среда, 25 февруари 2009

Вечер: Загубата на фиксниот ја компензира мобилниот оператор

Т-Мобиле Македонија лани работела подобро од својата компанија-мајка Македонски телеком. Мобилниот оператор во 2008 година остварил добивка пред оданочување од 93,5 милиони евра, а фиксниот од 64,7 милиони евра. Според податоците, што ги објави Маѓар телеком, Т-Мобиле лани ја зголемил добивката за 8,5 милиони евра во споредба со 2007 година, додека Македонски телеком имал полош резултат од претходната година за 9,3 милиони евра. Двете компании лани заработиле вкупно 158,2 милиони евра.
Финансискиот извештај на Маѓар телеком објавен вчера на нивната веб страница покажува дека нивниот фиксен оператор во Македонија во 2008 година остварил вкупни приходи од 159,7 милиони евра, а мобилниот - од 178 милиони евра.
Фиксниот оператор ги губи и претплатниците. Само за една година има одлевање на 34.361 корисник. Бројките покажуваат дека на крајот на 2007 година Македонски телеком имала 492.376 претплатници, а минатата година 458.015 корисници. На опаѓањето на приходите на Телеком влијаеле и намалениот број на минути во разговори за 17 проценти и ниските цени.Единствено добри резултати Македонски телеком покажува во Интернетот. Има зголемување на бројот на АДСЛ корисниците дури за 105 проценти. Ако пред две години бројката на претплатници за АДСЛ била 48.214, до 31 декември 2008 година таа изнесувала 98.866 корисници. На приходите влијаела и продажбата на повеќе АДСЛ модеми, персонални компјутери и ТВ сетови.
Мобилниот оператор и натаму бележи добри резултати иако работи во конкурентна средина, покрај Космофон и ВИП. Претплатничката база на Т-Мобиле пораснала за 13,7 проценти достигнувајќи 1.379.191 корисници на крајот на 2008 година, од кои 26,2 отсто биле пост-пеид претплатници. Космофон и ВИП лани и го намалиле делот од пазарниот удел на Т-Мобиле. Ако во 2007 година Т-Мобиле имала 62,3 проценти од вкупните мобилни корисници во земјава, лани тој процент опаднал на само 59,4.
И во годинешниот извештај акцент е ставен на истрагата што ја води американската консултантска куќа White and Case за утврдената проневера на 6,7 милиони евра од страна на поранешни директори на Македонски телеком кои, од 2004 до 2006 година склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската фирма Chaptex Limited. Во извештајот се наведува дека македонското МВР исто така врши истрага за случајот, но не сакаат да прејудицираат кога таа ќе заврши. Сепак, од Маѓар телеком истакнуваат дека надлежните македонски владини органи можат да побараат криминални или цивилни санкции, вклучувајќи и финансиски пенали против унгарската компанија или кон Македонски телеком, но и дополнителни промени во бизнис плановите.

Извор: (25.2.2009). Загубата на фиксниот ја компензира мобилниот оператор. Вечер.

Нема коментари: