четврток, 5 март 2009

Дневник: „Телеком Словенија“ загреан за „Космофон“ и за дигитална телевизија

Словенците се подготвени да платат преку 250 милиони за мобилниот оператор и да инвестираат 33 милиони евра во дигитална телевизиска мрежа
„Телеком Словенија“ е заинтересиран да го купи мобилниот оператор „Космофон“ и да отвори дигитална телевизија во земјава.Според Бојан Демељ, претседател на управата на компанијата, до идниот четврток ќе ја достават понудата за „Космофон“, кој од сопственикот, грчки ОТЕ е проценет од 250 до 300 милиони евра. Словенечкиот телеком како единствен кандидат на јавниот повик за радиофреквенции за пренос на дигитална телевизија преку јавна предавателска мрежа (ДВБ-Т) најавува инвестиција од 33 милиони евра ако ја добие дозволата.- Со „Космофон“ ќе ја засилиме позицијата во Македонија, каде што сме веќе присутни преку „Он-нет“. На корисниците ќе им понудиме ковергирани фиксни мобилни услуги, кои ќе вклучуваат широкопојасен интернет со фиксна и мобилна телефонија и телевизија преку интернет протокол. Со мрежата на „Космофон“ ќе можеме да ги нудиме овие услуги без пречки од „Македонски телеком“ - вели Демељ.Во словенечкиот телеком велат дека се одлучни да го купат „Космофон“, но ако не успеат во тоа тогаш ќе работат како виртуелен мобилен оператор во земјава. Главни конкуренти на Словенците се турските „Турк телеком“ и „Туркцел“, како и „Мобилком Австрија“, кој во земјава го поседува мобилниот оператор „Вип“.Демељ најавува дека летово ќе почне да поставуваат дигиталната телевизиска мрежа со која ќе покријат 80 отсто од населението за 12 месеци. Преку „Он-нет“ ќе обезбедат за секое домаќинство бесплатен ресивер (сет-топ бокс) за прием на дигиталниот телевизиски сигнал.„Телеком Словенија“ е во доминантна државна сопственост. Словенечката влада има нешто повеќе од 50 отсто од капиталот, уште 25 отсто поседуваат два државни пензиски фонда, а остатокот е кај странски инвестициски фондови, малцински акционери и вработените. „Телеком Словенија“ е водечка телекомуникациска компанија во оваа поранешна југословенска република и е присутна на пазарите во Хрватска, БиХ, Србија, Косово, Албанија и Македонија.
Извор: (05.03.2009). „Телеком Словенија“ загреан за „Космофон“ и за дигитална телевизија. Дневник.

Нема коментари: