среда, 25 февруари 2009

Дневник: ЕУ-сертификати за компјутерска писменост

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо на свечена церемонија во Брисел го доби 9-милионитиот ЕЦДЛ-индекс, ЕУ-сертификат за компјутерска писменост, при што истакна дека во време на економска криза, компјутерските вештини се неопходни за зголемување на вработувањата.- Компјутерската писменост е од пресудно значење за сите Европејци во време кога нашата економија се соочува со рецесија. Денес, способноста за употреба на компјутерите во секојдневниот живот претставува дел од основните вештини, како што се читањето и пишувањето. Во овие тешки моменти многу Европејци ќе мора да се преквалификуваат и да се стекнат со компјутерски знаења за да ја искористат шансата за подобар живот - нагласи Баросо.Дијана Василевска, координатор на ЕЦДЛ - центарот за тестирање од македонската компанија „Семос едукација“, објасни дека ЕЦДЛ-индексите во земјите-членки на Европската Унија се стандарден доказ за компјутерска писменост за вработените, но и за тие што се во потрага по ново работно место. - „Семос едукација“ е една од домашните компании што доби лиценца за полагање на овие испити во Македонија - рече Василевска, дополнувајќи дека постојат два типа вакви сертификати.Првиот, ЕЦДЛ-старт, е почетен, додека второ повисоко ниво, доказ за напредни познавања е ЕЦДЛ-кор сертификатот.- ЕЦДЛ-сертификатот се состои од седум испити, кои опфаќаат познавање на хардвер и на софтвер, работење на оперативни системи, обработка на текст, табеларни пресметувања и користење интернет. За добивање ЕЦДЛ-старт индексот, потребно е студентите да положат четири од овие испитни модули по избор, додека доказ за напредно познавање на проблематиката е полагањето на сите седум испити - истакна Василевска.Таа додаде дека за полагање на испитите студентите може да се подготвуваат дома или, пак, да се стекнат со соодветните знаења во центарот за обука на „Семос“.

Извор: (25.2.2009). ЕУ-сертификати за компјутерска писменост. Дневник.

Нема коментари: