петок, 27 март 2009

Дневник: Пуштен во употреба системот за интегрирано гранично управување

Системот за интегрирано гранично управување (ИСИГУ), кој ќе го поврзува МВР со 14 други институции и преку кој ќе разменуваат информации за следењето на законското работење на компаниите и на физичките лица, вчера беше пуштен во употреба. Системот е последниот од техничките услови што нашата земја треба да го исполни за целосна визна либерализација со ЕУ.

- Станува збор за еден од најнапредните вакви системи во Европа, кој доби позитивни оценки од сите три оценувачки мисии што годинава Брисел ги спроведе за негова проверка - изјави премиерот Никола Груевски.Со ИСИГУ се надградува и заокружува Националниот координативен центар за гранично управување, кој покрај Дежурниот центар за состојби, добива и центар за размена на информации и центар за анализи. Системот треба да им обезбедува информации на сите институции задолжени за контрола и проток на патници и стоки преку државните граници. Сето тоа треба да вроди со значително скусување на времето за влез и излез од земјава, како и на целокупната гранична контрола и процедура.

Покрај МВР, инсталираните моќни сервери ќе сервисираат уште 14 други министерства и институции во рамките на Националниот центар за интегрирано гранично управување. Токму преку нив ќе се разменуваат сите неопходни информации и практично секоја институција ќе има пристап до базите на податоци на останатите надлежни институции, така што во најкус можен рок ќе може да се направат сите неопходни проверки. Конкретно МВР, санитарниот инспекторат, Дирекцијата за радијациона сигурност, Бирото за лекови или Дирекцијата за храна ќе може да ги користат податоците на министерството за транспорт и врски, министерството за одбрана, локална самоуправа, Царината, ветеринарската или фитосанитарната инспекција и обратно.

Нема коментари: