четврток, 26 февруари 2009

Вечер: Софтверско решение за сообраќајниот метеж

Градските власти најавуваат нов, модерен, начин за регулирање на сообраќајниот метеж во метрополата. 50 најфреквентни крстосници ќе се поврзат со оптички кабел и ќе бидат управувани од единствен Центар за контрола на сообраќајот, од каде ќе се следи фреквенцијата, обемот на сообраќај и видот на возилата. Добиентите резултати ќе бидат параметар за времетраењето на зеленото светло.- Со овој проект ќе добиеме еден флексибилен систем кој ќе овозможува брз проток на возилата на сите тесни грла во градов. Во зависност од сообраќајното побарување и обемот на сообраќај, како и бројот на возилата, ќе се активираат посебни сигнални планови. Всушност, софтверот го регистрира бројот на возилата, памети и за следниот ден го подготвува планот во кој период треба да биде вклучено зелено светло во траење, да речеме од 30 секунди. Семафорите нема да бидат со фиксни програми како досега туку, времетраењето на зеленото светло ќе биде во зависност од тоа колку има сообраќај во дадениот период. Ако, пак, од сите страни има зелено светло, тогаш автоматски се презема стандардниот план - информира раководителот на секторот за сообраќај на Град Скопје, Јован Христовски. Тој информираше дека вакво сообраќајно решение имаат воведено сите поголеми градови во Европа, најмногу оние метрополи каде што нема можност за проширување на постојната сообраќајна мрежа.
Зелено светло за почеток на овој проект вчера даде и Советот на Град Скопје. Советниците ја одобрија предлог-одлуката за набавка на основни средства за формирање на Центар за управување и контрола на сообраќајот во висина од 10 милиони денари. Преостанатиот дел од средствата, односно 320 илјади евра, ќе се обезбедат преку проектот на Европската комисија "Ренесанса", чија цел е тестирање на иновативни стратегии за чист градски сообраќај. Во следниот период треба да се изработи проектот, да се изврши набавка и поставување на оптички кабел. Сигналните планови се работат на Технички факултет во Битола, а неговата практична примена може да се случи најрано по две години.

Извор: (26.2.2009). Софтверско решение за сообраќајниот метеж. Вечер.

среда, 25 февруари 2009

Дневник: ЕУ-сертификати за компјутерска писменост

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо на свечена церемонија во Брисел го доби 9-милионитиот ЕЦДЛ-индекс, ЕУ-сертификат за компјутерска писменост, при што истакна дека во време на економска криза, компјутерските вештини се неопходни за зголемување на вработувањата.- Компјутерската писменост е од пресудно значење за сите Европејци во време кога нашата економија се соочува со рецесија. Денес, способноста за употреба на компјутерите во секојдневниот живот претставува дел од основните вештини, како што се читањето и пишувањето. Во овие тешки моменти многу Европејци ќе мора да се преквалификуваат и да се стекнат со компјутерски знаења за да ја искористат шансата за подобар живот - нагласи Баросо.Дијана Василевска, координатор на ЕЦДЛ - центарот за тестирање од македонската компанија „Семос едукација“, објасни дека ЕЦДЛ-индексите во земјите-членки на Европската Унија се стандарден доказ за компјутерска писменост за вработените, но и за тие што се во потрага по ново работно место. - „Семос едукација“ е една од домашните компании што доби лиценца за полагање на овие испити во Македонија - рече Василевска, дополнувајќи дека постојат два типа вакви сертификати.Првиот, ЕЦДЛ-старт, е почетен, додека второ повисоко ниво, доказ за напредни познавања е ЕЦДЛ-кор сертификатот.- ЕЦДЛ-сертификатот се состои од седум испити, кои опфаќаат познавање на хардвер и на софтвер, работење на оперативни системи, обработка на текст, табеларни пресметувања и користење интернет. За добивање ЕЦДЛ-старт индексот, потребно е студентите да положат четири од овие испитни модули по избор, додека доказ за напредно познавање на проблематиката е полагањето на сите седум испити - истакна Василевска.Таа додаде дека за полагање на испитите студентите може да се подготвуваат дома или, пак, да се стекнат со соодветните знаења во центарот за обука на „Семос“.

Извор: (25.2.2009). ЕУ-сертификати за компјутерска писменост. Дневник.

Вечер: Загубата на фиксниот ја компензира мобилниот оператор

Т-Мобиле Македонија лани работела подобро од својата компанија-мајка Македонски телеком. Мобилниот оператор во 2008 година остварил добивка пред оданочување од 93,5 милиони евра, а фиксниот од 64,7 милиони евра. Според податоците, што ги објави Маѓар телеком, Т-Мобиле лани ја зголемил добивката за 8,5 милиони евра во споредба со 2007 година, додека Македонски телеком имал полош резултат од претходната година за 9,3 милиони евра. Двете компании лани заработиле вкупно 158,2 милиони евра.
Финансискиот извештај на Маѓар телеком објавен вчера на нивната веб страница покажува дека нивниот фиксен оператор во Македонија во 2008 година остварил вкупни приходи од 159,7 милиони евра, а мобилниот - од 178 милиони евра.
Фиксниот оператор ги губи и претплатниците. Само за една година има одлевање на 34.361 корисник. Бројките покажуваат дека на крајот на 2007 година Македонски телеком имала 492.376 претплатници, а минатата година 458.015 корисници. На опаѓањето на приходите на Телеком влијаеле и намалениот број на минути во разговори за 17 проценти и ниските цени.Единствено добри резултати Македонски телеком покажува во Интернетот. Има зголемување на бројот на АДСЛ корисниците дури за 105 проценти. Ако пред две години бројката на претплатници за АДСЛ била 48.214, до 31 декември 2008 година таа изнесувала 98.866 корисници. На приходите влијаела и продажбата на повеќе АДСЛ модеми, персонални компјутери и ТВ сетови.
Мобилниот оператор и натаму бележи добри резултати иако работи во конкурентна средина, покрај Космофон и ВИП. Претплатничката база на Т-Мобиле пораснала за 13,7 проценти достигнувајќи 1.379.191 корисници на крајот на 2008 година, од кои 26,2 отсто биле пост-пеид претплатници. Космофон и ВИП лани и го намалиле делот од пазарниот удел на Т-Мобиле. Ако во 2007 година Т-Мобиле имала 62,3 проценти од вкупните мобилни корисници во земјава, лани тој процент опаднал на само 59,4.
И во годинешниот извештај акцент е ставен на истрагата што ја води американската консултантска куќа White and Case за утврдената проневера на 6,7 милиони евра од страна на поранешни директори на Македонски телеком кои, од 2004 до 2006 година склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската фирма Chaptex Limited. Во извештајот се наведува дека македонското МВР исто така врши истрага за случајот, но не сакаат да прејудицираат кога таа ќе заврши. Сепак, од Маѓар телеком истакнуваат дека надлежните македонски владини органи можат да побараат криминални или цивилни санкции, вклучувајќи и финансиски пенали против унгарската компанија или кон Македонски телеком, но и дополнителни промени во бизнис плановите.

Извор: (25.2.2009). Загубата на фиксниот ја компензира мобилниот оператор. Вечер.

понеделник, 23 февруари 2009

Вечер: Сините картони и лекарските рецепти ќе станат минато

Сините картони и лекарските рецепти ќе станат минато. Матичните лекари терапијата ќе ја препишуваат на електронски рецепт. Со воведувањето на електронската здравствена картичка од употреба ќе се исфрлат и старите зелени и поновите сини здравствени книшки. Министерот за здравство Бујар Османи пред неколку дена најави дека ова ќе се случи за 15-тина месеци. Тогаш граѓаните на лекар и во аптека ќе одат со електронска здравствена картичка.
На неа ќе се наоѓаат сите податоци за пациентот, каква терапија примал претходно, дали има хронично заболување, дали е алергичен на нешто, која крвна група е и слично. Потребните податоци од дата-базата на Фондот за здравство ќе може да се видат откако картичката ќе се внесе во посебен читач, тогаш ќе се види и дали се платени придонесите на осигуреникот. Најверојатно секој пациент ќе има шифра со која ќе се исчитуваат податоците. Пристап до сите информации за пациентот ќе има само матичниот лекар, а аптекарите и другите лекари кои ќе бидат вклучени во лекувањето, ќе може да ги видат само оние податоци кои на нив им се потребни.
Но, пред да почне да се применува електронската здравствена картичка ќе треба лекарите, аптеките, фондот и Министерството за здравство да се поврзат во интегриран информатички систем. Без тоа картартичката не би имала никаква функција. - Со новите картички предвидено е пациентите да добијат поголема достапност до здравствените услуги и поголем квалитет, а здравствените работници ќе добијат олеснување во делот на администрирање и следење на трошоците. Имплементирањето на системот ќе овозможи поефикасно и транспарентно евидентирање на услугите, изјави министерот за здравство Бујар Османи.Електронската здравствена картичка е слична со кредитните и дебитните картички. Ќе чини 170 денари, а осигурениците ќе можат да ги подигнат од подрачните единици на Фондот за здравство.
Откако ќе профункционира електронската здравствена картичка, нема да може пациентот да се лекува на друго име со друга картичка, како што беше пракса досега, пациент да се лекува со друга здравствена книшка, велат од Министерството за здравство.
Извор: (23.2.2009). Сините картони и лекарските рецепти ќе станат минато. Вечер.

четврток, 19 февруари 2009

Вечер: Електронска картичка ќе ги замени здравствените книшки

За 15 месеци, здравствените книшки што ги користат македонските граѓани, при лекување ќе бидат заменети со електронски здравствени картички. Изработени ќе бидат 2,3 милиони електронски картички, за што министерството за здравство одвои 7,5 милиони евра пари од буџетот. Овие новини вчера ги презентираше Бујар Османи, министер за здравство по попишувањето на договорот со хрватската Агенцијата за комерцијални дејности (АКД), која е избрана на тендерот за да го имплементира овој електронски систем во земјава. Министерот најави дека паралелно ќе стартува и проектот за интегриран здравствен информатички систем, со чија помош мрежно ќе бидат поврзнани сите здравствени установи во земјава.- Електронската картичка ќе ги содржи личните податоци на секој граѓанин, специфични болести, крвна група, алергиски манифестации доколку ги има - вели Османи. Тој вели дека новата картичка на пациентите ќе им овозможи поквалитетни здравствени услуги, а на здравствените работници ќе им ги намали административните процедури. Министерот појасни дека следниве три месеци ќе се изработи првиот прототип на вакви картички, а граѓаните картичката ќе ги чини само 170 денари. Тој укажа дека по употребата на вакви картички во Хрватска, здравството за само една година заштедило околу 100 милиони евра.
Потписникот на договорот од хрватската страна, Мирјана Ковачевиќ директор на АКД кажа дека во изработката на електронската картичка ќе бидат вклучени и стручни лица од земјава. Ковачевиќ појасни дека заради спецификите на хрватскиот здравствен систем воведувањето на картичката траело подолго отколку што ќе се реализира тоа во нашата земја.- Напоредно со воведувањето на картичките се водела евиденција во старите картони, за потоа целосно да премине на електронскиот начин-вели Ковачевиќ. Таа додаде дека во нашето министерство за здрвство гледаат квалитетен партнер.
Според Томислав Лиели од АКД ќе има целосна заштита на личните податоци што ќе бидат внесени во картичките и не очекува да има некакви злоупотреби.Османи најави дека наскоро ќе биде објавен и тендер за набавка на 2.000 нови компјутери со кои треба да бидат опремени и матичните лекари.Министерот не очекува да има проблеми во имплеметација на сите три проекти,сметајќи дека со тоа ќе започне нова ера во македонското здравство.

Извор: В.Ма. (19.2.09). Електронска картичка ќе ги замени здравствените книшки. Вечер.

Дневник: Законот за јазикот - вирус во информатичките термини

„Тосхиба“, „пхилипс“, „ТВ-тјунер“, „аццесорис“, ЛЦД и Црт монитори, торбички „ЛовеПро Спецтрум“, лаптоп, лап топ или лап-топ. Вакви примери, своеволно преведени термини, реченици составени од две азбуки и големи букви напишани на секој збор се среќаваат во сите продажбени салони на технички апарати. Продавачите велат дека јазичниот хаос настанал кога бил дополнет Законот за употребата на македонскиот јазик. Казните за непочитување на овој закон се до 3.000 евра за фирмите и до 900 евра за одговорните лица во фирмите.

СВОЕВОЛНО ПРЕВЕДУВАЊЕ ТЕРМИНИ
Вработените и сопствениците на продавниците за техника не знаат како да се приспособат на законот.- Не знам дека постои инспекција за заштита на македонскиот јазик и ако дојде таква инспекција, не знам какви документи треба да имам. Нашата фирма е странска и логото ни е на латиница. Имаме преведувач и лектор во странство, во дирекцијата на фирмата. Фискалната сметка и карактеристиките на производите ги преведувам сама и ги пишувам на кирилица - вели вработена во продавница за фотоапарати.Менаџерот на АМЦ, Станислав Захариески вели дека во изминативе години, од институциите, немаат добиено никаков предлог како да ги преведуваат информатичките термини.- Каталозите, рекламите, се' што објавуваме во медиуми е лекторирано. Во нашите продавници се среќаваат примери како „пхилипс“, но тоа е програмска грешка која ќе се поправи кога ќе направиме нова програма - вели Захариески.Повеќето информатичари сметаат дека Институтот за македонски јазик доцни во решавањето на ваквите проблеми. Според нив, информатичката интернационална терминологија е толку навлезена во секојдневниот говор на граѓаните, што би било неприродно сега да се преведуваат на македонски.- Не може да се напише син заб (блу тут), или ЛЦД зашто значењето на кратенката е екран со течни кристали, па кратенката на македонски би требало да биде ЕТК. А спорни се и мерните единици. Не може да се каже еден залак - (1 бајт) - вели вработен во продавница за компјутери.

КАЗНИ ЗА ФИРМИТЕ БЕЗ ЛЕКТОР
Директорката на Институтот за македонски јазик Лилјана Макаријоска вели дека пред два месеца почнала работата на Лексиконот на информатички термини во Министерството за информатика. Лексиконот ќе претставува официјален превод на информатичките термини на македонски јазик наменет за програмите и за секојдневната употреба.- На Лексиконот работат информатичари и лингвисти. Во него, термините нема да бидат буквално преведени, туку се работи на адаптација, односно замена со македонски зборови - вели Макаријоска. До крајот на годинава овој лексикон ќе биде готов - предвидуваат вработените во Министерството за информатика. Оттаму велат дека не знаат дали законски ќе им се наложи на информатичарите да го употребуваат.Спроведување на Законот за употребата на македонскиот јазик го врши Министерството за култура. Во Законот стои дека рекламите, плакатите, имињата и упатствата на производите, етикетите, фискалните сметки, информациите на амбалажите и други печатени материјали задолжително треба да се лекторирани.Инспекторите за култура велат дека граѓаните и фирмите што се под надзор мора да покажат документ со кој ќе потврдат дека имаат ангажирано лектор: може да покажат договор потпишан со лектор или сметкопотврда со која се платени лекторските услуги, а на објавените текстови мора да е потпишан лекторот. Рекламите или спотовите што се рекламираат на интернет, задолжително треба да бидат на македонски јазик, со македонски превод, лекторирани.
Високи казни
Надлежните судови лани казниле осум фирми, кои платиле од 200 до 4.000 евра. Казнет бил и еден граѓанин. Поголемиот број од ланските казни се однесувале за емитување емисии и прикажување филмови на странски јазик кои не биле лекторирани на македонски јазик.

Извор: Ивана Кузманоска. (19.2.09). Законот за јазикот - вирус во информатичките термини. Дневник.

Утрински: „Т-мобиле“ со единствена понуда за дополнителна радиофреквенција

„Т – мобиле Македонија“ е единствената компанија која достави понуда на тендерот распишан од Агенцијата за електронски комуникации за доделување одобрение за користење дополнителен радиофреквенциски опсег за обезбедување јавни мобилни комуникациски мрежи и услуги (2 Г). Претседателот на Комисијата за спроведување на тендерот, Јане Јакимовски, на вчерашното отворање на понудите, констатира дека единствениот понудувач ја доставил потребната документација. Според тендерските правила, врз основа на извештајот на тендерската комисија, најдоцна до 2 март надлежната комисија на АЕК ќе донесе одлука за одобрението, кое треба да биде доделено најдоцна до 3 април годинава. За одобрението „Т-мобиле Македонија“ треба да плати минимален еднократен паричен надомест од два милиона евра. Со тендерот, АЕК понуди две одобренија за користење радиофреквенцискиот опсег од 1.800 МХз. Со користење на дополнителниот опсег „Т - мобиле Македонија“ сака да ја зајакне мрежата за да се избегне евентуалното ограничување на сегашниот фреквенциски опсег од 900 МХз.

Извор: (19.2.2009). „Т-мобиле“ со единствена понуда за дополнителна радиофреквенција. Утрински весник.

среда, 18 февруари 2009

Утрински: Интернет за Македонците во Пустец

ПУСТЕЦ - Жителите на Пустец вчера свечено ја одбележаа двегодишнината од победата на партијата на Македонска алијанса - за европска интеграција, на локалните избори во Албанија во Општина Мала Преспа, кога првпат добија градоначалник-Македонец. По тој повод, во дворот на општинската зграда во Пустец, градоначалникот Едмон Темелко го откри споменикот на своите сограѓани Трајан Ѓорѓиовски и на Митре Колевски, кои ги загубија животите во 1944 година во борбите против окупаторот. Темелко, вчера потпиша договор за покривање на сите девет селски населби во Мала Преспа со мрежа за безжичен Интернет и за изградба на монтажен метален крст висок 33 метри на островот Мал Град. Договорите се потпишани со компанијата „Сан вајалес“ од Скопје и со АД „Металец“ од Прилеп.

Извор: К.К. (18.2.09). Интернет за Македонците во Пустец. Утрински Весник.

вторник, 17 февруари 2009

Вечер: Француски компјутери за Орце Николов

Денес од 10 до 11.30 часот во Гимназијата "Орце Николов" во Скопје ќе бидат поставени 30 компјутери, донација на француската гимназија "Жан Мермоз" од градот Вир во Франција. Оваа донација претставува дел од поголема соработка воспоставена меѓу францускиот регион Долна Нормандија и Македонија. Компјутерите се наменети за асоцијации од областа на образованието, за гимназии и професори кои соработуваат со регионот Долна Нормандија.Превозот на компјутерите е обезбеден од францускиот КФОР од Косово, кој ќе ги достави компјутерите во присуство на сите учесници во проектот и претставниците на Француската амбасада во Скопје.

Извор: (17.2.09). Француски компјутери за Орце Николов. Вечер.

сабота, 14 февруари 2009

Вечер: Повеќе разговори, повеќе придобивки

Космофон од денеска воведува нова промоција во рамките на при-пеид бонус програмата со многу атрактивни поволности за сите свои корисници. Од компанијата велат дека секој месец ќе ги наградуваат сите свои при-пеид корисници со бонус од 250 до неверојатни 1.000 денари. Бонусот можат да го искористат за разговори и праќање СМС пораки кон сите мрежи, плус за 3-Г видео повици и сурфање на интернет. Висината на бонусот зависи од должината на периодот на користење на при-пеид услугите и од износот потрошен во претходниот месец.

Извор: (14.2.09). Повеќе разговори, повеќе придобивки. Вечер.

петок, 13 февруари 2009

Утрински: „Телеком“ ќе инвестира 90 млн. евра за три години

„Македонски телеком“, и покрај кризата, за наредните три години најавува инвестиции од над 90 милиони евра. Тие во најголем дел ќе бидат за проектот оптички кабел до секој дом, за надградба на мрежата, за помошни мрежи и за други активности.

„Поставувањето оптички кабел во домовите ќе се реализира постепено, а доставувачот треба да биде избран преку тендер што го спроведува „Дојче телеком“. Овој проект ќе овозможи отворање нови работни места“, информираше вчера главниот извршен директор на компанијата Николај Бејкерс.

Според Бејкерс, инвестиции со приближно ист износ може да се очекуваат и од фирмата-ќерка на „Телеком“ , „Т-мобиле“ Македонија, но одлуката е во процедура.

За дивидендатас за годинава, Бејкерс рече дека очекува едногласен договор со сите акционери но не ја обелоденува додека не се видат финансиските резултати за 2008 година. За висината на девидендата Акционерското собрание ќе одлучи најдоцна до 31 јуни годинава.

Раководството на „Т-хоме“ најави нови пакет-производи за корисниците, кои се очекува на пазарот да пристигнат во април.

Евентулано зголемување на цените на услугите, Бејкерс рече нема да има, но нема да има ниту намалување.

Лани „Македонски телеком“ забележал намалување на корисниците во фиксната телефонија, чија иднина Бејкерс ја гледа во широкопојасните услуги. Компанијата бележи раст на побарувачката на АДСЛ-услугата, за која има приближно 110.000 корисници. Постои интересирање и за новата услуга 3 Макс (Интернет, телевизија и телефонија), за која само во првата недела од воведувањето пристигнале над 8.000 барања.

Извор: (13.2.09). „Телеком“ ќе инвестира 90 млн. евра за три години. Утрински весник.

Дневник: „Т-хоум“ ќе инвестира 90 милиони евра

Македонски телеком во следните три години ќе инвестира над 90 милиони евра. Инвестициите во најголем дел ќе бидат за реализација на проектот „оптички кабел до секој дом“, за надградба на мрежата и за телекомуникациска опрема, изјави Николај Бејкерс, главен извршен директор на компанијата.

Според Бејкерс, инвестиции со приближно ист износ може да се очекуваат и од фирмата ќерка, „Т-мобиле Македонија“, но одлуката уште не е поминатата низ компаниските процедури.„Дојче телеком“ веќе доставил предлог до Владата за поделба на дивиденда од ланскиот профит. Според Бејкерс, одлуката за висината на дивидендата се очекува да биде донесена со едногласен договор со сите акционери.

Извор: (13.2.09). „Т-хоум“ ќе инвестира 90 милиони евра. Дневник.

четврток, 5 февруари 2009

Дневник: „Телеком Словенија“ единствен кандидат за дигитална телевизија

„Телеком Словенија“ е единствената компанија што достави понуда на јавниот конкурс за радиофреквенции за пренос на дигитална телевизија преку јавна предавателска мрежа (ДВБ-Т). На вчерашното јавно отворање на понудата во Агенцијата за електронски комуникации беше утврдено дека кандидатот ја доставил потребната документација за дозволата што се издава за период од десет години.

Словенечкиот телеком е сопственик на македонската компанија „Он нет“, која веќе најави дека е подготвена да вложи околу 30 милиони евра во дигитална предавателска мрежа и за набавка на околу 500.000 декодери, кои бесплатно ќе им ги подели на граѓаните. Но, за следење на програмите граѓаните ќе мора да плаќаат месечна претплата.

- Комисијата на Агенцијата најдоцна до 30 март ќе ја додели дозволата - изјави Јане Јакимовски, претседател на Комисија за набавки.Ако Комисијата се изјасни позитивно, „Телеком Словенија“, за дозволата, покрај понудената цена, која ќе биде објавена по конечната одлука, ќе треба да плати и еднократен паричен надомест од 300.000 евра.

Според условите од конкурсот, избраната компанија треба да обезбеди минимална покриеност на домаќинствата од 80 отсто и локализација на македонскиот јазик за период од една година, како и задолжителен пренос на постојните национални електронски медиуми.За да стигне дигиталниот сигнал до домаќинствата, неопходно е секое семејство да има дигитален телевизор или декодер, кој ќе направи декомпресија на сигналот за да може да го гледаат на постојните аналогни телевизори. Еден декодер чини 30-60 евра. Дигиталниот ТВ-сигнал ќе се прима преку собна антена.

Според регулативата на ЕУ, целосниот премин од аналогно на дигитално телевизиско емитување треба да се заврши до 2012 година. Кај нас овој рок е продолжен до 2015 година. До тогаш, сите радио- и телевизиски станици треба да прекинат да емитуваат преку сопствените аналогни предаватели. ТВ-сигналот ќе се пренесува само преку оператори на дигитални предавателни мрежи.

Македонија има одобрение за 9 мултиплекс радиофреквенциски канали за пренос на дигитални телевизиски сервиси. Државата засега ќе искористи само три. Од нив, според програмата за дигитализација на земската телевизија, еден мултиплекс канал ќе добие јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“, а другите ќе се распределат на конкурс.

Извор: (5.2.2009). „Телеком Словенија“ единствен кандидат за дигитална телевизија. Дневник.

вторник, 3 февруари 2009

Вечер: Разговори во мрежата на Вип за 0 денари

Вип оператор ја продолжува понудата на Вип Смарт пост-пеид корисниците за разговори во мрежата на Вип за 0 денари по минута без дополнителни трошоци за активирање и за воспоставување на повик. Кон другите национални мрежи повиците на претплатниците на Вип Смарт 1500 се од 3,3 денари по минута, 5,5 денари за Вип Смарт 500 и 6,6 денари за претплатниците на Вип Смарт 200. Цените се дадени без вклучен ДДВ.
По повод Денот на вљубените, Вип оператор нуди посебна понуда на телефонски апарати: Водафон 527 за 0 денари, Водафон 533 за 499 денари, Нокиа 6600 фолд за 8.999 денари, Самсунг СГХ У 700 за 4.999 денари и многу други за склучен договор на 24 месеци. Цените се со вклучен ДДВ.

Извор: С.Бл. (03.02.2009). Разговори во мрежата на Вип за 0 денари. Вечер.