среда, 31 октомври 2007

Утрински: Факултетите до петок ќе ги подигаат ваучерите за компјутери

Министерот за финансии Трајко Славески ја исклучува можноста за фалсификување на вредносните бонови од 12.300 денари

Државните и приватните факултети најдоцна до петок од Министерството за финансии ќе можат да ги подигнат ваучерите за студентите од завршните години на студии, кои се наменети за набавка на компјутери. Некои од високообразовните институции, како што информираше министерот за финансии Трајко Славески, почнале да ги подигаат ваучерите уште од завчера. Но, на вчерашната средба на министерот со ректорите на високообразовните државни и приватни универзитети е договорено подигањето да заврши заклучно до петок до 12 часот. Овој рок, според Славески, е договорен за да им се остави на факултетите повеќе простор да ги поделат ваучерите. Студентите, кои прв пат запишале завршна трета или четврта година, како и студентите кои се евидентирани како лица со хендикеп, ќе можат да ги подигаат ваучерите почнувајќи од 1 ноември, а министерот им препорача на ректорите распределбата да заврши до 10 ноември.

Владата одлучи да подели околу 10.000 ваучери, секој со поединечна вредност од 12.300 денари, со кои студентите од завршните години можат да набават компјутери од фирми кои претходно ќе се пријават дека се заинтересирани за продажба на компјутери за студентите преку бонови. Досега се пријавени околу 50 компании кои се заинтересирани и кои потврдиле дека ги исполнуваат условите за продажба на компјутерска опрема. Компаниите имаат рок најдоцна до 6 ноември да аплицираат дека се подготвени да се вклучат во проектот. Студентите ќе можат да ги искористат ваучерите и да купат компјутер до 15 декември. Компаниите, пак, кои ги исполниле условите ќе ги достават ваучерите заедно со фискалната сметка до Генералниот секретеријат на Владата најдоцна до 22 декември за да може до 27 декември да ги подигнат парите во висина од 12.300 денари, колку што е вредносниот бон.

Министерот за финансии Трајко Славески ја исклучува можноста за фалсификување на ваучерите, бидејќи, како што истакнува, вредносниот бон бил заштитен со сите видови заштита, поради што не се очекуваат злоупотреби.

„Со веб-апликацијата за која се известени факултетите и универзитетите докрај ќе се обезбеди заштитата, зашто контролата е на максимално можно ниво. На ваучерот постои место каде што се впишува и бројот на личната карта на корисникот“, изјави вчера министерот Славески.

Министерот не знае која фирма ги изработила ваучерите. Бидејќи сумата на набавката била мала под 3.000 евра, не било потребно да се распишува јавен повик, туку од осум компании било побарано да достават понуди, при што бил избрана најповолната, но која, Славески не е информиран.

Извор: В.Г. (31.10.2007). Факултетите до петок ќе ги подигаат ваучерите за компјутери. Утрински.

Нема коментари: