четврток, 28 февруари 2008

Вест: ВИП Оператор со 140 илјади корисници

ВИП Оператор 2007 година ја заврШил со загуба пред оданочување и одбивки од 7,7 милиони евра. Компанијата за само три месеци ја достигнала бројката од 141 200 корисници и остварила тримесечни приходи од 2,1 милион евра. Оперативните троШоци изнесуваат 8,3 милиони евра. Финансиските резултати на вчераШната прес - конференција на телекомуникациската групација во Виена ги соопШти главниот изврШен директор на Телеком Австрија и Мобилком Австрија Групацијата Борис НемШиЌ.
- ВИП Оператор 2007 година ја заврШи со над 140.000 корисници и пазарен удел од 7,9 отсто. Ние сме многу задоволни од наШиот развој во Македонија. Тоа е еден од најдобрите влезови на трет оператор во мобилната телефонија. Во Македонија инвестиравме околу 39 милиони евра, во кои е вклучена и лиценцата од 10 милиони евра. Во 2008 година сигурно Ќе инвестираме сличен износ - објасни НемШиЌ.
Главниот финансов директор на ВИП Оператор Роберт Крендл вели дека понатамоШното намалување на цените на мобилните разговори Ќе биде возможно доколку со Т-Мобиле Македонија и Космофон склучат асиметрични интерконекциски договори, кои на ВИП би му ги намалиле троШоците.
ВИП Оператор вработува околу 160 лица, и бројката до крајот на 2008 се очекува да стигне до 200.
Телеком Австрија и Мобилком Австрија Групацијата во 2007 година ги зголемиле приходите за 3,3 отсто на 4.919 милиони евра, но имало пад на добивката пред оданочување и одбивки, главно, поради троШоците во новите инвестиции во Македонија, Србија и Белорусија.

Извор: Т.Ј.(28.2.08). ВИП Оператор со 140 илјади корисници . Вест.

понеделник, 18 февруари 2008

Вест: Учениците ќе добијат застарени компјутери

Наместо најнови компјутери, Владата на учениците ќе им даде компјутери кои се две-три технолошки генерации застарени. По објавата дека компјутерите од владиниот проект "Компјутер за секое дете" се чуваат во магацин и дека нема да бидат инсталирани до крајот на годинава, во Комората за информатичко-комуникациска технологија и услуги при Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека се оствариле сите предупредувања на кои им укажале на владините министри."Постгарантниот период не е опфатен на никој начин. По истекот на гаранцијата, училиштата сами ќе треба да го финансираат одржувањето на компјутерите. Тоа е трошок кој сигурно нема да можат да го поднесат. А тоа ќе значи постепено одумирање'на опремата, бидејќи како ќе се расипува кон крајот на рокот за употреба така ќе се трупа во ќошовите на училниците", вели Ванчо Орданоски, претседател на Комората.Подготовките, објаснува Ордановски, требаше да опфатат посериозно сондирање на техничките услови за инсталација на опремата, а не е размислено и за тоа кој ќе ги обучува учениците. За 100.000 компјутери се потребни 250.000 приклучоци за струја, 100.000 работни маси и 100.000 столчиња. На неколку илјади наставници им е потребна основна обука или барем некој вид дообука. "Во услови кога на многу училишта им недостигаат пари за да го поправат покривот кој прокапува или кои не можат да си дозволат да набават огрев за загревање на училниците, тешко дека ќе можат да инвестираат во реконструкција на електричната инсталација за да се обезбеди стабилно напојување, а уште помалку да испрати барем двајца наставници на 30-дневен курс по информатика", вели Ордановски.

Извор: (18.2.08). Учениците ќе добијат застарени компјутери. Вест.

Дневник: „Е-влада“ ќе донесе поквалитетни услуги за граѓаните

Проектот „е-влада“, кој датира од пред неколку години, треба да обезбеди електронско поврзување на речиси сите државни институции. Тоа ќе ја модернизира државната администрација, ќе овозможи прецизен и навремен увид во податоците и ќе ги подобри услугите што државата им ги нуди на граѓаните и на фирмите. Компјутерскиот гигант „Мајкрософт“ со своите софтверски решенија е активно вклучен во реализацијата на овој проект во Македонија и во другите земји во регионот. Вилфред Громен, менаџер во „Мајкрософт“ за Југоисточна Европа, вели дека технологијата е подготвена да постигне големи резултати во оваа насока, но за тоа се потребни разработена организациска и правна димензија во секоја земја. - Врз основа на соработката со повеќе од 20 влади можам да кажам дека најголема пречка за реализација на проектот „е-влада“ се управувањето и законодавството. За да се постигне стратегијата за „е-влада“, односно „поврзана влада“, како што ја нарекуваат во ОН, некој со зајакнати капацитети треба да ги раководи сите министерства кон крајната цел - обезбедување подобри услуги за граѓаните и за бизнисите. Тоа бара политичка волја, стратегија и зајакнување на капацитетите. Честопати законите треба да се изменат за да се дозволи постоење на „е-влада“. На пример, за плаќањето даноци преку интернет (он-лајн) да стане законска обврска во многу од земјите, треба да се приспособи законодавството, односно да се воведе електронски потпис и да се регулираат прашањата поврзани со приватноста и со безбедноста.* Иновацијата во секој случај бара технолошки просперитет. Кои се клучните решенија што треба да се имплементираат за проектот да заживее? - За да се постигне ефикасна „е-влада“ треба да се земат предвид интероперабилноста и отворените стандарди. Станува збор за поврзување на различни министерства, системи, разни нивоа на управување, од централна власт до градско собрание. Претходно мора да се поминат стадиумите на дијалог и на учење. Постојат многу важни примери на интероперабилност, а најважниот е интеграцијата на различните апликации. Ова е свет на веб-услуги. Постојат дискусии за управување со системи и постигнување сценарио за намалување на трошоците со помош на технологија на виртуелен сервер, но и дебати на тема дигитални идентитети и управување со нив. * Дигиталниот идентитет е клучен за максимална заштита на податоците при комуникација преку интернет, но и за повисоко ниво на услуги во една држава. Кој се' може да биде обезбедувач на „е-идентитет“?- Владата секогаш ќе биде главниот управувач на граѓанскиот идентитет. Таа ќе организира тела за сертифицирање кои на граѓаните ќе им даваат дигитални идентитети. Но владата нема да биде единствениот обезбедувач на идентитети. На пример во банките луѓето употребуваат банкарски картички за да извршат плаќања. Кога пазарат користат готовина или картички, кога одат во сала за вежбање употребуваат претплатничка картичка или идентитет доделен од салата. Истото ќе се случува и на интернет. Луѓето ќе употребуваат различни идентитети на различни портали. Ние го нарекуваме тоа управување на идентитети насочено кон корисникот. За да се оствари тоа, потребен е систем што е интероперабилен и овозможува размена на доверливи идентитети. Така кога ќе одите во градското собрание, ќе ви ја признаат за валидна државната е-картичка на идентитет. Денес во светот постојат стандарди што го овозможуваат тоа, како стандардите за веб-услуги.* До каде е Македонија во овој поглед?- Голем број партнерски компании на „Мајкрософт“ во Македонија веќе подолго време интензивно инвестираат во знаење и вештини поврзани со нашите технологии. За нив интероперабилноста е неопходен услов за да бидат успешни на пазарот. Бројот на нашите партнери постојан расте, што ни дава за право да веруваме дека и делот со интероперабилноста го обработуваме на вистински начин. Подготвеноста на Македонија за примена на технологиите не заостанува зад која било земја од регионот.* Како се спроведува стратегискиот партнерски договор помеѓу „Мајкрософт“ и македонската влада?- Реализацијата на Договорот за стратегиско партнерство со Владата се одвива во рамките на очекувањата и дефинираните активности. За нас Владата е клучен партнер за создавање бизнис-клима што ќе поттикне конкурентност и спроведување на регулативата за заштита на правата на интелектуална сопственост. Кога овие две работи се реализираат на вистински начин, се отвара широко поле за работа на ИТ-компаниите. Најголем дел од земјите во Централна и во Источна Европа навистина сакаат да постигнат економски пораст преку големи иновации. Тоа е нивна најважна грижа, односно политички приоритет. За да се постигне тоа, треба да се препознае важноста на постоење стратегија за иновација, претприемачки дух и информатичка технологија како алатка што сето тоа го овозможува.

Извор: Спасијка Јованова. (18.2.08). „Е-влада“ ќе донесе поквалитетни услуги за граѓаните. Дневник.

недела, 17 февруари 2008

Вест: МРТВ со гулаби писмоносци ќе комуницира со светот

Македонската радио - телевизија веќе десетина дена е отсечена од светот. Поради долг од половина милион евра кон Македонски телекомуникации исклучени се речиси сите телефонски линии. Десетина дена не работи и Интернетот. Вработените се изгубени. Велат дека не знаат што се случува. Нема напредок во владината санациона програма. Не се нуди никакво решение за проблемите. Накратко, велат тие, националниот сервис пропаѓа. "За настаните се информираме од колеги од другите медиуми вртејќи од свои приватни мобилни телефони, или секое утро некој од нас оди во информативната агенција МИА од каде дознаваме во колку часот ќе има прес - конференции", велат новинари од МРТВ кои инсистираат на анонимност. Според нив, најстрашно е покривањето на настани од внатрешноста. Новинарите од настан се враќаат со меѓуградските автобуски линии оти телефонски и по мејл не можат да пратат извештај. Затоа важните вести место напладне се објавуваат дури во вечерните часови."Неподносливо е да се работи вака. Не веруваме дека воопшто некогаш ќе проработат телефоните и Интернетот. На последното нешто што може да се надеваме е дека раководството ќе ни подели гулаби писмоносци, кои ќе ни помогнат во комуникацијата со светот", велат иронично вработените.Директорот на МРТВ Јанез Сајовиц признава дека вработените имаат сериозни проблеми во работењето."Тешко се снаоѓаме без телефони и Интернет. Телеком требаше, но се уште не ни ги пуштил", изјави вчера кратко Сајовиц за "Вест". Поради негова презафатеност, за дополнителни информации тој не упати во неговиот кабинет. Од таму велат дека во цела зграда сега работат само 10 телефонски линии, а вработените се снаоѓаат како знаат и умеат. "Во преговори сме со Македонски телекомуникации да го решиме проблемот. Им предложивме долгот кој е направен изминатите две -три години да им го плаќаме на рати, но и да потпишеме договор со кој Македонската радио - телевизија ќе се обврзе да им работи промотивни кампањи на Телеком", велат од кабинетот на Сајовиц. Владата и Советот на МРТВ место да бараат решенија за проблемите во јавниот сервис, само се препукуваат меѓусебно. Владата тврди дека проблемите се резултат од опструкциите на СДСМ, чии членови се на врвот на Управниот одбор. "Владата е спречена да го спроведе санациониот план затоа што блокираат членовите на Управниот одбор, од кои дел се членови на СДСМ", велат во Владата. Претседателот на Комисијата за транспорт и врски на Собранието на Македонија Никола Ќуркчиев смета дека е недозволиво МРТВ три недели да остане без телефон и Интернет. "Пред еден месец донесовме одлука за користење на средствата за МРТВ за 2007 година. Сега менаџерите треба да се стегнат и да ги решат проблемите", вели Ќуркчиев. Според него, главен проблем на националниот сервис е системот на финансирање. "Власта место да ја обвинува опозицијата, треба да и помогне на куќата да ја собере радиодифузната такса", вели тој.

Извор: И.С.- Н.С. (17.2.08). МРТВ со гулаби писмоносци ќе комуницира со светот. Вест.

петок, 15 февруари 2008

Утрински? „Т-мобиле“ лани работела подобро од „Телеком“

„Македонски телекомуникации“ лани остварила полоши разултати за разлика од 2006 година, додека мобилниот оператор бележи подобрување во работењето. Според финансискиот извештај на „Маѓар телеком“, нивниот фиксен оператор во Македонија во 2007 година има намалување на приходите во висина од 6,7 отсто и пад на профитот пред оданочување од 4,5 отсто. Како што стои во извештајот, МТ во 2006 година имала приход од 169 милиони евра, а минатата година 157 милиони евра. Профитот пред оданочување пред две години на „Македонски телекомуникации“ бил во висина од 77,6 милиони евра, а во 2007 година 74,1 милион евра.

Фиксниот оператор ги губи и претплатниците. Само за една година има одлевање на 24.773 корисници. Бројките покажуваат дека во 2006 година „Македонски телекомуникации“ имала 517.149 претплатници, а минатата година 492.376 корисници, што потврдува дека конкуренцијата си го прави своето и граѓаните пополека ги откажуваат услугите на фиксниот оператор.

Единствено добри резултати „Македонски телекомуникации“ покажува во Интернетот. Импозантни се резултати во АДСЛ, каде што има зголемување на бројот на корисниците дури за фантастични 192 отсто. Ако пред две години бројката на претплатници за АДСЛ била 16.462, до 31 декември 2007 година таа изнесувала 48.214 корисници.

Мобилниот оператор и натаму бележи добри резултати иако работи во конкурентна средина, покрај „Космофон“ и ВИП. Минатата година приходите на „Т-мобиле“ пораснале за 9 отсто поради зголемување на претплатничката база, додека растот на профитот пред оданочување се зголемил за 2,2 отсто, споредно со 2006 година.

Во финансискиот извештај на „Маѓар телеком“ стои дека во 2006 година „Т-мобиле“ остварил приход во висина од 149,5 милиони евра, додека лани 162,9 милиони евра. Што се однесува, пак, до профитот пред оданочување, мобилниот оператор забележал 83,9 милиони евра пред две години, а лани тој се искачил на 85,8 милиони евра.

И покрај влезот на австриски ВИП на македонскиот телекомуникациски пазар, расте бројот на корисниците на „Т-мобиле“. До крајот на 2007 година се регистрирани 1,2 милиона претплатници, што е зголемување за 24 отсто споредно со 2006 година, кога се евидентирани 944.530 корисници. Зголемена е пенетрацијата, која лани била 93,3 отсто.

Извор: Верче Георгиевска. (15.2.08). „Т-мобиле“ лани работела подобро од „Телеком“. Утрински Весник.

четврток, 14 февруари 2008

Утрински: Технолошка револуција на Штипскиот универзитет

Штип - Електронски табли, токени, „мекинтош“ компјутери... Ова е дел од имиџот на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ кој годинава комплетно го смени својот изглед со техника според најнови стандарди. Нема ден а на универзитетот да не се поставуваат нови столчиња, маси или да не се уредуваат нови компјутерски кабинети кои ќе ги користат околу 6.000 студенти на универзитетот, на кој во моментов другите државни универзитети можат само да му позавидат. Инвентарот е само дел од она што деновиве се реновира на штипските факултети кои се разгрануваат низ Штип. Последниве месеци личи на градилиште во кое универзитетот добива објекти кои му ги доделува градот или државата. Така, на списокот на објекти кои во своите планирани активности ги зацрта Штипскиот универзитет се и студентски град, научно-истражувачки центар, универзитетско радио и телевизија... Благодатите од овие нешта можат само да ги замислуваат студентите на другите државни универзитети кои сега можат само да учат од универзитетот во источна Македонија, кој преку ноќ израснува во втор студентски центар покрај оној во Скопје, каде што некои факултети изгледаат како да ги прегазило времето. Зградата на Факултетот за информатика е една од неколкуте која во моментов се реновира и проширува. На секој кат има компјутерски простории кои годинава се реновирани од корен, со нови маси и столчиња. Факултетот има и посебна просторија со најнови „мекинтош“ компјутери, кои важат за софистицирани и скапи. Оваа просторија, како што ни објаснија, ќе биде наменета за студентите кои имаат напредни познавања. Во овие простории, како и во сите факултети на универзитетот нема да може да влезе кој било. Студентите од годинава ќе добијат токен-апаратчиња со кои ќе го регистрираат влезот и излезот од студентските простории и на тој начин ќе можат да добијат потпис за да заверат семестар.„Ваквиот начин на заверка на семестри го применуваме од годинава со цел да се елиминираат личните пријателства и врски за добивање потпис“, вели портпаролот на штипскиот универзитет, Кирил Барбареев.Но, новите компјутери не се единствена новина на штипските факултети. Старите, дотраени зелени табли во амфитеатрите на Рударско-геолошкиот и на Педагошкиот факултет се заменуваат со нови електронски, каде што наместо со креда ќе се пишува со оптички уред. Овие услови, според ректорот Саша Митрев, ќе им бидат понудени и на студентите на трите нови технички факултети кои се најавени да се отворат во Радовиш, Пробиштип и Виница, а тоа се Електро-техничкиот, Технолошко-техничкиот и Машинскиот. „Техничките факултети се покажаа како неатрактивни за потенцијалните студенти. Покрај тоа што беа обезбедени стипендии и ослободување од партиципација, сепак, не се јавија доволен број студенти. Ние планираме да им понудиме на студентите да го продолжат студирањето на студиската програма на Политехника во Штип, која има речиси исти предмети во прва и втора година. Ако се создадат подобри услови за активирање на техничките факултети, ќе можат да се префрлат во трета година на саканите студиски програми“, изјави ректорот Митрев, прашан за интересот на новите технички факултети. Овие студенти, според портпаролот на универзитетот, поради слабиот интерес, би требало да студираат во Штип во првите две години. Вистинска реткост на една високообразовна институција е да се видат телевизори „плазма“кои ги има насекаде на штипските факултети, а наскоро од универзитетот најавуваат дека ќе постават и компјутери во ходниците каде што студентите ќе можат да проверат и-мејл и да користат Интернет. Во факултетите се отворени и универзитетски книжарници кои се единствените места каде што можат да се купат учебници, бидејќи е забранета продажба на книги во факултетските простории. Исто така, Универзитетот донел одлука ниедна книга да не е поскапа од 500 денари. Оваа одлука, според Барбареев, била донесена за да се спречат појавите на корупција на Универзитетот. Според ректорот Саша Митрев, тие имаат добиено повеќе грантови, а од државата и годинава, втора по ред им биле доделени 1,5 милиони евра. „За основање на Универзитетот добивме 1,5 милиони евра, а толкав износ е предвиден и за годинава. Средствата обезбедени од државата беа доволни за успешен почеток. Но, сепак, најголемата партиципација од страна на државата беше во објекти кои ни ги обезбеди Владата“, вели ректорот Митрев. Тој посочува дека добиле помош од разни фирми, како на пример „Мајкрософт“, кој донирал повеќе од 400.000 долари во софтвери, компанијата „Кабелтел“, со чија помош се поврзале сите нивни објекти во Штип, додека „Циско“ донирал во телекомуникациска опрема. На Штипскиот универзитет во тек е опремување на нови објекти во градот каде што е предвидено да бидат лоцирани Економскиот факултет, како и новите Филолошки и Медицински факултет. И на овие факултети од Штипскиот универзитет појаснуваат дека ќе се понудат модерни услови за студирање со кои се гордеат со оваа високообразовна установа каде што има интерес за студирање и од Албанија, Бугарија и Грција.

Извор: (14.2.08). Технолошка револуција на Штипскиот универзитет. Утрински.

понеделник, 11 февруари 2008

Нова Македонија: Бесплатен интернет во студентските домови

Десет студентски домови во земјава ќе бидат опфатени со проектот за обезбедување на бесплатен интернет. Како што рече министерот без ресор за развој на информатичкото општество, Иво Ивановски, со проектот ќе бидат опфатени сите домови во Скопје, Прилеп, Охрид, Битола, Штип и новиот во Гостивар. Со ова ќе им се овозможи на сите студенти во нивните соби бесплатна интернет конекција.
Друг предлог проект што го усвоила Владата е доделување на електронски потписи на сите работодавачи во Македонија. Целта на овој проект е застапување на авторизиран дигитален идентитет за сите правни и физички субјекти. кои имаат кои имаат правна обврска да пријавуваат и плаќаат данок. “Проектот е фокусиран на регистрирање на целата работодавачка популација со дигитален идентитет што ќе им овозможи извршување на сите видови електронски операции и прифаќање на истите без никакво ограничување од страна на издавачот на сертификатот“, вели Ивановски.
Минатата недела бил промовиран новиот систем за електронски јавни набавки. Неговата цел е привлекување на инвестиции од областа на електронската трговија. Според министерот најважен аспект преставува атрактивен даночен систем кој ќе ги привлече странските инвеститори.

Извор: (11.2.08). Бесплатен интернет во студентските домови. Нова Македонија.

Нова Македонија: Космофон денеска ќе добие одобрение за 3Г технологија

Космофон денеска ќе добие одобрение за користење на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни и комуникациски мрежи од третата генерација 3Г.
Космофон беше избран за најповолен понудувач и како што соопштуваат од Агенцијата за електронски комуникации, го уплатиле понудениот износ за користење на радиофреквенцијата.
Најавено е свечено доделување на одобрението од директорката на АЕК, Лилјана Денковска на генералниот директор, Борислав Захариев.

Извор: (11.2.08). Космофон денеска ќе добие одобрение за 3Г технологија. Нова Македонија.

Нова Македонија: Телеком одобри инвестиции во АДСЛ мрежата

Одборот на директори на АД “Македонски телекомуникации“ на вонреден состанок одржан одобрил инвестиции во АДСЛ мрежата, кои ќе придонесат за дополнителни подобрувања на квалитетот на понудените услуги.
“Од воведувањето на АДСЛ услугата за брз интернет пристап на почетокот на 2004 година, Телеком презеде неколку активности за да обезбеди поголема брзина и пониски цени за своите корисници, а на тој начин придонесе за зголемување на бројот на членови на Интернет семејството на македонскиот пазар. Освен со воведувањето на новите МаџАДСЛ пакети за резидентни и бизнис корисници, во септември 2007 година, МТ придонесе за развој на интернетот во Македонија и со склучување на договори за големопродажба на АДСЛ-от“, се вели во соопштението на “Македонски телекомуникации“. МТ најави дека наскоро ќе воведе нови модерни дополнителни услуги на пазарот.

Извор: (11.2.08). Телеком одобри инвестиции во АДСЛ мрежата. Нова Македонија.

Вест: Електронски потписи за работодавците

Министерот без ресор Иво Ивановски информираше и за доделувањето електронски потписи за работодавците
"Целта на проектот за доделување електронски потписи за сите работодавци во Македонија е доставување авторизиран дигитален идентитет на сите правни и физички субјекти кои имаат правна обврска да пријавуваат и да плаќаат данок. Сертификатот е јавно признат со членот 13 од Законот за податоци во електронски облик и електронски потпис", рече Ивановски.
Со електронскиот потпис работодавците, како што истакна Ивановски, наместо да одат на шалтери, ќе можат да ги вршат услугите по електронски пат, но ќе мора да поседуваат електронски сертификат за тоа. Услугите ќе можат да се реализираат во фондовите за пензиско и за здравствено осигурување, Централниот регистар, Царината, Агенцијата за вработување, каде што ќе може да се најави вработување или отказ за вработените, и новиот систем за електронски јавни набавки.

Извор: (11.2.08). Електронски потписи за работодавците . Вест.

вторник, 5 февруари 2008

Вест: 100.000 компјутери на Груевски стојат во магацин

Владиниот проект "Компјутер за секое дете" што пред повеќе од една година го најави премиерот Никола Груевски се уште не е реализиран.
Цела година се проверува електричната инсталација во училиштата и речиси сигурно е дека компјутерите нема да влезат во школите до крајот на оваа учебна година.
"Од вкупно 100.000 компјутери кои треба да бидат донесени во училиштата, 90% од нив се пристигнати во земјава и се чуваат во магацини. Останатите треба да пристигнат во март", вели Дрита Мамути, портпарол во Министерството за образование и наука. "Сега се работи на подобрување на електричната инсталација. Пред две недели испративме допис до сите училишта во кој ги информираме дека екипи на Македонската радиодифузија ќе доаѓаат да ја проверат инсталацијата. Тие ќе вршат вмрежување на компјутерите", објасни Мамути.
Во септември лани на првиот школски ден премиерот Никола Груевски изјави дека до ноември 2007 година сите 100.000 комјутери ќе бидат инсталирани во училиштата.
Досега од проектот "Компјутер за секое дете", само три средни училишта во државата добија половина од потребните компјутери. Средното техничко училиште во Битола, АСУЦ во Скопје и Економското во Тетово. Во сите три училишта учат над 3.500 ученици, а донесени се помалку од 700 компјутери.
Во битолската гимназија "Јосип Броз Тито" велат дека не добиле ниеден компјутер."Ние уште ги чекаме масите за компјутерите", велат во гимназијата.
Во тетовското економско училиште "8 Септември" им било кажано дека до почетокот на второто полугодие ќе ги добијат сите компјутери. "Кај нас учат 1.300 ученици, а останавме со оние 170 компјутери што ги донесоа во септември. Децата сега ги користат само за Интернет зашто немаат програми за предметите", велат во училиштето.
Во средното техничко училиште во Битола "Ѓорѓи Наумов" донесени се 300 компјутери. Им биле ветени уште толку, зашто во училиштето учат 1.000 ученици. "Требаше во секоја училница да има по 35 компјутери. Ама се уште ги нема", вели директорот на училиштето Драган Стојановиќ. Тој кажува дека само 4 наставници поминале обука за работа на посебните програми кои се инсталирани. Во училиштето работат вкупно 80 наставници.
Во АСУЦ "Боро Петрушевски" има донесено 200 компјутери. Таму учат 1.140 средношколци. "Потребни ни се програми за да можат да се користат за сите предмети", вели директорот Игнат Доневски.
Во Македонија има околу 350.000 ученици во основните и во средните училишта. Со инсталација на 100.000 компјутери, наместо секој ученик, компјутер ќе добие секој трет. Во Министерството за образование објаснуваат дека во најголем дел школите работат во две смени и дека компјутерите ќе бидат доволни за учениците. Размислуваат и да нарачаат уште дополнителни 50.000 компјутери.

Извор: Р.Ф. (5.2.08). 100.000 компјутери на Груевски стојат во магацин. Вест.

Дневник: Изградба на интернет-автопат

Да се изгради македонски интернет-автопат, односно алтернативна оптичка мрежа во државна сопственост, која по поволна цена ќе им се издава на конкурентите на „Македонски телекомуникации“. Ова е предлогот на здружението „Интернет Македонија“ за да се подигне нивото на употреба на современите информациски технологии.

- Потребен е поголем ангажман на државните органи и искористување на слободните капацитети на оптичките кабли со кои располагаат „Македонски железници“ и МЕПСО. Државно тело ќе им ја изнајмува оваа ‘рбетна мрежа на конкурентите на телекомот по цени што ќе бидат доволни да се покријат оперативните трошоци - сметаат од Здружението за подобар интернет.„Интернет Македонија“ бара да се спроведе стратегијата за развој на информациско општество, со која е предвидено минимум 1,5 отсто од буџетските пари да се издвојуваат за оваа намена.

Извор: (5.2.08). Изградба на интернет-автопат. Дневник.

понеделник, 4 февруари 2008

Вечер: Т-Мобиле и Космофон со пазарна моќ

"Т-Мобиле Македонија" и "Космофон" се определени за оператори со значителна пазарна моќ на мобилниот пазар во земјава. Поради таквиот статус на овие компании Агенцијата за електронски комуникации им наметнува да им обезбедат на други оператори интерконекција и пристап, а тоа да го прават транспарентно и недискриминаторски, како и да водат посебно сметководство и контрола на цените.
Двете компании го добија овој статус уште во ноември минатата година откако АЕК направи анализа на мобилниот пазар за периодот од јули 2006 до јули 2007 година. Потоа двете компании се жалеа на таквата одлука со образложение дека не сакаат со другиот конкурент да го делат статусот. Комисијата на АЕК објави дека ги одбила нивните жалби како неосновани.
- И двете компании имаат 100-процентно учество на пазарот на услуги за завршување на повик на големопродажно ниво и поради тоа имаат пазарна моќ - објаснуваат од АЕК.

Извор: С.Бл. (4.2.08). Т-Мобиле и Космофон со пазарна моќ. Вечер.

петок, 1 февруари 2008

Нова Македонија: Интернетот не е конкуренција на книгите!

Министерството за култура издвои средства за потребите од Националната установа, библиотека “Гоце Делчев“ во Штип. Со овие средства, според информациите од штипската библиотека, ќе продолжи со активност инфобусот, односно ќе ги прошири селата што истиот ги покрива, ќе има и повеќе работни денови, како и со поголем број книги. Преку инфобусот, се дадени и средства за набавка на материјали и книги за потребите на жителитеод турска, ромска и други националности. Тие книги ќе бидат достапни за населението и во најоддалечените села.Во штипската библиотека истакнуваат дека налетот на електронските медиуми и Интернетот не се чувствува во работењето. Секој медиум има своја предност. Сепак, значењето на книгата е огромно и не може да се замени со компјутерот. Информацијата што децата, учениците, или пак возрасните можат да ја добијат од компјутерот може да биде поддршка. Богатството на читањето книга кога ќе ја земете во свои раце, значи нешто друго, вели директорката, Вилма Јованова.Во иднина се планира библиотеката да стане и универзитетска, ако се знае дека Штип станува универзитетски центар. Библиотеката веќе го ослободи третиот кат за Универзитетот. Овој кат беше руиниран и воопшто не се користеше. Катот сега ќе го користат студентите. Со Универзитетот има контакти за набавка на научни книги и литература, за што се издвоени посебни средства.Штипската библиотека соработува и со детските градинки, основните и средни училишта. Се води кампања - книгите да се доближат до децата и учениците.Библиотеката сега е автоматизирана, но во иднина дел ќе биде дигитализацијата.

Извор: К.Манев. (1.2.08). Интернетот не е конкуренција на книгите! . Нова Македонија.

Вест: Телефонот ќе поскапи

Телефонскиот разговор ќе поскапи. Најдоцна до април годинава цените на локалниот разговор ќе се зголемат, а меѓународните ќе се намалат, како дел од процесот на регулирање на малопродажните цени, велат наши извори. Според нив, ребалансот на цените ќе биде на препорака од Европската унија, чии надлежни комисии ценат дека еден денар за минута разговор во Македонија е многу ниска цена во однос на европскиот просек. Колкав ќе биде процентот е неизвесно, бидејќи првин ќе се направат анализи на пазарот. Според последната студија на консултантската куќа "Кулен интернационал", подготвена за потребите на Европската комисија, цената на три минути локален разговор во Македонија, во просек, чини околу 5,7 евроценти, а во земјите на ЕУ 13 евроценти. Комисијата на последната средба со домашната Агенцијата за електронски комуникации препорачала приближување кон европските просеци. Надлежната комисија во Брисел нејзината препорака ја аргументирала со фактот што Телеком се уште нема конкуренција во локалниот сообраќај. Зголемувањето на цените на Телеком над 1 денар за минута разговор ќе овозможело потенцијалната конкуренција да понуди конкурентни цени.Од Агенцијата за електронски комуникации потврдуваат дека ја добиле оваа препорака од надлежната комисија од Брисел. Агенцијата во програмата за работа за 2008 година предвидела, заклучно со крајот на март годинава, да направи регулирање на малопродажните цени, што опфаќа и претходна анализа на пазарот. Од оваа постапка се очекува да произлезе и растот на едни и падот на други цени на Телеком. Агенцијата се повикува на член 49 од Законот каде што се вели дека во услови кога пазарот не е конкурентен, таа на Телеком може да му забрани за ограничување на конкуренцијата со воспоставување високи или ниски цени.Пред неколку месеци и главниот извршен директор на Телеком Никола Бекерс најави дека годинава ќе има ребаланс бидејќи цените на повиците кон странство се многу високи. Бекерс тогаш одбегна да потврди дали со ребалансот ќе се зголемат цените на локалниот сообраќај.Студијата, изработена од "Кулен интернационал", покажува дека македонските граѓани трошат осум отсто од годишниот БДП за телекомуникациски услуги, а во Европската унија овој процент се движи од два до три отсто. Во Македонија, Бугарија, Хрватска, Романија и Турција цените на локални разговори се под европскиот просек. Но во споредба со куповната моќ на населението, цените во овие земји се далеку повисоки од европските. Студијата уште покажува дека со околу 7 евра за месечна претплата за фиксен телефон, Македонија плаќа повеќе од Бугарија, помалку од Хрватска и од Романија.

Извор: Т.Ј. (1.2.08). Телефонот ќе поскапи. Вест.

Вест: Отворен центар за компјутерска обука на инвалиди

Тренинг центарот "Промоција на обука за иницијално остручување и вработување на лица со инвалидност", наменет за компјутерска обука на инвалиди, вчера беше отворен во населбата Железара во Општина Гази Баба. Лицата со инвалидитет, кои ќе го посетуваат курсот по компјутери, ќе бидат земани од дома со организиран превоз, а по завршувањето на предавањата повторно ќе ги враќаат во нивните домови. Центарот е опремен со 15 компјутери, на кои заинтересираните инвалидизирани лица ќе можат да ја научат или доусовршат работата во Мајкрософт програмите и веб-дизајн, со цел во иднина полесно да најдат соодветно работно место. Од Општина Гази Баба, која ги обезбеди просториите за потребите на Центарот, велат дека на нивната територија има регистрирани 210 лица со инвалидитет. Тренинг центарот се формираше во рамките на проектот АНАП 19, кој е финансиран од Министерството за надворешни работи на Грција во партнерство со локалната невладина организација "Шпреса", а со значаен придонес од старана на локалната невладина организација "Иницијатива за европска перспектива" и Општина Гази Баба.

Извор: Б.Б. (1.2.08). Отворен центар за компјутерска обука на инвалиди. Вест.