понеделник, 18 февруари 2008

Дневник: „Е-влада“ ќе донесе поквалитетни услуги за граѓаните

Проектот „е-влада“, кој датира од пред неколку години, треба да обезбеди електронско поврзување на речиси сите државни институции. Тоа ќе ја модернизира државната администрација, ќе овозможи прецизен и навремен увид во податоците и ќе ги подобри услугите што државата им ги нуди на граѓаните и на фирмите. Компјутерскиот гигант „Мајкрософт“ со своите софтверски решенија е активно вклучен во реализацијата на овој проект во Македонија и во другите земји во регионот. Вилфред Громен, менаџер во „Мајкрософт“ за Југоисточна Европа, вели дека технологијата е подготвена да постигне големи резултати во оваа насока, но за тоа се потребни разработена организациска и правна димензија во секоја земја. - Врз основа на соработката со повеќе од 20 влади можам да кажам дека најголема пречка за реализација на проектот „е-влада“ се управувањето и законодавството. За да се постигне стратегијата за „е-влада“, односно „поврзана влада“, како што ја нарекуваат во ОН, некој со зајакнати капацитети треба да ги раководи сите министерства кон крајната цел - обезбедување подобри услуги за граѓаните и за бизнисите. Тоа бара политичка волја, стратегија и зајакнување на капацитетите. Честопати законите треба да се изменат за да се дозволи постоење на „е-влада“. На пример, за плаќањето даноци преку интернет (он-лајн) да стане законска обврска во многу од земјите, треба да се приспособи законодавството, односно да се воведе електронски потпис и да се регулираат прашањата поврзани со приватноста и со безбедноста.* Иновацијата во секој случај бара технолошки просперитет. Кои се клучните решенија што треба да се имплементираат за проектот да заживее? - За да се постигне ефикасна „е-влада“ треба да се земат предвид интероперабилноста и отворените стандарди. Станува збор за поврзување на различни министерства, системи, разни нивоа на управување, од централна власт до градско собрание. Претходно мора да се поминат стадиумите на дијалог и на учење. Постојат многу важни примери на интероперабилност, а најважниот е интеграцијата на различните апликации. Ова е свет на веб-услуги. Постојат дискусии за управување со системи и постигнување сценарио за намалување на трошоците со помош на технологија на виртуелен сервер, но и дебати на тема дигитални идентитети и управување со нив. * Дигиталниот идентитет е клучен за максимална заштита на податоците при комуникација преку интернет, но и за повисоко ниво на услуги во една држава. Кој се' може да биде обезбедувач на „е-идентитет“?- Владата секогаш ќе биде главниот управувач на граѓанскиот идентитет. Таа ќе организира тела за сертифицирање кои на граѓаните ќе им даваат дигитални идентитети. Но владата нема да биде единствениот обезбедувач на идентитети. На пример во банките луѓето употребуваат банкарски картички за да извршат плаќања. Кога пазарат користат готовина или картички, кога одат во сала за вежбање употребуваат претплатничка картичка или идентитет доделен од салата. Истото ќе се случува и на интернет. Луѓето ќе употребуваат различни идентитети на различни портали. Ние го нарекуваме тоа управување на идентитети насочено кон корисникот. За да се оствари тоа, потребен е систем што е интероперабилен и овозможува размена на доверливи идентитети. Така кога ќе одите во градското собрание, ќе ви ја признаат за валидна државната е-картичка на идентитет. Денес во светот постојат стандарди што го овозможуваат тоа, како стандардите за веб-услуги.* До каде е Македонија во овој поглед?- Голем број партнерски компании на „Мајкрософт“ во Македонија веќе подолго време интензивно инвестираат во знаење и вештини поврзани со нашите технологии. За нив интероперабилноста е неопходен услов за да бидат успешни на пазарот. Бројот на нашите партнери постојан расте, што ни дава за право да веруваме дека и делот со интероперабилноста го обработуваме на вистински начин. Подготвеноста на Македонија за примена на технологиите не заостанува зад која било земја од регионот.* Како се спроведува стратегискиот партнерски договор помеѓу „Мајкрософт“ и македонската влада?- Реализацијата на Договорот за стратегиско партнерство со Владата се одвива во рамките на очекувањата и дефинираните активности. За нас Владата е клучен партнер за создавање бизнис-клима што ќе поттикне конкурентност и спроведување на регулативата за заштита на правата на интелектуална сопственост. Кога овие две работи се реализираат на вистински начин, се отвара широко поле за работа на ИТ-компаниите. Најголем дел од земјите во Централна и во Источна Европа навистина сакаат да постигнат економски пораст преку големи иновации. Тоа е нивна најважна грижа, односно политички приоритет. За да се постигне тоа, треба да се препознае важноста на постоење стратегија за иновација, претприемачки дух и информатичка технологија како алатка што сето тоа го овозможува.

Извор: Спасијка Јованова. (18.2.08). „Е-влада“ ќе донесе поквалитетни услуги за граѓаните. Дневник.

Нема коментари: