понеделник, 29 јуни 2009

Вечер: Аеродромци електронски комуницираат со општината

На официјалната веб-страница на Општина Аеродром ГСЦ - Граѓански сервисен центар, досега се поднесени околу 750 барања од граѓаните. Со воведување на новиот систем на комуникација, од минатата година стручните служби на Општината навремено нудат одговори и решенија на проблемите. Тоа покажува досегашната направена статистика која бележи постојан пораст на бројот на електронските пораки со разни прашања и барања во врска со секојдневниот живот во општината. Ваквиот начин на комуникација, претставници на УСАИД го оценија како позитивен и најавија дека ќе го препорачуваат како пример и за другите општини.

Граѓаните, според барањата кои ги имаат поднесено, најмногу се интересираат за поставување и одржување на урбаната опрема, изградба на детски и спортски игралишта, санација и изградба на постојните пешачки патеки, јавно осветлување, расчистување депонии, за решавање на проблемот со кучињата скитници, за одржување на јавната хигиена и слично.

Преку ГСЦ граѓаните, и во иднина ќе имаат можност да ги информираат стручните служби во Општина Аеродром за состојбите на теренот и навреме да ги алармираат доколку се појават одредени проблеми во околината каде што живеат. Сето тоа можат да го направат на тој начин што ќе се прикачат на општинската интернет страница www.aerodrom.gov.mk .

-Системот - Граѓански сервис центар воедно претставува еден од малкуте информациски системи во Европа кој е достапен 24 часа, а граѓаните своите одговори ќе можат да ги добиваат на поднесеното барање најдоцна за 48 часа. Тој, исто така, служи и за подобро управување со општината и квалитетна контрола на јавните установи - велат од општината Аеродром.
Проектот е реализиран со донација од страна на Амбасадата на Кралството Норвешка во Република Македонија.

Извор: (29.6.09). Аеродромци електронски комуницираат со општината. Вечер.

сабота, 20 јуни 2009

Вечер: Космофон подари ИТ-опрема ТМФ

По повод 50-годишниот јубилеј на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, а во согласност со својата определба за активно вклучување во градењето на информатичко општество, Космофон донираше 10 компјутери за опремување на кабинет по информатика во состав на факултетот.

Кабинетот по информатика ќе можат да го користат сите студенти на технолошко-металуршкиот факултет.

Со оваа донација Космофон ја потврдува својата посветеност за технолошки напредок во процесот на образование на младите луѓе.

Извор: (20.06.2009). Космофон подари ИТ-опрема ТМФ. Вечер

среда, 17 јуни 2009

Вечер: Компаниите по електронски пат ќе ги доставуваат информациите

Во услови на глобална финансиска криза неопходно е да се преземат активности кои ќе овозможат поголема дисциплина од сите учесници на пазарот на капитал, вели Марина Наќева-Кавракова, претседателка на Комисијата за хартии од вредност


Поголема транспаретност на компаниите, но и поголема отвореност кон потенцијалните инвеститори ќе овозможи електронското доставување на финансиските извештаи и тековните информации до Регистарот на Комисијата за хартии од вредност.

Според Марина Наќева - Кавракова, претседател на Комисијата за хартии од вредност за да се одржи домашниот систем стабилен во услови на глобална финансиска криза, неопходно е да се преземат активности кои ќе овозможат поголема дисциплина од сите учесници на пазарот на капитал.
- Електронското доставување на податоците ќе овозможи за сите да има ист третман и правила на игра, а токму транспарентноста е таа која дава проценка за ризиците и бенефитите од инвестирањето, како и создавањето на здрава инвестициона клима - вели Наќева- Кавракова.
Таа смета дека ова е особено значајно кога инвеститорите се претпазливи и се помалку се одлучуваат да инвестираат.

Компаниите го поздравија новиот проект за електронското доставување на податоците што е подготвен во соработка со УСАИД.

Роберт Манасиев од компанијата Алкалоид смета дека на овој начин ќе се скрати времето за известување, а информацијата ќе дојде побрзо до корисниците.
- Оваа практика не доближува до развиениот свет, бидејќи електронско доставување на податоците веќе се применува - вели Манасиев.

Според него и досега сите податоци за нивното работење навреме, квартално, годишно и полугодишно ги доставувале до КХВ, а сега тоа ќе биде уште побрзо и поедноставно.
За Михајло Брова - Зиков од Комерцијална банка, компанија чија акција е една од најбараните на Македонската берза за хартии од вредност електронскиот начин на доставување на податоците ќе овозможи потенцијалните инвеститори навреме да се информираат и побрзо да се одлучат каде ќе ги инвестираат своите пари.

Со сличен став е и Татјана Костовска од земјоделскиот комбинат Пелагонија од Битола.
- Како компанија електронската постапка ќе ни ја олесни работата за доставување на финасиските извештаи и соопштенија, оти начинот е лесен и унифицира, а од друга страна сме потрансапренти и поотворени за домашни и странските инвеститор - нагласува Костовска.
Според Законот за хартии од вредност, ако компаниите не ги достават навреме извештаите, ќе треба да платат глоба од 4.000 до 5.000 евра, а менаџерот од 500 до 1.000 евра.

Извор: (17.6.09). Компаниите по електронски пат ќе ги доставуваат информациите. Вечер.

вторник, 16 јуни 2009

Вечер: Фиксното "ало" во Македонија меѓу најевтините

Македонија и натаму ја држи златната средина на пазарот на електронски комуникации во Западен Балкан во однос на цените на телекомуникациските услуги. Според најновиот извештај што го објави CULLEN INTERNATIONAL, компанија која се занимава со советнички и истражувачки услуги во телекомуникациите во САД, земјите-членки на ЕУ и во уште 30-тина држави, вклучително и во Македонија, покажува дека од 2006 година до сега, кај нас речиси и да нема корекција на цените на локалните и националните разговори во фиксната телефонија и на месечната претплата што ја плаќаат корисниците. Во овој период е забележано само намалување на цените на меѓународните разговори преку фиксна линија.

Стандардната месечна претплата за користење на фиксен телефон во Македонија, за чие укинување од поодамна постои граѓанска иницијатива, изнесува 7,67 евра. Од CULLEN INTERNATIONAL не наведуваат дали и колку има вклучено бесплатни минути во претплатата. Поскапа претплата од нас плаќаат корисниците во Косово (8,07 евра со вклучени 10 евра во разговори) и во Хрватска (10,13 евра со вклучени 1,7 евра во разговори). Најевтина претплата имаат корисниците во Албанија со 2,33 евра и во Србија - 2,6 евра.

Ние сме меѓу поевтините земји по однос на плаќањето на еднократен надоместок за добивање на нова фиксна линија. За нов телефонски број плаќаме само 24 евра. Поевтини од нас се во Косово со 10 евра и Турција со 3,13 евра. Во БиХ, корисниците за нова линија одвојуваат од 36 до 54 евра, во Црна Гора и Србија по 65, односно 66,5 евра, Во Хрватска надоместокот е 85 евра, а во Албанија дури 116 евра.

За разлика од другите земји, Македонија, Хрватска и Албанија имаат најскапи тарифи на повиците од фиксен кон мобилен телефон. Триминутен разговор кон мобилен број, корисниците на фиксна линија во Хрватска и кај нас ги чини 0,8 евра, а во Албанија - 0,92 евра. За истата минутажа, корисниците во Косово и Турција плаќаат по 0,56 евра, во Црна Гора чини 0,67 евра, а најевтини се во Србија - 0,36 евра и БиХ од 0,26 до 0,28 евра.

За мобилната телефонија не може да се направи слично разграничување на цените бидејќи мобилните оператори имаат различни пакети што им ги нудат на своите корисници.
Овде од CULLEN INTERNATIONAL направиле поделба според ниско, средно и големо користење на пакет на услуги. Во однос на нискиот пакет, Т-Мобиле е меѓу најевтините со 7,37 евра, а Космофон со 9,61 евро. Најевтиниот пакет во Албанија на Водафон чини 18 евра и е најскап од сите земји опфатени со овој извештај. За споредба, најевтиниот пакет на мобилна телефонија во земјите на ЕУ во просек чини 12,5 евра.

Извештајот на Цуллен Интернатионал го опфаќа прогресот на електронските комуникации што лани бил во Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Македонија и Турција. Збирно гледано, пазарот во овие земји продолжил да покажува знаци на силен и позитивен раст и покрај економската криза. Прогнозите за 2009 година се помалку оптимистички како резултат на вкупното економско назадување, недостигот на извори за финансирање и намалените странски инвестиции што би можеле да предизвикаат негативни ефекти на растот на овој сектор. Сепак, Европската централна банка и ММФ, оценуваат дека вкупниот економски раст на овие земји ќе почне да се обновува веќе од наредната година и ќе биде повисок од оној во еврозоната.

Извор: (16.6.09). Фиксното "ало" во Македонија меѓу најевтините. Вечер.

понеделник, 15 јуни 2009

Вест: Исчезнаа парите за испратнини во МРТ

Македонската радио-телевизија доцни два месеца со исплата на последната испратнина на околу 300 поранешни вработени, кои лани во април спогодбено ја напуштија телевизијата. Од МРТ немаат одговор на што ги потрошиле парите, 40 милиони денари, што Владата лани му ги даде на јавниот радиодифузер за исплата на испратнините. Директорот на МРТ Ефтим Гашев вели дека не може да одговара на прашања за работи кои се случиле пред да биде назначен за директор на јавниот радиодифузер во октомври 2008 година.
"Последната, 12-та рата на поранешните вработени ќе им биде исплатена деновиве. Изминативе месеци имавме и други обврски и исплатата на ратата доцни зашто нема пари", вели Гашев.
Намалувањето на бројот на вработени во МРТ беше согласно програмата за санација на состојбите во јавниот радиодифузер, која беше одобрена и од Владата.
Исплатата на ветената финансиска компензација од околу 21 плата на работниците кои ја напуштија МРТ, од кои дел беа технолошки вишок, а дел беа со пет години до пензионирање, тече на 12-месечни рати.
Лани Комисијата за заштита на конкуренцијата ја разгледа владината одлука да $ се исплатат на МРТ 40 милиони денари за исплата на испратнини и одговори со мислење дека јавниот радиодифузер за парите од Владата треба да обезбеди посебна сметка за да се има преглед на вкупната помош што ја добива и како таа се троши.

Дневник: Дивидендата на Телеком ги докусури девизните резерви

Распределената дивиденда на „Мактел“ ја скрои монетарната политика на Македонија. Вака министерот за финансии, Трајко Славески, минатата недела ги коментираше мотивите за одлуката на Народната банка на Македонија да ја зголеми резервацијата на депозитите со девизна клаузула од 10 на 20 отсто. Според него, токму распределената дивиденда од 60 милиони евра, што им припаѓа на странските акционери и која речиси еден месец лежи во три македонски банки, влијаела гувернерот Петар Гошев да им ги зголеми трошоците на банките за влоговите за кои гарантираат дека на денот на исплатата ќе ја имаат истата вредност како кога биле депонирани. Гошев го негира ова и тврди дека главен мотив на НБМ за да ја затегне монетарната политика бил да се спречи натамошното префрлање на депозитите од денарски во девизни. Поради дивидендата на Телеком, банките минатиот месец одлеале од државните девизни резерви околу 35 милиони евра, тврди Славески. Странските акционери во Телеком годинава, како и лани, ќе си ја повлечат од Македонија дел од добивката. Но, тоа никогаш не ги плашело толку многу македонските монетарни власти како сега, кога состојбата со девизните резерви од ден во ден е се' покритична.Стравот дека одлевањето на дивидендата од Телеком ќе им нанесе уште еден удар на државните девизни резерви, ја седнало Владата на преговарачка маса со раководството на Телеком.

- Од нив баравме да ја остават дивидендата да одлежи и да не ја префрлаат одеднаш распределената добивка од Македонија. За такво нешто бил заинтересиран Маѓар Телеком, мнозинскиот акционер во Телеком. Откако за тоа доби одобрение од Маѓар, „Мактел“ депонираше дел од распределената добивка во трите најголеми банки во Македонија. Дивидендата е депонирана во денари, но е со девизна клаузула. За да ги исполнат обврските за чување вакви депозити, банките - чувари на дивидендата на Телеком во минатиот месец од девизните резерви повлекоа околу 35 милиони евра. Сумата беше одлеана на 22 мај. Од почетокот на мај до тој ден, од државните резерви беа потрошени само 12 милиони евра. Тоа го наруши стабилизирањето на девизните резерви, тренд што почна од април, раскажува Славески. Ова било еден од сигналите за НБМ да преземе нешто. Пет дена потоа централната банка ја донесе одлуката за затегање на условите за чување на депозити со девизна клаузула. Гувернерот Гошев, сепак, вели дека поединечните случаи во стопанството не ја кројат монетарната политика на државата.

- Моравме да го намалиме префрлањето на депозитите од денарски во девизни. Тоа, како и состојбата со ликвидноста на македонските банки, ни беше главниот мотив да ја зголемиме резервацијата за депозитите со девизна клаузула. Народната банка на Македонија не носи инцидентни одлуки, тврди Гошев. Според Славески, „Мактел“ има и голем финансиски интерес да ги чува парите во Македонија бидејќи од нашите банки добива многу повисока камата, отколку што би добивала од странските.

- Базичната каматна стапка на Европската централна банка е ниска, па тоа повлекува мали комерцијални камати. Така, кога Маѓар Телеком, на пример, би ги депонирал парите во Дојче банк, би добил каматна стапка од минимум 1,5 отсто. Во Македонија добива трипати повисока каматна стапка за чување на дивидендата, вели Славески. По каматна стапка од 1,5 отсто, Маџар Телеком за 60-те милиони евра би добил 900 илјади евра месечна камата, а со трипати повисока камата, или 4,5 отсто, месечно би ќарил 2,7 милиона евра. Славески тврди дека „Мактел“ не склучил со ниту една од трите банки договор за орочување на средствата на една година.

Во банките каде што сега се чува дивидендата го потврдуваат тоа и информираат дека парите се депонирани на два до три месеци. Очекуваат дека „Мактел“ во неколку наврати ќе го продолжува договорот пред парите да ги префрли во Унгарија и не се надеваат дека ќе ги орочи на повеќе месеци. Тоа им ги врзува рацете средства да ги искористат за кредитирање на стопанството. Одлуката на НБМ, банките да одобруваат кредити на ист временски период колку што имаат орочени депозити, сега ја прави јалова за македонското стопанство депонираната дивиденда на Телеком. На фирмите им се потребни банкарски заеми за подолг временски период од два месеца. Банките - чувари на распределената добивка на Телеком потврдуваат дека морале да откупат пари од девизните резерви бидејќи им недостасувале евра од сопствените резерви за да приложат задолжително покритие за 60-те милиони евра. Тие се обврзани за депозитите со девизна клаузула да имаат издвоено онолку евра колку што е вкупната висина на влогот.

Одлевањето на добивката на „Мактел“ засега е одложено за неколку месеци. Но, во моментот кога тоа ќе се случи, од државните резерви, сепак ќе се потрошат 60 милиони евра. Иако минатата година „Мактел“ си повлече во Унгарија 100 милиони евра добивка од Македонија, тоа тогаш не им предизвика големи главоболки на монетарните власти. Македонија лани имаше добри приливи од странски инвестиции, парични пратки од дијаспората и од извозот. Но, откако глобалната криза почна да се прелева во Македонија, овие приливи во девизните резерви драстично се скусија. Иако инфлацијата се намалуваше, економијата почна да слабее, дефицитот во платниот и во буџетскиот биланс да расте, а задолженоста да се зголемува. Тоа предизвика страв од девалвација. Тоа од почетокот на октомври 2008 година досега ја чинеше централната банка околу 600 милиони евра. Толку НБМ потроши од девизните резерви за да го одбрани фиксниот девизен курс на денарот.

четврток, 11 јуни 2009

Вечер: Интернационални конференции преку интернет

Во просториите на Првиот приватен универзитет Европски универзитет - Република Македонија, вчера започна одржувањето на меѓународната конференција во рамките на меѓународниот проект "Менаџирање со истражувањето и развојот. За прв пат на овие простори засега единствено на ЕУРМ, на меѓународната конференција за поддршка на трансформацијата на одбранбената индустријаа (НАТО - Наука за мир, NATO SfP 982063 Management of Security Related R&D in Support of Defence Industrial Transformation), која во наредните денови се одржува во просториите на универзитетот, пионерски беше промовирана технологијата видео-скриминг и софтверот (ЕVО), интерактивен начин на комуникација меѓу учесниците на проектот преку видео-врска на интернет. На воведна сесија, меѓу еминентни учесници на конференцијата преку видео врска се обратија д-р Хајнрих Бух, главен директор на проектот од Германија, д-р Јулијан Фота, кодиректор на проектот за Романија и д-р Стефан Воденичаров, претставник од Бугарската академија на науките претставници од партнерскиот колектив низ светот на ЕУРМ. Учесниците на конференцијата, од страна на организаторот, ги поздрави ректорот на Европскиот универзитет, проф. д-р Зоран Ивановски, кој е директор на проектот за Република Македонија. Со своја презентација на тема "Политика на истражување и развој во одбраната" се претстави д-р Димитар Димитров, професор на Институтот за национално и светско стопанство од Софија, Р. Бугарија. Во продолжение на конференцијата се спроведе и студија на случај во рамките на истата тема, а вчерашната сесија беше затворена со конструктивна дискусија од страна на учесниците од земјата и странство. На конференцијата зедоа учество голем дел од наставниот и соработничкиот кадар на Европскиот универзитет - Република Македонија, Воената академија "Генерал Михаило Апостолски" - Скопје и претставници од Министерството за одбрана на РМ. Според програмата на конференцијата која продолжува и во наредните денови ќе бидат обработени актуелни теми и студии на случај од областа на менаџментот на истражување и развој и менаџментот со набавките. На овој начин, Европскиот универзитет ја оправда улогата не само како лидер во приватното високо образование, туку и како реномирана научно-истражувачка институција.