четврток, 26 февруари 2009

Вечер: Софтверско решение за сообраќајниот метеж

Градските власти најавуваат нов, модерен, начин за регулирање на сообраќајниот метеж во метрополата. 50 најфреквентни крстосници ќе се поврзат со оптички кабел и ќе бидат управувани од единствен Центар за контрола на сообраќајот, од каде ќе се следи фреквенцијата, обемот на сообраќај и видот на возилата. Добиентите резултати ќе бидат параметар за времетраењето на зеленото светло.- Со овој проект ќе добиеме еден флексибилен систем кој ќе овозможува брз проток на возилата на сите тесни грла во градов. Во зависност од сообраќајното побарување и обемот на сообраќај, како и бројот на возилата, ќе се активираат посебни сигнални планови. Всушност, софтверот го регистрира бројот на возилата, памети и за следниот ден го подготвува планот во кој период треба да биде вклучено зелено светло во траење, да речеме од 30 секунди. Семафорите нема да бидат со фиксни програми како досега туку, времетраењето на зеленото светло ќе биде во зависност од тоа колку има сообраќај во дадениот период. Ако, пак, од сите страни има зелено светло, тогаш автоматски се презема стандардниот план - информира раководителот на секторот за сообраќај на Град Скопје, Јован Христовски. Тој информираше дека вакво сообраќајно решение имаат воведено сите поголеми градови во Европа, најмногу оние метрополи каде што нема можност за проширување на постојната сообраќајна мрежа.
Зелено светло за почеток на овој проект вчера даде и Советот на Град Скопје. Советниците ја одобрија предлог-одлуката за набавка на основни средства за формирање на Центар за управување и контрола на сообраќајот во висина од 10 милиони денари. Преостанатиот дел од средствата, односно 320 илјади евра, ќе се обезбедат преку проектот на Европската комисија "Ренесанса", чија цел е тестирање на иновативни стратегии за чист градски сообраќај. Во следниот период треба да се изработи проектот, да се изврши набавка и поставување на оптички кабел. Сигналните планови се работат на Технички факултет во Битола, а неговата практична примена може да се случи најрано по две години.

Извор: (26.2.2009). Софтверско решение за сообраќајниот метеж. Вечер.

Нема коментари: