четврток, 26 март 2009

Дневник: Катанец на секој компјутер

Акцијата компјутер за секое дете се претвори во катанец за секој компјутер. Така, со клуч, бидејќи нема пари за осигурување, директорите се обидуваат да ги заштитат од масовните кражби деловите на комјутерите што завршуваат на пазарот на старо или во интернет-кафулињата. Од скопското средно училиште „Цветан Димов“ пријавиле дека се украдени четири компјутери. Ставиле катанци, но учениците ги кршат и продолжуваат да крадат. Ваквото однесување, според вработените, е поради недостиг од домашно воспитување, но и поради тоа што компјутерите не се користат доволно.

- Кражбите се зголемија во второто полугодие со зголемувањето на паралелките. Немаме пари за осигурување, па штетата ја плаќа тој што ја направил. Ако не го откриеме виновникот или класот не сака да го каже, ќе платат сите - вели директорот Миле Блажевски.

Средношколците велат украдените делови се препродаваат во интернет-кафулињата, но и на пазарот на старо под Кале. Иако има катанци на компјутерот, тие може да се отворат и да се извадат компонентите - вели ученик од четврта година.Директорот на средното училиште „Михајло Пупин“, Ефтим Проевски, вели дека е во полоша ситуација, зашто учениците се од електро-насока и точно знаат што да земат, а компјутерот да изгледа дека е во ред.

- Компјутерите ни ги дадоа и должни сме да ги зачуваме како што знаеме. Куќиштата ги обезбедивме со нитни, зашто катанците не беа решение. За нитните ќе им треба посебен алат - вели Проевски.

Во средните училишта сметаат дека Министерството за образование целиот проект го почнало обратно. Тие велат дека голем дел од штетите се направени поради лошата инсталација, несоодветните клупи и слично. Просветниот инспекторат предупредува дека состојбата е се' полоша, зашто утврдил дека од 93 училишта во 61 се регистрирани штети на компјутерите.

- Има директори што не го пријавуваат тоа и спрема нив поднесовме кривични пријави. Не знаеме колкава е вкупната штета бидејќи нема точни податоци од училиштата - вели Сефедин Елези, раководител на секторот за инспекциски надзор.Се очекува и Министерството за образование да преземе мерки за санација за обезбедување на компјутерите.

Извор: (26.3.2009). Катанец на секој компјутер. Дневник.

Нема коментари: