недела, 5 август 2007

Време: Хакер тероризирал фирма оти добил отказ

Ресенец што бил ангажиран од фирмата „Агроплод“ да го одржува нивниот информатички систем добил отказ поради несовесно работење и, за да се одмазди, два месеца влегувал во системот на фирмата и намерно го блокирал. Станува збор за Мирлин Јајовски (40) против кого вчера ресенската полиција поднела кривична пријава за нелегално навлегување во компјутерски систем. Според кривичната пријава, Јајовски континуирано провалувал во компјутерскиот систем на ресенската фирма, во текот на април и мај годинава. Осомничениот, кој бил вработен во фирмата „ММ-софт“ од Ресен, во почетокот на годината бил ангажиран од „Агроплод“ за да ја одржува нивната компјутерска опрема. Но поради проблеми во системот и незадоволство од неговото работење од „Агроплод“ го раскинале договорот со Јајовски. Тогаш тој го пренел софтверот на „Агроплод“ на компјутерот во неговиот стан, а потоа рачно изработил антена и засилувач, кои ги поставил на покривот од зградата каде што биле сместени просториите на фирмата. Преку својот компјутер и опремата тој постојано упаѓал во компјутерскиот систем на „Агроплод“ и предизвикувал проблеми. Пред истражните органи Јајовски го признал делото и на истражните органи им изјавил дека тоа го сторил за да им покаже на раководителите на „Агроплод“ дека не можат без него, но и да им изврши притисок за да му ги исплатат парите што од фабриката наводно му ги должеле.

Извор: (5.8.2007). Хакер тероризирал фирма оти добил отказ. Време.

Нема коментари: