понеделник, 31 март 2008

Вечер: Телеком со највисока изречена глоба од 2,3 милиони евра

Сумата од 2,3 милиони евра, што ја заработи Македонски телекомуникации поради злоупотреба на доминантната позиција на пазарот, е највисоката казна што во текот на 2007 година ја изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК). Телеком ја заработи казната бидејќи им пресметуваше и наплатуваше на своите претплатници манипулативен трошок во месечните сметки. Изречената глоба изнесува 1,37 проценти од вкупниот годишен приход на Телеком остварен во 2005 година. Согласно Законот за заштита на конкуренцијата, за ваков вид прекршок, глобата изнесува до 10 проценти од приходите остварени во претходната година.

Ова е еден меѓу деветте случаи по кои постапуваше Комисијата минатата година и на сите нив им определи вкупна казна од 2.401.602 евра. Во оваа сума се вклучени 4.500 евра што ги заработија одговорните лица во тие претпријатија поради ненавремено доставување на податоци.

Овие податоци се содржани во годишниот извештај на КЗК кој деновиве е доставен во Парламентот на усвојување. Во него стои дека во таргетот на Комисијата минатата година биле 22 договори склучени меѓу правни субјекти, од кои 15 биле поради утврдување на концентрации, шест за злоупотреба на доминантната позиција и еден за постоење на забранет договор. Последниот е случајот меѓу автомото друштвото "Ѓорѓи Наумов" и ЗВ "Сотир Наумовски" од Битола кои, иако конкуренти на пазарот, се договарале за висината на цената за регистрација на моторни возила.

Од КЗК се фалат дека лани и годинава издале голем број позитивни мислења за доделување на државна помош, но дека тие податоци се нецелосни и поради тоа не можеле да ги презентираат во овој извештај. Затоа, пак, кажуваат дека во 2006 година процентот на доделената државна помош во однос на бруто-домашниот производ (БДП) изнесувала 0,46 отсто. Со овој процент, од КЗК сметаат дека Македонија е во групата на држави што доделуваат државна помош под просекот на ЕУ кој 2006 година изнесувал 0,59 отсто. За споредба, во 2006 година, државна помош во ист процент како и кај нас доделила Естонија, 0,45 проценти Италија и 0,4 Белгија. Словенија доделила државна помош од 0,64 проценти од БДП. Во земјите-членки највисок процент доделила Малта - 3,16, а најнизок Луксембург - 0,15 отсто.

Извор: (31.3.08). Телеком со највисока изречена глоба од 2,3 милиони евра. Вечер.

Утрински: Компјутерите се дел од модерен образовен систем

„Обезбедувањето основна компјутерска инфраструктура во училиштата е дел од градењето модерен образовен систем“, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески на вчерашниот форум на ВМРО-ДПМНЕ „Реформи на образовниот систем во Република Македонија“.
Централни теми за дискусија беа подостапно и поевтино образование и развој на современо информатичко општество.Проектот за компјутеризација е во тек, но поради лошите инсталации во училиштата се одвива побавно, потенцираа од Министерството за образование и наука.
Државниот секретар во ресорот Перо Стојановски најави дека во идната учебна година во училиштата низ Македонија ќе бидат поставени 100.000 нови компјутери.

Извор: (МИА). (31.03.2008). Компјутерите се дел од модерен образовен систем. Утрински.

петок, 28 март 2008

Нова Македонија: Граѓаните да алармираат за корупцијата

Потребно е граѓаните да бидат похрабри и да алармираат за корупцијата во здравството која е рак рана на општеството велат од “Полио плус“ организацијата која вчера организираше трибина во Прилеп на тема:“ корупцијата во здравството - рак рана на општеството“.- Кампањата има за цел да ја лоцира корупцијата. Нашите активности се одвиваа на три нивоа:преку подигнување на свеста,креирање и јакнење на капацитетите на организациите во намалување на корупцијата, учество во креирање на законската рамка која ја уредува релацијата лекар - пациент вели Елена Кочоска, координатор на проектот.Освен тркалезни маси за унапредување на законската рамка Полио плус за борба против корупцијата организира медиумски кампањи,електронски кампањи и консултативно едукативна компонента.

Извор: Ка.М. (28.3.08). Граѓаните да алармираат за корупцијата. Нова Македонија.

Нова Македонија: Договор за антикорупциски мерки во образованието

Во Владата на Република Македонија вчера беше потпишан Меморандум за разбирање во рамките на проектот „Антикорупциски мерки во образованието“, кој го спроведува Секретаријатот за европски прашања на Владата, а го финансира Владата на Кралството Норвешка.
Проектот „Антикорупциски мерки во образованието“ е финансиран во рамките на Програмата за норвешка билатерална проектна поддршка на Република Македонија. За имплементацијата на овој проект, Владата на Кралството Норвешка издвои неповратен грант чија основна намена ќе биде насочена кон воведување антикорупциски мерки во високото образование, а со тоа и намалување на корупцијата и перцепцијата во високообразовниот систем. Посебен фокус во рамките на овој проект, покрај компонентата за подигање на јавната антикорупциска свест, е ставен и на афирмацијата и реформирање и законското уредување на институцијата „студентски правобранител“.

Извор: (28.3.08). Договор за антикорупциски мерки во образованието. Нова Македонија.

понеделник, 17 март 2008

Дневник: Компјутерот ја роди Рајна во Куманово

Ме нема ни меѓу живите ни меѓу умрените бидејќи селото Градиште, во кое сум родена, е избришано од картата на Кавадарци, се жали 67- годишната кавадарчанка Рајна Златевска. Таа не може да добие лична карта бидејќи компјутерот во ОВР Кавадарци покажува дека таа е родена во кумановско Градиште. Многу се нервирам поради тоа што ми е направено. Си велам да не мислам на тоа, ама умот постојано таму ми оди. За арно или за лошо, ми треба лична карта - вели Златевска.Загрижен е и нејзиниот сопруг Александар.

- Сите носиме душа. Мојата сопруга сега не може да се идентификува во банка или на кое било место, а не дај боже да се случи нешто лошо. Не ќе може ни да ја погребиме. Да не зборуваме за тоа дека не може ни да располага со сопствениот имот и да им го подари на своите деца - вели тој.Со денови овој 70-годишен човек оди од врата до врата барајќи од надлежните решавање на нивниот проблем. Министерството за внатрешни работи и Советот на општината си ја префрлувале вината, а неговата сопруга и понатаму е без лична карта.

- Многу ми е мачно што непотребно и на ова возраст сме принудени да се малтретираме. Нозе веќе немаме од шетање од врата до врата - револтиран е сопругот на Рајна. Златевски велат дека збрката со селото Градиште настанала со воведувањето на компјутерите. Родното место на Рајна стои запишано во нејзината лична карта издадена во 1982 година. Но, во 1994 година кога побарала државјанство при венчавката на синот, таа добила документ на кој стои дека се родила во општина Куманово.

- Ние сме свесни дека кој работи и греши и дека е можно компјутерите да направат збрка. Ама надлежните треба да ја исправат грешката без притоа да создаваат нервози кај сите што се родиле во ова село - велат нашите соговорници. Во кавадарската полиција објаснуваат дека селото Градиште не било внесено во компјутерскиот систем на МВР. Овде го потврдуваат случајот на Златевска и велат дека сите што се родени во ова село го имаат истиот проблем. Решението, велат, било во Советот на Општината, кој требало да го активира ова село кое некогаш било во близина на Тиквешко Езеро. Претседателот на Советот Ратко Грков вели дека Градиште во минатото било ненамерно избришано од картата на Кавадарци. Сега во селото се граделе нови викендички, а била обновена и црквата. Рајна го напуштила родното огниште како дете на 7 години. Најголем број од жителите се иселиле пред 60 години. Тие се сега главно населени во Кавадарци или во тиквешките села Марена, Манастирец и Бистренци. Сличен проблем имаат и лица родени во селата Зборско, Бунарче, Дупкарово, Грбавец и Полошко, кои исто така се избришани од картата во Тиквешко. Овој проблем преку советнички прашања е потенциран во Советот на Кавадарци, како и пред градоначалникот Панчо Минов.

Извор: Светлана Дарудова. (17.3.08). Компјутерот ја роди Рајна во Куманово. Дневник.

понеделник, 3 март 2008

Утрински: Наместо 100.000, Владата набави 20.000 компјутери, тврди СДСМ

СДСМ ја обвини Владата за злоупотреби со компјутерите во основните училишта, посочувајќи на неправилностите на тендерот, скапата цена платена за компјутер и набавката на пет пати помалку од најавените 100 илјади компјутери. Социјалдемократите обвинуваат дека 14 месеци компјутерите скапуваат во магацин, поради што, според светските правила, тие сега вредат половина од сумата што е платена за нив. Со тоа, според пресметките на СДСМ, е направена штета од приближно 12 милиони евра. „Во основните училишта ги нема стоте илјади компјутери кои ВМРО-ДПМНЕ им ги ветува на учениците веќе една година. ВМРО-ДПМНЕ никогаш ниту распишал тендер, ниту имал намера да набави, ниту пак набавил 100.000 компјутери. Вистинската бројка е 17.818 компјутери“, изјави вчера потпретседателот на СДСМ, Јани Макрадули.Тој додаде дека тендерот што го распишала Владата ќе остане запаметен како тендер со најголем број злоупотреби на Законот за јавни набавки.

Извор: О.В. (3.3.08). Наместо 100.000, Владата набави 20.000 компјутери, тврди СДСМ. Утрински Весник.

сабота, 1 март 2008

Нова Македонија: Наместо наставници, ќе предаваат компјутерите

Во проектот “Виртуелна настава“, што го реализира Европскиот совет во 13 држави, е вклучено и училиштето “Никола Нехтенин“ од Штип. Штипското средно училиште е единственото во Македонија кое е вклучено во проектот, кој се реализира со Колеџот од Англија.
Се работи за современи методи кои се применуваат во западноевропските земји. Наставата наместо наставници ќе ја изведуваат компјутери, со инсталирање на нови софтвери.
Реализаторите на проектот тврдат дека иако наставата може да се изведува со компјутери, нема да има отпуштања-работници!?

Извор: К.Манев. (
01.03.2008). Наместо наставници, ќе предаваат компјутерите. Нова Македонија.

Дневник: Вработените во МРТ го обвинија директорот Сајовиц за диктатура

Во Македонската радио-телевизија е воведена диктатура зад која стои извршниот директор Јанез Сајовиц, обвинија вчера вработените во овој јавен информативен сервис. Обвинувањата уследија откако, по налог од раководството на МРТ, на известувачите од други информативни куќи вчера им беше забрането да присуствуваат на собирот на синдикалната организација. Повеќе обезбедувачи, по налог на раководството, не им дозволија на новинарите да влезат во салата за состаноци. Во знак на револт, вработените ја напуштија салата и излегоа пред главниот влез на МРТ. Тие ќе упатат и протестно писмо до ОБСЕ и ЕУ поради ваквата постапка на директорот. - Недостојно е ова што се случува. Се вративме во периодот на 1949 година. Како може да се забранува во јавноста да се слушне вистината за состојбите во МРТ. Куќата тоне во се' поголеми долгови и се вршат притисоци врз вработените - изјави вчера Оливер Симоновски, член на Претседателството на синдикатот на МРТ. Вработените бараат итна средба со претставници на Управниот одбор за да се расчисти дали ова тело ја поддржува или не Санационата програма предложена од Сајовиц. Со неа, покрај другото, се предвидува отпуштање на 330 вработени.

- Ние ја поддржуваме санацијата на МРТ, но не како што предлага Сајовиц. Постои излез од ситуацијата преку изноаѓање соодветен начин на финансирање и санациона програма. Наместо да се постигне тоа, ние имаме се' полоши услови за работа - вели Решат Камбери, член на синдикалната организација.Вработените тврдат дека Сајовиц досега имал катастрофални деловни резултати.

- Откако е на функција, ја задолжил куќата за над еден милион евра, а во наредните години ќе стасаат долговите што ги направил од 4 до 5 милиони евра. Значи, досега оствари загуба од шест-седум милиони евра. Тој не донесе никаков приход во куќата. Таков човек не може да управува со МРТ - тврдат вработените.

Извор: Б.Ѓ. (1.3.08). Вработените во МРТ го обвинија директорот Сајовиц за диктатура. Дневник.