вторник, 21 август 2007

Вечер: За пиратите казна и до 10.000 евра

Со новиот предлог-закон за именување и дополнување на Законот за авторско право и сродните права, надлежностите околу неправилностите при дистрибуцијата, производството, репродукцијата, ускладувањето и снимањето на компјутерските, музичките и аудиовизуелни носачи на тон и слика ќе ги врши Државниот пазарен инспекторат, односно Министерството за внатрешни работи. Со оваа измена, како што велат од Министерството за култура, се прави чекор понатаму кон спогодбата за стабилизација и асоцијација. Со префрлањето на надлежностите во МВР на Министерството за култура му останува надлежноста за надзор кон колективните здруженија, односно културните институции.

Секој кој би ги прекршил авторските права ќе подлежи на глоба - минимален износ за правно лице е 2,5 илјади евра, а максимален до 5.000 евра. Зголемени се и износите за законскиот максимум за користољубие, кој изнесува 10.000 за правно лице и 6.000 евра за физичко лице, како и одговорните - трговец поединец и поединец кој врши самостојна дејност. Тоа би значело дека било кој вид пиратерија би можело пиратите да ги чини и 6.000 евра. Минималната глоба за физичко лице е зголемено на 1.000 евра, односно 1.500 евра на одговорното лице на правниот субјект , додека максимумот изнесува и до 3.000 евра.

Со заложбите на Владата за забрзување на административните постапки намален е рокот за давање согласност на актите на здруженијата за колективно остварување на 30 дена.

Извор: Б.Г. (21.8.2007). За пиратите казна и до 10.000 евра. Вечер.

Време: Избрани најдобрите фирми за интернет-пристапот вајмакс

По повторениот тендер за доделување лиценци за интернет-пристапот вајмакс се определени најповолните понудувачи за шесте региони на територија на Македонија, јавија од Агенцијата за електронски телекомуникации. Доделени се вкупно 18 одобренија, и тоа по три за секој регион. Фирмите „Неотел“ и „Истел“ од Скопје добија лиценци за сите шест региони, „Космофон“ за првиот, четвртиот, петтиот и шестиот регион, „Мател“ од Скопје за вториот регион и „РЖ Услуги“ АД Скопје за третиот регион. Директорот на Агенцијата за електронски телекомуникации треба да ги издаде одобренијата за користење радиофреквенции за фиксен безжичен пристап најдоцна до 23-ти идниот месец. Лиценците се доделуваат на времетраење од 10 години, со право на продолжување.

Извор: Р. П. (31.8.2007). Избрани најдобрите фирми за интернет-пристапот вајмакс. Време.

Време: Триесет понуди за безжичен Интернет на регионално ниво

Девет компании со 30 понуди учествуваат во трката за добивање одобренија за нудење безжичен интернет-пристап (ЊиМаџ) на регионално ниво. На вчерашното јавно отворање на пристиганите понуди во Агенцијата за електронски комуникации беше констатирано дека сите доставени понуди се со комплетна документација. АЕК, во согласност со објавениот тендер, доделува по три лиценци во шест региони во државава. Одделни понуди за сите региони доставија домашните компании „Неотел“ и „Истел“. Понуди за првиот, вториот, третиот, четвртиот и за петтиот регион има и од „Мател МК“ ДОО Скопје, а мобилниот оператор „Космофон“ конкурира за лиценци за првиот, четвртиот, петтиот и шестиот регион. Со четири понуди, за вториот, третиот, петтиот и шестиот регион настапува и „Хидрас“ ДОО Тетово, а РЖ „Услуги“ АД Скопје со две, за првиот и за третиот регион. Првиот регион е атрактивен и за компанијата „Ток телекомуникации“, а третиот и за „Неткабел“ ДООЕЛ Струмица и ДПТ „Флоу“ ДОЕЛ Кавадарци. Втората фаза од тендерот за доделување на одобренијата предвидува комисијата за спроведување на тендерот да направи оцена на формалноправната содржина на доставената документација и најдоцна за пет дена да достави извештај до комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, која, пак, треба да донесе одлука за избраните компании до 29-ти овој месец. Избраните компании најдоцна до 20-ти идниот месец треба да ги уплатат парите што ги понудиле за лиценцата во согласност со својата финансиска понуда, а странските компании и да регистрираат фирма во државава. Крајниот рок за издавање на одобренијата е 23 септември. Во согласност со тендерот, првиот регион ги опфаќа општините: град Скопје, Илинден, Петровец, Зелениково, Студеничани, Сопиште, Чучер Сандево и Арачиново, а вториот Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Лозово, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Свети Николе, Чешиново-Облешево, Штип, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане. Со третиот регион се опфатени Велес, Чашка, Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Струмица, Радовиш, Конче, Василево, Босилево, Ново Село, Гевгелија, Валандово, Богданци и Дојран, а во четвртиот Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево, Долнени, Кривогаштани, Могила, Новаци и Ресен. Општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Кичево, М. Брод, Другово, Зајас, Осломеј, Вранештица, Пласница, Дебар и Центар Жупа се дел од петтиот, а Тетово, Гостивар, Теарце, Јегуновце, Желино, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Маврово и Ростуше од шестиот регион. Ова е втор обид за распределба на одобренија за безжичен интернет-пристап на регионално ниво, откако првиот тендер што се однесуваше на регионалните лиценци беше поништен поради несоодветната документација на компаниите што конкурираа. На првиот тендер АЕК додели одобренија за ЊиМаџџ на национално ниво на компаниите „Космотелко“ и „Некском“.

Извор: (21.8.2007). Триесет понуди за безжичен Интернет на регионално ниво. Време.


Време: Поригорозни казни за пиратеријата

Неколкукратно зголемување на паричните казни за прекршителите на Законот за авторско право и сродните права е предвидено со предложените измени и дополнувања на законот, кои треба да стапат во сила веќе од септември. Со заострувањето на санкциите се спроведуваат ставовите и препораките на Европската комисија - санкциите да имаат одвраќачко дејство. Зголемен е минималниот износ на глобата за правно лице - 2.500 евра, која не пример досега изнесуваше 1.000 евра, а максималниот износ е 5.000 евра. Зголемени се и казните за физички лица, од 1.000 до 3000 евра максимален износ. Најголеми се казните за прекршоци сторени од користољубие, и тоа до 10.000 ева за правни лица и до 6.000 евра за поединци. Со измените се предвидени и дополнителни санкции, како што е забрана за вршење дејност, одземање на примероците на авторските дела, нивно уништување и сл. по правосилна судска одлука.
Утврдена е инспекциска надлежност за дистрибуција на авторското право на Државниот пазарен инспекторат, а за репродукција, производство, објавување и снимање компјутерски, музички и аудиовизуелни дела, пак, инспекција ќе врши Министерството за внатрешни работи. Измените во однос на инспекциската надлежност, исто така, се направени според искуствата на земјите од Европската Унија и од регионот.

Извор: В.Д. (21.8.07). Поригорозни казни за пиратеријата. Време.

петок, 17 август 2007

Дневник: Владините компјутери без заштита од крадци

Безбедноста на компјутерите што Владата ќе ги инсталира во сите основни и средни училишта во земјава ќе биде најсериозниот проблем при спроведувањето на проектот „Компјутер за секое дете“. Владата не планира да одвои дополнителни пари од буџетот за обезбедување на училиштата, а директорите и локалната самоуправа не се моќни финансиски да ангажираат чуварски служби, кои ќе ги обезбедуваат образовните установи. Ова беше истакнато на вчерашниот работен состанок на одговорните за спроведување на проектот и претставници на општините во земјава, на кој се разговараше за претстојната компјутеризација.

Инсталирањето на првите компјутери треба да почне за околу две недели. Владата веќе набави околу 98.000 компјутери од кинеска фирма што беше избрана на јавниот тендер, кои ќе се инсталираат во сите средни и во дел од основните училишта. За опремување на другите образовни установи ќе се распише нов тендер, бидејќи во годинашниот буџет немало повеќе пари за оваа намена. Планирано е компјутеризацијата на средните училишта да заврши до Нова година, по што ќе се опремуваат основните.

- Ние ќе ги набавиме и ќе ги инсталираме компјутерите. Понатаму за нив ќе бидат одговорни училиштата и локалната самоуправа. Секој професор, додека трае наставата, ќе одговара за сметачите во неговиот кабинет. По завршувањето на часовите, компјутеризираните кабинети ќе се заклучуваат - рече Перо Стојановски, државен секретар во Министерството за образование.

Претставници на општините побараа Владата да ги осигура компјутерите од кражби и од пожари, но тоа беше одбиено. Од Министерството за образование препорачуваат компјутеризираните кабинети по можност да бидат сместени на втор кат или повисоко за да не мора да се поставуваат решетки на прозорците, кои би ги штителе од крадци.

Во почетокот на септември најпрвин ќе се инсталираат компјутери во средните училишта во градовите на поголема надморска височина. Така, прво ќе се работи во Битола, Прилеп, Крушево. Последни на ред ќе бидат училиштата во Куманово и во Скопје. Претходно, екипи на ЕСМ-ЕВН ќе ја проверат електричната инсталација во сите училишта за да видат дали ќе може да го издржи дополнителното оптоварување.

- Прво ќе се работи во повисоките градови, за да може камионите што ќе ги пренесуваат компјутерите без проблеми да се искачат до нив додека не паднал снег. Ако увидот во електричната инсталација покаже дека таа не е доволно моќна, мрежата ќе се зајакне - рече Игор Милошевски од Генералниот секретаријат на Владата.

За одржувањето и сервисирањето на компјутерите во првите три години ќе биде одговорна фирмата од која се набавени. По тој рок, одржувањето на сметачите ќе падне на грбот на училиштата или на локалната самоуправа.

Извор: Даница Тунтевска. (17.8.07). Владините компјутери без заштита од крадци. Дневник.

Вечер: Компјутерот дели легла

Министерството за образование вчера на транспарентен начин ја објави прелиминарната листа на студентите кои електронски аплицираа за сместување во дом. Во трката за 4.570 легла во студентските домови во земјата се пуштија 5.996 кандидати. Студентите годинава првпат се пријавуваа по електронски пат, а кандидатите имаат рок во наредните осум денови со документи да ја потврдат веродстојноста на податоците наведени во електронската апликација во домот во којшто конкурирале.

- Воведувањето на информатичката технологија, како и електронски апликациии и форми на комуникација се стратешка определба на Владата. Морам да го пофалам интересот што го покажаа студентите за овој начин на аплицирање, за што зборува и бројката од 5 996 апликации. Бројка која покажува дека е зголемен бројот на апликантите во споредба со минатата година, рече министерот за образование, Сулејман Рушити на презентацијата на прелиминарната листа во Владата на РМ.

Тој потенцираше дека на ваков начин потполно се елиминира човечкиот фактор при бодувањето на апликациите, се зголемува личната одговорност на апликантите при поднесување на апликацијата и се избегнуваат сите неправилности и недоследности при распределувањето на студентските легла што се појавуваа минатите години.

Дека и студентите се задоволни од он-лајн пријавувањето потврдува и претседателот на Сојузот на студенти при Универзитетот "Св.Кирил и Методиј", Самоил Малчески. Според него, првпат при пресметките се одбегнува човековиот фактор и било какво влијание.

- Компјутерот сам ги пресметува бодовите. На студентите им останува она што го внеле во електронската апликација да го докажат со документи. Оние студенти кои манипулирале со електронската апликација ќе бидат исфрлени и нема да добијат легло. Досега најмногу манипулираше Комисијата за сметсување во домовите. Сега, првпат сите легла се на конкурс, нема скриени или кои дополнително ќе излезат и кои досега беа подложни на продажба. Таа комисија сега е исфрлена како фактор, вели Малчески.

Во рангирањето на кандидатите се земени предвид успехот од школувањето, редовноста, семејно-материјалната состојба на студентот и оддалеченоста од местото на живеење. Министерството за образование во соработка со Е-Влада и УСАИД ја воведе електронакста апликација. Со неа, само за пријави, коишто лани чинеа 100 денари, се заштедени околу 6 илјади евра.
Прелиминарниот списокот е објавен и на веб-страницата на ресорното Министерство www.mon.gov.mk

Извор: Милена Георгиевска. (17.8.07). Компјутерот дели легла. Вест.

Вест: "Он лаин" до студентски кревет

Министерството за образование и наука вчера "он лајн" ги избра студентите кои добија кревет во домовите. За вкупно 4.572 места во студентските домови, по електронски пат аплицирале 5.996 студенти. Избраните студенти до 24 август ќе треба да ја достават потребната документација до комисиите, со која ќе ја потврдат својата електронска пријава.
Рангирање на бодовите се врши според успехот во школувањето, редовноста, семејно-материјалната положба на студентот и оддалеченоста од местото на живеење на студентот.
За студентите кои во апликацијата внеле погрешни податоци ќе расправа комисија и доколку се работи за системска грешка, тогаш тие ќе можат да добијат легло, а ако е нивна грешка, тогаш ќе бидат дисквалификувани.
Мнистерот задолжен за информатичко општество Иво Ивановски најави дека во иднина системот ќе биде поврзан со Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи, со Министерството за правда, како и со останати институции кои содржат бази со регистри на податоци од граѓаните.

Извор: Р.Ф. (17.8.07). "Он лаин" до студентски кревет. Вест.

Дневник: УНДП подари телекомуникациска опрема

Центарот за управување со кризи вчера од УНДП доби донација на телекомуникациска опрема за зајакнување на капацитетите на центарот .

Донацијата содржи 85 рачни радиостаници, 25 ГПС приемници за лоцирање позиција, односно географската широчина и должина и пет ГПС-приемници за возило со придружен софтвер, во вкупна вредност од 67 илјади долари.

- За нас во ОН во случаи на итност, помошта е важна исто колку и спремноста на капацитетите по настанатата криза. Важно е да се има план за закрепнување, а во исто време и да им се помага на жртвите. Во таа смисла ОН и УНДП се подготвени да соработуваат со ЦУК за процена на штетите од пожарите. Процената треба да почне на 28 август - истакна координаторката на ОН и на УНДП во Македонија, Марија Луиса Силва Мехијас.

Според Панде Лазаревски, директорот на ЦУК, опремата е од големо значење и таа ќе помогне за подобра координација на екипите на терен.

Тој посочи дека наскоро ќе ги има и официјалните оценки за справувањето со кризата со пожарите во Македонија. Според него, Македонија, споредено со другите земји во регионот, најуспешно се справи со кризата.

Извор: (17.8.2007). УНДП подари телекомуникациска опрема. Дневник.

вторник, 14 август 2007

Нова Македонија: Со информатичко комуникациска технологија до транспарентно правосудство

Владата ја претстави Стратегијата за Информатичко комуникациска технологија во македонското правосудство. Со оваа Стратегијата чие имплементирање треба да заврши до 2010 година, Владата очекува граѓаните, општата и стручната јавност во Македонија да добијат силен и транспарентен увид во целиот правосуден систем, од кој мошне лесно ќе се мери ефикасноста, транспарентноста и евентуалната коруптивност. -Главна цел на ова Стратегија е можноста да се добие прозорец за работата на правосудниот систем за да може и лаикот, и обичниот граѓанин, но и медиумите, да ја следат работата на судовите, нивната ефикасност и брзината со која судат, па и во секој момент да се види колку предмети има кај еден судија и како тој работи, вели портпаролот на Владата Ивица Боцевски, образложувајќи ги главните сегменти од Стратегијата. Стратегијата се предвидува да биде имплементирана преку Управен комитет во кој ќе членуваат претставници на Министерството за правда и сите судови во Македонија, на Јавното Обвинителство, на Нотаријатот и на Адвокатската комора. Со Стратегијата правосудниот систем ќе добие подобрување на квалитетот на услугите на правосудните органи, намалување на должината на траење на постапките, постепено елиминирање на чувањето податоци на хартија и нивна замена со електронски форми на податоци, симплификација на комплексните судски процеси, поддршка во редизајнирањето на судските процеси, стандардизација на процедурите, процесите и номенклатурите на централно ниво. Исто така, ќе се добие и достапност на јавните информации, брз пристап до законодавството и судската пракса, реална интеграција на системот на информатичко комуникациска технологија во правосудниот систем, електронско унифицирано водење на статистика во правосудните институции, поефикасно водење со човековите и материјалните ресурси. Во оваа и наредната година, значи на краток рок, Владата се очекува да обезбеди кадри за работа во овој ИКТ систем во македонското правосудство, како и нивна перманентна обука, а планира да обезбеди и негова системска поддршка. Воедно се планира и набавка на хардверска опрема и надградба на софтверски апликации и нивно одржување, како и воведување Интернет во сите правосудни институции. До 2010 година Владата планира изградба на апликација за менаџирање на номенклатурите во правосудниот систем, реализацаија на проектот за правосудна мрежа и надградба на проектот за правна база на податоци, развој и имплементација на проектот за документ-менаџмент систем, развој на софтверска апликација на државниот правосуден инспекторат, на Министсрството за правда, на Судскиот совет, на јавните обвинителства, во казнено поправните установи.

Извор: (14.8.2007). Со информатичко комуникациска технологија до транспарентно правосудство. Нова Македонија.

понеделник, 13 август 2007

и сеНова Македонија: Околу 10 илјади штипјан откажаа од фиксната телефонија

Здружението “Отпор“, кое постојано укажува на злоупотребите на монополските претпријатија во Македонија, не е изненадено од последните информации дека македонските граѓани се повеќе се откажуваат од фиксните телефони. Според Јанко Стојковски, еден од лидерите на “Отпор“, трендот на откажување на фиксните телефони не е од вчера, туку од многу поодамна.
Јанко Стојковски тврди дека граѓаните во Македонија се повеќе осознаваат дека МТ им наплатуваат астрономски цени за фиксните телефони, кои не можат да се идзржат. Само во Штип, вели Стојковски, околу 10 илјади претплатници се откажаа од фиксните телефони, или околу 40 отсто. Вкупно, штипјани за 30 милиони минути ги намалија јавувањата преку фиксните телефони. Но, трендот за намалување на користењето на фиксните телефони ќе продолжи и во иднина. Ако Македонски телекомуникации, или “Маѓар телеком“ не ги намалат цените, наскоро ќе мора да стават и клуч, додава Јанко Стојковски.Инаку, според “Отпор“, штипјани најмногу комуницираат преку СМС пораки, а фиксните телефони се повеќе стануваат луксуз за граѓаните.

Извор: К.Манев. (13.8.2007). Околу 10 илјади штипјан откажаа од фиксната телефонија. Нова Македонија.

петок, 10 август 2007

Вечер: Он.нет ќе добие руски сопственици ?!

Руската телекомуникациска компанија "Систем" е во преговори со "Телеком Словенија" околу можната понуда за преземање на 40 проценти од оваа словенечка компанија. Претставници на руската компанија, деновиве, разговарале со членовите на управата на "Телеком Словенија" за таква можност откако Владата на Словенија најави дека наскоро ќе донесе одлука за избор на стратешки партнер, на кого би му продала 40 проценти од акциите во Телекомот.

Словенечката влада планира да задржи во "Телеком Словенија" 25 проценти од капиталот, а 10 проценти ќе им бидат продадени на домашни инвеститори. Словенечкиот Телеком од лани е доминантен сопственик на македонската телекомуникациска компанија "Он.нет", која нуди услуги во фиксната телефонија и интернет.

Словенечкиот телеком, според пишувањата на медиумите во Словенија, во последниве години е соочен со пад на својот удел на пазарот во оваа земја, а истовремено, покрај на македонскиот, почна агресивна експанзија на телекомуникациските пазари на земјите од поранешна Југославија. Словенечкиот телеком презеде помали интернет провајдери и портали од Србија, БиХ и Косово, а од неодамна се и сопственици на половината од акциите на гибралтарскиот "ГибТелеком".

На почетокот на јули, "Систем" покажа интерес за поврзување со најголемата европската телекомуникациска компанија "Дојче Телеком", но се појавија некои политички пречки. "Систем" го контролира "Мобиле Телесѕстемс", кој има повеќе од 77 милиони претплатници во поранешните советски републики.

Извор: С.Бл. (10.8.2007). Он.нет ќе добие руски сопственици ?!. Вечер.

Нова Македонија: Околу 20 отсто од Македонците користат интернет

Во Македонија годинава интернет користат околу 400 илјади луѓе или 19,2 отсто од населението, покажуваат податоците на специјализираниот статистички веб сајт Интернет ворлд стат. Од земјите во регионот пред Македонија се Словенија со 55,5, Грција со 33,5, Хрватска со 32,9 и Бугарија со 28,7 проценти. Помалку од Македонците интернет користат граѓаните на Босна и Херцеговина (17,3), на Црна Гора (17,6), на Србија (13,9), а на дното е Албанија со само 6,1 отсто. Според податоците, пак, на европската статистичка организација Еуростат, во 2006 година интернет во Македонија користеле 21 процент од населението и 14 отсто од домаќинствата. Интернет корисници се 51,8 отсто од граѓаните на ЕУ, а од вкупно 810 милиони европејци пристап на глобалната он лајн мрежа имаат 322 милиона. Процентуално интернетот најмногу го користат граѓаните на Исланд со 86,3 отсто, а најмалку жителите на Албанија. Во светот, според Интернет ворлд стат, интернет користат милијарда и 173 милиони луѓе.

Извор: (10.8.2007). Околу 20 отсто од Македонците користат интернет. Нова Македонија.

Дневник: Интернет користат 20 отсто од Македонците

Во Македонија во 2007 година интернет користат околу 400 илјади луѓе или 19,2 отсто од населението, покажуваат податоците на специјализираниот статистички веб-страница Интернет ворлд стат.

Од земјите во регионот пред Македонија се Словенија со 55,5, Грција со 33,5, Хрватска со 32,9 и Бугарија со 28,7 отсто. Помалку од Македонците интернет користат граѓаните на Босна и Херцеговина (17,3), на Црна Гора (17,6), на Србија (13,9), а на дното е Албанија со само 6,1 отсто.

Според податоците, пак, на европската статистичка организација Еуростат, во 2006 година интернет во Македонија користеле 21 отсто од населението и 14 отсто од домаќинствата.

Интернет-корисници се 51,8 отсто од граѓаните на ЕУ, а од вкупно 810 милиони Европејци пристап на светската онлајн-мрежа имаат 322 милиона. Процентуално, интернетот најмногу го користат граѓаните на Исланд со 86,3 отсто, а најмалку жителите на Албанија. Во светот, според Интернет ворлд стат, интернет користат милијарда и 173 милиони луѓе.

Извор: (10.8.2007). Интернет користат 20 отсто од Македонците. Дневник.

среда, 8 август 2007

Вест: Повик кон "Роамфри" се наплаќа како меѓународен разговор

Новата понуда на роаминг разговори од фирмата "Роамфри" е поволна за оние кои често патуваат, но не и за оние кои ги повикуваат. Повик до корисник на "Роамфри" може да чини и до 69 денари за минута разговор зашто повикувачот плаќа меѓународен разговор со Естонија. Карактеристичен број за СИМ картичката на "Роамфри" е повикувачкиот код за Естонија - 00 372. Корисниците на "Роамфри" ги плаќаат само појдовните повици, а дојдовните најчесто им се бесплатни, што е главната поволност на овие СИМ картички. На пример корисник на Т- Мобиле во Белгија за дојдовни повици може да плати и до 60 денари, а на "Космофон" и до 69 денари за минута. Корисник на "Роамфри" дојдовниот повик воопшто не го плаќа.
Дојдовните повици кон "Роамфри" корисниците ги плаќаат корисниците на Телеком, "Космофон" или на "Т-Мобиле", и тоа според меѓународните ценовници.
За корисниците на "Роамфри" кога се во Македонија не е поволно да избираат домашен број. Повик од "Роамфри" кон "Т-Мобиле Македонија", "Космофон" или Телеком чини 36,5 денари за една минута разговор, односно 0,59 евроценти. Ова значи дека овие повици се тарифираат по роаминг ценовниците на естонскиот оператор.
Цените на "Т-Мобиле", "Космофон" или на Телеком кон броевите на "Роамфри" се менуваат во зависност од тарифниот пакет што повикувачот го користи. Повик од Телеком кон "Ромфри" се тарифира како повик кон четврта меѓународна зона и чини 39 денари за минута разговор.
Од "Космофон" велат дека немаат никаков договор за соработка со "Роамфри". За при-пејд корисниците на "Космофон" цените за повик кон Естонија се движат од 57,6 денари до 69 денари за една минута разговор, а за пост-пејд корисниците од 38 денари до 57,6 денари за една минута.
Корисниците на "Космофон" реагираат и дека имаат проблеми за повикување на број на "Роамфри".
Во "Т-Мобиле Македонија" потенцираат дека имаат роаминг договор само со естонскиот оператор чии картички "Роамфри" ги продава во Македонија.
Од мрежата на "Т-Мобиле Македонија" при-пејд корисниците плаќаат 58 денари за минута разговор со "Роамфри", а цените за пост-пејд корисниците се движат од 38 денари до 58 денари за една минута.
Од "Роамфри" потврдуваат дека нивните интернационални СИМ картички се од Естонија и дека повиците кон нив се тарифираат како меѓународни повици зашто нивните сервери се наоѓаат во Естонија.
"Роамфри" ДООЕЛ од Скопје во Агенцијата за електронски комуникации нотифициран е за обезбедување на јавни мобилни телефонски услуги. Од Агенцијата велат дека "Роамфри" е нотифициран како давател на услуги и дека со тоа ги исполнува законските обврски да работи во Македонија.

Извор: Т.Ј. (8.8.2007). Повик кон "Роамфри" се наплаќа како меѓународен разговор. Вест.

Дневник: Македонија ја шие половина Европа

На светската листа на Е-влади, нашата земја е рангирана на 31. место, а споредено со нашите соседи, Србија е на 48, а Хрватска и Грција се на 86. место

Македонија е рангирана на 31. место на последната светска листа на Е-влади за 2006 година и зад себе ги остави половината од земјите на ЕУ и соседите. На листата што секоја година ја прават експерти од универзитетот „Браун“ во САД, доминираат азиските земји, кои ги зазедоа првите три од петте највисоки места.

На листата води Јужна Кореја, која лани била дури на 86. место, а по неа следуваат Тајван, Сингапур, САД и Канада.

Пред Македонија, од членките на ЕУ на листата се наоѓаат Велика Британија, Ирска, Германија, Шпанија, Шведска, Холандија, Франција, Естонија и Малта. Зад Македонија се сите останати членки на Унијата, како и соседните земји. Србија е на 48. место, Хрватска и Грција го делат 86. место, Бугарија е на 113. место на листата, а Албанија е рангирана како 132.

Последни на листата на која се наоѓаат сите земји во светот се Чад и Бурунди.

Експертскиот тим што го водел истражувањето, листата ја составува според оценките за владините интернет-страници, базирани на повеќе критериуми, вклучувајќи го пристапот, публикациите, базите на податоци, приватност и безбедносна политика, контактни информации, како и голем број електронски услуги. Досега се направени пет листи на „Е-влади“ за периодот од 2001 до 2005 година.

За последната листа, објавена пред една недела, се разгледувале 1.782 владини интернет-страници од 198 земји, и тоа во периодот јуни-јули 2006 година. Биле анализирани различни страници, вклучувајќи ги тие на извршната, законодавната и на судската власт, како и на министерствата за здравство, образование, надворешни работи, внатрешни работи, финансии, природни ресурски, странски инвестиции, транспорт, армија, туризам и телекомуникации.

Студијата покажува дека лани 29 отсто од владините агенции нуделе електронски услуги, во споредба со 2005 година, кога тој процент бил 19 отсто.

За да се подобрат електронските влади, во студијата им се сугерира на владите да преземат некои чекори за да го постигнат целосниот потенцијал за пристапност и ефикасност. На владите им се препорачува своите страници да ги направат „попријателски“ за корисниците со подобрување на дизајнот, да ги намалат предолгите текстови во делот за навигација, како и да обезбедат линкови од своите портали до министерствата и агенциите. Освен тоа, треба да водат сметка за секојдневното обновување на страниците, за да се обезбедат навремени и целосни информации.

Меѓу препораките е и таа да не се насочуваат само кон туристите, туку да нудат услуги за сите граѓани.

Извор: Жана П. Божиновска. (8.8.07). Македонија ја шие половина Европа. Дневник.

понеделник, 6 август 2007

Дневник: Поевтини роаминг-услуги, „листа на срамот“ за непослушните оператори

Граѓаните на Европската Унија може да здивнат летово. Повеќето од европските мобилни оператори ги испочитуваа новите правила на Унијата за намалување на роаминг-услугите.

ЕУ во јуни ја утврди границата од 49 центи за телефонирање на мобилен од друга земја на Унијата и 24 центи за добивање телефонски повик на мобилен. Според новите европски правила, мобилните оператори требаше до минатата недела да ги анкетираат своите потрошувачи дали сакаат да бидат префрлени на новите евротарифи. Доколку не добиеле одговор, компаниите имале обврска автоматски да ги префрлат на новите тарифи.

За разлика од нив, македонските граѓани и годинава ќе плаќаат превисоки цени за роаминг-услугите. Иако двата мобилни оператора „Т-Мобиле“ и „Космофон“ во текот на летните одмори со промотивни цени им овозможуваат на корисниците да се јавуваат поевтино од редовната цена, роаминг-разговорите се' уште се луксуз за македонските граѓани. За нив нема ниту најава за намалување на цените на телефонирањето од странство.

Некои од европските оператори се' уште не ја информирале Европската комисија за чекорите што ги презеле, а други, пак, не го испочитувале крајниот рок за намалување на цените.

- Еден месец по стапувањето на сила на новите правила на Унијата, околу 50 отсто од потрошувачите профитираа од големото намалување на цените - изјавила Вивијан Рединг, комесар за телекомуникации и одговорна за новите правила.

Европската комисија во меѓувреме соопшти дека 21 од вкупно 95 мобилни оператори не одговориле дали ги воспоставиле новите правила, а од кабинетот на Рединг изјавија дека „се надеваат оти тие компании немаат што да кријат“. Затоа, направена е таканаречена „листа на срамот“, чија цел е да изврши притисок врз компаниите кои се' уште не доставиле одговор.

Од останатите 74 компании, повеќето се определиле за максималниот лимит предложен од Европската комисија, а само една - „Ситамобил“ од Кипар задоцнила со понудата за своите клиенти.

Според европските правила, „контролорите“ на националните телеком-компании во Унијата имаат доволно моќ за казнување на компаниите што нема да ги почитуваат новите правила.

Оваа регулатива е дел од неколкуте таканаречени „пријателски“ политики на Брисел во обид Европската Унија да им се приближи на граѓаните, особено во Франција и во Холандија, откако нивните граѓани гласаа против европскиот устав во 2005 година.

Европските парламентарци веќе го поздравија потегот и рекоа дека е добро што „луѓето кога годинава ќе одат на одмор во странство, ќе бидат среќни кога ќе видат дека, наместо досегашните три евра за минута разговор при примен повик, ќе платат многу помалку“.

Новата регулатива исто така предвидува трошоците за роаминг да се намалуваат и натаму во наредните две години.

Што се однесува до земјите од регионов, во Хрватска, регулаторното тело за електронски комуникации ќе им препорача на мобилните оператори што се дел од светски групации да почнат преговори со странските оператори за да добијат рамноправни услови за работа во роаминг, а со тоа и пониски цени за корисниците. Во Србија со почетокот на работа на третиот мобилен оператор „Вип“ пред петнаесетина дена, веќе има намалување на цените како на домашните разговори, така и на цените за повиците од странство. „Теленор“ ги намали цените на повиците од најпосетените туристички земји, а МТС воведе единствени цени за повиците од Грција, Бугарија, Турција и Тунис. Двата оператора го укинаа роамингот кон Црна Гора, како важна дестинација за српските туристи.

Во земјава, пак, летово најевтино во роаминг може да разговараат корисниците на „Т-Мобиле“ со специјалната промотивна тарифа што важи до 31 август. Цената на минута разговор од речиси сите земји кон Македонија е 19 денари, а за активирање на услугата се плаќа еднократно 99 денари. „Космофон“ на своите корисници им овозможува да разговараат и да испраќаат СМС-пораки поевтино за 50 отсто додека престојуваат во Грција, Албанија и во Бугарија. Цената на повиците кон Македонија, во земјата во која се наоѓаат, како и кон сите други дестенари. За да може да ги користат овие повластени цени, корисниците на „Космофон“ треба да се во роаминг во мрежите на членките на групацијата „Космоте“: „Космоте“- Грција, АМинации е еднаква и изнесува 35 денари за минута разговор. СМС-порака чини осум дЦ- Албанија и „Глобул“- Бугарија.

Ако се на некоја од плажите во Албанија или во Грција или се на одмор во Хрватска, Црна Гора или Бугарија, примен повик од Македонија македонските граѓани ќе ги чини од 35 до 40 денари за минута.

Извор: (6.8.07). Поевтини роаминг-услуги, „листа на срамот“ за непослушните оператори. Дневник.

недела, 5 август 2007

Време: Хакер тероризирал фирма оти добил отказ

Ресенец што бил ангажиран од фирмата „Агроплод“ да го одржува нивниот информатички систем добил отказ поради несовесно работење и, за да се одмазди, два месеца влегувал во системот на фирмата и намерно го блокирал. Станува збор за Мирлин Јајовски (40) против кого вчера ресенската полиција поднела кривична пријава за нелегално навлегување во компјутерски систем. Според кривичната пријава, Јајовски континуирано провалувал во компјутерскиот систем на ресенската фирма, во текот на април и мај годинава. Осомничениот, кој бил вработен во фирмата „ММ-софт“ од Ресен, во почетокот на годината бил ангажиран од „Агроплод“ за да ја одржува нивната компјутерска опрема. Но поради проблеми во системот и незадоволство од неговото работење од „Агроплод“ го раскинале договорот со Јајовски. Тогаш тој го пренел софтверот на „Агроплод“ на компјутерот во неговиот стан, а потоа рачно изработил антена и засилувач, кои ги поставил на покривот од зградата каде што биле сместени просториите на фирмата. Преку својот компјутер и опремата тој постојано упаѓал во компјутерскиот систем на „Агроплод“ и предизвикувал проблеми. Пред истражните органи Јајовски го признал делото и на истражните органи им изјавил дека тоа го сторил за да им покаже на раководителите на „Агроплод“ дека не можат без него, но и да им изврши притисок за да му ги исплатат парите што од фабриката наводно му ги должеле.

Извор: (5.8.2007). Хакер тероризирал фирма оти добил отказ. Време.

петок, 3 август 2007

Вечер: Нов продажен салон на Roamfree

Меѓународнот мобилен оператор Roamfree Mobilnet отвори нов продажен салон во центарот на Скопје. Во новиот салон ќе се продаваат меѓународни СИМ картички за мобилна телефонија со телефонски број и кредит за разговори од 10, 20 и 50 евра.

Главна придобивка за граѓаните е што дојдовните повици за земјите од Балканот не се наплатуваат. Истото важи и за поголемиот дел од европските земји и најпосетуваните светски дестинации. Така, на пример, за Албанија влезните повици не се тарифираат, а излезните се 0,45 евра за минута, за Грција и Хрватска излезните повици се 0,55 евра, а за Бугарија - 0,72 евра за минута разговор. Не се наплатуваат дојдовните повици и ако корисникот на роамфрее СИМ-картичка се наоѓа во Косово, Англија, Германија и Австрија. Повиците од овие земји, пак, изнесуваат 0,50 евра, 0,55 и 0,59 евра.

Освен во Скопје, Роамфрее Мобиленет има отворено салони и во Битола, Охрид, и Струга, каде освен роамфрее СИМ картички, се продаваат и најновите модели на мобилни телефони.

Извор: С.Бл. (3.8.2007). Нов продажен салон на Roamfree. Вечер.

Вест: За бесплатен телефонски извештај секој месец ново барање

Претплатниците кои сакаат да имаат преглед во месечните сметки за телефон можат од Телеком да побараат бесплатно да им доставува испис на локални повици. Но, за да го добиваат исписот во континуитет, треба секој месец одново да доставуваат ново барање во салоните на Телеком или на бесплатниот број за корисници 171. Исписот ги опфаќа повиците во рамките на еден град, односно, скопјани добиваат испис само за повикувани броеви во Скопје, велешани за бараните броеви во Велес... Корисниците објаснуваат дека не се информирани за оваа можност, и дека најчесто ја плаќаат деталната сметка.
Во Македонски телекомуникации објаснуваат дека кога исписот е бесплатен, корисниците мора да доставуваат барање секој месец, а ако се согласат да ја плаќаат услугата, доволно е да достават само едно барање. Исписот што се наплатува има повеќе податоци.
"Македонски телекомуникации нема податоци колку се бара бесплатниот испис. Исписот што се наплатува се доставува со секоја месечна сметка и ги содржи сите повикувани броеви во текот на месецот, значи повиците во локален, меѓуградски и меѓународен сообраќај", велат од Телеком.
Корисникот од Скопје секој месец за да добива целосен испис со сите броеви што ги вртел, треба на Телеком месечно да му плаќа 399 денари претплата за телефонската линија и дополнителни 81 денар плус 18 отсто ДДВ за исписот. Секој испечатен лист хартија се наплаќа плус 2 денари, а доколку исписот е снимен на дискета чини 50 денари. И-меил порака со детален испис чини 10 денари. Последниве цени се без пресметан ДДВ од 18 отсто. Ако целосниот испис се побара со задоцнување, откако е пристигната месечната сметка, тогаш чини 162 денари плус ДДВ. Плус трошоците за хартијата.
Компанијата секој месец во просек издава околу 500 детални исписи на повици.

Извор: Т.Ј. (3.8.2007). За бесплатен телефонски извештај секој месец ново барање . Вест.

Нова Македонија: Притворен хакер од Ресен

Ресенчанецот Мирмин Јајовски е приведен од полицијата поради кривично дело недозволено навлегување во компјутерски систем, соопшти МВР. Како што информира полицијата, четириесетгодишниот Јајовски, до април годинава, работел како одржувач на компјутерската опрема во фабриката „Агроплод“, но поради незадовоство од неговата работа, неговиот работен однос бил прекинат. Тој откако добил отказ ги пренел податоците на „Агроплод“ на компјутерот во неговиот дом и со помош на рачно изработен засилувач, кој го поставил на врвот од административна зграда на ресенската фабрика, успевал да изврши упад во компјутерите. Честите упадите во компјутерскиот ситем Јајовски ги вршел ноќе. Надлежните го забележале тоа и веднаш ја алармирале локалната полиција, која повела истрага за слуачјот. Откако бил приведен ресенчанецот го признал своето криминално дело, а против него е поднесена кривична пријава за неовластено навлегување во комјутерски софтвер.

Извор: (3.8.07). Притворен хакер од Ресен. Нова Македонија.

четврток, 2 август 2007

Вест: Телеком од денеска исплаќа дивиденда за 2005

Од денеска почнува исплатата на дивидендата од Македонски телекомуникации. Собранието на акционери на Телеком на вчерашната седница ги усвои завршните ревидирани финансиски извештаи за 2005 година, согласно кои донесоа и одлука за исплата на дивидендата во износ од над 7,4 милијарди денари, информираше по седницата претседателот на Собранието Зоран Трајчевски. Секој акционер кој бил запишан во Акционерската книга на 20 јули годинава, ќе добие по 86,10 денари по акција. Владината дивиденда изнесува околу 47 милиони евра.
"Собранието ги усвои финансиските извештаи за 2005 година и годишниот извештај за работењето на компанијата за 2005 година. Владините претставници во Собранието на акционери се воздржаа од гласање по предлогот за одобрување на работењето на членовите на Бордот на директори на Македонски телекомуникации во 2005 година", вели Трајчевски.
Собранието вчера од Бордот на директори го отповика и Атила Сендреи, се уште актуелниот главен извршен директор на компанијата. Официјално смената на Сендреи стапува во сила од 10 септември годинава, кога, пак, почнува ангажманот на Николај Ј.Б. Бекерс, кој вчера беше избран за член во Одборот на директори на Телеком. Собранието вчера ја прифати и оставката на Золтан Тисаи од Одборот на директори и на негово место го избра Јанош Сабо.

Извор: Т.Ј. (2.8.07). Телеком од денеска исплаќа дивиденда за 2005. Вест.

Вест: Поевтин роаминг и до 80 отсто

"Роамфрее Мобилнет" вчера ја отвори првата продавница во Скопје. Компанијата нуди и до 80 отсто поевтини роаминг разговори во 133 земји од оние што ги нудат мобилните оператори во Македонија. Компанијата продава свои СИМ картички за мобилна телефонија. Корисникот добива нов телефонски број, а сметката се надополнува со ваучери во вредност од 10, 20 и 50 евра.
"Роамфрее Мобилнет" влезници повици кон Албанија, Грција, Бугарија, Хрватска Косово, Англија, Германија и Австрија не ги тарифира. Се наплаќаат само повикувачките повици и тоа, повик од Албанија чини 0,45 евра минута (околу 28 денари за минута), од Грција - 0,55 евра (околу 34 денари), од Бугарија - 0,72 евра(околу 45 денари), од Хрватска - 0,45 евра(околу 28 денари), од Косово, од Англија и од Германија - 0,50 евра (околу 31 денар), а од Австрија - 0,59 евра (околу 36 денари).
Според "Роамфрее Мобилнет" цените се исти независно дали барате фиксен или мобилен број.
СИМ картичката може да се користи на било кој мобилен апарат.

Извор: (2.8.07). Поевтин роаминг и до 80 отсто. Вест.

среда, 1 август 2007

Дневник: Комбајните жнеат со ГПС-технологија

Нема веќе лага за големината на површината што е ожнеана од комбајните во Пробиштипско. Таа се утврдува математички прецизно за што се користи ГПС-технологијата. Комбајнот на Илија Серафимов е опремен со ГПС-уред и антена и деновиве навреме ја заврши жетвата на над 300 хектари. - Оваа технологија е голем чекор напред бидејќи многу ја олеснува работата. Со математичка прецизност се утврдува ожнеаната површина и со тоа се заштедува многу време - вели Серафимов, кој е член на Здружението „Земјоделско-машински круг“.

Според него, ракувањето со оваа технологија е едноставно.

- Таа чини од 150 до 1.000 евра. Мерењето го врши лице што со приемник минува по меѓите на договорената парцела. Откако границите ќе се внесат во приемникот, се префрлаат во компјутер и на брз и прецизен начин се мерат - објаснува Серафимов.

Податоците од мерењата на нивите се внесени и во базата на Здружението ЗМК, а ќе се користат за идни организациски планирања и договарања за субвенционирање на производството.

ГПС-технологијата е систем за глобално позиционирање, кој обезбедува контакт со минимум 24 сателити, што без прекин на височина од 20.000 километри кружат околу Земјата. Со податоци од најмалку три од тие сателити во секое време може брзо и прецизно да се утврди позицијата на која било точка на планетата Земја. Поради големиот број предности на овој вид технологија, се' поголем број стручњаци во развиените земји бараат за потребите на земјоделството да се подготват посебни компјутерски програми што ќе овозможат семињата при сеидбата прецизно да се постават во земјата на длабочина од само неколку милиметри. Со нив може да се одреди и квалитетот на одредени видови земја, количеството влага и многу други податоци од кои ќе зависи успешноста на производството. Податоци од ГПС-технологијата повеќе од една деценија се користат во развиените држави.

Извор: Трајче Соименовски. (3.8.2007). Комбајните жнеат со ГПС-технологија. Дневник.

Време: Дивидендата на први, а Сендреј во аут

Исплатата на дивидендата на акциите на АД Македонски телекомуникации ќе почне на 1 август, одлучија на вчерашното собрание акционерите на компанијата. На истата седница собранието донесе одлука за отповикување на членовите на одборот на директорите Атила Сендреј и Золтан Тисаи. На нивните места собранието ги избра Николај Ј.Б. Бекерс и Јанош Сабо за членови на одборот на директорите на АД Македонски телекомуникации.
Според одлуката, ќе биде извршена исплата на дивидендата за 2005 година во износ на 7,5 милијарди денари или 86,1 денари по акција.
Согласно со предлогот на одборот на директорите, сите акционери што биле регистрирани во Акционерската книга на АД Македонски телекомуникации на 20 јули 2007 година имаат право на дивиденда за 2005 година.

Извор: И.Б. (1.8.07). Дивидендата на први, а Сендреј во аут. Време.

Време: „Ти-мобајл“ го доби милионитиот корисник

Во јули првиот мобилен оператор во земјава „Ти-мобајл“ го доби милионитиот претплатник. Сегашниот број на претплатници на овој оператор е веќе1.030.000 корисници. Вкупниот број постпејд-корисници е зголемен за 51 отсто, а истовремено е зголемен и сообраќајот на припејд-корисниците за 52 отсто, објави на средбата со новинарите главниот извршен директор Рубин Заревски. - На мобилниот пазар учествуваме со 66 отсто, што покажува дека половина од населението во Македонија ги користи нашите услуги - рече Заревски. Според последниот извештај, компанијата го зголемила приходот за 15 отсто во однос на лани, а зголемени се и инвестициите, кои за годинава изнесуваат над 25 милиони евра. Два милиони евра се вложени во новата станица Бе-ес-це, отворена во Гостивар, која претставува процесирачки систем за податоци и е петта по ред во Македонија. Помош од 20 илјади евра од „Ти-мобајл“ е донирана за гасење на пожарите што ја зафатија Македонија во изминатиов период. Како што соопшти Заревски, компанијата пред неколку дена аплицирала и за добивање 3Г-лиценца и во моментот очекува одговор од Агенцијата за електронски телекомуникации. На новинарското прашање за проблемот со мрежата што настана по двочасовниот прекин на струја минатата недела, од „Ти-мобајл“ одговорија дека 250 базни станици биле во функција, со што се обезбедило до 50 проценти покриеност на мрежата.

Извор: Р. П. (1.8.07). „Ти-мобајл“ го доби милионитиот корисник. Време.