среда, 1 август 2007

Дневник: Комбајните жнеат со ГПС-технологија

Нема веќе лага за големината на површината што е ожнеана од комбајните во Пробиштипско. Таа се утврдува математички прецизно за што се користи ГПС-технологијата. Комбајнот на Илија Серафимов е опремен со ГПС-уред и антена и деновиве навреме ја заврши жетвата на над 300 хектари. - Оваа технологија е голем чекор напред бидејќи многу ја олеснува работата. Со математичка прецизност се утврдува ожнеаната површина и со тоа се заштедува многу време - вели Серафимов, кој е член на Здружението „Земјоделско-машински круг“.

Според него, ракувањето со оваа технологија е едноставно.

- Таа чини од 150 до 1.000 евра. Мерењето го врши лице што со приемник минува по меѓите на договорената парцела. Откако границите ќе се внесат во приемникот, се префрлаат во компјутер и на брз и прецизен начин се мерат - објаснува Серафимов.

Податоците од мерењата на нивите се внесени и во базата на Здружението ЗМК, а ќе се користат за идни организациски планирања и договарања за субвенционирање на производството.

ГПС-технологијата е систем за глобално позиционирање, кој обезбедува контакт со минимум 24 сателити, што без прекин на височина од 20.000 километри кружат околу Земјата. Со податоци од најмалку три од тие сателити во секое време може брзо и прецизно да се утврди позицијата на која било точка на планетата Земја. Поради големиот број предности на овој вид технологија, се' поголем број стручњаци во развиените земји бараат за потребите на земјоделството да се подготват посебни компјутерски програми што ќе овозможат семињата при сеидбата прецизно да се постават во земјата на длабочина од само неколку милиметри. Со нив може да се одреди и квалитетот на одредени видови земја, количеството влага и многу други податоци од кои ќе зависи успешноста на производството. Податоци од ГПС-технологијата повеќе од една деценија се користат во развиените држави.

Извор: Трајче Соименовски. (3.8.2007). Комбајните жнеат со ГПС-технологија. Дневник.

Нема коментари: