сабота, 29 декември 2007

Дневник: Жестока битка за владините мобилни телефони

По вчерашното отворање на понудите на трите мобилни оператори, претставници на „Космофон“ изјавија дека нивната понуда е најдобра

Космофон очекува да победи на јавниот оглас за избор на мобилен оператор чии услуги ќе ги користат Владата и вработените во органите на државната управа. По вчерашното отворање на понудите на трите мобилни оператори, претставниците на „Космофон“ изјавија дека нивната понуда од два денара за минута разговор и 0,9 денари за СМС-порака и без месечна претплата е за 30 отсто подобра од едниот оператор, а за 50 отсто од другиот конкурент.Дознаваме дека „Т-мобиле“ понудил три денари за минута разговор со 1.500 денари месечна претплата, а понудата на „Вип“ била 2,6 денари за минута со 3.800 денари за месечна претплата. Според критериумите од јавниот повик, цената за секунда разговор учествува со 55 отсто во вкупната оценка на понудата, цената на СМС со 10 отсто, а цените за роаминг со пет отсто. Името на победникот на јавниот повик официјално ќе биде познато денеска.

- Веруваме дека од 1 јануари дел од државните службеници ќе станат наши претплатници. Иако рокот беше краток, мило ни е што Владата го распиша повикот со што ни овозможи да потврдиме дека сме оператор што секогаш доаѓа со најдобри, најконкурентни и најекономични понуди на пазарот. Според критериумите, веруваме дека ќе бидеме избрани и ќе имаме дел од колачот на Владата - изјави Емилија Трајковиќ-Христова, директорка за односи со јавноста во „Космофон“.

Во „Т-мобиле“ вчера немаа коментар за јавниот повик. Претставниците на „Вип“ ја поздравија иницијативата на Владата првпат да распише ваков јавен оглас, но истакнаа дека во иднина очекуваат постапката да биде потранспарентна и според Законот за јавните набавки.

Владата ќе потпише едногодишен договор за користење услуги за мобилна телефонија со избраниот оператор. Станува збор за договор со кој државата се обврзува да земе најмалку 1.200 броеви за мобилен телефон. Според податоците од Службата за општи и заеднички работи на Владата, оваа година на околу 4.000 државни службеници од буџетот им биле плаќани разговорите на мобилен телефон. Најмногу службени мобилни телефони има во Министерството за внатрешни работи - 1.750. Во Министерството за одбрана се користат 624 службени мобилки. Собранието плаќа за 201 службен мобилен телефон, кои ги користат пратениците и службите. Владината Служба за општи и заеднички работи на 220 вработени им дала мобилен телефон. Во Царинската управа службен телефон користат 145 лица, а во Управата за јавни приходи на 90 вработени им се плаќаат мобилните. Во Министерството за надворешни работи има 66 корисници на службен телефон, а во финансии 59. Кај Народниот правобранител 14 луѓе имаат право да разговараат на државна сметка.

Секоја институција определува лимит за телефонската сметка на корисниците на службен мобилен. Во просек таа се движи од 50 до 100 евра, а за раководителите, пратениците и министрите тој е многу поголем. Грубите процени покажуваат дека годишно од буџетот се трошат околу 50 милиони евра за мобилна и за фиксна телефонија.

Досега 99 отсто од државните органи користеа службени телефони од „Т-мобиле“, но договорот со Владата им истекува на 31 декември. Владата планира в година да распише јавен оглас и за фиксната телефонија или да ги поврзе државните броеви преку сопствена телефонска централа.

Извор: Марјан Блажевски. (29.12.2007). Жестока битка за владините мобилни телефони. Дневник.

Нема коментари: