среда, 4 март 2009

Вечер: Космофон со најдобра понуда и за фиксниот колач

Космофон доставил најдобра понуда на владиниот тендер што го распиша Бирото за јавни набавки, а на кој се бараше компанија која ќе и понуди пониски цени на разговори во фиксната телефонија. Рокот за доставувањето на понудите заврши завчера и како што дознаваме од седумте понудувачи, меѓу кои е и Македонски телеком и некои кабелски оператори, Космофон понудил најниски цени за разговорите. Заинтересираните оператори требаше да достават потврда дека се регистрирани во оваа дејност, да овозможат задржување на бројот, идентификација на повик, забрана за повици и со анекс да им овозможат на министерствата да се приклучат кон пакетот.
Ова е прв пат Владата да избира фиксен оператор преку кој ќе зборува јавната администрација. Досега Македонски Телеком ја опслужуваше администрацијата. Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Васе Доневски во јануари, кога беше распишан тендерот ни изјави дека Владата сака да ги намали трошоците за користење на телефон. -Месечните трошоци на телефоните во владината зграда и некои главни централи годишно изнесуваат околу 30 милиони денари или 500 илјади евра, пари кои ексклузивно ги добива(ше) Македонски телеком. Во оваа сума не влегуваат телефонските сметки што ги прават вработените во министерствата и другите државни институции - изјави Доневски.
Со овој тендер се обезбедуваат фиксни телефонски линии за Генералниот секретаријат, министерствата за финансии и за информатичко општество и за некои државни институции. Во тек е еваулација на понудите, но како што информираат од владината Служба, неколку критериуми се пресудни за изборот, а тоа се цената на претплатата и сообраќајот што ќе се врши од фиксен кон фиксен и од фиксен кон мобилен телефон. За два месеци фиксниот оператор ќе треба да го имплементира договорот со важност од една година.

Извор: (4.3.2009). Космофон со најдобра понуда и за фиксниот колач. Вечер.

Нема коментари: