среда, 19 декември 2007

Утрински: Откривањето на матичниот број ќе се казнува со 5.000 евра

Откривањето на матичниот број ќе се казнува и со 5.000 евра. Тоа е максималната парична санкција за злоупотреба на личните податоци што ја предвидел законодавецот, а која ќе може да се изрекува по 19 декември. Дирекцијата за заштита на личните податоци досега не иницираше прекршочни постапки поради транзицискиот грејс-период за приспособување на јавниот и приватниот сектор.

Постапките ќе ги водат основните судови кои немаат никакво искуство за проблематиката. Дали предметите брзо ќе се процесуираат или ќе се чуваат во фиока, па ќе застаруваат - зависи од судиите.

„Од денеска предмет на надзор ќе бидат поголемите институции. Ќе ги евидентираме неправилностите на терен, а паралелно ќе имаме слух и за секоја претставка од граѓани. Очекуваме медиумите да ни бидат партнери. Свесни сме дека честопати ќе се конфронтираме со институциите, но тоа е природата на нашата работа. Ефективноста на повредите во сферата на заштитата на личните податоци ќе може да се почувствува дури по изрекувањето казни. Тогаш никому нема да му биде сеедно. За правни лица контролори се предвидени од 200.000 до 300.000 денари, а за физички лица од 40.000 до 50.000 денари“, вели директорката на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Маријана Марушиќ.

Посебен предмет на опсервација во измените на Законот за заштита на личните податоци е видеонадзорот. Институциите што сакаат да постават камери ќе мора да истакнат известување за тоа. Притоа, точно ќе биде регулирано под кој агол можат да се стават камерите, што точно може да се надгледува, колку време најдолго може да се чува снимката. Просторот ќе мора да биде видно обележен за граѓаните да знаат дека нивното движење се следи. Исто така, ќе се знае која фирма снима за граѓанинот да може да се информира каде се чува снимката на која е регистрирано неговото присуство. Камерите над становите и куќите мора да бидат поставени така за да го следат само директниот влез во куќата или станот, а не и пошироката околина, тротоар, крстосница. Ако камерата се става во колективна станбена зграда, согласност за тоа мора да дадат сите станари. Без согласност само на еден станар, видеонадзор над зградата е невозможен.

Со најголеми бази на лични податоци на граѓаните располагаат министерствата за внатрешни работи и за правда (преку избирачките списоци), Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување. Овие институции мора да ги имаат нашите лични податоци, но мора да бидат строго заштитени и недостапни за неовластени лица. Но, со банки на податоци располагаат и други, на пример, политички партии. Потврда за тоа се пропагандните материјали во затворени коверти на име и презиме и лична адреса, а без никаква порачка. Тоа не значи ништо друго, туку пробивање на базите со податоци.

Кога станува збор за злоупотреба на личните податоци, во Дирекцијата посочуваат на многу, но велат дека една од најголемите се прави при склучување договор со мобилен оператор. И покрај тоа што никаде во договорот не стои клаузула дека телефонскиот број, адресата, брачниот статус ќе се користат во анкети, наградни игри, маркетиншки истражувања, компаниите ги бомбардираат корисниците со разновидни прашалници. Тоа е можност за злоупотреба на идентитетот и се третира како прекршок.

Граѓаните, исто така, се жалат дека со само еднаш земен кредит од некоја банка, кога оставиле лични податоци, биле доведени во ситуација банкарски службеници да ги известуваат телефонски за некои нови поволности, а тоа не е в ред. Од Дирекцијата им советуваат на граѓаните веднаш да се обратат до нив и за најмало сомневање дека некој неовластено побарал матичен или телефонски број, копија од лична карта или пасош.

Извор: (19.12.07). Откривањето на матичниот број ќе се казнува со 5.000 евра. Утрински Весник.

Нема коментари: