среда, 17 јуни 2009

Вечер: Компаниите по електронски пат ќе ги доставуваат информациите

Во услови на глобална финансиска криза неопходно е да се преземат активности кои ќе овозможат поголема дисциплина од сите учесници на пазарот на капитал, вели Марина Наќева-Кавракова, претседателка на Комисијата за хартии од вредност


Поголема транспаретност на компаниите, но и поголема отвореност кон потенцијалните инвеститори ќе овозможи електронското доставување на финансиските извештаи и тековните информации до Регистарот на Комисијата за хартии од вредност.

Според Марина Наќева - Кавракова, претседател на Комисијата за хартии од вредност за да се одржи домашниот систем стабилен во услови на глобална финансиска криза, неопходно е да се преземат активности кои ќе овозможат поголема дисциплина од сите учесници на пазарот на капитал.
- Електронското доставување на податоците ќе овозможи за сите да има ист третман и правила на игра, а токму транспарентноста е таа која дава проценка за ризиците и бенефитите од инвестирањето, како и создавањето на здрава инвестициона клима - вели Наќева- Кавракова.
Таа смета дека ова е особено значајно кога инвеститорите се претпазливи и се помалку се одлучуваат да инвестираат.

Компаниите го поздравија новиот проект за електронското доставување на податоците што е подготвен во соработка со УСАИД.

Роберт Манасиев од компанијата Алкалоид смета дека на овој начин ќе се скрати времето за известување, а информацијата ќе дојде побрзо до корисниците.
- Оваа практика не доближува до развиениот свет, бидејќи електронско доставување на податоците веќе се применува - вели Манасиев.

Според него и досега сите податоци за нивното работење навреме, квартално, годишно и полугодишно ги доставувале до КХВ, а сега тоа ќе биде уште побрзо и поедноставно.
За Михајло Брова - Зиков од Комерцијална банка, компанија чија акција е една од најбараните на Македонската берза за хартии од вредност електронскиот начин на доставување на податоците ќе овозможи потенцијалните инвеститори навреме да се информираат и побрзо да се одлучат каде ќе ги инвестираат своите пари.

Со сличен став е и Татјана Костовска од земјоделскиот комбинат Пелагонија од Битола.
- Како компанија електронската постапка ќе ни ја олесни работата за доставување на финасиските извештаи и соопштенија, оти начинот е лесен и унифицира, а од друга страна сме потрансапренти и поотворени за домашни и странските инвеститор - нагласува Костовска.
Според Законот за хартии од вредност, ако компаниите не ги достават навреме извештаите, ќе треба да платат глоба од 4.000 до 5.000 евра, а менаџерот од 500 до 1.000 евра.

Извор: (17.6.09). Компаниите по електронски пат ќе ги доставуваат информациите. Вечер.

Нема коментари: