четврток, 14 февруари 2008

Утрински: Технолошка револуција на Штипскиот универзитет

Штип - Електронски табли, токени, „мекинтош“ компјутери... Ова е дел од имиџот на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ кој годинава комплетно го смени својот изглед со техника според најнови стандарди. Нема ден а на универзитетот да не се поставуваат нови столчиња, маси или да не се уредуваат нови компјутерски кабинети кои ќе ги користат околу 6.000 студенти на универзитетот, на кој во моментов другите државни универзитети можат само да му позавидат. Инвентарот е само дел од она што деновиве се реновира на штипските факултети кои се разгрануваат низ Штип. Последниве месеци личи на градилиште во кое универзитетот добива објекти кои му ги доделува градот или државата. Така, на списокот на објекти кои во своите планирани активности ги зацрта Штипскиот универзитет се и студентски град, научно-истражувачки центар, универзитетско радио и телевизија... Благодатите од овие нешта можат само да ги замислуваат студентите на другите државни универзитети кои сега можат само да учат од универзитетот во источна Македонија, кој преку ноќ израснува во втор студентски центар покрај оној во Скопје, каде што некои факултети изгледаат како да ги прегазило времето. Зградата на Факултетот за информатика е една од неколкуте која во моментов се реновира и проширува. На секој кат има компјутерски простории кои годинава се реновирани од корен, со нови маси и столчиња. Факултетот има и посебна просторија со најнови „мекинтош“ компјутери, кои важат за софистицирани и скапи. Оваа просторија, како што ни објаснија, ќе биде наменета за студентите кои имаат напредни познавања. Во овие простории, како и во сите факултети на универзитетот нема да може да влезе кој било. Студентите од годинава ќе добијат токен-апаратчиња со кои ќе го регистрираат влезот и излезот од студентските простории и на тој начин ќе можат да добијат потпис за да заверат семестар.„Ваквиот начин на заверка на семестри го применуваме од годинава со цел да се елиминираат личните пријателства и врски за добивање потпис“, вели портпаролот на штипскиот универзитет, Кирил Барбареев.Но, новите компјутери не се единствена новина на штипските факултети. Старите, дотраени зелени табли во амфитеатрите на Рударско-геолошкиот и на Педагошкиот факултет се заменуваат со нови електронски, каде што наместо со креда ќе се пишува со оптички уред. Овие услови, според ректорот Саша Митрев, ќе им бидат понудени и на студентите на трите нови технички факултети кои се најавени да се отворат во Радовиш, Пробиштип и Виница, а тоа се Електро-техничкиот, Технолошко-техничкиот и Машинскиот. „Техничките факултети се покажаа како неатрактивни за потенцијалните студенти. Покрај тоа што беа обезбедени стипендии и ослободување од партиципација, сепак, не се јавија доволен број студенти. Ние планираме да им понудиме на студентите да го продолжат студирањето на студиската програма на Политехника во Штип, која има речиси исти предмети во прва и втора година. Ако се создадат подобри услови за активирање на техничките факултети, ќе можат да се префрлат во трета година на саканите студиски програми“, изјави ректорот Митрев, прашан за интересот на новите технички факултети. Овие студенти, според портпаролот на универзитетот, поради слабиот интерес, би требало да студираат во Штип во првите две години. Вистинска реткост на една високообразовна институција е да се видат телевизори „плазма“кои ги има насекаде на штипските факултети, а наскоро од универзитетот најавуваат дека ќе постават и компјутери во ходниците каде што студентите ќе можат да проверат и-мејл и да користат Интернет. Во факултетите се отворени и универзитетски книжарници кои се единствените места каде што можат да се купат учебници, бидејќи е забранета продажба на книги во факултетските простории. Исто така, Универзитетот донел одлука ниедна книга да не е поскапа од 500 денари. Оваа одлука, според Барбареев, била донесена за да се спречат појавите на корупција на Универзитетот. Според ректорот Саша Митрев, тие имаат добиено повеќе грантови, а од државата и годинава, втора по ред им биле доделени 1,5 милиони евра. „За основање на Универзитетот добивме 1,5 милиони евра, а толкав износ е предвиден и за годинава. Средствата обезбедени од државата беа доволни за успешен почеток. Но, сепак, најголемата партиципација од страна на државата беше во објекти кои ни ги обезбеди Владата“, вели ректорот Митрев. Тој посочува дека добиле помош од разни фирми, како на пример „Мајкрософт“, кој донирал повеќе од 400.000 долари во софтвери, компанијата „Кабелтел“, со чија помош се поврзале сите нивни објекти во Штип, додека „Циско“ донирал во телекомуникациска опрема. На Штипскиот универзитет во тек е опремување на нови објекти во градот каде што е предвидено да бидат лоцирани Економскиот факултет, како и новите Филолошки и Медицински факултет. И на овие факултети од Штипскиот универзитет појаснуваат дека ќе се понудат модерни услови за студирање со кои се гордеат со оваа високообразовна установа каде што има интерес за студирање и од Албанија, Бугарија и Грција.

Извор: (14.2.08). Технолошка револуција на Штипскиот универзитет. Утрински.

Нема коментари: