вторник, 14 август 2007

Нова Македонија: Со информатичко комуникациска технологија до транспарентно правосудство

Владата ја претстави Стратегијата за Информатичко комуникациска технологија во македонското правосудство. Со оваа Стратегијата чие имплементирање треба да заврши до 2010 година, Владата очекува граѓаните, општата и стручната јавност во Македонија да добијат силен и транспарентен увид во целиот правосуден систем, од кој мошне лесно ќе се мери ефикасноста, транспарентноста и евентуалната коруптивност. -Главна цел на ова Стратегија е можноста да се добие прозорец за работата на правосудниот систем за да може и лаикот, и обичниот граѓанин, но и медиумите, да ја следат работата на судовите, нивната ефикасност и брзината со која судат, па и во секој момент да се види колку предмети има кај еден судија и како тој работи, вели портпаролот на Владата Ивица Боцевски, образложувајќи ги главните сегменти од Стратегијата. Стратегијата се предвидува да биде имплементирана преку Управен комитет во кој ќе членуваат претставници на Министерството за правда и сите судови во Македонија, на Јавното Обвинителство, на Нотаријатот и на Адвокатската комора. Со Стратегијата правосудниот систем ќе добие подобрување на квалитетот на услугите на правосудните органи, намалување на должината на траење на постапките, постепено елиминирање на чувањето податоци на хартија и нивна замена со електронски форми на податоци, симплификација на комплексните судски процеси, поддршка во редизајнирањето на судските процеси, стандардизација на процедурите, процесите и номенклатурите на централно ниво. Исто така, ќе се добие и достапност на јавните информации, брз пристап до законодавството и судската пракса, реална интеграција на системот на информатичко комуникациска технологија во правосудниот систем, електронско унифицирано водење на статистика во правосудните институции, поефикасно водење со човековите и материјалните ресурси. Во оваа и наредната година, значи на краток рок, Владата се очекува да обезбеди кадри за работа во овој ИКТ систем во македонското правосудство, како и нивна перманентна обука, а планира да обезбеди и негова системска поддршка. Воедно се планира и набавка на хардверска опрема и надградба на софтверски апликации и нивно одржување, како и воведување Интернет во сите правосудни институции. До 2010 година Владата планира изградба на апликација за менаџирање на номенклатурите во правосудниот систем, реализацаија на проектот за правосудна мрежа и надградба на проектот за правна база на податоци, развој и имплементација на проектот за документ-менаџмент систем, развој на софтверска апликација на државниот правосуден инспекторат, на Министсрството за правда, на Судскиот совет, на јавните обвинителства, во казнено поправните установи.

Извор: (14.8.2007). Со информатичко комуникациска технологија до транспарентно правосудство. Нова Македонија.

Нема коментари: