вторник, 16 јуни 2009

Вечер: Фиксното "ало" во Македонија меѓу најевтините

Македонија и натаму ја држи златната средина на пазарот на електронски комуникации во Западен Балкан во однос на цените на телекомуникациските услуги. Според најновиот извештај што го објави CULLEN INTERNATIONAL, компанија која се занимава со советнички и истражувачки услуги во телекомуникациите во САД, земјите-членки на ЕУ и во уште 30-тина држави, вклучително и во Македонија, покажува дека од 2006 година до сега, кај нас речиси и да нема корекција на цените на локалните и националните разговори во фиксната телефонија и на месечната претплата што ја плаќаат корисниците. Во овој период е забележано само намалување на цените на меѓународните разговори преку фиксна линија.

Стандардната месечна претплата за користење на фиксен телефон во Македонија, за чие укинување од поодамна постои граѓанска иницијатива, изнесува 7,67 евра. Од CULLEN INTERNATIONAL не наведуваат дали и колку има вклучено бесплатни минути во претплатата. Поскапа претплата од нас плаќаат корисниците во Косово (8,07 евра со вклучени 10 евра во разговори) и во Хрватска (10,13 евра со вклучени 1,7 евра во разговори). Најевтина претплата имаат корисниците во Албанија со 2,33 евра и во Србија - 2,6 евра.

Ние сме меѓу поевтините земји по однос на плаќањето на еднократен надоместок за добивање на нова фиксна линија. За нов телефонски број плаќаме само 24 евра. Поевтини од нас се во Косово со 10 евра и Турција со 3,13 евра. Во БиХ, корисниците за нова линија одвојуваат од 36 до 54 евра, во Црна Гора и Србија по 65, односно 66,5 евра, Во Хрватска надоместокот е 85 евра, а во Албанија дури 116 евра.

За разлика од другите земји, Македонија, Хрватска и Албанија имаат најскапи тарифи на повиците од фиксен кон мобилен телефон. Триминутен разговор кон мобилен број, корисниците на фиксна линија во Хрватска и кај нас ги чини 0,8 евра, а во Албанија - 0,92 евра. За истата минутажа, корисниците во Косово и Турција плаќаат по 0,56 евра, во Црна Гора чини 0,67 евра, а најевтини се во Србија - 0,36 евра и БиХ од 0,26 до 0,28 евра.

За мобилната телефонија не може да се направи слично разграничување на цените бидејќи мобилните оператори имаат различни пакети што им ги нудат на своите корисници.
Овде од CULLEN INTERNATIONAL направиле поделба според ниско, средно и големо користење на пакет на услуги. Во однос на нискиот пакет, Т-Мобиле е меѓу најевтините со 7,37 евра, а Космофон со 9,61 евро. Најевтиниот пакет во Албанија на Водафон чини 18 евра и е најскап од сите земји опфатени со овој извештај. За споредба, најевтиниот пакет на мобилна телефонија во земјите на ЕУ во просек чини 12,5 евра.

Извештајот на Цуллен Интернатионал го опфаќа прогресот на електронските комуникации што лани бил во Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Македонија и Турција. Збирно гледано, пазарот во овие земји продолжил да покажува знаци на силен и позитивен раст и покрај економската криза. Прогнозите за 2009 година се помалку оптимистички како резултат на вкупното економско назадување, недостигот на извори за финансирање и намалените странски инвестиции што би можеле да предизвикаат негативни ефекти на растот на овој сектор. Сепак, Европската централна банка и ММФ, оценуваат дека вкупниот економски раст на овие земји ќе почне да се обновува веќе од наредната година и ќе биде повисок од оној во еврозоната.

Извор: (16.6.09). Фиксното "ало" во Македонија меѓу најевтините. Вечер.

Нема коментари: