петок, 24 октомври 2008

Утрински: Слободата на печатот се влошува во Македонија

Стразбур - За само една година, Македонија падна за шест места на листата за слободата на медиумите, која секоја година ја објавува меѓународната невладина организација за заштита на правата на новинарите „Репортери без граници“, со седиште во Париз.

Ако во 2007 година беше рангирана како 36., оваа година Македонија е на 42. место на списокот на „Репортери без граници“. Така, Македонија со 8,25 поени се најде веднаш зад Тајван, САД, Босна и Херцеговина (која патем е најдобро пласирана од поранешните југословенски републики) со вкупно 8 поени. Индексот според кој се рангираат земјите се определува врз основа на 49 критериуми, меѓу нив - евентуални убиства, затворања, психички малтретирања на новинарите, но и нивото на самоцензура и слободата на медиумите да истражуваат и да критикуваат. Финансискиот притисок, исто така, се зема предвид.

Од земјите во регионот, подобро пласирани од Македонија се Грција на 33. место и Босна и Херцеговина на 36-то. Сите другите држави се зад Македонија. Косово е на 58. место, Бугарија – 59., Хрватска – 45., Црна Гора – 53. итн. На првите три места во светот, според слободата на медиумите, се Исланд, Луксембург и Норвешка, а на дното на листата, на која се рангирани вкупно 173 земји, остануваат – Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја.

Според „Репортери без граници“ (РСФ), економскиот просперитет не е гаранција за слободата на печатот. Тоа е главната поука од годинашново рангирање. Вториот заклучок е дека на последното место и годинава се најдоа истите земји и дека однесувањето на меѓународната заедница не придонесува за подобрување на ситуацијата во Кина (169) и во Куба (167). Од годинашниов извештај јасно се гледа дека по 11 септември 2001 година, се случија промени во светот. Големите демократии се дестабилизирани и се наоѓаат во дефанзивна ситуација и го „гризат“ малку по малку просторот на слободата. Диктатурите, посебно оние економски помоќни, со ароганција не го кријат нивниот авторитет врз медиумите, користејќи ја поделеноста на меѓународната заедница и последиците од борбата водена против тероризмот. Религиозните или политичките табу-теми се наметнуваат се' повеќе и повеќе во многу земји кои порано напредуваат на патот на слободата на печатот.

Извор: (24.10.2008). Слободата на печатот се влошува во Македонија. Утрински.

Нема коментари: