општество, каде што го подготвуваат овој проект, вчера не беа достапни да објаснат дали е планирано да се приспособат простори за интернет-кафулиња во домовите, или, пак, кон мрежата ќе се приклучува секоја соба посебно. Студенти од неколку скопски дома велат дека досега безуспешно повеќепати барале од македонските провајдери да приклучат цели домови кон мрежата. - Зградата на „Пелагонија“ е изградена пред повеќе од 40 години. Точно е дека инсталацијата е стара и затоа не може да се спроведе Интернет во целата зграда. Баравме да не приклучат, но не одбија. Засега дел студенти на своја рака користат Интернет - вели Ристе Кокутанов, претседател на Советот на станари во студентскиот дом „Пелагонија“. Мал е бројот и на студенти во „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“, како и во „Кузман Јосифовски Питу“ што користат Интернет. - Ни рекоа дека ако ја приклучеле цела зграда, ќе сме правеле многу злоупотреби, а и многу гигабајти дневно ќе сме трошеле. Тоа беа нивните образложенија кога баравме да ни стават Интернет - вели Александар Макариоски, претседател на станарите во „Гоце Делчев“. Како што тврдат студентите, во „Стив Наумов“ веќе биле претставници од Министерството за информатичко општество, кои проверувале дали има простор и технички услови за да се монтира Интернет. ССУКМ пред извесно време најави дека посебен владин тим подготвува проект за бесплатен Интернет во домовите. Она што досега е познато е дека се подготвува технички елаборат, односно членовите на тимот проверуваат дали има услови за да се реализира проектот. Според првичните најави, студентите во домовите ќе почнат бесплатно и неограничено да ја користат оваа услуга од февруари.


Извор: Антонија Попвска. (10.12.2007). Студентските домови не може да се приклучат на Интернет. Време.

Утрински: Музичката продукција нема да биде под капата на МРТ

Музичката продукција, која досега функционираше како составен дел на Македонската радио-телевизија, ќе се издвои како посебна целина и ќе биде независна од јавниот сервис. Според новата систематизација, музичката продукција која е формирана уште од создавањето на МРТ, сама ќе се грижи за остварување приходи преку организирање настапи и концерти.

ВО музичката продукција работат околу 70 луѓе. Во нејзин состав влегуваат „Бинг бенд“ или забавниот оркестар, народниот оркестар, оркестарот на народни инструменти, музичките продуценти, редакциите за сериозна, за забавна музика итн. Во фонотеката на оваа продукција има околу еден милион снимки кои постојано се емитуваат на програмата на МРТ и претставуваат вистински музички национален архив. Таа истовремено е нераскинливо поврзана и ги следи сите значајни музички настани во земјава: „Охридско лето“, „Мајски оперски вечери“, „Денови на македонска музика“, „Интерфест“.

Вработените во музичката продукција сметаат дека со новата систематизација, раководството на МРТ сака продукцијата да згасне и сите да останат на улица. Тие стравуваат дека без работа ќе останат познати имиња на композитори, уметници и аранжери.

„Музичката продукција во изминатите децении одигра значајна улога и во афирмација на автентичното и квалитетно творештво и на македонската популарна музика, што претставува, всушност, идентитет на нашиот народ што некои соседи сакаат да ни го укинат. Дури и светот не' препознава по фолклорот и традицијата, кои сме должни да ги надградуваме. Раководството треба да се замисли дека уметниците во ниедно општество не се пречка за развојот, туку поттик“, велат вработените во музичката продукција на МРТ кои нагласуваат дека таму поминале сите музички имиња, почнувајќи од Сариевски, Бадев, Калиопи, па се' до нашата најголема ѕвезда, која трагично го загуби животот, Тоше Проески.

Но, од Управниот одбор велат дека музичката продукција нема да се укине или да згасне. Едноставно, вработените нема да бидат директно под капата на јавниот сервис, односно на платен список на МРТ, туку сами ќе заработуваат. Ќе имаат посебна жиро-сметка и ќе се регистрираат како ДООЕЛ. На почетокот, помошта од менаџментот, како што нагласуваат од УО, ќе биде сигурно обезбедена.

Од кабинетот на извршниот директор на МРТ, Јанез Сајовиц, појаснуваат дека не е целта да се избркаат луѓето и да се затвори музичката продукција, туку да се најде нејзината суштина. Од кабинетот велат дека музичката продукција ќе функционира според системот на проекти, кои дел и самите вработени ќе ги предлагаат, а меѓу нив влегуваат и организирање концерти во земјава и странство, од што ќе се обезбедуваат пари. Но, осмислувањето на иднината на музичката продукција се' уште трае, така што сите сугестии од вработените ќе бидат разгледани.

Од Управниот одбор, пак, на МРТ истовремено истакнуваат дека целата архива која е создадена од музичката продукција нема да биде заборавена или отфрлена, туку таа ќе се префрли и ќе биде во сопственост на продукцијата со заштитени авторски права.

Извор: Верче Георгиевска. (10.12.2007). Музичката продукција нема да биде под капата на МРТ. Утрински Весник.

сабота, 8 декември 2007

Дневник: Претприемачите учат информатика и комуникации

Во рамките на проектот „Зајакнување на претприемништвото, конкурентноста и иноваторството“ на Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија, во тек е кампања за подобро запознавање на претприемачите со важноста од воведување на информатичко-комуникациската технологија во нивното работење.

Партнер во кампањата е Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии, а се реализира во соработка со Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Македонија, како и општините од неколку градови. Целта на кампањата е да се запознаат што е можно поголем број претприемачи за важноста од воведување на оваа технологија.

Јавните презентации во рамките на кампањата се состојат од два дела. Во првиот се презентираат позитивните страни и искуства за улогата на информатичко-комуникациската технологија за подобрувањето на конкурентноста на малите и средните претпријатија, а во вториот дел се врши презентација на компании од регионот.

Извор: (8.12.2007). Претприемачите учат информатика и комуникации. Дневник.