петок, 15 февруари 2008

Утрински? „Т-мобиле“ лани работела подобро од „Телеком“

„Македонски телекомуникации“ лани остварила полоши разултати за разлика од 2006 година, додека мобилниот оператор бележи подобрување во работењето. Според финансискиот извештај на „Маѓар телеком“, нивниот фиксен оператор во Македонија во 2007 година има намалување на приходите во висина од 6,7 отсто и пад на профитот пред оданочување од 4,5 отсто. Како што стои во извештајот, МТ во 2006 година имала приход од 169 милиони евра, а минатата година 157 милиони евра. Профитот пред оданочување пред две години на „Македонски телекомуникации“ бил во висина од 77,6 милиони евра, а во 2007 година 74,1 милион евра.

Фиксниот оператор ги губи и претплатниците. Само за една година има одлевање на 24.773 корисници. Бројките покажуваат дека во 2006 година „Македонски телекомуникации“ имала 517.149 претплатници, а минатата година 492.376 корисници, што потврдува дека конкуренцијата си го прави своето и граѓаните пополека ги откажуваат услугите на фиксниот оператор.

Единствено добри резултати „Македонски телекомуникации“ покажува во Интернетот. Импозантни се резултати во АДСЛ, каде што има зголемување на бројот на корисниците дури за фантастични 192 отсто. Ако пред две години бројката на претплатници за АДСЛ била 16.462, до 31 декември 2007 година таа изнесувала 48.214 корисници.

Мобилниот оператор и натаму бележи добри резултати иако работи во конкурентна средина, покрај „Космофон“ и ВИП. Минатата година приходите на „Т-мобиле“ пораснале за 9 отсто поради зголемување на претплатничката база, додека растот на профитот пред оданочување се зголемил за 2,2 отсто, споредно со 2006 година.

Во финансискиот извештај на „Маѓар телеком“ стои дека во 2006 година „Т-мобиле“ остварил приход во висина од 149,5 милиони евра, додека лани 162,9 милиони евра. Што се однесува, пак, до профитот пред оданочување, мобилниот оператор забележал 83,9 милиони евра пред две години, а лани тој се искачил на 85,8 милиони евра.

И покрај влезот на австриски ВИП на македонскиот телекомуникациски пазар, расте бројот на корисниците на „Т-мобиле“. До крајот на 2007 година се регистрирани 1,2 милиона претплатници, што е зголемување за 24 отсто споредно со 2006 година, кога се евидентирани 944.530 корисници. Зголемена е пенетрацијата, која лани била 93,3 отсто.

Извор: Верче Георгиевска. (15.2.08). „Т-мобиле“ лани работела подобро од „Телеком“. Утрински Весник.

Нема коментари: