сабота, 21 март 2009

Утрински: Новиот портал „Окно“ ја збогатува он-лајн понудата

Во електронскиот етер од завчера Контрапункт - Културен центар „Точка“ го пушти новиот портал кој носи наслов „Окно“ или „Ок(н)о“, со кое навестува дека ќе се обиде да погледне поинаку. И веќе на прв поглед може да се види дека овој портал се обидува да понуди различни содржини и едно поинакво он-лајн издание. Впрочем, неговата најава и гласи „вртиме нова страница“, која може да се отвори на адресата www.okno.mk.

Став, Општество, Култура, Живот, Музика, Ретро. Под овие наслови се групирани неговите содржини кои нудат најразновидни теми од стрип, анимација, културни феномени, до тековни настани, историја, палеонтологија, интернет. Пристапот на порталот е едноставен, необврзувачки, неоптоварен со шеми, па сепак понудата на теми и начинот на кои тие се обработени е исклучително интересен. „Окно“ успева да понуди голем број познати содржини на еден поинаков начин, како содржински, така и графички. Неговиот акцент, иако ги содржи и најновите вести и случувања, е пред се' на феномените на нештата, на феноменот на културата, на откритијата и настаните кои успеале да ги раздвижат или променат нештата.

Во него може да се прочита за Семјуел Бекет, за стогодишнината на футуризмот, за феноменот на порнофилмот „Длабоко грло“, за Алан Форд или за басистот на „Секс пистолс“ Сид Вишз, но од еден друг агол, нудејќи една поинаква слика. Во рамките на одбележувањето на годината на Галилеј и Дарвин на овој портал може да се најде и квиз за да се провери сопственото знаење. Порталот нуди музикчки видео клипови, најавува нова е-библиотека, презентира ставови и осветлува одредени актуелни општествени појави. Интересно е дека овие текстови често се и едукативни, но се чини дека најмногу се фокусираат на феноменот на траењето на нештата низ годините. А сето тоа во обид да се создаде една ризница која ќе може да се чита секогаш. Можеби затоа и нивната најава дека имаат намера да соберат и објават барем 28.000 прилози и не звучи неостварливо. Им посакуваме уште толку...

Извор: (21.3.09). Новиот портал „Окно“ ја збогатува он-лајн понудата. Утрински Весник.

Нема коментари: