понеделник, 27 април 2009

Вест: "Телеком Словенија" победи на тендерот за дигитална телевизија

"Телеком Словенија" победи на тендерот за пренос на дигитални телевизиски услуги преку јавна комуникациска мрежа (ДВБ-Т) на територијата на Македонија.
Агенцијата за електронски комуникации соопштио дека "Телеком Словенија", според условите на тендерот треба да овозможи покриеност на целата територија на Македонија во рок од една година со што ќе овозможи пренос на триесет телевизиски програми со многу висок квалитет. За ова треба да се инвестираат околу десет милиони евра.
Телеком Словенија ќе треба да инвестира околу 20 милиони евра во дигитални приемници/декодери кои бесплатно ќе им се доделуваат на домаќинствата.

среда, 15 април 2009

Дневник: Новите советници на Кисела Вода без компјутери

Претходниот состав ги задржа лаптопите како замена за неисплатени паушали, за што е поднесена иницијатива за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката

На еден ден пред конститутивната седница на новиот совет на Општина Кисела Вода, сите советници од досегашниот состав не ги вратиле лаптопите. „Дневник“ веќе пишуваше дека советниците си ги задржаа компјутерите како замена за нивните неисплатени паушали за јануари, февруари и за март за работа во посебни координативни или работни тела и комисии во Советот. Го врати единствено советничката Славица Новачевска од СДСМ која ќе биде и во новиот состав на советот. Таа на вчерашната седница, беше обвинета од останатите советници дека нејзината постапка била некоректна, бидејќи од неа потекнала иницијативата да се земат компјутерите како замена за неплатените паушали.

- Никој нема право да ме обвинува за тоа што го вратив компјутерот. Тоа е моја лична одлука и сметав дека така е исправно, одговори на нападите Новачевска. Неофицијално, уште четворица советници ги вратиле општинските компјутери.

- Колку компјутери се вратени и кој од советниците ги вратил, официјално ќе се знае в четврток, кога ќе биде и првата конститутивна седница на новиот совет на Општина Кисела Вода. Тогаш ќе знаеме со име и презиме кој од советниците го вратил компјутерот, велат од Општина Кисела Вода.Оттаму информираат дека е поднесена иницијатива за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката за компензација на надомест до Уставниот суд и до антикорупциската комисија. Но, ако в четврток сите советници не ги вратат компјутерите, тоа ќе биде хендикеп во работата на новиот совет.

- Ќе се чека одговорот од наведените институции, но дотогаш новите советници ќе бидат спречени нормално да работат, бидејќи материјалите не ќе можат да одат по електронски пат. За нови компјутери ќе требаат дополнителни средства и време, бидејќи ќе треба да се распише нов јавен повик, велат општинарите.

Првата одлука за компензација на надомест советниците од Кисела Вода ја донесоа на 27 февруари, а ја потврдија и на 17 март, кога со тоа го отфрлија решението на градоначалникот Џорџе Арсов за нејзино запирање. Арсов решението го образложи со Законот за спречувањето на корупција, според кој не може да се отуѓува државен капитал во тек на изборна кампања, а со закон не е предвидена исплата на посебен надомест за работата во посебни координативни или работни тела и комисии што ги основа општината. Советниците се оглушија и на укажувањето на антикорупциската комисија дека одлуката е спротивна на законското располагање со јавните средства. Вкупната вредност на 24-те лаптопи е 586.000 денари.

Извор: А.П. (15.04.2009). Новите советници на Кисела Вода без компјутери. Дневник.

Вечер: Виртуелно купување, плаќање и достава преку картичка на нет

За да одберете некој производ наместо да одите низ продавниците кои имаат ограничено работно време, истото ќе можете да го сторите преку прегледување и пребарување на производите на првата македонска Е-продавница, која од денес е во функција на граѓаните корисници на интернет низ земјава. Станува збор за веб-страницата www.ex.mk на Компанијата Ексвизит, која во соработка со Уни банка, прв пат во Македонија со плаќање преку мастер картички и сигурен софтвер ќе им овозможи дваесет и четиричасовна електронска трговија на сите посетители.

Биљана Радоњин, менаџер во Еквизит, на вчерашната презентација на сајтот го изрази своето задоволство од развојот на електронската трговија во Македонија и напомена дека во блиска иднина се надева на уште поголем подвиг на интернет купувањето, како во светските држави.

Шопинг центарот засега располага со околу 300 производи, и работи постојано, во текот на денот, седум дена во неделата. Ограничувачки фактор е тоа што производите кои се на страницата се само од оние компании кои сакаат да се продаваат таму, а не сите оние кои постојат.
- Во моментов на заедничко задоволство се наоѓаме пред нов предизвик, а тоа е започнување на соработката со Еквизит и пуштањето во употреба на првиот македонски веб шопинг центар, во кој ќе се најде широк асортиман на производи за сите вкусови и потреби, рече Верица Гица Серафимов, менаџер од Уни банка. Таа објасни дека плаќањето е електронски со платежни картички, преку Уни банка која гарантира максимална сигурност на потрошувачите.

Околу дистрибуцијата, како трет сегмент од оваа активност кој опфаќа достава до адресата наведена од страна на нарачателот, ќе биде во период од 24 до 48 часа во зависност дали е нарачателот е од Скопје или во некои од градовите низ Македонија.

Инаку, ова не е популарниот таканаречен PayPal комерцијален начин на интернет трансфер на пари познат во компјутерскиот свет, кој ги заменува традиционалните методи на чекови и кеш пари за шопинг, туку почеток во тој виртуелен пазар најавен од Уни банка и Компанијата Ексвизит и одлична почетна иницијатива за негово наскоро комплетно имплементирање во Македонија во текот на наредните месеци.

Извор: Д.С. (15.04.2009). Виртуелно купување, плаќање и достава преку картичка на нет. Вечер