среда, 29 октомври 2008

Вест: Земјоделското земјиште ќе се дели електронски

Земјоделското земјиште ќе се дели по електронски пат, исто како што Министерството за транспорт и врски прави распределба на социјалните станови и на дозволите за меѓународен транспорт. Министерот за земјоделство Ацо Спасеноски вели дека новиот начин на распределба на обработливите парцели треба да почне од следниот оглас со кој ќе биде опфатена распределбата на површини во Валандово, Виница, Гевгелија, Берово и во Делчево."На овој начин ќе ја поедноставиме работата на Комисијата. Со едно стиснување на копче на компјутерот ќе се знае кој земјоделец како е рангиран и дали добил земја", вели Спасеноски.
За изминатите две и пол години државата успеа да подели само околу 8.000 хектари земјоделско земјиште од вкупно понудени 31.000 хектари. Главна причина што огласите се неуспешни, велат од Министерството, е тоа што нема договор меѓу земјоделците. Производителите од еден регион најчесто се случува да аплицираат за иста парцела.
"Предност при поделбата имаат земјоделците што живеат најблиску до земјата која се дава под наем, но еден од предусловите е и поседувањето механизација. Цената на површините е различна. Минималната наемнина се движи од 2.100 до 2.500 денари за хектар", велат од Министерството.
Извор: (И.С.). (29.10.2008). Земјоделското земјиште ќе се дели електронски. Вест.

вторник, 28 октомври 2008

Вест: Заразени од Фејсбук

Ако македонските политичари не можете да ги најдете во нивните канцеларии, во министерствата или во партиските седишта, речиси сигурно ќе ги најдете на Интернет сајтовите за дружење. Голем дел од нив се присутни со свои профили на најпознатата светска веб-страница за дружење Фејсбук. Овој сајт за дружење е еден од најзаразните во светот и на него се прикачени, пред се, помлади луѓе, но последниве години ги има од секакви профили и возраст. Ни македонските политичари не останаа имуни на Фејсбук вирусот. На оваа глобална мрежа за дружење се министерот за евроинтеграции Ивица Боцевски, шефицата на МВР Гордана Јанкуловска, министерот за информатика Иво Ивановски, поранешната лидерка на СДСМ Радмила Шеќеринска, министерот за странски инвестиции Веле Самак и неговиот поранешен колега Глигор Ташковиќ. За дружба на Фејсбук се и преговарачот за името Никола Димитров, лидерот на ДПА Мендух Тачи, ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошкоски, македонската амбасадорка во Хаг Шпреса Јусуфи, поранешниот министер за екологија од ДПА Имер Алиу, експремиерот Љубчо Георгиевски, шефот на НСДП Тито Петковски и поранешниот пратеник Филип Петровски кој важи за еден од најинвентивните фејсбукери.Профили имаат и политичките партии како владејачката ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА...Профилите на политичарите се приватни и нивната содржина можете да ја видите само ако тие ви дозволат. Затоа, треба да имате свој профил на Фејсбук, да ги пронајдете политичарите со кои сакате да се дружите и да им испратите понуда за Интернет пријателство. Ако ви дозволат, ќе можете да разговарате со нив кога се он-лајн, да им коментирате нивни приватни фотографии или да им оставате виртуелни подароци, па дури и да им испраќате виртуелни флертови, ако тие инсталирале таква апликација на својот профил.На Фејсбук има и лажни профили како оној на премиерот Никола Груевски. Вистинските ќе ги познаете, откако тие ќе ви дозволат да им влезете во профилот и да ги видите нивните приватни фотографии, написи, коментари. На профилите се поставуваат свои фотографии и видеоклипови од родендени и забави, кажуваат кои им се омилени филмови и музички групи, прават муабет со своите пријатели, си разменуваат слики, флертуваат, дебатираат за политика...Членовите на Фејсбук на кои политичарите им се Интернет пријатели и им дозволиле да им ја видат приватната содржина на профилите не откриваат детали, но кажуваат дека најактивен на својот профил од сите политичари е министерот Ивица Боцевски. Велат дека речиси секој ден е активен, поставува нови фотографии, коментира на разни теми, па дури и он-лајн муабети. Често на Фејсбук е и министерот Иво Ивановски, за чиј профил се коментира дека е пренатрупан со понуди од девојки за Интернет дружење. Приватен Фејсбук профил има и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Дека е тоа навистина нејзин профил, а не некој лажен потврдува со првата фотографија која се покажува кога ја барате Гордана. Фејсбукерите велат дека Радмила Шеќеринска е рекордер по бројот на Интернет пријатели на кои им дозволила да и влезат во профилот. Наводно имала над 2.000 пријатели. Еден од најпопуларните фејсбукери во Македонија е ексминистерот Љубе Бошкоски. Неговиот профил беше најактивен уште кога беше во Хаг и тие што му се пријатели секојдневно преку тој веб му испраќале поддршка. Оние што немаат свои профили, имаат фејсбук групи на обожаватели или на поддржувачи, групи на противници што им ги креирал некој друг и за разлика од приватните профили, овие страници се јавни. На нив има широки дискусии зошто чинат, а зошто не чинат политичарите, пцости и клетви на сметка на политичарот на кого му е посветен сајтот. Фејсбук групи за поддршка и Интернет групи на обожаватели имаат премиерот, претседателот Бранко Црвеновски, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ... Наспроти групите на поддржувачи, има и групи на противници како "Трифун Костовски смрди" или "Кажи не на комунизмот".

Извор: Е. Златков. (28.10.08). Заразени од Фејсбук. Вест.

петок, 24 октомври 2008

Утрински: Слободата на печатот се влошува во Македонија

Стразбур - За само една година, Македонија падна за шест места на листата за слободата на медиумите, која секоја година ја објавува меѓународната невладина организација за заштита на правата на новинарите „Репортери без граници“, со седиште во Париз.

Ако во 2007 година беше рангирана како 36., оваа година Македонија е на 42. место на списокот на „Репортери без граници“. Така, Македонија со 8,25 поени се најде веднаш зад Тајван, САД, Босна и Херцеговина (која патем е најдобро пласирана од поранешните југословенски републики) со вкупно 8 поени. Индексот според кој се рангираат земјите се определува врз основа на 49 критериуми, меѓу нив - евентуални убиства, затворања, психички малтретирања на новинарите, но и нивото на самоцензура и слободата на медиумите да истражуваат и да критикуваат. Финансискиот притисок, исто така, се зема предвид.

Од земјите во регионот, подобро пласирани од Македонија се Грција на 33. место и Босна и Херцеговина на 36-то. Сите другите држави се зад Македонија. Косово е на 58. место, Бугарија – 59., Хрватска – 45., Црна Гора – 53. итн. На првите три места во светот, според слободата на медиумите, се Исланд, Луксембург и Норвешка, а на дното на листата, на која се рангирани вкупно 173 земји, остануваат – Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја.

Според „Репортери без граници“ (РСФ), економскиот просперитет не е гаранција за слободата на печатот. Тоа е главната поука од годинашново рангирање. Вториот заклучок е дека на последното место и годинава се најдоа истите земји и дека однесувањето на меѓународната заедница не придонесува за подобрување на ситуацијата во Кина (169) и во Куба (167). Од годинашниов извештај јасно се гледа дека по 11 септември 2001 година, се случија промени во светот. Големите демократии се дестабилизирани и се наоѓаат во дефанзивна ситуација и го „гризат“ малку по малку просторот на слободата. Диктатурите, посебно оние економски помоќни, со ароганција не го кријат нивниот авторитет врз медиумите, користејќи ја поделеноста на меѓународната заедница и последиците од борбата водена против тероризмот. Религиозните или политичките табу-теми се наметнуваат се' повеќе и повеќе во многу земји кои порано напредуваат на патот на слободата на печатот.

Извор: (24.10.2008). Слободата на печатот се влошува во Македонија. Утрински.

среда, 22 октомври 2008

Утрински: Бројни неправилности во работата на МРТ

Државниот завод за ревизија неделава го објави ревизорскиот извештај за работата на ЈП „Македонска радио-телевизија“ во 2006 година со бројни забелешки и утврдени неправилности околу работењето, трошоците и располагањето со имотот. Првите забелешки се однесуваат на начинот на кој се располагало со опремата. „При реализацијата на наведените активности е присутна појава голем дел од расходуваните основни средства и залихи подолг временски период да бидат несоодветно обезбедени (по ходниците, подрумите и помошните простории во зградата) без документирање и контрола на сите процеси на нивно преместување, отуѓување, продажба, односно изнесување од просториите користени од страна на јавното претпријатие“, се наведува во ревизорскиот извештај. Ревизорот при контролата има утврдено бројни неправилности при исплаќањето на платите и располагањето со буџетот на јавното претпријатие. Во извештајот се забележува дека на вработените не им е соодветно евидентирано работното време. Како одговорни лица кои во 2006 година раководеа со МРТ во извештајот се прозиваат

Ивор: Гордана Стошиќ, Љупчо Лазаревски, Миле Перушевски и Борис Ставров. (А.П.). (22.10.2008). Бројни неправилности во работата на МРТ. Утрински.

сабота, 18 октомври 2008

Нова Македонија: Со „Те-мобајл“ пристап од Интернет од најнедостапни места

Мобилниот оператор „Те-мобајл“ ја претстави услугата „веб енд вок“ со која корисниците со помош на УСБ-модем ќе имаат пристап до Интернет и од најнедостапните места во земјава.

Модемот овозможува мобилно сурфање без потреба од жичена конекција за пренос на податоци. УСБ-модемот е бесплатен за корисниците што ќе потпишат договор за услугата „веб енд вок ХЛ“ на 24 месеци. Со овој тарифен модел тие ќе добијат еден гигабајт Интернет за месечна претплата од 450 денари. УСБ-модемот е со дополнителна СИМ-картичка, која се користи само за пренос на податоци. Притоа корисникот нема потреба при секое користење на УСБ-модемот да ја префрла картичката во и од телефонот. Поседувањето дополнителна картичка не е со дополнителни плаќања, единствено се плаќа за преносот на податоци. „Те-мобајл“ нуди пакети со месечна претплата од 150 денари за 20 мегабајти интернет-сообраќај вклучен во претплатата, од 300 денари и 150 мегабајти интернет-сообраќај вклучен во претплатата.

Извор: (18.10.2008). Со „Те-мобајл“ пристап од Интернет од најнедостапни места. Нова Македонија.

четврток, 16 октомври 2008

Утрински: Ваучери од 15.500 денари за компјутери на апсолвентите

Владата и Министерството за информатичко општество одлучија да спроведат програма за доделување вредносни ваучери како директна субвенција при купување компјутери. Министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, информира дека сите студенти кои најдоцна до 15 ноември ќе запишат четврта година на универзитетите во земјава ќе добијат од Владата вредносни ваучери од 15.500 денари наменети за купување компјутер. Ваучерите се наменети за редовните студенти кои првпат во последна студиска година ќе се запишат во учебната 2008/2009 година.

Извор: Ек.Р. (16.10.2008). Ваучери од 15.500 денари за компјутери на апсолвентите. Утрински весник.

Дневник: И годинава студентски ваучери за компјутери

Сите студенти што најдоцна до 15 ноември ќе се запишат во четврта година на универзитетите во земјава, од Владата ќе добијат вредносни ваучери од 15.500 денари за купување компјутер, соопшти вчера Иво Ивановски, министер за информатичко општество.

Ваучерите, како што додаде тој, се наменети за редовните студенти што првпат во последна студиска година ќе се запишат во учебната 2008/2009 година на кој било државен или акредитиран приватен факултет во Македонија, како и студентите што се евидентирани како лица со посебни потреби. Во програмата може да се вклучат сите ИТ-фирми во земјава, а се очекува првпат во последната година од студирањето да се запишат меѓу 13.000 и 14.000 студенти.

- Целта на програмата е ширење на информатичката технологија меѓу семејствата, пријателите и подоцна на работното место - изјави Ивановски. Лани во рамките на проектот „Македонија - земја на информатичари“ се доделени 12.222 ваучери, а вредноста на еден ваучер изнесуваше 12.300 денари.

Извор: (16.10.2008). И годинава студентски ваучери за компјутери. Дневник.

среда, 15 октомври 2008

Дневник: Метаморфозис бара учебници на интернет

Фондацијата за одржливи информатички решенија „Метаморфозис“ бара Владата да обезбеди на интернет бесплатен пристап до учебници и други образовни содржини. Тие истакнуваат дека новиот Закон за учебниците за основно и средно образование, со кој се предвидува државата да ги откупува авторските права на учебниците, е одлична основа изданијата да бидат достапни бесплатно на интернет.

Во отвореното писмо до Владата се вели дека пристап до овие содржини ќе имаат сите граѓани на Македонија, кои како даночни обврзници веќе платиле за нив.

Извор: Дневник. (15.10.2008). Метаморфозис бара учебници на интернет.

четврток, 9 октомври 2008

Утрински: ВИП со нови тарифни модели

Мобилниот оператор ВИП од денеска на постпејд-корисниците им нуди нови тарифни модели, наречени „ВИП смарт 200“, „ВИП смарт 500“ и „ВИП смарт 1.500“ со претплата од 200, 500 и 1.500 денари. Со постпејд тарифите „ВИП смарт 500“ и „ВИП смарт 1.500“, корисниците добиваат можност за бесплатни разговори во мрежата на ВИП без трошоци за активирање и воспоставување повик. Со тарифниот модел „ВИП смарт 200“ ќе може да се зборува за 0 денари по минута, со еден број од мрежата на ВИП („ВИП-пријател“). Новите постпејд-корисници на тарифните модели „ВИП смарт“, кои ќе склучат договор во промотивниот период, од денеска до 30 ноември годинава ќе добијат промотивна тарифа од 0 денари за минута, до моментот додека имаат договорна обврска од дадениот тарифен модел. Постојните ВИП постпејд-корисници можат да преминат во новите ВИП смарт тарифи и доживотно да ја користат цената од 0 денари по минува во мрежата.Разговорите кон другите мрежи се со една цена, и дење и ноќе, кон сите национални мобилни и фиксни оператори и изнесува 3,3 денари по минута за претплатниците на „ВИП смарт 1.500“, 5,5 за „ВИП смарт 500“ и 6,6 за претплатниците на „ВИП смарт 200“.

Извор: МИА. (9.10.08). ВИП со нови тарифни модели. Утрински Весник.

среда, 8 октомври 2008

Нова Македонија: Граѓаните преку Интернет ќе ги контролираат комуналците

Скопјани ќе можат да ги следат камионите што го собираат отпадот преку системот за глобално позиционирање или „џи-пи-ес“, кој ќе биде вграден во сите возила на јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Со уредот за позиционирање граѓаните во секое време ќе знаат кога поминале камионите и дали го собрале ѓубрето од контејнерите во нивната улица, соопштуваат оттаму. Од претпријатието велат дека на нивната интернет-страница www.khigiena.com.mk ќе биде поставен линк преку кој ќе може да се зумира населбата и да се дознае во кое време поминал камионот на одредена улица за да го собере отпадот, а ќе може и да се следи брзината со која се движи возилото.
- Целта на овој систем за следење на камионите што го собираат отпадот е да се намалат оперативните трошоци за нафтата, како и да се намалат реакциите на граѓаните кога ѓубрето нема да се собере. Досега се приклучени 25 камиони со уредот „џи-пи-ес“, а до крајот на неделата очекуваме нивната бројка да достигне до 40 возила. Со овој систем ќе знаеме дали возилото има дефект, дали работниците прават пауза, а се надеваме дека ќе се намалат заскитувањата на камионите и дека ќе се оствари подобра комуникација со граѓаните - објасни Божидар Стојанов, раководител на депонијата „Дрисла“ и на секторот за механизација.
Тој додаде дека овој систем функционира веќе десет дена, но дека вработените не знаат во кој камион има вградено систем за следење, со што тие ќе можат да дознаат кој правилно си ја извршува работата. Целото софтверско решение на уредот „џи-пи-ес“ чини околу 524 илјади денари за една година, а целиот пакет опфаќа опремување на 50 камиони. Од претпријатието сметаат дека со намалувањето на оперативните трошоци за една година ќе се исплати воведувањето на овој систем.
Извор: (8.10.08). Граѓаните преку Интернет ќе ги контролираат комуналците. Нова Македонија.