понеделник, 31 март 2008

Вечер: Телеком со највисока изречена глоба од 2,3 милиони евра

Сумата од 2,3 милиони евра, што ја заработи Македонски телекомуникации поради злоупотреба на доминантната позиција на пазарот, е највисоката казна што во текот на 2007 година ја изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК). Телеком ја заработи казната бидејќи им пресметуваше и наплатуваше на своите претплатници манипулативен трошок во месечните сметки. Изречената глоба изнесува 1,37 проценти од вкупниот годишен приход на Телеком остварен во 2005 година. Согласно Законот за заштита на конкуренцијата, за ваков вид прекршок, глобата изнесува до 10 проценти од приходите остварени во претходната година.

Ова е еден меѓу деветте случаи по кои постапуваше Комисијата минатата година и на сите нив им определи вкупна казна од 2.401.602 евра. Во оваа сума се вклучени 4.500 евра што ги заработија одговорните лица во тие претпријатија поради ненавремено доставување на податоци.

Овие податоци се содржани во годишниот извештај на КЗК кој деновиве е доставен во Парламентот на усвојување. Во него стои дека во таргетот на Комисијата минатата година биле 22 договори склучени меѓу правни субјекти, од кои 15 биле поради утврдување на концентрации, шест за злоупотреба на доминантната позиција и еден за постоење на забранет договор. Последниот е случајот меѓу автомото друштвото "Ѓорѓи Наумов" и ЗВ "Сотир Наумовски" од Битола кои, иако конкуренти на пазарот, се договарале за висината на цената за регистрација на моторни возила.

Од КЗК се фалат дека лани и годинава издале голем број позитивни мислења за доделување на државна помош, но дека тие податоци се нецелосни и поради тоа не можеле да ги презентираат во овој извештај. Затоа, пак, кажуваат дека во 2006 година процентот на доделената државна помош во однос на бруто-домашниот производ (БДП) изнесувала 0,46 отсто. Со овој процент, од КЗК сметаат дека Македонија е во групата на држави што доделуваат државна помош под просекот на ЕУ кој 2006 година изнесувал 0,59 отсто. За споредба, во 2006 година, државна помош во ист процент како и кај нас доделила Естонија, 0,45 проценти Италија и 0,4 Белгија. Словенија доделила државна помош од 0,64 проценти од БДП. Во земјите-членки највисок процент доделила Малта - 3,16, а најнизок Луксембург - 0,15 отсто.

Извор: (31.3.08). Телеком со највисока изречена глоба од 2,3 милиони евра. Вечер.

Нема коментари: