понеделник, 29 јуни 2009

Вечер: Аеродромци електронски комуницираат со општината

На официјалната веб-страница на Општина Аеродром ГСЦ - Граѓански сервисен центар, досега се поднесени околу 750 барања од граѓаните. Со воведување на новиот систем на комуникација, од минатата година стручните служби на Општината навремено нудат одговори и решенија на проблемите. Тоа покажува досегашната направена статистика која бележи постојан пораст на бројот на електронските пораки со разни прашања и барања во врска со секојдневниот живот во општината. Ваквиот начин на комуникација, претставници на УСАИД го оценија како позитивен и најавија дека ќе го препорачуваат како пример и за другите општини.

Граѓаните, според барањата кои ги имаат поднесено, најмногу се интересираат за поставување и одржување на урбаната опрема, изградба на детски и спортски игралишта, санација и изградба на постојните пешачки патеки, јавно осветлување, расчистување депонии, за решавање на проблемот со кучињата скитници, за одржување на јавната хигиена и слично.

Преку ГСЦ граѓаните, и во иднина ќе имаат можност да ги информираат стручните служби во Општина Аеродром за состојбите на теренот и навреме да ги алармираат доколку се појават одредени проблеми во околината каде што живеат. Сето тоа можат да го направат на тој начин што ќе се прикачат на општинската интернет страница www.aerodrom.gov.mk .

-Системот - Граѓански сервис центар воедно претставува еден од малкуте информациски системи во Европа кој е достапен 24 часа, а граѓаните своите одговори ќе можат да ги добиваат на поднесеното барање најдоцна за 48 часа. Тој, исто така, служи и за подобро управување со општината и квалитетна контрола на јавните установи - велат од општината Аеродром.
Проектот е реализиран со донација од страна на Амбасадата на Кралството Норвешка во Република Македонија.

Извор: (29.6.09). Аеродромци електронски комуницираат со општината. Вечер.

Нема коментари: