недела, 21 октомври 2007

Вечер: Апсолвентски подарок од Владата

Десет илјади студенти од завршната година на студирањето од утре ќе можат да ги подигаат ваучерите за набавка на компјутери што им ги доделува владата во износ од 200 евра. Ќе бидат опфатени апсолвенти од државните и приватните универзитети во земјата, а ваучерите деновиве им се делат на факултетите од каде тие ќе можат да се подигнат. Вчера во Министерството за финансии се одржа состанок со претставници на Владата и ректорите на универзитетите со цел да се операционализира владината одлука. Факултетите најдоцна до петок во 12 часот ќе можат да ги подигаат ваучерите од Министерството за финансии.

- Идејата е студентите да се екипираат со потребна опрема за подобра комуникација преку информатичката технологија. Се договоривме како и каде студентите да ги подигнат ваучерите за да имаат доволно време да се одлучат каде да ги набават компјутерите, изјави по средбата ректорот на Универзитетот "Св.Кирил и Метдодиј", Ѓорѓи Мартиновски.
Сите студенти што ќе добијат ваучери имаат рок до 15 декември да одберат фирма од каде ќе ги купат компјутерите. Досега во Министерството за финансии се пријавени околку 50 фирми од земјата кои продаваат компјутери и од каде ќе можат да се набавуваат, така што студентите ќе имаат голем избор.

- Имаме одлична соработка со факултетите и оптимисти сме дека проектот успешно ќе биде реализиран. Нашата препорака е ваучерите да бидат распределени на студентите до 10 ноември, велат од Владата.

Целиот проект чини 2 милиони евра, пари кои се веќе определени во буџетот. Како што најавуваат од Владата, според пазарните цени со ваучерот може да се купи добар компјутер со извесна доплата од студентот за екран кој може да се набави за мали пари.
Ваучерите се заштитени од можни манипулации прво преку хартијата, а потоа и со веб-апликацијата, а постои и место на ваучерот каде се впишува бројот на личната карта на студентот.

Извор: М.Г. (21.10.2007). Апсолвентски подарок од Владата. Вечер

Нема коментари: