среда, 31 октомври 2007

Време: Ваучерите за компјутери до 10 ноември

Надлежните во факултетите од сите приватни и државни универзитети, имаат рок до петок да ги подигнат ваучерите за набавка на компјутери, а најдоцна до 10 ноември да им ги поделат на студентите, им порача вчера министерот за финансии Трајко Славески на ректорите од државните и приватните универзитети во земјава. - Ректорите се добро информирани за овој проект и затоа сме оптимисти дека тој успешно ќе се реализира. Не постои можност за фалсификување на ваучерите зашто тие се заштитени со сите познати видови заштита. Со веб-апликацијата за која се известени надлежните во факултетите, до крај ќе се обезбеди заштита. Дури постои место на ваучерот каде што се впишува и бројот на личната карта на корисникот - објасни министерот Славески. Ѓорѓи Мартиновски, ректорот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ рече дека на средбата со Славески се договориле како побргу да им се дадат вредносните бонови на студентите, за тие да имале повеќе време да одлучат каде ќе ги набават компјутерите. Министерството за финансии ќе подели 10.000 ваучери, а вредноста на секој од нив изнесува 12.300 денари. Со нив студентите од завршните години можат да набават компјутери од фирми што претходно се пријавиле дека се заинтересирани за продажба.

Извор: А. П. (31.10.2007). Ваучерите за компјутери до 10 ноември. Време.

Утрински: Факултетите до петок ќе ги подигаат ваучерите за компјутери

Министерот за финансии Трајко Славески ја исклучува можноста за фалсификување на вредносните бонови од 12.300 денари

Државните и приватните факултети најдоцна до петок од Министерството за финансии ќе можат да ги подигнат ваучерите за студентите од завршните години на студии, кои се наменети за набавка на компјутери. Некои од високообразовните институции, како што информираше министерот за финансии Трајко Славески, почнале да ги подигаат ваучерите уште од завчера. Но, на вчерашната средба на министерот со ректорите на високообразовните државни и приватни универзитети е договорено подигањето да заврши заклучно до петок до 12 часот. Овој рок, според Славески, е договорен за да им се остави на факултетите повеќе простор да ги поделат ваучерите. Студентите, кои прв пат запишале завршна трета или четврта година, како и студентите кои се евидентирани како лица со хендикеп, ќе можат да ги подигаат ваучерите почнувајќи од 1 ноември, а министерот им препорача на ректорите распределбата да заврши до 10 ноември.

Владата одлучи да подели околу 10.000 ваучери, секој со поединечна вредност од 12.300 денари, со кои студентите од завршните години можат да набават компјутери од фирми кои претходно ќе се пријават дека се заинтересирани за продажба на компјутери за студентите преку бонови. Досега се пријавени околу 50 компании кои се заинтересирани и кои потврдиле дека ги исполнуваат условите за продажба на компјутерска опрема. Компаниите имаат рок најдоцна до 6 ноември да аплицираат дека се подготвени да се вклучат во проектот. Студентите ќе можат да ги искористат ваучерите и да купат компјутер до 15 декември. Компаниите, пак, кои ги исполниле условите ќе ги достават ваучерите заедно со фискалната сметка до Генералниот секретеријат на Владата најдоцна до 22 декември за да може до 27 декември да ги подигнат парите во висина од 12.300 денари, колку што е вредносниот бон.

Министерот за финансии Трајко Славески ја исклучува можноста за фалсификување на ваучерите, бидејќи, како што истакнува, вредносниот бон бил заштитен со сите видови заштита, поради што не се очекуваат злоупотреби.

„Со веб-апликацијата за која се известени факултетите и универзитетите докрај ќе се обезбеди заштитата, зашто контролата е на максимално можно ниво. На ваучерот постои место каде што се впишува и бројот на личната карта на корисникот“, изјави вчера министерот Славески.

Министерот не знае која фирма ги изработила ваучерите. Бидејќи сумата на набавката била мала под 3.000 евра, не било потребно да се распишува јавен повик, туку од осум компании било побарано да достават понуди, при што бил избрана најповолната, но која, Славески не е информиран.

Извор: В.Г. (31.10.2007). Факултетите до петок ќе ги подигаат ваучерите за компјутери. Утрински.

петок, 26 октомври 2007

Време: Ќе се формира секретаријат за информатика

Владата деновиве поведе иницијатива во нејзините рамки да се формира секретаријат за информатичко општество, најави владиниот портпарол Ивица Боцевски. - Во овој секретаријат ќе се следат најновите трендови во дигитализацијата, како и услугите што ги нуди владиниот сектор преку Интернет. Во рамките на Владата ќе се формира агенција за унапредување и поддршка за туризмот - рече Боцевски.

Извор: (26.11.2007). Ќе се формира секретаријат за информатика. Време.

недела, 21 октомври 2007

Вечер: Апсолвентски подарок од Владата

Десет илјади студенти од завршната година на студирањето од утре ќе можат да ги подигаат ваучерите за набавка на компјутери што им ги доделува владата во износ од 200 евра. Ќе бидат опфатени апсолвенти од државните и приватните универзитети во земјата, а ваучерите деновиве им се делат на факултетите од каде тие ќе можат да се подигнат. Вчера во Министерството за финансии се одржа состанок со претставници на Владата и ректорите на универзитетите со цел да се операционализира владината одлука. Факултетите најдоцна до петок во 12 часот ќе можат да ги подигаат ваучерите од Министерството за финансии.

- Идејата е студентите да се екипираат со потребна опрема за подобра комуникација преку информатичката технологија. Се договоривме како и каде студентите да ги подигнат ваучерите за да имаат доволно време да се одлучат каде да ги набават компјутерите, изјави по средбата ректорот на Универзитетот "Св.Кирил и Метдодиј", Ѓорѓи Мартиновски.
Сите студенти што ќе добијат ваучери имаат рок до 15 декември да одберат фирма од каде ќе ги купат компјутерите. Досега во Министерството за финансии се пријавени околку 50 фирми од земјата кои продаваат компјутери и од каде ќе можат да се набавуваат, така што студентите ќе имаат голем избор.

- Имаме одлична соработка со факултетите и оптимисти сме дека проектот успешно ќе биде реализиран. Нашата препорака е ваучерите да бидат распределени на студентите до 10 ноември, велат од Владата.

Целиот проект чини 2 милиони евра, пари кои се веќе определени во буџетот. Како што најавуваат од Владата, според пазарните цени со ваучерот може да се купи добар компјутер со извесна доплата од студентот за екран кој може да се набави за мали пари.
Ваучерите се заштитени од можни манипулации прво преку хартијата, а потоа и со веб-апликацијата, а постои и место на ваучерот каде се впишува бројот на личната карта на студентот.

Извор: М.Г. (21.10.2007). Апсолвентски подарок од Владата. Вечер